Назиф Дестани од „Еколог“ вложил милиони во „Еуромакс“ за да копа злато во струмичко
- Фирмата „Еколог“ во сопственост на Назиф Дестани преку неговата холандска компанија „НД Груп“ купила дел од канадската „Еуромакс рисорсес“, која сака да гради рудник за бакар и злато Иловица-Штука.
- Петнаесетина дена откако Дестани ги купил акциите, Вишиот управен суд одлучил да ја уважи жалбата на канадската компанија на владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за експлоатација на руда на оваа локација.
- Од „Еколог“ се оградуваат од инвестициите на „НД Груп“ со образложение дека се само една од компаниите во меѓународниот холдинг.
- Одговорот од Владата е дека поддршка за отворање рудник е можна само со целосно обезбедена документација за заштита на животната средина и здравјето на луѓето и по разговори со локалните жители.
Тетовецот Назиф Дестани, основач на компанијата „Еколог“ преку негова фирма во Холандија на 24 јануари годинава вложил три милиони долари во акции од компанијата „Еуромакс рисорсес“ („Еуромакс“) чија цел е да отвори рудник на бакар и злато кај месноста Иловица во струмичко. Само петнаесетина дена откако Дестани ги купил акциите во „Еуромакс“, Вишиот управен суд одлучил да ја уважи жалбата на канадската компанија, која подолг период пред македонските судови се жали на одлуката на Владата да го раскине договорот за една од концесиите за експлоатација на руда на оваа локација.
Активистите од здружението „Здрава котлина“, кои се против изградба на рудникот „Иловица“ се сомневаат дека не е случајно што судот донел одлука во корист на „Еуромакс“ само две недели откако Дестани преку холандската фирма станал еден од поголемите акционери во канадската компанија. Според нив, Дестани е човек близок до владејачката ДУИ и ги користи политичките врски за да го протурка проектот кој може да предизвика еколошка катастрофа во струмичко. Нивниот сомнеж го поткрепуваат со фактот дека еден од судиите кој одлучувал по последната жалба на „Еуромакс“ е Субхи Јакупи, поранешен член на Државната изборна комисија номиниран од ДУИ.
Ѓорѓи Танушев, член на Советот на Општина Струмица и активист во „Здрава котлина“ вели дека тоа што поранешниот политички активист на ДУИ сега во судската тога дели правда, резултира со нови постапки за овој случај, кои всушност укажуваат на тоа колку нашето судство не е независно, туку напротив е корумпирано.
„Замислете, кој нормален ќе инвестира во фирма како ‘Еуромакс’ којашто е задолжена, официјално според нивните финансиски податоци, 40 милиони долари, значи задолжена е и плус има изгубено концесија. Не постои бизнис логика никаде во свет некој да инвестира во тоа, но, ‘Еколог’ – најголемиот донатор на ДУИ реши да инвестира и многу е јасно дека се доста сигурни дека ќе ја добијат концесијата и ќе ги вратат парите. Типична трговија со влијание, со корупција, како сакате. Такво нешто во свет не постои, само кај нас“, вели Танушев .
„Дома“ се обиде да добие одговори од „Еколог“ за видиме каква е бизнис логиката на Дестани односно какви се неговите планови со рудникот Иловица, но оттаму велат дека немаат информации.
„’Еколог’ е само една од неколкуте компании во портфолиото на ‘НД Груп’ и не е вклучена, ниту информирана за инвестициите на групата. Оттука, ‘Еколог’ не може да коментира за индивидуални бизнис одлуки или развојни планови на други правни ентитети во рамки на ‘НД Груп’“, велат од компанијата.
„НД Груп“: Инвестицијата во „Еуромакс“ не е поврзана со „Нехт Е.ГО“
Од „НД Груп“ велат дека како меѓународен холдинг инвестираат во различни сектори. И оттаму негираат поврзаност меѓу вложувањето во „Еуромакс“ со проектот за фабриката за електрични автомобили во Тетово, и додаваат дека „Еколог“ е само една од компаниите во портфолиото на холдингот. Од „НД Груп“ уверуваат дека клучно за нив е усогласеноста со регулативите и вклучување на заедницата.
„Како дел од нашиот силен фокус на енергетска транзиција и одржлив развој, испитувавме различни инвестициски можности коишто би можеле да имаат значајна улога во овој сектор. Меѓу нив е и нашата инвестиција во ‘Еуромакс’. Како што е вообичаено за секој проект во рударството што е предмет на регулаторни и други одобрувања, овој проект ќе помине низ развојна фаза којашто ќе биде поддржана од акционерите. ‘НЕХТ Е.Го Мобиле’ функционира независно и инвестициите во Северна Македонија не се поврзани со активностите на други ентитети на групацијата“, велат од холдингот.
Бугарско-албанско партнерство со зачин од ЕБОР
Всушност, Назиф Дестани се јавува и како основач на компанијата „НД Груп“ со седиште во Ајдховен, Холандија. Според податоците на Светскиот економски форум, станува збор за инвестициски холдинг кој во своето портфолио има триесетина компании од различни сектори со главен фокус на Балканот. Дестани токму преку „НД Груп“ на почетокот на годинава ги купил акциите во „Еуромакс“, со договорена можност да инвестира дополнителни 10 милиони канадски долари ако дојде до спојување на концесиите и ако биде доделена дозвола за експлоатација на руда кај Иловица.
Со трансакцијата „НД Груп“ станува сопственик на значителни 20,66 проценти од капиталот на канадската компанија односно втор најголем акционер. Податоците покажуваат дека најголем акционер во „Еуромакс“ е швајцарската компанија „Галена“. Оваа фирма беше на удар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на крајот од 2020 година, кога посочи дека станува збор за сомнителна фирма од Кајмански острови, поврзана со синот на бугарскиот бизнисмен Цоло Вутов. Опозицијата тогаш го прашуваше сега поранешниот премиер Зоран Заев дали е коинциденција што веднаш по влезот на оваа компанија во сопственичката структура на „Еуромакс“, Вишиот управен суд прв пат го враќа предметот за Иловица на повторно одлучување кај пониските судски инстанци.
Од „Еуромакс“ се израдуваа на поддршката од Дестани
Одговарајќи на нашите прашања од „Еуромакс“ го потврдија влезот на „НД Груп“ во сопственичката структура на компанијата. Оттаму додаваат дека Тим Морган-Вејн, извршен претседавач на бордот на компанијата во таа прилика изјавил дека „богатото искуство на „НД Груп“ низ Југоисточна Европа и нивното локално оперативно влијание преку нивното инвестициско портфтолио во Република Северна Македонија ќе биде голема предност за проектот за развој на рудникот“.
Од „Еуромакс“ посочуваат дека се охрабрени од фактот што судoт го вратил правниот статус на концесијата „Иловица 6“ и дека се надеваат на конструктивна и прогресивна соработка со сите релевантни засегнати страни.
„Очекуваме дека судските инстанци внимателно ќе ги разгледаат сите докази и ќе донесат објективни и непристрасни одлуки базирани исклучиво на факти, а дека засегнатите институции брзо и ефикасно ќе ги спроведат судските одлуки“, велат од „Еуромакс“.
Сепак, оттаму не исклучуваат меѓународна арбитража во случај на неисполнување на обврските што ги презела Владата со договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато „Иловица 6“ и дека тоа може да ја чини државата повеќе од милијарда евра по основ на штети.
Министерството за економија чека судска разврска, Владата поддржува рудник по еколошки стандарди
„Еуромакс“ сè уште нема дозвола за експлоатација на минерални суровини, ниту побарал нови концесии. За евентуално издавање дозвола за експлоатација на руда, Министерството за економија ја чека судската разврска.
„Концесијата за експлоатација на ‘Еуромакс’ е со период на важност до 13.01.2046 година. Поднесено е барање за издавање дозвола, но, постапката е времено прекината од Министерството за економија сè до решавање на претходни постапки започнати пред надлежните институции за издавање на одобренија, кои се дел од постапката за издавање на дозвола за експлоатација“, велат од Министерството.
Оттаму објаснуваат дека барањето за добивање дозвола за експлоатација е одбиено, бидејќи концесионерот не доставил комплетна документација кон барањето за издавање дозвола за експлоатација, но и дека постапката по барањето за издавање на дозволата не била прекината.
Мултимилионска државна помош за фабрика за електрични возила
Во август, минатата година беа поставени темелите на фабриката за електрични автомобили во Тетово „Е.Го“, уште еден проект зад којашто стои семејството Дестани. Оваа инвестиција, промовирана на годишнината од Охридскиот рамковен на фанфари ја најави вицепремиерот Артан Груби, а Владата донесе одлука за државна помош од 130 милиони евра.
Македонските медиуми пишуваа дека помпезно најавената инвестиција не се реализира со зацртаното темпо | Фотографија: Е.го
Договорот во името на оваа компанија тогаш го потпиша Али Везваеи, менаџер кој има различни извршни и неизвршни функции во управните одбори на „Еколог“, на „НД Груп“, на „Еуромакс“ и на „е.ГО Мобиле“.
Од друга страна, Назиф Дестани одамна е повлечен од извршните функции, но како што стои на интернет-страницата на компанијата, останува претседател на бордот на „Еколог“.
За овој случај побаравме став и од Владата и од премиерот Димитар Ковачевски. Оттаму велат дека иако врвен приоритет е економскиот развој и привлекувањето инвестиции за отворање нови работни места, сепак, тоа не смее да биде на сметка на здравјето на луѓето.
„Рудник, не само во ‘Иловица’, туку и на која било друга локација во Република Северна Македонија ќе има поддршка од Владата само доколку сме уверени и е обезбедена документација дека работните процеси во еден таков индустриски капацитет ќе се извршува согласно највисоките домашни и меѓународни стандарди за заштита на животната средина и здравјето на луѓето и се преземаат сите неопходни мерки за превенирање на евентуални негативни последици по околината и локалното население“
Од Илинденска бр.2 уверуваат дека пред да се донесе одлука, ќе ги консултираат локалните жители.
За поврзаноста на „Еколог“ и „НД Груп“ со „Еуромакс“, оттаму повикаа да се проверат сите сомнежи за неправилности.
„Доколку постојат какви било индиции за потенцијален судир на интереси или прекршување на законските норми ги охрабруваме оние кои имаат какви било информации за тоа да ги изнесат пред надлежните органи кои потоа би можеле темелно да ги проверат и да утврдат дали постојат или би можеле да се појават неправилности“, велат од Владата.
За активистите, „Иловица“ е еколошка бомба
И покрај тоа што „Еуромакс“ тврди дека работи со најсовремени технологии кои ќе донесат одговорно рударство, активистите од „Здрава котлина“ сметаат дека „Иловица“ е еколошка бомба којашто може да нанесе непроценлива штета на целиот регион. Според нив, инвеститорот ќе заработи милиони евра, а на жителите ќе им остане хидројаловиште каде што ќе се депонира рудничкиот отпад по извршената флотација за одделување на бакарот и златото.
„Комплетно целиот проект е страшен, а згора на сè ни оставаат ризик доколку се случи некоја хаварија да не поплави сите, да не удави планинско цунами во Струмица, нешто што се има случувано на други места. Ние не сакаме да бидеме заложници на таква погубна политика и проект, стратешко промашување, како сакате наречето го. Народот овде е цврсто решен, дури и по цена на живот да не дозволи било што да се случи. Не само радикализација, како сакате можете да го сфатите, но, рудник овде нема да има зашто луѓето не живеат овде за да си ги продадат имотите за џабе и да живеат со ризици за некој да си ги полни џебовите со пари“, вели Танушев.
Сличен став има и Лилјана Поповска, граѓански активист од Зелен институт. Според неа, штетите од еден таков рудник над Струмичко поле ќе бидат огромни.
Почна со ВМРО, преживеа со СДСМ, ќе се реализира со ДУИ?
Првата вест за потпишувањето на договорот за големата инвестиција на канадската компанија „Еуромакс“ во рудник за бакар и злато во Македонија сè уште може да се најде на страницата на Владата на Македонија. Тоа се случи на 24 јули 2012 година, кога премиер е Никола Груевски, сега азилант во Унгарија.
Договорот пред камери го потпишаа главниот оперативен директор на компанијата Марк Густафсон и некогашниот министер за економија Ваљон Сарачини, под будното око на Груевски. Десетина години подоцна, компанијата ги расчистува сметките во македонското судство за да го реализира она што тогаш беше замислено.
Паралелно со напорите на „Еуромакс“ растеше и отпорот на активистите против она што го нарекуваат „рудник на смртта“. На 3 и на 17 септември 2017 години, прво жителите на Босилово, а две недели подоцна и жителите на Ново Село излегоа на референдум против проектот „Иловица-Штука“. Двата референдума беа неуспешни поради тоа што не гласаа над половината од вкупниот број регистрирани гласачи, иако, имајќи го предвид големиот број на иселени, тешко беше да се очекува дека процесот ќе биде успешен. Беа организирани и многу протести, во Струмица, пред Управниот суд во Скопје, пред Владата на кои беше побарано здравјето да се стави пред профитот и да веднаш да се одземе концесијата.
Деновиве градоначалниците на Ново Село и на Босилово, Ѓорѓе Божинов и Ристо Манчев, и двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ не се охрабрија јавно да го кажат нивниот став за рудникот „Иловица“. Едниот се правдаше дека локалната самоуправа нема ингеренции, другиот дека не ја видел судската одлука.
Меѓутоа, затоа општинските советници немаат влакна на јазикот и отворено порачуваат дека нема да дозволат да се копа руда во близина на нивните домови.
„Кога знаеме дека правдата е на наша страна, јас ги прашувам тие мудрите наши политичари, алчни за пари, продадени души, зарем они мислат дека некој нормален овде којшто си работи компир, земјоделие или свој приватен бизнис, што има фамилија, деца, внуци, дека некој ќе дозволи да му го отрујат семејството, да му ги отрујат почвата, воздухот и водата, и да гледа мирно како неговите деца и внуци умираат од секакви болести коишто ќе бидат предизвикани од отворањето на таков рудник. Дали некој нормален мисли дека некој тоа ќе го дозволи?“, вели Костадин Ристоманов од „Здрава котлина“, кој е и советник во Општина Ново Село.
Тој порачува дека сите возрасни лица од околината на Иловица се подготвени да се жртвуваат за семејствата и дека доколку е потребно со жив ѕид ќе ја стопираат изградбата на рудникот, бидејќи нема компромис кога е во прашање иднината на нивните поколенија.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Марјан Петковски
Монтажери: Владимир Овчаровски и Фани Гошевска Живковиќ