Во објавата:
Ефектите од климатските промени се одразуваат врз повеќе сфери од функционирањето на општествата и екосистемите, па оттаму нивната анализа е повеќедисциплинарна област којашто го обединува знаењето на климатолозите, физичарите, еколозите, економистите, правниците, инженерите и урбанистите. Од природата на овие ефекти зависи насоката во којашто треба да бидат преземени соодветни мерки за нивно спречување, одложување или искористување. Справувањето со ефектите од климатските промени се наметнува како еден од основните предуслови за создавање одржливи заедници, а преземањето итни мерки за борба против климатските промени и нивното влијание стои во текстот на Целта за одржлив развој 13 на Обединетите нации. Појдовна основа при осмислување на мерките е определување на ризиците од климатските промени, анализа на негативните ефекти и поставување соодветни климатски сценарија.
Физички и транзициски ризици – двете лица на климатските промени
Според Шестиот извештај за оценка на климатските промени од Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите нации (ИПЦЦ), климатскиот ризик се дефинира како можност за негативни последици за општеството или екосистемите под влијание на климатските промени. Во овој контекст, поимот „ризик“ не се однесува само на ефектите од климатските промени, туку и на ефектите од степенот до којшто се преземаат мерки за справување со промените. Климатските ризици во јавноста честопати се поистоветуваат со еколошките ризици, но постои суштинска разлика меѓу овие два поима. Од една страна, климатските ризици не секогаш се одразуваат преку негативни последици по животната средина и може да се однесуваат на економски загуби како резултат на поплави или на загрозување на здравјето на луѓето како резултат на екстремни горештини. Од друга страна, еколошките ризици не секогаш се предизвикани од климатските промени и може да произлегуваат од загадувањето на воздухот или несовесното управување со отпадот.
Климатските ризици може да се поделат во две категории – физички ризици и транзициски ризици – а ваквата поделба има широка примена во изработката на климатски анализи, извештаи и стратегии на бројни меѓународни организации, образовни установи, научно-истражувачки институти, централни банки и агенции за заштита на животната средина.
Физичките ризици се однесуваат на негативните ефекти од настанување природни непогоди како последица на климатските промени. Тие можат да бидат акутни, коишто се должат на екстремни временски услови и природни непогоди (на пр. поројни поплави, шумски пожари, свлечишта и продолжени суши) и хронични, коишто имаат долгорочен карактер и опфаќаат предвидливи климатски промени (на пр. пораст на просечната температура, пораст на морскиот водостој и промени во количеството врнежи). Во анализата на физичките ризици понекогаш се вклучени и земјотресите како елементарна непогода, иако не постои цврст научен консензус за општата врска меѓу климатските промени и земјотресите.
Оценката на физичките ризици се заснова врз честотата на настанување на природните непогоди и предизвиканата штета од нивното настанување во анализираното подрачје. Врз основа на овие два фактора се определува степенот на ризичност (многу низок, низок, среден или висок) на определен вид природни непогоди на коишто е подложно одредено подрачје. Степените на ризичност се корисни за дефинирање на функциите на штети, а притоа за секој степен се определува стапка на очекувана загуба којашто укажува колкава вредност би се загубила во случај на настанување на непогодата. Создадени се повеќе географски карти на светот и за одделни земји, на коишто е прикажана подложноста на подрачјата на различни природни непогоди и со тоа се корисни при оценката на можните негативни ефекти од физичките ризици.
Карти на Македонија за: подложноста од речни поплави (горе лево), урбани (поројни) поплави (горе десно), шумски пожари (долу лево) и свлечишта (долу десно)
Извор: Тинк хазард
Изработените карти укажуваат дека подрачјето на Македонија е подложно на висок ризик од речни поплави, урбани (поројни) поплави, свлечишта и шумски пожари, како и среден ризик од недостиг на вода и екстремни горештини.
Висок ризик од речни поплави е оценет за во долините на Вардар, Брегалница, Црна Река, Пчиња и Црн Дрим, каде што на многу места на пролет доаѓа до излевање на реките како последица на топењето на снегот од околните планини. Очекуваната појава на животозагрозувачки поплави со голема материјална штета во овие подрачја е најмалку еднаш на 10 години.
Во поглед на шумските пожари, целата територија на Македонија е под висок ризик, што значи дека веројатноста од настанување на шумски пожари коишто предизвикуваат загуба на биодиверзитетот и значителна материјална штета секоја година е над 50 проценти.
Транзициските ризици произлегуваат од спроведувањето мерки за премин кон економија со ниски јаглеродни емисии. Тие се хетерогена група којашто ги вклучува политиките и законските решенија за справување со негативните ефекти од климатските промени, технолошките иновации за забрзување на преминот кон производство на енергија од обновливи извори и создавање енергетски ефикасни економски системи, пренасочување на понудата и побарувачката кон поодржливи производи и услуги, како и промени во ставовите на поединците и организациите за нивниот придонес во борбата против климатските промени.
Основни показатели при оценката на транзициските ризици се емисиите на стакленички гасови и учеството на енергијата произведена од обновливи извори. Емисиите на стакленички гасови претежно произлегуваат од извршување на стопанската дејност и може да се поделат во три групи, и тоа: директни емисии од извршување на основната дејност (Опсег 1), емисии поврзани со потрошувачката на енергија (Опсег 2) и индиректни емисии од поврзани дејности (Опсег 3).

Структурата на изворите на енергија (енергетска мешавина) се состои од цврсти горива и обновливи извори, а целта на енергетскиот премин е зголемување на учеството на енергијата произведена од обновливи извори за сметка на учеството на цврстите горива како извор на енергија. Дополнително, група истражувачи од Циришкиот универзитет имаат дефинирано климатски чувствителни дејности коишто се сметаат за важни при спроведувањето на климатските политики за ублажување на транзициските ризици. Овие дејности се цврсти горива, комунални услуги, енергетско-интензивни дејности, градежништво, транспорт и земјоделство.
Во периодот 1990-2019 година, емисиите на стакленички гасови во Македонија во просек се одржуваат на рамништето од околу 11 милиони тони еквиваленти на јаглероден диоксид (t CO2eq). Доминантен чинител на емисиите е потрошувачката на енергија којашто емитира јаглерод диоксид (CO2), а значителен придонес има и земјоделскиот сектор од којшто претежно се емитира метан (CH4) и азот субоксид (N2O). Осцилациите во вкупните емисии главно се должат на променливиот знак на емисиите од шумарството и другите употреби на земјиштето.

Имено, во периодите на пошумување и создавање нови зелени површини, емисиите од овој сектор се негативни и со тоа вкупните емисии на стакленички гасови се намалуваат и обратно. Енергијата произведена од цврсти горива има преовладувачко учество во производството на енергија во Македонија за време на целиот период 2005-2023 година. Преминот кон обновливи извори на енергија се одвива бавно, иако во последните неколку години се забележува раст на учеството на сончевата и ветерната енергија, како и енергијата произведена од биогас.
Адаптација и ублажување на климатските промени
Важни концепти во климатските анализи се адаптацијата и ублажувањето на климатските промени. Тие претставуваат две различни перспективи за справување со негативните ефекти од климатските промени и е потребно да се спроведуваат истовремено.
Адаптацијата на климатските промени е процес на приспособување на тековните и очекуваните ефекти од климатските промени. Овој процес вклучува активности коишто се однесуваат на инфраструктурни, институционални, бихевиорални и решенија инспирирани од природата. Такви активности се изградба на заштитни бедеми за регулирање на покачениот водостој во реките на пролет и спречување речни поплави, создавање зелени површини во големите урбани средини заради ограничување на ефектот на топлински остров во летниот период, изградба на улици со одводна канализација коишто се отпорни на поплавување при поројни дождови и зачувување на биодиверзитетот преку помагање на преселбата на видовите кон подрачја со поволни климатски услови.
Ублажувањето на климатските промени (или декарбонизација) се состои од мерки и активности за ограничување на стакленичките гасови во атмосферата коишто причинуваат климатски промени. Ваквите активности вклучуваат зачувување на енергијата преку нејзино поефикасно користење, премин од цврсти горива кон одржливи извори на енергија, промени во употребата на земјиштето и отстранување на јаглеродниот диоксид, како и употреба на методи за зафаќање и складирање на јаглеродниот диоксид. Тековните политики за ублажување на климатските промени се проценува дека придонесуваат за глобално затоплување за 2,7 °C до 2100 година и со тоа се недоволни за остварување на целта од 2 °C согласно Парискиот договор.
Сонцето и ветерот се обновливи извори на енергија, а поставувањето сончеви плочи и ветерни турбини е значаен чинител за енергетскиот премин во подрачјата со многу сончеви часови и големи брзини на ветрот (Автори: Деан Лазаревски. Лиценца: CC BY-SA 4.0 (лево) Моника Павловска. Лиценца: CC BY SA 4.0. (десно))
Климатските сценарија како слики за иднината на планетата
Во Шестиот извештај за оценка на климатските промени од ИПЦЦ, сценариото се дефинира како убедлив опис за тоа како иднината може да се одвива врз основа на група претпоставки за главните движечки сили и врски. Сценаријата не се предвидувања за идните движења, туку очекувани резултати од оценката на ефектите на конкретна климатска политика. Тесно поврзан поим кој често се поистоветува со климатските сценарија се „патеките“, коишто претставуваат одредница за мерките и активностите кои треба да се преземат за да се оствари сценариото.
Климатските сценарија во извештаите на ИПЦЦ се делат во неколку групи и тоа: основни сценарија, сценарија на концентрација, сценарија на емисии, ублажувачки сценарија, референтни сценарија и социоекономски сценарија. Основните сценарија претставуваат почетна основа за споредба со другите сценарија коишто збирно се означуваат како „алтернативни сценарија“. Слична поделба е извршена и на климатските патеки, а особено значење се придава на две групи и тоа: репрезентативни патеки за концентрација (РЦП) и заеднички социоекономски патеки (ССП).
Репрезентативните патеки за концентрација се користат за проекција идните концентрации на стакленички гасови до 2100 година. Тие ги опишуваат идните концентрации на стакленички гасови во зависност од количеството емисии на стакленички гасови. Меѓу поимите „концентрација“ и „емисии“ постои суштинска разлика. Концентрацијата претставува состојба на присуство на стакленички гасови во атмосферата, додека емисиите претставуваат тек којшто влијае врз промена на концентрацијата на стакленичките гасови. Првобитно се утврдени четири основни РЦП – означени како РЦП2,6, РЦП4,5, РЦП6,0 и РЦП8,5 – коишто се разликуваат според различните промени во рамнотежата меѓу енергијата којашто Земјата ја прима од Сонцето и енергијата којашто ја губи во вселената. РЦП2,6 се смета за најстрога патека, а РЦП8,5 е патека којашто би довела до најголема концентрација на стакленички гасови.
Заедничките социоекономски патеки ги опфаќаат очекуваните глобални социоекономски промени до 2100 година. Тие се користат за утврдување на емисиите на стакленички гасови при спроведување различни климатски политики. ССП користат квалитативни описи за социоекономските движења и квантитативни податоци за движењето на населението, стапката на урбанизација и бруто домашниот производ. Првобитно се утврдени пет ССП како функција од значењето на социоекономските предизвици за адаптација и ублажување на климатските промени. Тие се ССП1 (одржливост или „движење по зелениот пат“), ССП2 („движење по средината на патот“), ССП3 (регионално ривалство или „движење по карпест пат“), ССП4 (нееднаквост или „движење по поделен пат“) и ССП5 (развој со цврсти горива или „движење по автопат“).
Движење на концентрацијата на еквиваленти на јаглерод диоксид во атмосферата за основните РЦП до 2100 година (лево, извор: ИПЦЦ) и графикон на основните ССП како функција од значењето на социоекономските предизвици за адаптација и ублажување на климатските промени (десно, извор: O’Neill et al. (2017))
Една од најпознатите поделби на климатските сценарија е извршена од страна на Мрежата за зазеленување на финансискиот систем (НГФС). Сценаријата на НГФС се дефинирани како функција од физичките и транзициските ризици, а може да се поделат во четири групи, и тоа: нормална транзиција, нарушена транзиција, вжештен свет и недоволни и задоцнети мерки. Тековните политики за справување со климатските промени се сценарио од групата на „вжештен свет“, односно се одликуваат со високи физички и ниски транзициски ризици. Со цел придвижување кон нормалната транзиција и намалување на транзициските ризици, потребна е посветеност во исполнувањето на национално определените придонеси согласно Парискиот договор, обврзување за нула нето-емисии на јаглерод диоксид до 2050 година, спроведување политики за ублажување заради ограничување на глобалното затоплување на 2 °C до 2100 година и намалување на побарувачката за енергија. НГФС врши редовна годишна ревизија на климатските сценарија во одделни фази за да можат да ги одразат најновите промени во климатските цели и политики низ светот.

Македонија на расчекор меѓу климатските сценарија
Рамката со климатските сценарија на НГФС вклучува проектирани транзициски патеки за значајните климатски показатели по одделни земји при различни сценарија. Детална анализа на овие транзициски патеки на НГФС за Македонија при четири сценарија – нула нето-емисии до 2050 година, задоцнета транзиција, тековни политики и фрагментиран свет – е направена во Извештајот за финансиска стабилност во 2023 година на Народната банка. Одредниците на патеките при сценаријата на НГФС се совпаѓаат со поставените цели во Долгорочната стратегија за климатска акција со Акциски план на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од 2021 година, каде што се наведуваат референтно сценарио на постојни политики и мерки (WEM), и целно сценарио на дополнителни политики и мерки (WAM).
Според проектираните транзициски патеки на НГФС, количеството на произведена енергија во 2050 година се очекува да опадне единствено во сценариото на нула нето-емисии, додека во остантаите сценарија би се одржало на слично рамниште како и денес. Но, забележителни разлики се јавуваат во учеството на енергија од обновливи извори, којашто во сценаријата на нула нето-емисии и на задоцнета транзиција се очекува да надмине 50%. Според последните расположливи податоци на Државниот завод за статистика, учеството на енергијата од обновливи извори во Македонија во 2023 година изнесува 38,8% и е над проектираното учество според патеките на НГФС во 2050 година во сценаријата на тековни политики и на фрагментиран свет. Последното влева надеж дека постигнувањето на целните вредности во сценаријата на нула нето-емисии и задоцнета транзиција се достижни доколку се исполнат заложбите за засилено производство од обновливи извори согласно Долгорочната стратегија на МЖСПП.

Вкупните емисии на стакленички гасови се очекува да се намалат до 2050 година во сите четири сценарија, а ова најмногу се должи на проектираниот негативен знак на емисиите од шумарството и другите употреби на земјиштето. Според ревидираниот национално определен придонес согласно Парискиот договор од април 2021 година, Македонија се обврзува во 2030 година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 51% во споредба со нивото од 1990 година, а согласно Долгорочната стратегија за климатска акција на МЖСПП се очекува емисиите на стакленички гасови во 2050 во споредба со 1990 година да се намалат за 72% во сценариото WAM односно за 38% во сценариото WEM. Падот на емисиите се очекува да биде придвижен од намалените емисии од енергетскиот сектор, чијшто пад во сценариото WАМ се проектира на 64% наспроти падот од 2% во сценариото WEM, додека целните вредности за емисиите од останатите сектори се идентични во двете сценарија.
Проектирано движење на структурата на емисиите на стакленички гасови во сценаријата на нула нето-емисии до 2050 година (горе лево), задоцнета транзиција (горе десно), тековни политики (долу лево) и фрагментиран свет (долу десно) Извор: Портал со сценарија на НГФС (2023)
Подготвеноста на Македонија да ги намали емисиите за да се придвижи по проектираните транзициски патеки во сценаријата на нула нето-емисии и задоцнета транзиција на НГФС, како и во сценариото WAM од Долгорочната стратегија на МЖСПП зависи од подготвеноста за воведување соодветни политики и технолошки иновативни решенија.
Основен предуслов за пониски емисии од енергетскиот сектор е воведувањето данок на јаглерод, којшто се проценува дека би ги намалил емисиите на јаглерод диоксид за 40% до 2030 и за 42% до 2040 година наспроти намалените емисии за 3% до 2030 и зголемените емисии за 6% до 2040 година доколку данокот не се воведе. Покрај тоа, данокот би создал годишни приходи во износ од 130 милиони евра во 2030 година, коишто би можеле да се искористат за справување со последиците од неговото воведување (на пр. субвенционирање на разликата во зголемените цени на енергијата или надоместување на оптоварените претпријатија преку намалување на стапките на другите даноци). Во Долгорочната стратегија за климатска акција на МЖСПП е предвидено воведување на данок на јаглерод во висина од 110 €/t CO2eq до 2023 година во сценариото WAM и 35 €/t CO2eq до 2027 година во сценариото WEM. Сепак, одолговлекувањето на воведувањето на данокот веќе го пречекорува поставениот рок во сценариото WAM, така што е нејасно до кој степен тоа би влијаело врз ревизија на поставените цели.
Важен чинител којшто се смета дека ќе има клучна улога во намалувањето на емисиите и остварување на глобалните климатски цели е зафаќањето и складирањето на јаглеродот. Станува збор за процес при којшто релативно чист проток на јаглерод диоксид од индустриски извори се одвојува, обработува и превезува до местото за долгорочно складирање. Воведувањето на овој процес е предвидено во сценаријата на нула нето-емисии и задоцнета транзиција, а зафаќањето и складирањето на јаглеродот се очекува да се врши од индустриските процеси, биоенергијата и фосилните технологии. Но, примената на оваа технологија е прилично скапа и за нејзино воведување е потребно значително зголемување на тековните средства од Буџетот коишто се наменети за заштита на животната средина.
Транспарентноста како клуч за оценка на ефектите и осмислување мерки
Голем проблем при оценката на ефектите од климатските промени и утврдувањето на патеката на движење за Македонија е достапноста на податоци за показателите коишто се важни за анализа на климатските промени. Со цел подобрување на транспарентноста, во 2021 година беше создаден порталот „Климатски Промени“ на МЖСПП на којшто се достапни документи, податоци и информации за климатските промени, а во 2024 година Народната банка објави Преглед на зелени показатели во којшто се достапни временски серии за важни показатели од областите на животната средина и енергетиката, климатските ризици и зелените финансии.
Но, транспарентноста не е само задача на институциите, туку и на претпријатијата коишто придонесуваат кон климатските промени преку работењето. Во таа насока, најавено е дека во текот на 2025 година ќе биде изготвен нов Закон за сметководство којшто би вклучувал обврски за нефинансиско известување според принципот ЕСГ (од англиската кратенка ESG за Environment, Social и Governance). Со тоа, претпријатијата во делот за животна средина се очекува да известуваат за емисиите на стакленички гасови од извршувањето на дејноста, а ваквите податоци би биле од особена полза при определување на дејностите со најголеми емисии и осмислувањето на соодветни политики и мерки коишто би требало да се преземат за нивно намалување.
Извори
- https://www.ipcc.ch/site/assets/uploads/2019/11/11_Annex-I-Glossary.pdf Annex I: Glossary
- https://www.ipcc.ch/report/ar6/wg2/downloads/report/IPCC_AR6_WGII_Annex-II.pdf Annex II: Glossary
- https://www.ipcc.ch/report/ar6/wg1/downloads/report/IPCC_AR6_WGI_AnnexVII.pdf Annex VII: Glossary
- O’Neill, B. C.; Kriegler, E.; Ebi, K. L.; Kemp-Benedict, E.; Riahi, K.; Rothman, D. S.; van Ruijven, B. J.; van Vuuren, D. P.; Birkmann, J.; Kok, K.; Levy, M.; Solecki, W. (2017). “The roads ahead: Narratives for shared socioeconomic pathways describing world futures in the 21st century”. Global Environmental Change, 42: 169–180. Bibcode: 2017GEC….42..169O. doi: 10.1016/j.gloenvcha.2015.01.004. hdl: 1874/347567. Пристапено на https://www.sciencedirect.com/science/article/abs/pii/S0959378015000060.
- O’Neill, B. C.; van Aalst, M.; Zaiton Ibrahim, Z.; Berrang Ford, L.; Bhadwal, S.; Buhaug, H.; Diaz, D.; Frieler, K.; Garschagen, M.; Magnan, A.; Midgley, G.; Mirzabaev, A.; Thomas, A. And Warren, R. (2022). “Chapter 16: Key Risks Across Sectors and Regions“. In: Climate Change 2022: Impacts, Adaptation and Vulnerability. Contribution of Working Group II to the Sixth Assessment Report of the Intergovernmental Panel on Climate Change [Pörtner, H.-O.; Roberts, D. C.; Tignor, M.; Poloczanska, E. S.; Mintenbeck, K.; Alegría, A.; Craig, M.; Langsdorf, S.; Löschke, S.; Möller, V.; Okem, A. and Rama, B. (eds.)]. Cambridge University Press, Cambridge, UK and New York, NY, USA, pp. 2411–2538, doi:10.1017/9781009325844.025. Пристапено на https://www.ipcc.ch/report/ar6/wg2/downloads/report/IPCC_AR6_WGII_Chapter16.pdf.
- Rogelj, J.; Shindell, D.; Jiang, K.; Fifta, S. et al. (2018). “Chapter 2: Mitigation Pathways Compatible with 1.5 °C in the Context of Sustainable Development”. Пристапено на https://www.ipcc.ch/site/assets/uploads/sites/2/2019/02/SR15_Chapter2_Low_Res.pdf.
- United Nations (2017). Resolution adopted by the General Assembly on 6 July 2017, Work of the Statistical Commission pertaining to the 2030 Agenda for Sustainable Development. Пристапено на https://docs.un.org/en/A/RES/71/313.
- https://ourworldindata.org/co2-and-greenhouse-gas-emissions#future-emissions CO2 and Greenhouse Gas Emissions
- https://www.earth-scan.com/blog/physical-vs-transition-climate-risk Physical vs transition climate risk: what’s the difference?
- https://sedac.ciesin.columbia.edu/ddc/ar5_scenario_process/RCPs.html Representative Concentration Pathways (RCPs)
- https://unece.org/fileadmin/DAM/energy/se/pdfs/CSE/PATHWAYS/2019/ws_Consult_14_15.May.2019/supp_doc/SSP2_Overview.pdf Shared Socioeconomic Pathways (SSPs)
- https://thinkhazard.org/en/report/241-fyr-of-macedonia/
- https://api.klimatskipromeni.mk/data/rest/file/download/2ba0633b4385d2538862b16572bff16d13ad0895665ee2729d24e177022ace27.pdf Долгорочна стратегија за климатска акција со Акциски план
- https://www.nbrm.mk/content/Regulativa/FSR_2022_MKD.pdf Извештај за финансиска стабилност во Република Северна Македонија во 2022 година
- https://www.nbrm.mk/content/Regulativa/FSR_2023_MKD.pdf Извештај за финансиска стабилност во Република Северна Македонија во 2023 година
- https://klimatskipromeni.mk/ Климатски Промени
- https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-pregled-na-zeleni-pokazateli.nspx Преглед на зелени показатели
- https://klimatskipromeni.mk/article/686 Сè што треба да знаете за данокoт на јаглерод во македонски контекст
- https://www.nbrm.mk/content/Среднорочен-план-за-управување-со-ризици-од-климатски-промени-МКД.pdf Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година
- https://www.ngfs.net/ngfs-scenarios-portal/
- https://data.ene.iiasa.ac.at/ngfs/#/login?redirect=%2Fworkspaces
- https://www.worldbank.org/en/topic/climatechange/overview
Кирил Симеоновски е економист и истражувач на теми од областите на применетата економија, јавните добра, одржливиот развој, климатските промени и енергетската ефикасност. Неговите интереси вклучуваат анализа на ефектите на климатските промени врз финансиската стабилност, на врската меѓу економијата и природата, како и на спроведувањето на енергетската зелена транзиција.