Кој ѝ стои на патот на охридската јагула?
Јагулата можеби не е најпознатата, но е секако една од најнеобичните риби кои се дел од живиот свет во Охридското Езеро. За жал, како многу други животински видови, и јагулата денес се соочува со предизвици.
Каков вид риба е јагулата?
За овој вид риба можат да се набројат повеќе фасцинантни, но и интригантни факти. Кустос- биологот Данче Аџиоски од струшкиот музеј „Др. Никола Незлобински“ споделува некои од нив. Се претпоставува дека еволутивно јагулите се современици на динасаурусите. Со настапувањето на половата зрелост, бојата на телото им се менува од темно кафена во сребреникава. Во текот на пролетните месеци се случуваат серија анатомски промени кои ги подготвуваат јагулите за нивниот миграционен пат.
Миграциониот пат, пак, кој е наречен уште и свадбено патување, се случува наесен. Јагулите треба да поминат пат долг неколку илјадници километри, неопходен за размножувањето, бидејќи тие живеат во слатки, но се размножуваат во солени води.
Крајната точка на свадбеното патување е Саргасовото Море.
Аџиоски: По размножувањето, јагулите умираат
„Женките ќе ја положат својата икра – тоа се одвива на длабочина од околу илјада метри – и кога јајцата ќе бидат оплодени од мажјаците, возрасните единки изумираат изморени од патот. Тие веќе ја завршиле својата мисија и оставиле свој подмладок и угинуваат“, објаснува Аџиоски.
Веројатно најинтересниот податок за јагулата е тоа што младите јагули се враќаат назад по истиот пат кој претходно го минале нивните родители. За биолозите останува енигма како може подмладокот да го знае точниот пат за враќање во слатките води. Едно од објаснувањата е дека тоа се случува поради вродениот инстинкт.
Каков е статусот на јагулата денес?
Кустос-биологот Аџиоски наведува серија причини чија последица е загрозување на популацијата на јагулата, како на национално, така и на европско ниво.
Аџиоски: Популацијата на јагулата константно се намалува
„Може да се каже дека без природниот систем на самообновување, денес јагулата кај нас егзистира само како аквариумска риба, која и покрај вештачкото порибување што го имаме во нашето езеро, константно го намалува својот број. Исто така, можам да кажам и на глобално ниво дека имаме голем пад на популацијата на овој вид на риба. Тоа најчесто таму се одвива и поради загадувањето на реките, поради миграциските бариери – како што имаме случај и кај нас – поради експлоатацијата и потрошувачката бидејќи јагулите се и многу популарен извор на храна, посебно во Азија и во Европа“, вели Аџиоски.
Јагулата VS човекот
Човекот со своите активности веќе долги години го попречува свадбеното патување на јагулите. Отежнувањето на миграциониот пат го доведува во прашање и опстанокот на јагулата. Ситуацијата станува алармантна, поради што во 1980 година, Меѓународниот сојуз за заштита на природата ја прогласува јагулата за загрозен вид.
Хидробиологот Зоран Спирковски зборува за потребата од реакција и за иницијативата да се подобри статусот на јагулата на европско ниво.
Спирковски: Директивата на ЕУ за заштита на јагулата се однесува и на нас
„На ниво на Европа, во 2007 година е донесена директива – односно зборувам за земјите членки на ЕУ, е донесена директива за јагулата којашто ги обврзува земјите членки на ЕУ да преземат посебни мерки за возвраќање на популацијата на европската јагула во природните станишта односно во слатките води. Иако, ние не сме членка на тој европски сојуз, но, сепак географски гледано како една целина на Европа, и ние спаѓаме во рамките на правците на заштитата и рехабилитација или ревитализација на популацијата на јагулата во нашите води“, вели Спирковски.
Патот на охридската јагула е попречен од повеќе брани изградени по течението на реките Црн Дрим, Бел Дрим и Дрим. На македонска територија по текот на Црн Дрим се браните на двете хидроелектрани: Глобочица, која се наоѓа северно од Струга, и Шпилје во близина на Дебар. Во Косово, на реката Бел Дрим има само една брана во Радоники (Radoniqi). На територијата на Албанија, реките Црн Дрим и Бел Дрим се здружуваат во една река, со име Дрим. По течението на Дрим има брани на четирите хидроелектрани: Коман (Koman), Фиерза (Fierza), Вау и Дејас или Дањски Брод (Vau i Dejës) и Ашта (Ashta). Дополнително, во моментов, по текот на реката Дрим се планира изградба на уште една хидроелектрана Скавица (Skavica). Браните функционираат како пречки за јагулите и имаат негативно влијание врз популацијата на овој вид риба.
Кои се акциите за заштита на јагулата?
За да се заштити јагулата, веднаш по изградбата на браните, во тогашна Југославија започнува една акција. Станува збор за порибување со млади јагули. Но, со текот на времето се појавува проблем. Спирковски нагласува една аномалија во порибувањето, бидејќи утврдено е дека не се порибувало со природен подмладок, туку со подмладок одгледуван на фарми за јагули во Грција.
„Разликата помеѓу природниот и одгледуваниот е драстична. Понатаму се развиваат сосема поинакви моменти на темпо на раст“, додава Спирковски.
Конечно, се чини дека го имаме решението за еколошката криза со јагулата. Станува збор за план за управување и заштита на јагулата, спроведуван во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Планот е верифициран од владите на државите кои го опфаќаат сливното подрачје на реката Дрим односно од Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово. Спирковски вели: „Поентата беше да се направи заеднички план за заштита, пред сè, и управување со јагулата“.
Игор Бојаџиевски, кој е раководител при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, споделува дека планот за заштита на јагулата е дел од еден поголем проект насловен „Заштита и одржливо користење на биодиверзитетот на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро“. Бојаџиевски објаснува зошто сè уште не е отпочната реализацијата на планот:
„Изработката на ваквиот план, значи нацрт-план да го кажеме, беше со цел да истиот може да се донесе. Меѓутоа, со оглед на тоа дека во сегашната законска регулатива немаше можност за негово донесување, измената во овој закон ќе допринесе да може ваквиот план да биде донесен од страната на Владата и заеднички да се спроведуваат мерките со соседните земји“.
Тој додава дека во моментов е важна соработката помеѓу македонската и албанската влада односно политичката волја.
Треба да се каже и дека освен ваквите акции за заштита на јагулата, постојат и други, подобри решенија за да се минимизира штетниот ефект на пречките. На некои места, се прави т.н. обиколница, со тоа што рибите не поминуваат преку пречката, туку ја заобиколуваат. Се цели кон тоа обиколниот воден пат да наликува што е можно повеќе на природниот: со меандри, камења, растенија. Другите решенија функционираат со тоа што им помагаат на рибите да се искачат на одредена височина односно онолку колку што е висока браната, или, пак, да се спуштат. Такви се скалите за риби кои им овозможуваат на рибите постепено да се „искачуваат“ на поголема височина. Постојат и рампи кои одговараат за поминување преку пречки кои не се многу високи. Потоа, водните лифтови, механизам кој е особено погоден за риби кои мигрираат во голем број, а се соочуваат со висока бариера. Во минатото бил осмислен проект за поставување на водни лифтови на браните кои го попречуваат патот на охридската јагула, но за жал, останал нереализиран.
Заклучокот кој се наметнува од исказите на експертите е дека мораме да дејствуваме навреме. Популацијата на охридската јагула треба да се ревитализира и миграциониот пат да се возобнови. Во тој процес клучна е улогата на човекот. Неговите дејства во минатото го блокирале свадбеното патување на јагулата. Но, за среќа сè уште има време да се поправи таа грешка и јагулата да се тргне од листата на загрозени видови. Надежта постои, но потребна ни е повисока колективна еколошка свест за живиот свет да има оптимални услови.
Целиот поткаст посветен на „свадбеното патување“ на охридската јагула може да го слушнете подолу.