fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
nacionalen sram mavrovo featured

Национален срам „Маврово“

Точно 10 години изминаа откако Студијата за ревалоризација на заштитено подрачје Маврово, изработена од еминентни домашни и меѓународни научници, е заверена во архивите на ЈУ Национален парк „Маврово“ како официјален документ. Оваа студија на 416 страни, чија изработка е помогната од страна на Владата на Република Италија со пет милиони евра, е основен документ врз база на кој се изготви предлог – законско решение со кое Националниот парк „Маврово“, во согласност со Законот за заштита на природата, требаше да биде репрогласен за заштитено подрачје. Во меѓувреме, поради разни политички и бизнис интереси, законот никогаш не влезе во собраниска процедура, а студијата остана само „мртво слово на хартија“. Во меѓувреме Маврово, од национален парк, се претвори во национален срам за Македонија, во предел во кој царува спрегата меѓу крупниот бизнис, урбаната мафија и корумпираните политичари. Наместо да биде заштитено подрачје со чии природни и културни вредности би се гордеела Македонија, стана подрачје на диви депонии, загадени водотеци, затруено езеро, уништени шуми, бетонизација, сообраќаен хаос …  И сето тоа во атарот и пред очите на оние кои се непосредно надлежни да се грижат за овој предел, а тоа се пред се Општината Маврово и Ростуше и ЈУ Национален парк „Маврово“, кои со години ништо не преземаат за подобрување на состојбите. Напротив, многу чинители укажуваат на тоа дека тие се директни соучесници во овие процеси. Последиците од ваквиот однос кон најстариот национален парк во Македонија се катастрофални. За жал, форматот на оваа фото-приказна на ДОМА е ограничен на 15 фотографии, што ниту приближно не е доволно за да се долови трагедијата што се случува во овој дел од Македонија.

01/15

nacionalen sram mavrovo 1Уште на самиот влез во националниот парк, на потегот помеѓу детското одморалиште „Бунец“ и селото Леуново, во месноста наречена „Стар хелиодром“, лежи најголемата дива депонија во мавровскиот крај. Тука, на површина од околу два хектари, повеќе од 20 години се исфрла секаков отпад, а најмногу градежен шут, и сето тоа на очиглед на надлежните институции. Тули, салонитни плочи, стаклена волна, мебел, најразлични канти и буриња и се што е остаток од некаква градежна активност, се складирани на овој локалитет кој се наоѓа на самата граница помеѓу општините Гостивар и Маврово и Ростуше.

02/15

nacionalen sram mavrovo 2Под притисок на јавноста и за да го замаскираат овој срам, минатата година службите од општината ја покрија оваа депонија со почва, со што во суштина не е решен проблемот, затоа што при обилни дождови, сите штетни материи се измиваат и се сливаат во пониските подрачја – кон Мавровското езеро на едната страна, а од  другата страна кон плодните површини на југозападниот огранок од Полошката котлина, каде што се одгледуваат земјоделски култури. Не е направено ништо ниту за затворање на пристапот кон оваа локација со што таа и понатаму да се користи како депонија.

03/15

nacionalen sram mavrovo 3Осумдесет и седум типски луксузни вили на простор од околу 20 хектари беа планирани да се изградат во склоп на „Ресортот Радика“ во селото Леуново. Од нив се изградени 17, а 9 се стопирани во градба, пред се како резултат на реакцијата и протестите на локалното население и сопствениците на викенд куќи. Без да се води сметка за постоечката инфраструктура и за неповратната штета што ќе се направи врз околината со изградба на комплексот, а и користејќи го вакуумот со недонесувањето на законот за репрогласување на Маврово за заштитено подрачје, двајцата последни градоначалници на општината издавале дозволи и наплаќале комуналии за изградба на оваа луксузна викенд населба во сопственост на косовски бизнисмен. Во моментов, благодарение на упорноста на неколкумина ентузијасти организирани во здружението „Спас за Маврово“, прогласен е мораториум на секаква изградба на територијата на месната заедница Леуново, се до донесувањето на нов детален урбанистички план.

04/15

nacionalen sram mavrovo 4Проектот „Ресорт Радика“ започна да се реализира на почетокот на овој милениум со купување на имотот на хотелот Радика. Подоцна, во текот на годините купени се уште 170.000 квадратни метри државно земјиште на кое е планирана изградбата на комплексот. Во текот на градежните работи неповратно е уништена природата во околината на хотелот, а жителите на Леуново се жалат и на тоа дека со продажбата на државното земјиште патот од Леуново до старите селски гробишта, сега е во склоп на комплексот и дотаму можат да стасаат само минувајќи преку заграден приватен имот и секако, ако тоа им го дозволат сопствениците.

05/15

nacionalen sram mavrovo 5Викенд населбата во Леуново, која брои околу стотина куќи, се снабдува со вода од изворот на малата река која локалните жители ја нарекуваат Лисолај. Водоводот е наменски проектиран и изграден во склоп на самата викенд населба некаде на почетокот на седумдесетите години. Подоцна во 1982 г. и хотелот „Радика“ се вклучил на таа мрежа, но тогаш во рамките на хотелот немало содржини за кои била потребна голема потрошувачка на вода и водоводот ги задоволувал потребите. Со преземање на хотелот „Радика“ од приватниот инвеститор, дел од салите во хотелот се пренаменети во базени и оттогаш почнуваат проблемите на викендашите. Секогаш кога се полнат базените, во куќите кои се во повисоките делови од населбата снемува вода. Но, за тоа никој не водел сметка при издавање дозволи за пренамена на објектите во хотелот.

„И во моментов нема вода, а што ќе биде кога ќе се направат уште 70 вили? Фактички хотелот ‘Радика’ и 87-те индивидуални вили се исто колку и целата викенд населба која има 100 викендици. И кога има вода, таа е со лош квалитет, па жителите на викенд населбата и покрај тоа што уредно си ги плаќаат комуналните сметки, се принудени да купуваат вода за пиење. А каде е тука биолошкиот минимум на реката? Порано тука сме собирале ракови, сме ловеле и риби, имаше и пастрмки. Сега, штом дојде јуни месец, реката целосно пресушува…“, вели Владо Лазаревски, претседател на месната заедница Леуново.

06/15

nacionalen sram mavrovo 6Во „опусот“ на интервенции во просторот од страна на ангажираните работници во ресортот „Радика“ е и една најнова депонија, од пред помалку од еден месец. Целото ѓубре и градежен шут од дворот на хотелот се исфрлени и турнати со булдожер во шумата веднаш под комплексот. Одговорните во компанијата тврдат дека до тоа дошло поради недоразбирање со багеристот кој самоиницијативно го направил тоа и дека во најкус можен рок ќе ја исправат грешката, за што добиле и решение со конкретен рок од надлежните општински служби.

07/15

nacionalen sram mavrovo 7За ваквата општа слика на потесното подрачје околу Мавровското езеро, придонес имаат и дел од несовесните локални жители. На повеќе места во шумите околу езерото има мини депонии, каква што е оваа на патот помеѓу Леуново и Никифорово. Впечатокот е дека кај некои жители на овој крај постои евидентен недостаток на елементарно чувство или пак сознание за тоа какви се’ долгорочни последици врз животната средина има одложувањето на исклучително токсични и штетни материи.

08/15

nacionalen sram mavrovo 8Селото Маврово, поради својата близина до скијачкиот центар, е најатрактивно за изградба на големи хотелски и станбени комплекси кои можеби одговараат за некој друг амбиент, но тука, набиени на мал простор, делуваат единствено како доказ дека во трката за профит се занемаруваат сите позитивни урбанистички аспекти.  Ова е особено значајно ако се земе предвид дека многу години наназад се гради, но не се обновува (а за проширување не станува ни збор) основната патна, електрична или пак водоводна инфраструктура, која веќе не може да го издржи притисокот на секојдневното никнување на нови градби.

09/15

nacionalen sram mavrovo 9Еден од начините за манипулирање со деталните урбанистички планови, кои тешко би можеле да се реализираат без премолчена согласност, а можеби и директно учество на надлежните општински органи, е спојување повеќе парцели во една, на кои, според деталниот урбанистички план се предвидени индивидуални објекти, огромни бетонски зданија кои неповратно го менуваат тукашниот амбиент.  Во Маврово со години постои евидентен проблем со недостаток на простор за паркирање, а ваквата градежна експанзија на големи станбени и хотелски комплекси води исклучиво во една насока – кон тотален колапс на сообраќајот во време на туристичката сезона.

10/15

nacionalen sram mavrovo 10Градежната експанзија во село Маврово неминовно создава потреба од отстранување на огромна количина земја, камени блокови и градежен шут, кои за заштеда при транспорт многу често се одложуваат некаде зад првата кривина на патот кон селото Никифорово. Притоа, комплетно се уништува вегетацијата покрај патот и неповратно се менува амбиенталната слика на овој дел од националниот парк, која на одредени места делува посткатаклизмично.

11/15

nacionalen sram mavrovo 11Во некои други, многу по цивилизирани земји кон кои се стремиме, во урбанистичките планови постојат строго утврдени правила за тоа како треба да изгледаат новоизградените објекти, за да се зачува автентичноста на амбиентот и во него да доминира духот на традиционалната архитектура. Но, во националниот парк „Маврово“ особено во последната деценија, тоа не е случај.

12/15

nacionalen sram mavrovo 12 На локалитетот под Маврови анови, на кој преку лето многу туристи кампуваат со шатори, според зборовите на Лазаревски предвидено е да се гради шесткатен објект и покрај фактот што тој ќе се наоѓа во непосредна близина на езерото, односно во забранетиот простор од 50 метри до брегот, кога езерото е на највисоката кота.

13/15

nacionalen sram mavrovo 13Еден од најсериозните еколошки проблеми кој директно го загрозува квалитетот на водата во Мавровското езеро, а со тоа и опстанокот на живиот свет во него, е отсуството на прочистителни постројки за отпадните води. Речиси ниту еден хотел, ресторан, или пак индивидуален објект нема функционална прочистителна станица, со што огромни количини на опасни материи завршуваат директно во езерото. А потоа преку Мавровска река и во „најчистата македонска река“, реката Радика.

14/15

nacionalen sram mavrovo 14Хаосот и општата негрижа за природната средина не се ограничени само на просторот околу Мавровското езеро, туку и низ целото подрачје на националниот парк, а особено во пределите каде што фреквенцијата на движење на луѓето е поголема. Реката Радика, која во колективната свест на Македонците е врежана како најчиста македонска река, всушност е се’ само не тоа. Многу често може да се видат купишта ѓубре на нејзините брегови, особено на оние места кои гравитираат кон околните села, а една од најголемите депонии покрај Радика се наоѓа веднаш под селото на градоначалникот на општината, Скудриње. Дополнително, Радика се загадува од неколкуте преработувачки погони во нејзината околина кои отпадните води ги испуштаат во реката, а немаат прочистителни станици.

15/15

nacionalen sram mavrovo 15Еден од проблемите со понов датум на кој алармира Верица Илиќ од „Спас за Маврово“ е тоа што реката Радика се почесто се користи како ресурс за црпење на камен кој се употребува како градежен материјал.

„Порано камењата за градба најчесто ги носеа од Галичник, но во последно време, поради зголемената цена, реката Радика стана основен извор на овој градежен материјал. Со тоа не само што физички се менува коритото на реката, туку се нарушува и биолошката рамнотежа во реката…“, вели Илиќ.

На крај, како генерален заклучок може да се каже дека состојбата во најстариот национален парк во Македонија „Маврово“ е катастрофална. Општата грижа за остварување брз профит доведе до тоа на овој простор да доминира општа негрижа за она што се нарекува амбиент и функционалност. Ситуацијата во многу сегменти веројатно би била и полоша доколку пред неколку години, неколкумина ентузијасти од здружението „Спас за Маврово“, меѓу кои најупорни се Владо Лазаревски, Верица Илиќ и Иванка Апостоловска, не ја започнаа својата сизифовска битка за да се стави крај на самоволието и криминалот. Со анимирање на месното население и одржување протести, со постојани контакти со медиумите и со алармирање и укажување во сите релевантни државни институции одговорни за оваа проблематика, во голема мера успеваат да забават или спречат одредени негативни процеси. До сега најголем успех им е мораториумот на градба на територијата на Леуново.

„Упорни сме и нема да застанеме. Знаеме со кого имаме работа, често добиваме и закани од различни страни, но нема да се откажеме. Ќе  бараме најпрвин да се среди инфраструктурата, патишта, струја, вода , отпадни води,канализација, па потоа да се донесе детален урбанистички план кој ќе биде димензиониран спрема таа инфраструктура. И, ако нешто не одговара тогаш нема ни да се гради. Ќе поднесеме и иницијатива парите кои од даноци се собираат во Маврово, да се инвестираат во Маврово, а не да се инвестираат во делови кај што има повеќе гласачи. Сега работиме на тоа и во Маврови анови да се стопираат градежните активности, се до донесување нов урбанистички план, исто како и во Леуново. Имаме многу идеи, но ни треба поддршка, и од локалното население, и од пошироката заедница“, порачуваат активистите од „Спас за Маврово“.

 

Содржината е изработена од Институтот за комуникациски студии.

Фотографии и текст: Дарко Андоновски