Градовите играат значајна улога во постигнувањето на целта за климатска неутралност до 2050 година, како дел од Европскиот зелен договор. Тие се одговорни за 65% од глобалната потрошувачка на енергија и над 70% од емисиите на CO2. Три града од Западен Балкан, односно Елбасан, Сараево и Подгорица се дел од иницијативата на ЕУ за постигнување климатски неутрални и паметни градови до 2030 година. Прашање е колку се одржливи останатите градови од регионот, кои беа изоставени од споменатата иницијатива.
Според Извештајот на Светската банка од 2023 година, градовите од Западен Балкан се соочуваат со сериозни предизвици на полето на заштита на животната средина. Клучните проблеми се: загадувањето на воздухот, емисиите на стакленички гасови, зголемувањето на урбаните температури и намалувањето на зелени површини.
Загадувањето на воздухот претставува значаен ризик по здравјето на граѓаните. Градовите како Скопје, Тетово и Сараево бележат концентрации на ПМ2,5 честички кои многукратно ги надминуваат стандардите на СЗО. Главни извори на ова загадување се греењето со цврсто гориво, индустриските постројки и сообраќајот.
Намалувањето на урбаното ширење, преку зонирање на населените места и упатства за отпорни градби, може да има позитивно влијание врз климата, бидејќи компактните градови имаат пониски емисии на CO2, подобар квалитет на воздухот и пониски трошоци за основните услуги.

Градовите од Западен Балкан се претежно мали и слабо населени, а споредено со другите европски региони, овие градови се широко распространети. Поголемите градови во регионот имаат околу 1.600 жители на квадратен километар, што е значително пониско отколку во остатокот од Европа. Иако проширувањето на економските активности во Ниш, Нови Сад и Сараево може да овозможи подобар развој и намалување на патувањата, пристапот до основните услуги не е прилагоден на овој раст.
Погусто населените градови овозможуваат поевтини услуги, намалувајќи ги трошоците за инфраструктура. Развивањето густо населени мешани населби долж главните транспортни рути може дополнително да ја зголеми одржливоста, намалувајќи ја потребата за автомобили и поттикнувајќи пешачење и возење велосипед. Потребна е ревизија на прописите за урбанистичко планирање со цел да се поттикне интегриран развој и соработка меѓу општините.
Климатски предизвици
Емисиите на CO2 се разликуваат меѓу земјите од регионот. Албанските градови, благодарение на поголемото учество на обновливите извори на енергија, бележат помали емисии, додека градовите во Босна и Херцеговина и во Србија се соочуваат со високи емисии од секторите домување и транспорт. Метанот (CH4), кој се создава поради лошото управување со отпадот, дополнително ја влошува ситуацијата, со оглед на зголемувањето на концентрацијата на овој гас за 16,89 ppb (parts per billion) во 2020 година. Во Сараево и Приштина, околу 57%, односно 38% од домаќинствата користат дрва или јаглен за греење, што придонесува за високо загадување со ПМ2,5 честички и високи трошоци за домаќинствата.
Урбаните температури се зголемуваат и создаваат изразени разлики во самите градови. Во Мостар се забележани температурни разлики и до 8,2 степени меѓу различни делови од градот, што негативно се одразува на здравјето и продуктивноста, особено кај ранливите групи. Во крајбрежните области на Албанија, брзата урбанизација ја зголемува веројатноста од поплави и бури. Слична е ситуацијата и во Србија и Босна и Херцеговина, каде што поплавите во 2014 година предизвикаа огромни штети, додека сушите во 2017-18 година го намалија производството на хидроенергија. Зголемувањето на урбаните површини создава ефект на урбан топлински остров (UHI), со високи нивоа на загадување.
На депониите во регионот, како онаа во близина на Тирана, согорувањето на отпадот создава отровни гасови и го зголемува ризикот од пожари, како во урбаните средини, така и во околните шуми. Депониите за отпад често се наоѓаат во населени места, што ги прави градовите уште поранливи од еколошки и климатски аспект.

Отсуството на соодветна законска и планска рамка за зелена инфраструктура доведува до сериозни проблеми во градовите од Западен Балкан. Без јасни регулативи и стратегии доаѓа до губење на зелените површини и нивно деградирање. Несоодветното планирање често ја изоставува интеграцијата на зелените површини во новите урбани зони, што го зголемува загадувањето и урбаните температури. Исто така, без ефикасно управување, јавните зелени површини стануваат нефункционални, со што се намалува нивната вредност за граѓаните. Со просечна покриеност со зелени површини од 28%, сушите во урбаните области во Црна Гора укажуваат на недостаток на подготвеност за справување со климатските предизвици.
Имајќи ги предвид топлотните бранови кои ќе се зголемат, градовите треба да спроведат мерки како зазеленување и подобар урбан дизајн. Инвестирањето во системи за рано предупредување од екстремни температури може да спаси животи. Зголемувањето на капацитетите за јавен превоз, возењето велосипед и пешачењето, заедно со политиките за зелен транспорт, може да ги намалат емисиите предизвикани од сообраќајот. Енергетската ефикасност на зградите и подоброто управување со отпадот се суштински фактори за намалување на емисиите и загадувањето.
Урбаниот развој има и позитивна страна, бидејќи урбаните простори претставуваат основа на економијата и развојот на Западен Балкан, поттикнувајќи ја креативноста и иновативноста. Сепак, овој развој има и негативна страна, односно пренаселеност и преполни патишта, неодржлива потрошувачка на ресурси, нереални навики на потрошувачка, прекумерно производство на отпад, загадување на воздухот, невработеност, сиромаштија, намалување на рурални средини и миграција.
Мисијата на градовите поставува амбициозна цел – до 2030 година најмалку 100 избрани европски градови да станат климатски неутрални и паметни. Овие градови ќе делуваат како иновациски центри и инспирација за другите европски градови да го следат нивниот пример до 2050 година, во согласност со глобалната цел 11. Програмата ги обединува локалните власти, граѓаните, приватниот сектор и инвеститорите, создавајќи солидна основа за долгорочни промени.
Имајќи предвид дека локалните власти во Западен Балкан се соочуваат со буџетски ограничувања, недовршена транзиција, неконзистентни законски решенија и лоша инфраструктура, доаѓаме до заклучок дека Елбасан, Сараево и Подгорица имаат единствена можност да ја забрзаат климатската транзиција и да станат лидери на одржливиот развој во Западен Балкан.
Автор: Јелена Јеремиќ
Фотографии: Pixabay
Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.