Во богатата ризница на геолошки и геоморфолошки појави од периодот на вулканската активност на територијата на Македонија, со својата уникатност се издвојуваат базалтните плочи во околината на кумановското село Младо Нагоричане. Станува збор за осум ридести возвишенија со вкупна површина од 176 хектари и со топографска истакнатост помеѓу 50 и 100 метри, кои низ процес на диференцијална ерозија, се издвоиле од една пространа вулканска структура настаната со повеќефазно разлевање на базична лава на голема површина во епохата на Миоцен. Овие форми на фосилен вулкански релјеф се единствените такви на Балканскиот Полуостров, па и пошироко и како раритетна геолошка појава се значајни за целокупното природно и геолошко наследство на нашата земја.
И покрај тоа што во повеќе трудови на релевантни автори локалитетот „Базалтни плочи“ е нотиран како споменик на природата, овој предел не фигурира на ниту една официјална листа на македонските заштитени подрачја, ниту пак го има на официјалната мапа на заштитените подрачја на МЖСПП. Меѓутоа, како маркантна појава се спомнува во сите национални стратегии за заштита на природата во листите на издвоени локалитети на значајно геонаследство од сферата на геологија.
Всушност, формалната заштита кај нас и онака во најголем број случаи не игра никаква улога во однос на она што се случува на терен. А на терен, грижата за овие раритетни форми е „во согласност“ со степенот на заштита, односно ја нема, па така на дел од овие мали конусовидни ритчиња може да се сретнат разни изградени објекти, споменици, поставени телекомуникациски антени, диви депонии, но и рудници во кои се вршат ископи на базалтен камен, со што привремено или трајно се нарушува нивната форма и се намалува нивната вредност.
01/16
Базалтните плочи кај селото Младо Нагоричане претставуваат 8 конусовидни возвишенија, речиси сите со зарамнет врв во вид на плоча и со слична надморска височина која се движи помеѓу 465 и 510 метри. Тие претставуваат остатоци од некогаш единствена вулканска структура, формирана пред околу 10 милиони години со излевање на базична (течна) лава на еден поширок простор во должина од најмалку 10 километри. Седум од нив се верижно распоредени во меридијански правец во должина од околу 5 километри , а само една, Зебрњак, е издвоена и лежи на околу 3 километри југозападно.
02/16
Уште за време на активниот вулканизам на просторот на Кумановската Котлина започнало создавање на големо езеро кое тука егзистирало околу 5 до 8 милиони години и чии седименти го покриле околниот терен и самата вулканска плоча. По повлекувањето на езерото пред околу 1-2 милиони години реката Пчиња и нејзините притоки започнале да ги еродираат најпрвин езерските седименти, а подоцна и помеките структури од единствената вулканската плоча, при што во просторот се диференцирале неколку маркантни ридови составени од цврсти базалтни карпи.
03/16
Со текот на времето под влијание на термички, биогени и хемиски фактори, се одвивал процес на механичко распаѓање, при што од цврстите базалтни карпи на возвишенијата се откршувале делови кои се уситнувале и отпаѓале. Поголемите блокови кои се откршувале на стрмен терен, гравитациски се тркалале кон подножјето, за потоа да продолжат површински да се распаѓаат. Поради овие процеси денешните возвишенија останати од некогаш единствената вулканска плоча се со значително помала големина и ја имаат сегашната форма.
04/16
Карактеристична појава на некои од зарамнетите делови од плочите се микроформите во вид на вдлабнатини во карпите, кои во периодите после дождови се исполнети со вода. Овие карпести корита познати и како лочки, во науката се наречени литотелми, а настануваат под влијание на селективна механичка, хемиска и биогена ерозија на понеотпорните минерали.
05/16
Од сите возвишенија, со својата импозантност и амбиентална впечатливост најмаркантна е Костоперска Карпа (наречена уште и Жеглиговски Камен), која е лоцирана веднаш покрај магистралниот пат Куманово-Крива Паланка. Највисоката точка ѝ е на надморска височина од 482 метри. Има изглед на пресечена вулканска купа, па често пати постои погрешно мислење дека се работи за остаток од згаснат вулкан. Всушност, денес ниту науката нема точен одговор од каде точно истекувала лавата во времето кога вулканизмот бил активен, особено ако се има предвид полифазниот карактер на излевањето.
06/16
Костоперска Карпа, освен геолошко, има и големо културно-историско значење, бидејќи просторот на карпата претставува важен археолошки локалитет на кој се откриени артефакти од различни историски периоди. Поволната и природно заштитена позиција условила местото да биде населено уште од периодот на бакарното време (енеолитот), меѓутоа, според археолошките остатоци, во два периода локалитетот претставувал своевиден регионален центар – во периодот 4-3 век п.н.е. и во периодот од доцната антика, па сè до средниот век. Карактеристично за овој локалитет е што тука во минатото постоеле дури 40 цркви поради кои месноста била нарекувана Мала Света Гора.
07/16
Јужно од Костоперска Карпа се наоѓаат две возвишенија, Шодин Камен (481 мнв) и Пркин Камен (465 мнв) кои според површината што ја зафаќаат се поголеми од неа, но помалку впечатливи и со неправилна форма. Пркин Камен воедно е и првото од седумте возвишенија кои се поставени во низа, гледајќи од јужната кон северната страна.
08/16
На само 150 метри северно од Костоперска Карпа е лоцирано уште едно возвишение со изразен купест изглед – Вуевска Карпа (507 мнв) во чие јужно подножје е сместена црквата Св. Ѓорѓи, која претставува споменик на културата од XVI век. Во поширок топографски контекст, Вуевска Карпа опфаќа еден малку поголем рид во подрачјето околу Вуевско маало кој се протега во правец југ – север и претставува една целина.
09/16
Уште еден од интересните базалтни ридови кој се карактеризира со динамичен микрорелјеф се издига веднаш над Вуевско маало на северната страна на Вуевска Карпа. Највисоката точка на ова возвишение е котата 496 метри. Како и останатите ридови лежи среде обработливи површини на плодната Кумановска Котлина.
10/16
Зебрњак е единствениот од осумте базалтни ридови кој не лежи во низата туку е лоциран околу три километри југозападно. Највисоката точка му е на 510 метри надморска височина.
11/16
И покрај тоа што базалтните плочи се препознаени како значајно геолошко подрачје тие се изложени на континуирана деградација и нарушување на нивната автентичност. Бидејќи со својата релјефна истакнатост доминираат во околниот амбиент, честа појава е на највисоките точки од овие ритчиња да се монтираат телекомуникациски предаватели кои заедно со пропратната инфраструктура драстично го нарушуваат изворниот пејзаж. Во моментов ова е најизразено на Вуевска Карпа, а во различни периоди ваква опрема била инсталирана и на Костоперска Карпа и Шодин Камен.
12/16
На највисоката точка на Зебрњак постои спомен обележје кое било изградено уште во 1937 година во чест на загинати српски војници во Кумановската битка во Првата балканска војна. Во 2012 година, на 100 годишнината од битката, со финансии од Министерството за култура на Република Македонија и под стручен надзор на Конзерваторскиот центар од Скопје е извршена санацијата и конзервацијата на споменикот, поставена е заштитната ограда, осветлување, сувенирница, направен е пристапен пат и паркинг простор.
13/16
Еден цел рид веќе не постои како последица на работењето на рудникот кај Зебрњак во кој се врши ископ на базалт, што не би смеело да се случува доколку ова подрачје би имало соодветен статус на заштита.
14/16
Во јужното подножје на Костоперска Карпа постои дива депонија која тука е инсталирана како потсетник на ретките посетители дека Костоперска Карпа, со сета своја атрактивност и значајност, се наоѓа во Македонија, а не на некоја друга точка од Земјината топка.
15/16
Во недостаток на институционална грижа од страна на државата Костоперска Карпа е оставена на милост и немилост на времето и атмосферските влијанија и е изложена на процес на перманентна деградација, при што со текот на времето може да дојде до значајно намалување на површината на овој најмаркантен од осумте базалтни ридови, но и до трајно губење на тукашните културно – историски знаменитости.
16/16
За да се спречи понатамошното уништување на локалитетот Базалтни плочи кај Младо Нагоричане, потребно е пред сè да се изработи релевантна студија за валоризација на неговите природни вредности, а потоа низ соодветна законска процедура да се прогласи соодветен степен на заштита. И, она најважното, сето тоа да се спроведе во пракса.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Извори:
- Природното наследство на Република Македонија и начините на негова заштита – Михаило Зиков и Васил Анастасовски
- Просторен план на Република Македонија
- Национална стратегија за заштита на природата-2017-2027 – МЖСПП
- Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределна разновидност) – МЖСПП
- https://igeoportal.net/
Текст и фотографии: Дарко Андоновски