fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
ekoloshkiot holokaust e bezbednosna zakana featured

Еколошкиот холокауст е безбедносна закана за која не сме подготвени

Еколошкиот холокауст е безбедносна закана за која не сме подготвени

  • Додека на црногорското крајбрежје му се заканува недостиг на вода – што ќе има огромни здравствени и економски последици, Македонија со годинисе соочува со огромно загадување кое негативно влијае по здравјето и животите.
  • Покрај неприменливоста на законите, она што земјите од Западниот Балкан ги прави уште поранливи се ограничените ресурси за санирање на последиците, преклопувањето на надлежностите и лимитираните капацитети.
  • Одговорот на овој комплексен проблем ќе биде дополнително оптоварување за веќе ранливите нации – и затоа се бара во мултилатерален пристап кој ќе наложи и поинтензивна соработка меѓу земјите од регионот.

Национална безбедност

Членовите на Светската комисија за животна средина и развој, во осумдесеттите години на минатиот век ги посочија употребата на нуклеарното оружје и деградацијата на животната средина како две големи закани за човештвото.

Денес, деградацијата на животната средина со право се третира како закана по националната безбедност поради негативни влијанија врз здравјето и опстанокот на човекот, можни насилни конфликти предизвикани од недостиг на храна и вода, од  зголемени трошоци за храна, нагласена миграцијата поради временски екстреми, исцрпување на природните резерви и исчезнување на одредени видови животни и растенија. Овие ефекти ќе ја зголемат сиромаштијата, политичката нестабилност и ќе предизвикаат социјални тензии, Прогнозите, дека за 100 години, една третина од земјата ќе се трансформира – бараат итна акција која ќе биде насочена, не само кон адаптација туку и кон намалување на причините за предизвиканите штети.

Последиците од еколошката негрижа се чувствуваат и во земјите од Западниот Балкан. Додека на црногорското крајбрежје му се заканува недостиг на вода – што ќе има огромни здравствени и економски последици, Македонија со години се соочува со огромно загадување кое негативно влијае по здравјето и животите, а кое професорот по еколошка безбедност Тони Милески го квалификува како „насилство на долг рок“.

Но, за разлика од развиените земји, овие прашања кај нас не се третираат како приоритетни.

Еколошкиот холокауст – нова безбедносна закана

Според професорот Милески еколошката безбедност се дефинира како јавна безбедност од опасностите по животната средина предизвикани од природни или човекови процеси, а оној кој се грижи за заштитата е државата. Но, колку одговорните во државата се ангажирани на овој план?

Професорот Тони Милески од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје објаснува дека еколошката безбедност може да се подели во следниве категории:

  • недоволност на ресурси какопричина за политичка нестабилност и конфликт;
  • еколошка деградација причинета од војни или подготовки за војна;
  • еколошка деградација какозакана за човековото здравје и човековата благосостојба и
  • еколошка деградација која го нарушува суверенитетот.

Првите две категории имаат тенденција да се групираат во оние еколошки проблеми кои имаат воени последици. Другите две категории вклучуваат пошироки еколошки закани, кои можат, но, не мораат да имаат воен предзнак објаснува тој.

Во спречувањето на овој еколошки холокауст, најповикани се властите.

Еколошката безбедност како закана по националната безбедност, во 2020 година стана дел од Стратегијата за одбрана, по барање на невладините организации, и на инсистирање на шефот на државата. Така таа се најде во ист параграф со останатите ризици по животната средина, како што се тероризмот, организираниот криминал, странските разузнавачки служби.

ekoloshkiot holokaust e bezbednosna zakana 1

Стратегијата за одбрана ги предвидела ризиците од деградацијата на почвата, но нема имплементација

„Деградирањето и уништувањето на животната средина е тесно поврзано со климатските промени и глобалното затоплување. Наведеното во иднина ќе биде еден од позначајните проблеми и ќе претставува безбедносен ризик на долг рок, што индиректно може да влијае на системот за одбрана“, стои во Стратегијата.

Но, од нејзиното усвојување поминаа три години, а од ефектите не се задоволни невладините организации.

Наспроти нив, од Министерството за одбрана, велат дека тие се посветени на заштитата на животната средина и според Стратегијата и преземените активности, тие вршат мерење на загадувањето после поголемите вежбовни активности при што резултатите покажале дека ниту една голема вежба немала штетно влијание врз животната средина, дека работат на подигање на свеста за заштита на животната средина кај воениот персонал преку развој на соодветни политики и даваат поддршка на проектите кои ги промовира програмата на НАТО – Наука за мир и безбедност, од областа на заштитата и безбедноста на животната средина.

Но, се чини дека ова не беа очекувањата на невладините кои со барањето, деградацијата на животната средина да стане дел од Стратегијата, се надеваа на посистематски пристап во новата закана – поголема подготвеност и обученост на војската во заштита на природните ресурси и одговори на ризиците предизвикани од еколошките катастрофи, поголем буџет за ублажување на промените, повеќе контрола за минимизирање на незаконските градби, ископи, повеќе казни и ресурси за да се спречат катастрофалните последици по животот на граѓаните.

„Безбедноста на животната средина треба да е дел од вкупната безбедност. Кај нас, можеби и е во добра мерка присутно и решено ова во некои документи, закони, ратификации и сл. Но, реалноста е дека, ова незначително се имплементира. На пример, се случува некое свлечиште со материјални штети и можеби и човечки жртви. Првото нешто за што ќе се дискутира е како да се санира и помогне околу настаната штета и како да им се помогне на настраданите. Но, ретко кога, ќе излезе некој функционер, адвокат или сл. за да се образложи објективно дека тие објекти се илегално изградени на место за кое претходно е кажано дека е возможен ризик (во помодерно време се прави таа проценка, тој environmental risks assessments) од вакво нешто“, вели Наталија Меловска од МЕД.

Концептот за еколошката безбедност, всушност треба да даде решенија за справување со сите закани по животната средина и оние кои произлегуваат од неа, односно да обезбеди организирано искористување на природните ресурси во целина, без неповратни штети на животната средина и загрозување на здравјето на луѓето.

Фотографија на која се гледа човек како чекори во кал и вода, во позадина се гледаат превртени автомобили, како резултат на поплава.

Концептот за еколошката безбедност треба да даде решенија за справување со сите закани по животната средина | Фото: Поплави во Скопско, 2016 година, Дарко Андоновски

Немањето резултати го загрижува и Тони Милески, експерт за еколошка безбедност.

toni mileski 300x300 1И покрај високиот степен на усогласеност на европското законодавство во оваа сфера, практично имплементацијата на конкретни активности е на загрижувачко ниско ниво. Ако го земеме примерот на загадениот воздух, кој веќе со години наназад, претставува проблем во државата, а особено во главниот град, ќе констатираме дека многу малку или воопшто не се видливи конкретни ефекти од некоја издржана акција. Но, преку примерот на загадениот воздух, можеме да увидиме дека најголемиот дел од еколошко-безбедносните закани не манифестираат директно насилство, туку една вид т.н. ‘структурно насилствопри кое во подолг временски период сериозно го нарушува квалитетот на живеењето, а тоа влијае и на здравјето на луѓето“, објаснува Милески.

За последиците од еколошкиот холокауст задолжени се и Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Но, овие две институции повеќе имаат улога во санирање на последиците – а не во ублажување на причините или во креирање на политика за заштита на природниот фонд односно за третман кон животната средина и природата на одржлив начин.

Црна Гора може да остане без вода и храна

Црна Гора, исто така, заостанува во процесот на справување со последиците предизвикани од еколошката деградација и еколошката безбедност сè уште не е препознаена ниту како ризик по националната безбедност. Во Министерството за екологија велат дека документите за еколошката безбедност сè уште се дефинираат, но дека тие во меѓувреме преземаат други мерки за казнување на оние кои ја уништуваат природата. Сепак, еко активистите апелираат дека време за чекање нема и дека во блиска иднина оваа земја ќе се соочи со недостиг на вода и храна.

Како флагрантни примери за загрозување на животот на граѓаните, еко активистот Александар Драгичевиќ ги наведува нелегалната експлоатација на песок поради што регионалниот водовод останува без вода, а со него се снабдува целото црногорско приморје.

„Во случај да не го запреме и да се продолжи со експлоатацијата на песок, нема да има доволно вода за нашето приморје и туристичката сезона од која зависиме нема да преживее“, вели тој.

Друг проблем кој предизвикува катастрофални последици е сечата на дрвја, која создава свлечишта, иселувања, ја менува популациската структура и на крајот предизвикува недостиг на храна.

„Имаме голем проблем со илегалната сеча на шумите. Црна Гора секоја година, не само што губи десетина и стотина милиони евра од шумското богатство, туку сечата предизвикува ерозии и поплави, што доведува до иселување на населението од северот на Црна Гора и создава дополнителен притисок на главниот град во кој во овој момент живее преку 50% од популацијата. Тогаш нема доволно работа, нема доволно храна затоа што на северот се произведува храна и тоа долгорочно предизвикува огромни проблеми и го спречува одржливиот развој“, вели Драгичевиќ.

Од Министерството за екологија на Црна Гора велат дека работат на зачувување на животната средина, а на прашањето, што оваа земја презема по прашањето за еколошката безбедност и на кој начин ги превенира последиците, истакнуваат дека „национални документи и стратегии не се усвоени, со оглед дека терминот не беше јасно дефиниран“.

„Во овој меѓупростор навистина се случуваат злоупотреби, меѓутоа постои закон за одговорност за предизвикување на штета на природата, за што се надлежни од Агенцијата за заштита на природата и од инспекциите кои би требало да го спроведуваат. Значи тие ги спроведуваат постапките и ги преземаат мерките за заштита на животната средина“, изјави Анѓела Пековиќ Војиновиќ од Министерство за екологија, просторно планирање и урбанизам Црна Гора.

Според Пековиќ Војиновиќ, потребна е синергија на сите општествени актери, освен државните институции и универзитетите, цивилниот сектор и граѓаните за целосна заштита на животната средина.

Казни за еколошки криминал има, но само во законите

Во Кривичниот законик на Македонија има 22 члена за дела против животната средина и природата кои опфаќаат; загадување на животна средина, загадување на вода за пиење, пренесување на заразни болести кај животински и растителен свет, пустошење на шуми, незаконит лов и други. Казните за делата се различни – од парични до затворски. Но, за речиси половина од нив, во период од пет години нема поднесено ниту една пријава (за загадување на вода, несовесно укажување ветеринарна помош, неовластено производство, постапување и промет со опасни материи или штетни организми или семенски или саден материјал и др.).

Најголем број од пријавите или 41 кои биле поднесени оваа година се за узурпација на недвижности, 34 се за пустошење на шума и само две за загрозување на животната средина со отпад. За делото загадување на животната средина и природата оваа година нема ниту една пријава.

ekoloshkiot holokaust e bezbednosna zakana 3 tabela

За делото загадување на животната средина и природата оваа година нема ниту една пријава

„Казните треба да ги има, доволни се, добри се, само треба некој да ги спроведува, за да видиме дека некој навистина работи и се труди и дека има ефект од пропишаните закони“, вели Меловска од МЕД која нагласува дека причина за неспроведувањето на законите е корупцијата.

„Без сомнение, сите проблеми што се јавуваат на некој начин како закани и за животната средина кај нас, се причина од претераната корупција и гладта да зајакнеме економски по некои побрзи и понесигурни патишта. Законски мерки има, но спроведување на законите ни е слаба страна. И сето ова, многу се одразува на драстично зголемување на голем дел од присутните закани по животната средина во Македонија. Нелегални градби, филтри кај фабрики, закупи на земјишта, природни езера или други области важни за биодиверзитетот во Македонија, нелегални ловџиски акции, мали хидроцентрали и редица други, се проблеми што ја изместуваат рамнотежата и функционалноста на еден природен екосистем“, вели Меловска.

Ист став има и еко-активистот Драгичевиќ од Црна Гора, кој алармира дека очевидни прекршувања на природата кои предизвикале огромни штети, не биле санкционирани.

„Имаме случај за песокот кој се експлоатираше 30 години од Морача, во овој момент се поднесени кривични пријави ама нема резултат. Немаме лица кои се во притвор, немаме правосилни судски пресуди, немаме ниту една правосилна пресуда за инвестициските пожари кои во претходните 20 години проголтаа стотини илјади хектари црногорска шума“, вели тој.

Покрај неприменливоста на законите, она што земјите од Западниот Балкан ги прави уште поранливи се ограничените ресурси за санирање на последиците, преклопувањето на надлежностите и лимитираните капацитети. Од МЕД понудиле концепт за обединување на повеќе субјекти во државава за заедно да се планира идниот развој, но повратен одговор не добиле.

„Преку концептот на екосистеми и екосистемски услуги, направивме проценка на состојбата на сите природни екосистеми во Македонија, со аларм каде треба да се делува поради сериозна нарушеност на рамнотежата на одреден екосистем. Ова е навистина практичен приод и се апелираше да се користи од повеќе министерства или институции – економија, земјоделие, природа, шумарство, просторни планови, пасишта“, вели Меловска.

Одговорот на овој комплексен проблем ќе биде дополнително оптоварување за веќе ранливите нации – и затоа се бара да биде мултилатерален пристап кој ќе наложи и поинтензивна соработка меѓу земјите од регионот. Она што секоја држава може индивидуално да го преземе, според експертот Милески, е да изгради капацитети за отпорност на општеството, со што ќе се намалат ризиците и ќе се зголемат способностите за санирање на последиците.

Во свет исполнет со непредвидливост и неизвесност, еколошката проблематика сè уште, за жал, е некоја второстепена тема и во делот на националната безбедност.

Ова содржна ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Петрушевска Поповска, Ангела Рајчевска (МК), Александра Мудреша (Вијести Црна Гора)

Снимател: Слаѓан Фатиќ

Фотографи: Томислав Георгиев, Дарко Андоновски

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ