На само неколку километри од Кочани, на едно возвишение над с. Бели, речиси седум векови живее даб благун, едно од најстарите дрва во Македонија. Од времето пред Отоманската власт, па сè до модерната ера, овој даб е нем сведок за трансформациите што се случувале во овој дел од македонското поднебје, чувајќи во себе приказни од некои времиња кога човекот бил многу повеќе сплотен со природата, а ритамот на животот бил тесно поврзан со нејзиниот хронометар. Со својот импозантен изглед и големина, овој даб е симбол на цврстина, издржливост и истрајност, но и олицетворение на убавината и моќта на природата.
Ова монументално дрво, кое 700 години му пркоси на времето, денес го краси амбиентот на манастирскиот комплекс на црквата Св. Илија, изградена во 1967 година. Поради своите уникатни вредности белскиот даб од страна на државата е заштитен како природна реткост.
01/12
Селото Бели се наоѓа во подножјето на јужните падини на Осоговските Планини, на околу три километри северозападно од Кочани, на надморска височина од 370 метри. За староста на селото нема точни податоци, а во пишани историски извори селото за првпат се споменува во турски документи од XVI век, поточно во Пописните тефтери од 1570/73 година.
02/12
На околу 1.200 м. северозападно од центарот на Бели, односно на околу 600 м. од најблиските куќи, вирее даб благун, едно од најстарите дрва во Македонија. Дабот е лоциран во дворот на манастирскиот комплекс Св. Илија, на надморска височина од 576 метри, на едно ритчесто возвишение кое на топографските мапи е означено како Белски Рид, а меѓу локалното население е познато како Дабјето.
03/12
Со својата големина и раскошна крошна дабот доминира во околниот амбиент. Вкупната височина му е 19 м., а стеблото му е со обем од 5,90 м., мерено на градна височина, односно на 1,30 м. од основата. На височина од 2 м. дрвото се разгранува на три големи гранки кои ја сочинуваат основата на неговата крошна, која во правец север – југ е широка преку 24 м.
04/12
Проценетата старост на белскиот даб е околу 700 години, што го прави едно од најстарите дрва во Македонија. Поради својата старост, раскошен изглед и импозантни димензии ова дрво има големо значење и во пошироки рамки, бидејќи вакви примероци во рамките на својот вид се доста ретки.
05/12
Поради своите изразени вредности дабот во село Бели во 1983 година е прогласен за споменик на природата од страна на Собранието на Општина Кочани. Во 2019 година, по извршената ревалоризација на неговата состојба, со Решение на Министерството за животна средина и просторно планирање ова дрво е прогласено за природна реткост.
06/12
Седумте векови постоење на овој даб оставиле траги врз неговата општа естетска, физичка и физиолошка состојба. Денес на него се забележуваат видливи последици од разни деструктивни процеси предизвикани од атмосферски, фитопатолошки, ентомолошки, но и антропогени влијанија.
07/12
Во 2003 година е вршена конзервација на дабот со тоа што бил чистен од гнили слоеви и паразити, внатрешноста на стеблото била исполнета со пур пена, а дополнително е „заштитен“ со омотување со црна книга и заковување на даски. Остатоци од ваквата конзервација, (за која искуствата покажале дека е несоодветна пред сè поради спречување на природната аерација) се видливи и денес.
08/12
Ноќта помеѓу 4 и 5 јуни 2012 година, дабот бил погоден од гром, а стеблото опожарено. Како последица од громот, но и од претходните оштетувања, во внатрешниот дел на стеблото постои голема шуплина, а уништен е и внатрешен дел од дрвесината во висина до 4 м. Во шуплината и денес се видливи траги од пожарот предизвикан од ударот на гром.
09/12
Поради староста, но и како последица на громот поголем број оштетувања можат да се забележат и на останатите делови од дрвото. Покрај стеблото, со големи шуплини се карактеризираат и дел од големите и дебели гранки, а одредени врвни делови од крошната и гранките се веќе суви.
10/12
Иако е дел од манастирски комплекс, обврската за грижа за дрвото според законот ја има Општина Кочани. Забележливо е дека дабот вирее во еден убав хортикултурен амбиент, со добро негувани тревни површини, но и со засадени поголем број дрвја во негова непосредна близина, што перспективно може да му ја загрози егзистенцијата.
11/12
Поради големата старост и тежина долните гранки на дабот се со нарушена статика, лежат речиси хоризонтално надвиснати над земјата и постои опасност од нивно кршење. Ова особено се однесува на големата гранка на јужната страна која е долга повеќе од 14 м. Во насока на превентива од кршење поставени се потпорни греди.
12/12
Седум векови белскиот даб благун живее во хармонија и симбиоза со околината, обезбедувајќи живеалиште и храна за различни видови птици, инсекти и мали цицачи, а за возврат добивајќи ги нивните „услуги“ како во случајов со клукајдрвецот од родот Dendrocopos, кој природно го штити од штетници. Лекцијата која би требало да ја научиме од овој метузалем на македонската дендрофлора е дека долговечноста и опстанокот се возможни исклучиво во услови на ненарушена природна рамнотежа.
Извори:
Елаборатот за валоризација на природната реткост Даб благун – с. Бели – Др. Николчо Велковски
Службен весник на Република Северна Македонија бр. 205 од 07.10.2019
Извештај за состојбата со заштитените подрачја во сливот на реката Брегалница – Деконс Ема и Македонско еколошко друштво
Нацрт Извештај за стратегиска оцена на животната средина за Стратегија за регионален развој на Република Северна Македонија за период 2021 – 2031 година – Министерство за локална самоуправа
Бели… Едно од најстарите села во кочанскиот крај – Славе Јорданов
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски