fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Тони вода истекуваат од Тони Вода

Тони вода истекуваат од Тони Вода  

Македонија, иако има релативно мала територија се одликува со изразено сложена геолошка градба во која се среќаваат формации од речиси сите геолошки периоди, На околу 12% од нејзината површина  е застапен карстниот релјеф.

Според својата дефиниција карстот претставува комплекс од специфични морфолошки и хидрографски појави кои се јавуваат во релјефот на варовничките маси. Од еколошка гледна точка, карстот е еден од најранливите природни системи, како поради растворливоста на карпите и нивната подложност на ерозија, така и поради високата пропустливост на овие системи за површински води, со мала или никаква можност за нивно филтрирање низ почвените слоеви, при што потенцијалните загадувачи лесно можат да стигнат до подземните води.

Планината Бистра е едно од најкарактеристичните планински подрачја во Македонија во кои доминираат карбонатните карпи, а со тоа и карстниот релјеф. Нејзините високи предели претставуваат пространи флувијално-карстни површини, каде на еден релативно мал простор во тријаските варовници се создале сите карстни форми, меѓу кои како најголеми се издвојуваат карстните полиња. Од нив, поради својата површина но и специфични вредности, се издвојува карстното поле Тони Вода.

01/11

toni voda istekuvaat od toni voda 1Тони Вода е висорамнина и активно карстно поле кое се наоѓа во северозападниот дел на планината Бистра, веднаш над селото и викенд-населбата Маврово, од двете страни на патот што води кон Галичник. На северозапад и југоисток се граничи со месностите Чаушица и Смрдливи Вирој, додека на североисток и југозапад се простира до превалите Царевец и Фрчец. Дното на полето лежи на просечна надморска височина од 1.680 метри.

 02/11

toni voda istekuvaat od toni voda 2Полето има форма на прекршена буква „П“, со вкупна должина по оската на дното од околу 5 километри и ширина до 500 метри. Целата област е со површина од околу 6 квадратни километри, додека самото поле има површина од околу 1,5 квадратни километри. Дното  на  полето  е  благо  зарамнето  и  низ него течат неколку повремени водотеци и еден постојан, наречен со исто име – Тони Вода. Во полето постојат и поголем  број  на  чиниести  вртачи,  кои  за време на рана пролет како и за време на поројни врнежи се исполнети со вода.

03/11

toni voda istekuvaat od toni voda 3Карактеристично за водотекот Тони Вода е слободното меандрирање на водата во неговото речно корито. Ваквите меандри припаѓаат на типот  на слободни  меандри,  бидејќи  малите  падови  на овој, но и на другите водотеци во полето,  овозможуваат  често менување на речните корита.

04/11

toni voda istekuvaat od toni voda 4Главна карактеристика на карстното поле Тони Вода е таа што речиси целата вода која тука тече и се собира за време на зимата, пролетта и деновите со обилни врнежи, исчезнува, односно понира низ карстните процепи и неколкуте понори. Дел од таа вода повторно излегува на површина во пониските делови од планината Бистра, под врвот Царевец.

05/11

toni voda istekuvaat od toni voda 5Во полето се регистрирани 4 до 5 понори од кои само еден е постојано активен, а останатите се повремени. Активниот понор се наоѓа непосредно покрај патот Маврово – Галичник, на надморска височина од 1.665 метри. Широк е околу 1,5 метри и низ него истекува водотекот Тони Вода. Останатите понори се со повремен карактер и главно се распоредени по рабовите на полето.

06/11

toni voda istekuvaat od toni voda 6На  околу  5‐7 метри  северно од понорот на водотекот Тони Вода, се наоѓа вртача, чие дно е исполнето со раздробен варовнички материјал, и за која постојат претпоставки дека претставува остаток од активен понор низ кој истекувала водата од некогашното плиосценско езеро кое ја исполнувало Мавровска Котлина. Со исчезнувањето на ова езеро во подоцнежните геолошки фази, овој понор се фосилизирал.

07/11

toni voda istekuvaat od toni voda 7Дното на полето е прекриено со делувијални седименти, образувани со еродирање на материјалот од околните брдски терени под влијание на поројна вода и со нивно таложење во подножјето на теренот. Овој слој што го прекрива карстниот фундамент на полето се одликува со висока вертикална и хоризонтална хомогеност.

08/11

toni voda istekuvaat od toni voda 8Карстното поле Тони Вода е значајно и од аспект на биолошкиот диверзитет, бидејќи тука се среќаваат повеќе специфични видови организми од кои некои за првпат во Македонија се откриени токму тука. Во оваа насока особено се значајни привремени локви, мали чинијести вртачи повремено исполнети со вода,  како специфичен вид водни биотопи кои зафаќаат вкупна површина од околу 0,5 хектари.

09/11

toni voda istekuvaat od toni voda 9Овие мали водни екосистеми се особено значајни поради присуство на специфична алгална флора претставена со повеќе видови од кои како најзначајни се издвојуваат Nitella capillaris (J. Gr. et Bull.Webst), која припаѓа во групата на харите, (Charophyta) или пршленести алги со многу  сложена  градба, и  кончестата зелено‐жолта алга  Tribonema intermixtum Pascher. И двата вида за првпат се наведени во алгалната флора на Македонија, токму по нивното откривање во локвите на Тони Вода.

10/11

toni voda istekuvaat od toni voda 10Од фаунистичките видови откриени во привремените локви на овој локалитет значајни се харпактоидното копеподно ракче  Hypocamptus brehmi, како и остракодните  ракчиња Psychrodromus olivaceus и Eucypris cf. heinrichi, од кои последниот вид е редок жив фосил, бидејќи оригинално во Германија е опишан како фосилен вид, а во  меѓувреме живи  единки  се потврдени  во  темпоралните  локви  на  Тони  Вода.  Eucypris cf. heinrichi е вклучен во националната листа на строго заштитени диви видови на Македонија.

11/11

toni voda istekuvaat od toni voda 11Навидум обична висорамнина, карстното поле Тони Вода всушност претставува значаен сегмент на природното наследство на Македонија кое, доколку со него се управува на несоодветен начин, може да претрпи значајни нарушувања, како во поглед на биодиверзитетот, така и во поглед на геолошките и хидролошките вредности. Како дел од Националниот парк Мавровo, Тони Вода е подложно на одреден степен на заштита но, негативниот аспект на оваа приказна е во тоа што ова наше најголемо заштитено подрачје сè уште не е репрогласено за национален парк според новата легислатива, ниту пак има валиден актуелен план за управување со подрачјето.

Извори:

Студија за ревалоризација на Заштитено Подрачје Маврово – Oxfam Italia

Карстот во Република Македонија и негова заштита – Томе Андоновски, Ивица Милевски

Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределна разновидност) – МЖСПП

Македонска енциклопедија

Vulnerability of karst aquifers – Chris Leibundgut

National Red Lists for Species Conservation in Macedonia

http://www.vosvetotnageografijata.com/2023/10/blog-post_11.html?m=1

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фотографии: Дарко Андоновски