Плетвар – белиот рудник на македонскиот биодиверзитет
Плетвар е планински превој на надморска височина од 994 метри, кој ги разделува планините Дрен и Бабуна и ја поврзува Пелагонија и градот Прилеп со Раец и Тиквешијата.
Според Студијата за геодиверзитет и геонасладство на Република Македонија, Плетвар претставува едно од најзначајните локалитети поради своите ретки геолошки појави – како и големиот процент на ендемити, многу често ограничени само во потесното подрачје на превојот.
Во Националната Стратегија за заштита на природата (2017-2027), превојот Плетвар се споменува во првите десет најважни центри на националниот ендемизам, особено по ендемичните растителни видови кој се појавуваат поради специфичните почви и минерали кои се наоѓаат на подрачјето.
Типичен пример за еден таков ендемски вид е пеперутката чингова окатка (Pseudochazara cingovskii), ендемски вид која според досегашните објавени истражувања се среќава само во околината на Плетвар. Оваа пеперутка за сега се знае дека живее само на Плетвар, на површина не поголема од 1,5 км² и на ниедно друго место во светот. Припаѓа на родот лажни хазарки (Pseudochazara). Пределот кој го населува е сув, со каменита, варовничка подлога, која е прекриена со ретка вегетација, на надморска височина од 1000 до 1200 м. Како возрасна единка, пеперутка, лета од крајот на јули и почеток на август кога и се размножува и полага јајца, но сѐ уште не е потврдено во која форма ја минува зимата. Според Butterfly Conservation Europe, овој вид на дневна пеперутка претставува еден од најретките и најчувствителните видови во Европа.
Извор: IUCN
Во истражувањето на Македонското ентомолошко друштво, се нотира дека на Плетвар се наоѓаат не повеќе од 3000 возрасни единки од овој вид и дека има тренд на намалување на бројката.
Овој вид на пеперутка од 2010-та се наоѓа на Црвената листа на загрозени видови, во категоријата критично загрозен вид со тенденција за опаѓање на популацијата. Главна закана за опстанокот на оваа пеперутка е рударската индустрија и каменоломот кој се наоѓа во близина на нејзиното живеалиште. Заштитата на типични подрачја и видови треба да е приоритет на секоја држава.