Мариово – центар на геолошкото и биолошкото богатство на Македонија
Областа Мариово зафаќа вкупна површина од 1038 км² или 4% од вкупната територија на Република Македонија со надморска височина која се движи помеѓу 700 и 2362 метри, или во просек некаде околу 1090 метри. Мариово го зафаќа средното течение и сливно подрачје на реката Црна и од сите страни е заградено со пространи планински масиви, како: Ниџе и Кожуф на југ, Селечка Планина на запад, Дрен Планина на север и Козјак со огранките на Кожуф од исток со што претставува своевидна посебна и специфична природна целина. Според релјефните одлики Мариово опкружено со планини може да се смета за котлина, но поради внатрешната разместеност на релјефните облици тоа претставува висорамнина.
Изградба на хидроакумулации во речните клисури доведува до потопување на големи површини од клисурите, кои претставуваат прибежишта на реликтна флора и вегетација, при што доаѓа до деградација и делумно уништување на постојните фитоценози на долните вертикални профили на реките, како и до смалување на ареалот на реликтните, ендемичните и ретките растителни видови. Со предвидената изградба на хидракумулацијата Чебрен во клисурата на Црна Река во Мариово најверојатно ќе бидат потопени најголемиот број живеалишта од стеноендемичниот вид Silene paeoniensis како и ќе се влијае не голем број други видови.
Мариовска Котлина е нетипична котлина во средното течение на Црна Река. Се протега од Скочивир до Галиште, ограничено со водоразделните линии кои водат по планината Ниџе со Кајмакчалан и Козјак од десната и Селечка Планина и Дрен од левата страна на Црна Река. Мариовската Котлина повеќе е речно ерозивно проширување отколку типична котлина.
Морфолошки Мариово е составено од два дела, планински и котлински дел. Планинскиот дел го сочинуваат околните планини што ја оградуваат областа. Поголемиот дел од планините е гол или обраснат со ретка и доста деградирана дабова шума, а има делови каде се наоѓаат и бујни букови и четинарски шуми на црн и бел бор. Со богатство од шуми се истакнуваат планините Козјак и Ниџе. Над шумите се наоѓа бујна тревна вегетација на високопланински пасишта кои се мошне погодни за развој на сточарството, особено овчарството.
Котлинскиот дел го сочинува Мариовската Котлина која се наоѓа на надморска височина од 1.080 m. Таа е доста расчленета со долините на Црна и нејзините притоки, кои со интензивна вертикална ерозија формирале длабоки долини во вид на клисури и кањони, со височина и до 800 m. За време на плиоцентот, таа се наоѓала под вода на некогашното езеро кое во плеистоценот истекло, а на дното оставило дебели наслаги од неоген материјал од дијатомејска земја, лигнит и др. Нив ги има во атарите на селата: Витолиште, Бешиште, Манастир, Старавина и Зович.
Територијата на Мариово е богата и со пештери и различни подземни карстни форми. Според бројот на Пештери во Мариово влегува во подрачје со најголема концентрација од нив.
Низ низинскиот дел од Мариово може да се сретнат и разни геолошки фигури и украси како и подрачја со еродирани карпи кои често имаат зооморфен изглед. Мариово е едно од подрачјата кои најмногу страдаат од претерана ерозија која влијае на изгледот на пејзажот на целото подрачје. Освен тоа во Мариово е забележано и појави на нарушувања на релјефот преку кршење на пештерски украси и мали релјефни форми, ископување на гуано, илегални собирања на подземна фауна и илегални археолошки ископувања во пештерските седименти.
Мариово е значајно не само по неговите геолошки како и биолошки карактеристики. Во Мариово живеат голем број на ендемити на растенија и ретки видови на инсекти со мали популации. Тоа се должи на специфичниот релјеф и клима на подрачјето. Најголем број низински ендемити во Македонија се среќаваат во пошироката околина на Прилеп и во Мариово. На територијата на Мариово постојат две заштитени подрачја и тоа; Клисурата на Градешка река – како споменик на природата и малото палеонтолошко подрачје Манастирец.
Според истражувањата на Велевски и соработниците, Мариово е прогласено за Значајно подрачје за птици (Important Bird Area- IBA), поради присуството на неколку видови на мршојади и други видови на грабливи птици. Истражувањето на Меловски и соработниците пак, го означува Мариово и како Значајно подрачје на растенија ( Important Plant Area-IPA).
Мариово денес, е подрачје кое напуштено од локалното населени чека на нови истражувања и резултати.
Користена литература: