fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
ne treba da ja cuvame prirodata samo za ater na eu featured

Не треба да ја чуваме природата само за атер на ЕУ

• За проектите за заштита на животната средина потребни се по околу 2000 евра по жител.
• Потребно да се изградат 87 пречистителни станици за третман на отпадни води.
• Дури следната година ќе се знае колку ќе чини намалувањето на емисиите, мониторингот и инспекциите.
• Регионалниот систем за управување со отпад ќе чини околу 130 милиони евра.
• Посебно негативни се оценките на ЕК за справувањето со климатските промени.

Во процесот на приближувањето на земјата кон ЕУ во делот на животната средина, исполнувањето на критериумите од Поглавјето 27 е еден од најтешките, најобемни и најскапи зафати, бидејќи опфаќа околу една третина од вкупното законодавство што треба да се транспонира и околу половината од инвестициските трошоци за една земја кандидат која сака да стане членка на ЕУ.

И додека некои експертски проценки велат дека на земјава и се потребни околу три милијарди евра инвестиции, од Центарот за климатски промени, пак, сумата потребна за исполнување на барањата од Поглавјето 27 ја проценуваат многу повисоко.

„Според некои груби проекции за вкупно потребните инвестиции за проектите од областа на заштитата на животната средина, потребни се околу 4 милијарди евра, или според други извори сведено по глава на жител околу 2000евра по жител“, велат од Центарот.

Меѓу приоритетите се подобрувањето на квалитетот на амбиенталниот воздух, управувањето со отпадот, третманот на урбаните отпадни води и борбата со климатските промени (декарбонизацијата).

Во извештаите на ЕК за водите постојано се посочува немањето систем за следење на квалитетот на површинските и подземни води, неуправувањето со речните сливови, како и брзината во спроведувањето на клучни проекти.

vardar ostrovo 1

Предвидената локација за новата пречистителна станица на Вардар се наоѓа во границите на заштитеното подрачје Острово, близу Трубарево

Анализите на МЖСПП покажале дека во Македонија е потребно да се изградат 87 пречистителни станици за третман на отпадни води. Засега барем пропаднаа надежите дека скопскиот регион ќе добие колекторски систем со пречистителна станица за отпадните води.

„Во однос на изградбата на колекторскиот систем Скопје договорот е терминиран со ефикасност до 24.05 2022 година“, информираат од МЖСПП, со напомена дека во тек е арбитражна постапка.

За пречистителната станица Скопје проектот е во фаза на евалуација, а постапката е водена од посебната проектна единица на ЈКП Водовод и канализација Скопје.

За тоа колку би чинела реконструкција на колекторскиот систем во Охрид, кој е застарен и некомплетен, Министерството нема податоци, велат обратете се до ЈП Колекторски Систем Скопје со седиште во Охрид. Според директорот на ова јавно претпријатие само цената на нова пречистителна станица за отпадните води во охридскиот регион би чинела околу 9 милиони евра.

Колку чини подобрувањето на квалитетот на воздухот?

Годинешнава препораката на ЕК за воздухот е да се забрзаат заложбите за намалување на загадувањето на воздухот на локално и на национално ниво. За минатата, како и за претходните години беше нагласено ограниченото спроведување и ресурси, слабата меѓусекторска соработка и слабата координација меѓу централните и локалните органи го ограничува влијанието на мерките за намалување на загадувањето на воздухот, како и тоа дека загадувањето на воздухот во поголемите градови и понатаму претставува сериозна загриженост.

Министерството за животна средина во моментов нема точни пресметки колку би чинело исполнување на директивите за чист воздух. Дури следната година се очекува преку проекти платени од ИПА 2 фондовите да се утврди колку пари ни се потребни за да ги намалиме емисиите, да воведеме квалитетен мониторинг и да профункционираат инспекциите за животна средина на локално и национално ниво.

„Европските стандарди за намалување на загадувањето на воздухот се дефинирани во ЕУ директивите 2008/50/ЕC, 2004/107/EC и Директивата за горни граници кои треба да се постигнат во 2030 година. Од досегашните мерења на квалитетот на воздухот утврдено е надминување на граничните вредности за цврсти честички. Сепак имајќи ја предвид комплесноста на формирање на овие загадувачки супстанци за да се намали загадувањето на воздухот, потребно е да се спроведат мерки во различни сектори“, велат од МЖСПП.

ne treba da ja cuvame prirodata samo za ater na eu 1

Од Министерството укажуваат дека најмногу интервенции се потребни во енергетскиот сектор, чиишто фискални импликации детално ги разработува Стратегијата за енергетика. Но, имајќи ја предвид и постечката енергетска криза и дефинираните мерки и временски рамки за импплементација во овој сектор, потсетуваат од МЖСПП, тие се дискутабилни. Што се однесува до намалување на емисии од индустријата фискалните имликации зависат од анализите кои одделно се спроведуваат во одделните индустрии. И во локалните планови за квалитет на воздух се наведни фискални импликации, кои треба да влезат во конечната бројка.

Колку сме назад со управувањето со отпад?

Нешто попрецизни бројки во Министерството имаат за отпадот.

„За чинењето на имплементацијата на регионалниот систем за управување со отпад може да дадеме груба проценка. Станува збор за приближно 130 милиони евра од кои дел од средстава се инвестирани во планска документација и опрема – камиони и канти“.

Извештаите на ЕК од година во година потсетуваат за неимплементирањето на регионалниот систем за управување со отпад. За првата од петте регионали депонии, онаа за Североисточниот плански регион, во Свети Николе, ЕУ на земјава ѝ даде неповратни финансиски средства од 40 милиони евра за изградба на регионална депонија по европски стандарди за Источниот и Североисточниот плански регион, но новото локално раководство на Општина Свети Николе пред самото распишување на меѓународниот тендер за нејзина изведба вели дека не се согласуваат да се гради проектот на локацијата близу селото Мечкуевци.

ne treba da ja cuvame prirodata samo za ater na eu 2

„За регионалната депонија во Свети Николе, во завршна фаза е техничката и тендерската документација, доработка на урбанизтачка планска документација по што истата ќе биде доставена до Министерството за финансии на одобрување и проследена до делегацијата на ЕУ за одобрување пред да биде публикуван тендерот. По објавата следува период на тендерска постапка која трае минамално 6 месеци. Информации поврзани со тендерската постапка“, велат од МЖСПП во моментот се доверливи и од таа причина не можеме да споделиме одговори поврзани со финансиите.

И после 15 години од донесувањето на првиот Закон за управување со отпад, управувањето на отпадот во Македонија се заснова главно на собирање и негово депонирање. Хиерархијата за управување со отпад не се почитува и управувањето со отпадот се заснова на најнепосакуваната опција за управување, а тоа е депонирањето, велат од Центарот за климатски промени.

Која е цената на справувањето со климатските промени?

Во Извештајот од 2021 година посебно негативни се оценките за тоа како државата се подготвува за справување со климатските промени и колку настојува да се усогласи со напорите на ЕУ на тој план. Усогласувањето на правната рамка со правото на ЕУ, се вели во Извештајот, останува на ниско ниво и човечките и финансиските ресурси се многу ограничени, а повеќе напори се потребни за спроведување на Договорот од Париз. Во годинешниот извештај се забележува дека, и покрај преземените заложби капацитетот во однос на човечки и на финансиски ресурси останува слаб.

Во Долгорочната Стратегија за климатска акција со акциски план од 2021 година, изготвена од Министерството за животна средина, за спроведување на мерките потребни за исполнување на целите за намалување на емисиите ќе бидат потребни кумулативни капитални инвестиции од 35 милијарди евра во периодот 2020-2050. Вкупните трошоци на енергетскиот систем се 121 милијарда за истиот период, се вели во Стратегијата, но се напоменува и дека овие инвестиции создаваат најголем број на работни места во 2035 година, односно 10 илјади зелени работни места, што претставува 2,7 пати повеќе работни места во термоцентралите за јаглен во земјава.

„ЕК посочува проблеми во речиси сите области. Сите прашања не можат истовремено да се решаваат уште повеќе што за решавање на некои е потребна долгорочна акција и посветеност, како и финансиски средства“, вели Јадранка Иванова.

Инвестирањето и вложувањето во животната средина и решавањето на еколошките проблеми не треба и не е само една од низата активности кои Македонија треба да ги исполни со цел да стане полноправна членка на Унијата. Заштитата на животната средина води до подобрување на состојбата со природата, заштита на природните ресурси, зачувување на националната биолошка разновидност, отпорност кон климатските промени и одржлив развој. Ова се цели кои Македонија мора да и исполни, без разлика на евроинтеграцијата.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Југослава Дуковска