fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
pcinja edna reka dve prikazni featured

Пчиња – една река, две приказни

Реката Пчиња, според својата должина, е втора најголема лева притока на Вардар. Извира на територијата на Србија, на планината Дукат, на надморска височина од 1.664 метри, а во Вардар се влева во Таорската Клисура, на надморска височина од 191 метар. Вкупната должина на речниот тек изнесува 136 километри со среден пад од 10,9 промили. Има сливна површина од 2.840 квадратни километри од кои 83,6% или 2.317 квадратни километри се во Р. Македонија. Во Вардар средногодишно внесува вода во количина од 16 кубни метри во секунда.

Долж своето течение од изворот, па до вливот во Вардар, Пчиња доживува многу пресврти, како во поглед на амбиентот и релјефот низ кој поминува, така и во поглед на човековата грижа за нејзиниот екосистем. Кога е во прашање грижата на заедницата за зачувување на нејзините природни вредности, може да се каже дека Пчиња раскажува две различни, дијаметрално спротивни приказни. Едната во Србија, а другата е во Македонија.

Додека на територијата на северниот сосед, властите максимално се потрудиле со законска регулатива и нејзина имплементација на терен да создадат услови Пчиња да биде една од нивните најчисти реки, кај нас за жал, таква регулатива во голема мерка отсуствува, а онаму кај што ја има не се почитува…

01/13

pcinja edna reka dve prikazni 01Изворишниот дел на реката Пчиња е лоциран во Србија, некаде под врвот Бела Вода на западните падини на планината Дукат, на надморска височина од 1.664 метри, од каде повеќе потоци ја формираат реката Трипушница која во гратчето Трговиште се спојува со Козједолска река и понатаму тече под името Пчиња. Од Трговиште, па до границата со Македонија, Пчиња тече во должина од околу 33 километри. По целото течение низ територијата на нашиот северен сосед водата во Пчиња е кристално чиста, незагадена и тече низ ненарушен амбиент, а тамошните власти со низа мерки за заштита се потрудиле оваа река да е една од најчистите во нивната држава.

02/13

pcinja edna reka dve prikazni 02Поради присуство на ендемични и реликтни видови растенија, загрозени видови птици и габи, како и специфични геолошки појави, долината на реката Пчиња во должина од околу 17 километри пред влезот во Македонија е прогласена за заштитено подрачје со посебни природни вредности. Она што на прв поглед може да се забележи е тоа дека оваа заштита не е само на хартија, туку функционира и на терен, а веќе подолг период се работи и на заштита на подрачјето во горниот дел на течението со што целиот тек на Пчиња во Србија ќе биде заштитено подрачје.

03/13

pcinja edna reka dve prikazni 03Пчиња во Македонија навлегува низ клисурата кај село Пелинце и тече низ Козјачијата и Кумановската Котлина пред да навлезе во Бислимската Клисура. И тука некаде завршува приказната за Пчиња како чиста и незагадена река. Во понатамошниот нејзин тек сликата за оваа наша река станува онаква, каква за жал сме навикнати да гледаме кај најголем број водотеци низ Македонија.

04/13

pcinja edna reka dve prikazni 04Иако и низ претходниот тек низ Македонија има спорадични случаи на загадување на нејзините води, главното загадување на Пчиња започнува непосредно пред нејзиниот влез во Бислимската Клисура, од местото каде што во неа се влева Кумановска река (Кумановка). Кумановска река, која е колектор на отпадните води на Куманово и околината, е мртва река, со квалитет на вода кој е вон сите класи. Иако на неа постои прочистителна станица таа нема соодветен капацитет и не може да ја изврши својата функција поради несовесното користење на  канализацијата со фрлање на секаков вид отпад како што се полупроизводи  од  индустријата, метални  предмети, коски од  животни, месо, кожа, разни  видови  на масла,  земјоделски  производи  и  слично.

05/13

pcinja edna reka dve prikazni 05По вливот на Кумановка, реката Пчиња засекогаш ја губи квалитетната вода што доаѓа од нејзиниот горен тек и како многу загадена (IV класа или вон класа) навлегува во 6,5 километри долгата Бислимска клисура. Бислимската Клисура е интересна заради површинските и подземни карстни релјефни форми, клисурестиот, наместа и кањонест изглед и изразениот биодиверзитет. Големата загаденост на реката, покрај тоа што многу негативно влијае врз растителниот и животинскиот свет, преку подземната циркулација, како низ алувијалниот материјал, така и низ карстот, ги загадува подземните води на едно пошироко подрачје, особено низводно од клисурата.

06/13

pcinja edna reka dve prikazni 06Слично како и кај другите поголеми реки во Македонија и на Пчиња постои сериозно нарушување на нејзиното корито со сите последици кои произлегуваат од тоа. На потегот од Бислимската Клисура, па сè до Бадарската клисура со години се издаваат концесии за ископ на песок и чакал, под плашт на „регулација на речното корито“, а најчесто на места на кои нема никаков проблем со коритото. Ваквите „капацитети“ освен што го нарушуваат природниот амбиент и го менуваат водостојот, привремено или трајно го нарушуваат нејзиниот екосистем.

07/13

pcinja edna reka dve prikazni 07Во сепарациите многу честa појава е копање надвор од концесиското подрачје, насипување земја на места на кои се уништува природната вегетација, користење на висока класа земјоделско земјиште за експлоатација, немање јасно поставена ограда за да (не) се знае каде може, а каде не може да се копа, или пак копање под нивото на подземните води со што се врши нивно загадување. При тоа, на многу места е забележан пад на нивото на водата во бунарите со што им е загрозено правото на чиста вода на локалното население. И сето тоа трае со години и покрај протестите на жителите, како и инспекциски утврдените неправилности во работењето.

08/13

pcinja edna reka dve prikazni 08Во своето долно течение, реката Пчиња минува низ заштитено подрачје од III категорија, Споменикот на природата „Катлановски Предел“. Од прогласувањето во 1991, па до денес, ова подрачје претрпе голема деградација, големи делови од подрачјето се урбанизирани или ги загубиле природните вредности, па во моментов е во тек процес за негова ревалоризација со која е придвидено намалување на површината на заштита.

09/13

pcinja edna reka dve prikazni 09„Катлановски предел“ на меѓународно ниво е идентификуван како значајно растително станиште, а пределот има и богат фаунистички фонд од 190 видови. Од нив, 91 вид  се наоѓаат на национална или меѓународни листи на заштитени видови и тоа: од пеперутките се регистрирани 71 вид, од кои 12 вида се со статус на загрозеност; од вилинските кончиња, регистрирани се 13 видови, од кои 3 видови со заштитарски статус при што еден вид е во категоријата ранлив.

10/13

pcinja edna reka dve prikazni 10Од рибите, во „Катлановски Предел“ се познати 15 видови од кои еден е со статус на загрозеност, 17 херпетофаунски видови од кои сите се со заштитарски статус, како и 61 вид птици од кои 48 се со статус на загрозеност на национално или меѓународно ниво. Од цицачите се потврдени 13 видови од кои 12 видови се со заштитарски статус на национално или меѓународно ниво.

11/13

pcinja edna reka dve prikazni 11Во заштитеното подрачје, како впрочем и по целиот тек на реката Пчиња низводно од Бислимската клисура, во неопределен број се застапени и дивите депонии, кои се заштитен знак на најголемиот број реки во Македонија.

12/13

pcinja edna reka dve prikazni 12Во завршната фаза на своето течение Пчиња поминува низ Бадарската Клисура која е долга околу 9,5 километри. Бадарската Клисура е всечена во палеозојски шкрилци, меѓу ридовите Каменица и Ветерски Рид чии долински страни се стрмни, а во клисурата се јавуваат изразити вклештени меандри. Височината на долинските страни е до 385 метри, а во месноста Прнар и Корија се среќава ретка мешана состоина од питома и дива фоја (Juniperus foetidissima и Juniperus excelsa), а локалитетот претставува северозападна граница на аералот на распространување на ваквата флористичка заедница.

13/13

pcinja edna reka dve prikazni 13Пчиња се влева во Вардар кај Таорската Клисура на надморска височина од 191 метар, каде што внесува во просек 16 метри кубни вода во секунда, а преку неа и сиот багаж „натоварен“ низ нејзиното 136 километри долго течение. И, ако има барем малку вистина во онаа квазинаучна теза дека водата памети, тогаш при вливот во Вардар, Пчиња носи информации за две сосема различни приказни. Првата убава, од течението низ територијата на нашиот северен сосед, и втората… Онаа нашата.

 

Извори:

Заштита од загадување на карстот во Кумановска Котлина – Томе Андоновски и Ивица Милевски, Институт за геофрафија, ПМФ, Скопје, Р. Македонија
Риболовна основа за „Слив Пчиња“ за период 2016 – 2022 – УКИМ, Институт за сточарство, Скопје
Студија за ревалоризација на споменикот на природата  „Катлановски предел“ –  Д-р. Владимир Лазаревик, Проф. Д-р. Блажо Боев,  Академик Проф. Д-р. Владо Матевски,  Д-р. Бранко Мицевски,  М-р. Билјана  Гичевски,  Никола Мицевски, М-р. Сања Спасова и Љупчо Гривчевски
Листа на Природни заштитени зони и преглед на постојаните акти со кои се уредуваат заштитените области и предмети
Просторно – плански аспекти за одржлив развој и управување со зачувување на природните вредности кај Катлановско Блато и неговото одржување – Александар Д. Настов
Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределна разновидност) – МЖСПП
Македонска енциклопедија – Македонска академија на науките и уметностите
https://igeoportal.net/

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски