Ледничките езера во Македонија се значаен дел од геолошкото наследство од сферата на хидрологијата. Лоцирани во подножјата на највисоките падини на нашите планински масиви, овие езера, покрај тоа што со својата амбиентална убавина го оплеменуваат просторот, истовремено се и значаен ресурс на сознанија за геолошката еволуција, особено од периодот на леденото доба, кога на овие простори се одвивале глацијални процеси кои во голема мера го детерминирале денешниот релјеф. Најголемиот дел од овие езера се наоѓаат во западниот дел на нашата земја, на надморска височина од преку 2.000 метри, но има и такви кои се лоцирани пониско. Освен како геолошка појава секое од овие езера претставува мал акватичен екосистем кој се одликува со свои специфични карактеристики и вредности.
Од петте леднички езера кои се лоцирани на планината Дешат, со своите специфични карактеристики и особености се издвојува езерото Локув. Освен што е најниското глацијално езеро во Македонија, ова езеро е карактеристично и поради тоа што е лоцирано среде прекрасен шумски амбиент, што го прави уникатна геолошка појава помеѓу ледничките езера, но и вистински езерски бисер на корабскиот масив.
01/14
Езерото Локув се наоѓа на источните падини на планината Дешат, во подножјето на нејзиниот највисок врв Веливар (2.373 м.н.в.), на околу 2,5 км северозападно од најблиското село Требиште. Сместено е на надморска височина од 1.565 м. во депресија на еден рид кој претставува водораздел на сливовите на реката Лопушник на север и Требишка река на југ.
02/14
Во научната литература, Локув се води како ледничко езеро со најмала надморска височина во Македонија. Езерото се создало во подножјето на истоимениот цирк кој настанал со процесите на глацијација во текот на геолошката епоха Плеистоцен, која завршила пред околу 11.700 години.
03/14
На планината Дешат, покрај Локув постојат уште четири леднички езера кои лежат на надморска височина поголема од 1.750 м. Меѓу нив, карактеристични се Јужното и Северното Гашово Езеро кои се разделени меѓу себе со еден земјен брег и меѓусебно се оддалечени само неколку метри.
04/14
За разлика од останатите четири кои се лоцирани над горната граница на шумскиот појас, езерото Локув е сместено среде густа букова шума која го опкружува од сите страни. Поради ваквиот специфичен амбиент, езерото Локув претставува уникатна појава помеѓу глацијалните езера, не само на планината Дешат и корабскиот планински масив, туку и во цела Македонија.
05/14
Поради структурата на почвата и специфичноста на теренот на кој се наоѓа езерото, постојат и мислења дека Локув нема ледничко потекло, туку дека се создало низ природен тектонски процес. Ова мислење се темели и врз фактот што езерото е опкружено со густа шума која изобилува со силни и студени извори на вода која се слева во неговото дно, кое е обраснато со мочурлива трева и мека блатна почва.
06/14
Ваквата теза се темели и на отсуството на карпести и каменести земјишни облици во неговото непосредно опкружување поради што езерото има карактеристики на мочуриште во кое се собираат водите од околниот шумски појас. Но, без разлика на потеклото, според количеството на вода, како и флората и фауната што се развива во него, на Локув може да се гледа како на мал мочурлив екосистем кој има свои особени специфики.
07/14
Од времето на делувијалните процеси на таложење на нанос од дешатските падини, како последица на делувањето на надворешните физичко-географски чинители, езерото претрпело одредени промени во формата и големината. Денес во југозападниот дел од езерото постои остров со површина од 1.260 квадратни метри, а вкупната површина под вода е околу 4.000 квадратни метри.
08/14
Најголемата должина на езерото Локув измерена по оската на протегање во правец југозапад-североисток изнесува 96,6 м., додека најголемата широчина изнесува 75 м. Вкупната должина на езерскиот брег изнесува 292 м. Најголемата длабочина е 2,26 м. и е измерена во средишниот дел, додека просечната длабочина изнесува 1,70 м. Карактеристично е тоа што во најголем дел на брегот длабочината не се зголемува постепено, туку уште на самиот раб, дното нагло паѓа на длабочина од 1,5 м., па и повеќе.
09/14
Локув со вода се храни од непосредната сливна површина, од врнежите, со топење на снегот и од подземните води. Тоа нема површински истек, а водата во најголема мера ја губи со испарување и подземно истекување.
10/14
Што се однесува до живиот свет, езерото Локув е значајно како место каде се развива горчливата детелина Menyanthes trifoliata која има ограничено распространување на територијата на Македонија, односно се среќава уште на само неколку локалитети. На светско ниво, ова растение не е загрозено, но местата и екосистемите на кое може да се сретне се сé поретки.
11/14
Карактеристична за езерото е и алгалната флора претставена од видови кои се типични за високо‐планински кисели тресетишта, меѓу кои се издвојуваат кончестата зелена алга Bulbochaete sp. и кокалната зелена алга Characium sp., која за првпат е регистрирана во алгалната флора на Македонија, и тоа како епифит на зоопланктонски ракчиња.
12/14
Во минатото, крај езерото постоеше бачило чии остатоци и денес ги има во неговата непосредна близина. Органскиот отпад од бачилото директно се слеваше во езерото што предизвикуваше процес на загадување и силна еутрофикација на водата. За среќа, под притисок на поединци и организации, бачилото беше дислоцирано, а водата во езерото постепено ги врати своите нормални параметри, како и присуството на алгални заедници претставени од видови кои се биоиндикатори за чисти или делумно закиселени води.
13/14
Ако отстранувањето на бачилото може да се смета за еден од ретките примери на добро управување и зачувување на кревките и ретки екосистеми и видови, тоа не може да се каже за малото уредено излетничко место во непосредна близина на езерото каде што можат да се сретнат расфрлани отпадоци кои потсетуваат на фактот дека сите мерки за зачувување на природното богатство не можат да го имаат својот вистински ефект доколку не се пропратени со паралелен процес на едукација и подигнување на еколошката свест кај населението.
14/14
Езерото Локув е дел од Националниот парк „Маврово“ и неговата заштита е во надлежност на оваа институција. Езерото се наоѓа и на Националната листа на издвоени локалитети на значајно геонаследство од сферата на хидрологијата кои треба да се земат предвид при изработка на новиот Просторен План на Република Македонија.
Извори:
Национална стратегија за заштита на природата (2017 – 2027) – МЖСПП
Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределна разновидност) – МЖСПП
Студија за реваоризација на Заштитеното Подрачје Маврово – Oxfam Italia
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фотографии: Дарко Андоновски