fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
koj gi mati reshenijata za zagaduvanjeto na vardar

Кој ги мати решенијата за загадувањето на Вардар?

Вардар е мртва река чиј воден свет е исчезнат. Оваа река некогаш претставуваше своевидно прибежиште за граѓаните, кои неретко безгрижно се капеа во чистите води. Но денес, тоа претставува само дел од колективната меморија.

Сега водите на Вардар на одредени места во Македонија се класифицираат во највисоката петта категорија на загаденост, што повеќе од 90% придонесува за исчезнувањето на живиот воден свет, предупредува професорот Светислав Крстиќ од Институтот за биологија.

Професор Крстиќ: Вардар наместа е мртва река

svetislav krstikj 200x300 1„Јас повеќепати сум кажал дека Вардар на некои места е мртва река, не постојат живи организими таму, освен еден или два кои успеале да се адаптираат на таа средина и некако успеваат да издржат таков притисок. Имаме такви цели стречови, цели делници на Вардар кои се типични со една таква појава каде речиси 99 отсто од живиот свет е исчезнат“, вели професорот Крстиќ.

Каков е квалитетот на водата во Вардар?

Нивото на загадување на реката, уште од самото извирање во Вруток, преминува во втора категорија и со своето течение крај Гостивар и Тетово, сѐ до Скопје, поради бројните загадувачи од неоргански и органски тип, го достигнува највисокото ниво на загадување.

Соочувањето со оваа реалност е траорно, вели Крстиќ, но она што сега може да направиме е да размислуваме како да спречиме натамошно уништување на Вардар. Она што е важно е да се детектираат корените на децениското загадување, несоодветното постапување при потребното санкционирање на одредени ентитети и да се предвиди можниот понатамошен еколошки развој на реката, посочува тој.

„Мора да го нападнете изворот на загадување. Кога загадувањето ќе дојде до еко системот тогаш е многу потешко да се прочисти. Колку сме ние убедени како општество, како држава, како индивидуи дека на нашата следна генерација им оставаме огромни проблеми кои не сме ни почнале да ги решаваме“, додава професорот Крстиќ.

Kаков ни е пристапот за решавање на сегашните проблеми?

Прво, неопходно е да ја сфатиме реалноста дека на земјоделските површини покрај речното корито на Вардар би се произведувале разни култури што би содржеле остатоци од бројните метали што се присутни во речните води. И второ, во нашата држава постојат институционални тела коишто се должни соодветно да реагираат и да ги санкционираат оние кои непречено и континуирано загадуваат.

Ана Петровска е архитектка и инженерка со долгогодишно искуство во животната средина. Како активистка и истражувачка, но и поранешна директорка на Инспекторатот за животна средина ја објаснува процедурата од моментот на детектирање на проблемот до неговото санкционирање, но, и зошто често ваквите случаи завршуваат неказнето.

Петровска: Инспекторите гледаат да не изречат казна бидејќи можат да се соочат со тужба

koj gi mati reshenijata za zagaduvanjeto na vardar foto petrovska„Поединечно се случува дали инспектор, дали јавен обвинител да се одлучи да навлезе навистина подлабоко во проблемот, навистина да собере докази со кои ќе може утре да се санкционира, дали прекршочно, дали кривично во зависност од големината и тежината на престапот“ Петровска открива зошто инспекторите ретко се одлучуваат да изречат казна. Инспекциските служби претежно не се среќни кога треба да изречат казна. Дали државните, дали локалните инспектори гледаат да не изречат казна, бидејќи оној момент кога ќе треба да изречат казна можат да се соочат утре со тужба од страна на правниот субјект против кого е изречена казната, а тоа се големи компании кои имаат пристап до капитал и кои можат да финансираат судски процеси и да ги свртат во своја полза без оглед на тоа дали биле или не биле виновни“, вели Петровска.

Освен мапирањето на загадувачите на Вардар и нивното сакнционирање, за Инспекторатот е значајна и имплементацијата на  долгогодишниот план за изградба на пречистителна станица во Скопје.

Нашите експерти се согласни дека изградбата на пречистителни станици во градовите низ кои тече Вардар несомнено ќе придонесе за намалување на загаденоста на водата, но тоа не претставува единствениот пат што треба да се изоди. Речното корито на Вардар преживува бројни градежни експанзии со децении наназад, особено во централното подрачје на Скопје. Бетонирањето на земјата покрај Вардар го попречува природното слевање на водата, особено при поројни дождови, вели Петровска.

Петровска: Пречистителната станица е поврзана со завршување на колекторот

„Прво, таа пречистителна станица сама по себе не може да функционира. Туку е поврзана со завршување на колекторот кој треба да ги зафати сите отпадни води од двете страни на реката Вардар. Тој колектор со средства од ЕУ се гради одамна, не знам сега во која фаза е бидејќи имаше прекини, затоа што имаше и заведен судски спор, околу тоа што на локацијата каде тоа требаше да помине, порано бил депониран смет кој потенцијално бил и опасен. Тоа во тендерската документација не било изразено“, објаснува Петровска.

Кои се последиците од загадувањето?

Загадувањето на Вардар не само што бактериолошки ја менува водата, но го онеспособува и нејзиното корито да го впие вишокот вода при обилните дождови. Сепак, не се потребни врнежи за да настапи поплавување – непланското градење објекти по текот на реката завршува со избивање на вода од земјата и поплавување на подрумските простории.

Последиците од таквите непромислени одлуки се покажаа и неодамна, при поплавувањето на Македонскиот народен театар и Архивот на Македонија.

Последиците од таквите непромислени одлуки се покажаа и неодамна, при поплавувањето на Македонскиот народен театар и Архивот на Македонија. Извор: mkd.mk

За да се спречат натамошни негативни влијанија, важно еда се истакне потребата од изработка на новиот Генерален урбанистички план на Скопје, што може да значи многу поеколошки и зелено ориентиран развој.

Професорката Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет при УКИМ, смета дека од огромно значење во овој случај би бил концептот на „сунѓер град“, за впивање и користење на водата и потребата од зелени коридори покрај течението на Вардар.

Професорка Пенчиќ: Треба по текот на реката да се остават простори за паркови кои исто така би примиле дел од водата кога поплавува

koj gi mati reshenijata za zagaduvanjeto na vardar foto penchikj„Она што треба сега е да се размисли за оваа регулираност на реката и постојаната потреа во мајор коритото да поплочуваме патеки за трчање, за велоспеди, незнам за што и ставање игралишта и клупи. Така, и тоа малце корито што ја впива водата нема капацитет да прими. Треба многу добро да размислиме што се ставаме во тоа корито… Треба по текот на реката да се остават повеќе делови, простори за паркови кои исто така би примиле дел од водата кога поплавува. Тоа е идејата на сунѓер-град. Вие по течението на реката да оставите природни собиралишта на вода во нормални денови е парк и нема да чини толку многу ако тоа се поплави, наместо да поплавите Архив на Македонија и сте изгубиле се што сте собрале со децении“, додава Пенчиќ.

 Заклучокот е јасен – доколку оставиме простор на природата сама да го регулира нејзиниот тек, да се примени одржлив плански еколошки развој и сериозно се пристапи кон санкционирање на разните загадувачи на Вардар, можеби во претстојните децении ќе имаме посветла реалност.

Целата епизода од месечниот поткаст „Одраз“, може да ја слушнете на следниот линк.

Сподели