fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
2024 ta i site mitovi za nereslivosta na ekoloskite problemi intro

2024-та и сите митови за нерешливоста на еколошките проблеми

Писмо од уредникот

Заштитата на животната животна средина е комплексна, интердисциплинарна наука, која користи различни пристапи и методи за да ја утврди точната состојба на животната средина, начините на кои човекот влијае врз неа како и што може да се преземе за да се заштити природата. Техниките на истражување во животната средина треба да дадат прецизен и концизен одговор како може да се промени состојбата со животната средина. Но, постои и друг, тривијален начин да се утврди состојбата во животната средина – треба да се запрашате: Дали средината околу мене личи на здраво место за живот?  И толку. Со поставување на ова прашање секој свесен граѓанин на Македонија, што го крепи здравиот разум за брзо ќе дојде до заклучок и став на темата. И толку. Состојбата, барем на базично ниво, ќе е јасна. За сето останато ќе треба да се довериме во рацете на науката.

Оваа 2024-та година која изминува, донесе мноштво еколошки проблеми кои директно влијаат и врз здравјето на населението, но исто така беше година во која почнаа да се јавуваат и нелогични идеи околу тоа, дали воопшто животната средина во Македонија е загрозена. Оваа опасност, ем неочекувана ем непотребна, става дополнителна јамка околу обидот да се решат проблемите со природата.

Животната средина не е приоритет

На ДОМА со години одблиску ја следиме работата на ресорните институции за заштита на животната средина и по кој знае кој пат ја утврдуваме истата базична состојба и доаѓаме до истиот заклучок – животната средина не е државен приоритет. Кон заштитата на животната средина се гледа како на спорадична активност, на крајот на листата, нешто што не е приоритет.

Пролетва, Македонија доби нова Влада. Севкупниот придонес на претходната Влада во областа на животна средина може да се опише со една македонска народна поговорка „Надвор мазно, внатре празно“. Но, и во новата Влада за сега ситуацијата многу бавно и со многу фрикција со придвижува од моменталното status quo. Ако ги тргнеме превезите од кампањи, изјави, прес- конференции, присуство на меѓународни средби, заложби и ветувања – доаѓаме до бездна во која јасно се гледа невложувањето и непосветеноста кон животната средина. Посветеност која треба да донесе крајни решенија на проблемите со животната средина. Изборната програмата на оваа Влада уште од старт јасно ја покажа насоката. Заштитата на животната средина беше ставена во тнр.Четврти столб каде што е ставено она останато што немало каде да се смести: млади, култура, природа… Програмата може да се оцени како плитка и во голем обем препишана содржина од предходните изборни програми.

Македонија доби и нова претседателка, која ја спомена заштита на животната средина неколкупати и со полу-уста. Но, сепак таа за првпат назначи еден член во Советот за безбедност одговорен за животна средина и климатски промени. Ова само по себе нема да значи ништо, доколку нејзиниот кабинет не го продолжи овој процес кон создавање на прв „зелен“ претседателски кабинет кој ќе се обиде да лобира кон заштита на животната средина како основен чекор кон заштита на уставните права на граѓаните.

Исплашени од Зелената агенда

Во неколку наврати во медиумскиот простор, почна да се дискутира за Зелената Агенда како некој политички негативен инструмент што со некои мистериозни начини работи против државата и граѓаните. Тонот, манирите и начините на кои одредени новинари и јавни лица дискутираа за оваа тема, делува како да се зборува за некоја политичка агенда од која треба да сме претпазливи. Агенда, доаѓа од латинскиот agendum, што означува листа на работи кои треба да се завршат, листа на обврски. Но, поради други политички случувања, граѓаните добиваат лексичка алергија секогаш кога ќе го чујат зборот агенда, без да се размислува за контекстот.
Зелената агенда за Западен Балкан претставува алатка за спроведување на Европскиот зелен договор во нашиот регион. Овој договор означува пресврт во борбата против климатските промени и служи како сеопфатна стратегија за економски раст на Европската унија, со цел да се постигне климатска неутралност до 2050 година. Со потпишувањето на Софиската декларација за Зелената агенда за Западен Балкан на 10 ноември 2020 година, земјите од регионот се обврзаа да ја следат Зелената агенда како водич за спроведување конкретни акции и мерки.

При очи слепи

Македонија е земја со мноштво еколошки проблеми. За ова не смее да постои дилема. Сомнеж кон големината на еколошките проблеми и климатски скептицизам и порано биле присутни во јавниот дискурс, иако секогаш на маргините и по количество, но и по значење. Но, веќе оваа година сведочиме за еден поширок фронт на јавно и квази аргументирано спротивставување на фактот дека живееме во загадена животна средина. Оваа неразумна теза своето постоење го темели на три главни постулати: воздухот во Македонија не е загаден, а и да загаден не знаеме колку е загаден; климатските промени не постојат и се дело на глобалистите и граѓанските иницијативи, протести и движење за почиста животна средина се партиски организира и оркестрирани против власта со цел политички победи.

За оваа теза не постои ниту еден аргументиран доказ и се темели на еколошка неписменост. За разлика од тоа, проблемите со животната средина особено загадениот воздух и вода, состојбата со отпадот и шумите се области за кои се има пишувано и известувано во мноштво извештаи од меѓународни организации. Па така, последниот извештај од ЕУ по трет пат по ред го нотира едните исти нерешени проблеми кај нас.

(Не)решливи проблеми

Оваа година, особено оваа зима граѓаните се изнаслушаа митови околу нерешливоста на проблемите со животната средина и сите аргументи околу (не)постоењето на тнр. магично стапче со кое може да се решат проблемите во најбрз можен рок. Сето ова е „фрлање на песок“ во очите на граѓаните колку да помине зимата, да помине периодот на енормно загаден воздух, за да се вратиме кон стандардните политички препукувања, тендери и меѓуетнички препирки.
Непишаното правило во заштитата на животната средина гласи: Најдобар ден да се почне со работа е вчерашниот – односно кога и да почнеме да ги решаваме проблемите, веќе е доцна. Процесите во природата не застануваат за да почекаат политички консензус или буџет. Точно е дека проблемите се скапи, комплицирани и бараат труд, но друго решение нема. Значи, доколку Владата одбие да даде вистински решенија за животната средина, тоа значи дека Владата е составена од мрзливи министри кои не му мислат добро на својот народ. Друг заклучок нема.

ДОМА во 2024 – та

Оваа година во ДОМА имавме една јасна цел: Да докажеме како може новинарството и комуникациските науки да придонесат кон зачувување на  животната средина. Нашата мала редакција, за жал, не може да постигне да истражува и да алармира за сите еколошки проблеми и сите еколошки криминали што се случуваат Македонија. Но, ДОМА останува туку и следната и се надеваме и сите идни години.

Од мое лично име, редакцијата на ДОМА и Институтот за комуникациски студии ви посакувам среќни празници!

Кири Арсовски Пржо – уредник

Сподели