Природните контури на релјефот во Македонија се одликуваат со значителен диверзитет и комплексност, при што на една релативно мала територија можат да се сретнат геоморфолошки форми со какви не можат да се пофалат и многу поголеми земји од нашата. Во богатата ризница на локалитети кои претставуваат значајно геонаследство на нашата држава, постојат и такви за кои многу малку се знае, а во себе содржат исклучително значајни природни вредности. Еден од таквите локалитети е и кањонот Камник во близина на Штип.

Кањонот Камник претставува редок микролокалитет со впечатливи геоморфолошки карактеристики, сместен во северозападното подножје на планината Плачковица, во областа Јуруклак. Овој минијатурен кањон, долг само 1,5 до 2 км. и длабок едвај 10 до 50 метри, претставува, за македонски рамки, уникатен пример за ерозивно всекување на воден тек во хетерогени и структурно сложени карпести масиви. Кањонот е оформен во палеозојски амфиболити и гнајсеви со всекување на Кошевска Река, која во текот на последните 30 до 50 илјади години извршила активна ерозивна дејност, при што се создале повеќе типични форми како што се стрмни падини, карпести теснини, брзаци, водопади и ерозивни базени. Поради своите карактеристики кањонот Камник претставува амбиент кој нуди извонреден увид во историјата на геолошките процеси, тектониката, климатските промени и динамиката на речната ерозија на еден релативно мал простор. Покрај тоа, поради богатата флора и фауна кањонот е значаен и од аспект на биодиверзитетот, а за претпоставка е дека во вака специфичен амбиент има присуство и на ендемични и реликтни видови. Поради тоа кањонот ги исполнува сите потребни аспекти за негова детална научна валоризација и следствено на тоа, отпочнување на постапка за негова соодветна правна заштита, согласно Законот за заштита на природата, а со цел зачувување и понатамошно научно проучување на овој исклучителен локалитет. Со мало уредување, во согласност со принципите на ненарушување на природните карактеристики, кањонот Камник нуди и можности за туристички посети од ограничен тип, а особено за научни и едукативни екскурзии.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 1

Кањонот Камник се наоѓа во источна Македонија, на северозападните падини на планината Плачковица, во областа која на географските карти е означена како Јуруклуци или Јуруклак. Се формирал долж течението на Кошевска Река, која на околу 300 метри низводно од кањонот се влева во Радањска Река, лева притока на Брегалница. Лоциран е на 9 км источно од Штип и на околу 5 км југоисточно од селото Радање.  На околу 1 км северозападно и североисточно од кањонот, се вгнездени селата Голем Габер и Оџалија.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 2

Споредено со другите кањони во Македонија, Камник има минијатурни димензии. Долг е само околу 1,5 км., длабок од десетина па до околу педесет метри и има правец на простирање југ – север. Всечен е долж типична раседна линија помеѓу прилично распаднати, еродирани гнајсеви и цврсти амфиболити.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 3

До кањонот се стигнува преку селото Радање, одејќи кон југоисток по 5 км. долг земјен пат кој води покрај Радањска Река, а потоа уште околу 300 метри по тесна патека покрај Кошевска Река спротивно од нејзиниот влив. Уште на самиот влез во кањонот Кошевска Река изградила атрактивен водопад во чие подножје се создал голем вир.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 4

Камник е типичен пример за речен кањон, чија комплексна морфологија го одразува влијанието на природните процеси врз обликот на релјефот. Природната ерозија и вертикалното всекување на реката создале стрмни страни и вертикални карпести ѕидови, што му даваат на Камник изразено драматичен пејзаж.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 5

Кошевска Река се одликува со доста променлив водостој, па така, во сушни периоди оваа река има карактеристики на мало поточе, но во периоди за време и после силни дождови, реката се претвора во силен и бучен пороен водотек. Длабочината на реката трпи големи амплитуди во најголема мера поради изразено тесното корито, при што амплитудите се најголеми токму на оние места на кои коритото е најтесно.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 6

Од аспект на литолошкиот состав, на овој локалитет се среќаваат карпи со различна старост, почнувајќи од палеозојски амфиболити, во горните делови на кањонот, кои се стари помеѓу 300 и 350 милиони години, гнајсеви, па сè до еоцени конгломерати и песочници со утврдена старост од некаде околу 30 до 35 милиони години.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 7

Што се однесува до самиот кањон како геоморфолошка форма, проценка е дека тој се формирал под дејство на ерозивниот потенцијал на Кошевска Река во еден период кој траел помеѓу 30 и 50 илјади години, колку што било потребно да се достигне сегашната длабочина на кањонот која се движи до некој максимум од педесетина метри.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 8

Долж кањонот, а во зависност од структурата на карпите, реката ја менува динамиката на својот тек, па така, во зависност од широчината на коритото на некои делови се формирале тесни брзаци, а онаму кај што коритото е пошироко, водата има побавен тек.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 9

На неколку места низ кањонот Кошевска Река создала водопади со висина и до 5 метри, под кои се формирале големи вирови или таканаречени лонци, кои достигнуваат длабочина и до 2 метри.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 10

Особено атрактивни се оние делови на кањонот на кои карпестите страни на коритото се совршено вертикални и високи и по неколку метри. Тоа се места на кои најпластично е претставена огромната моќ на флувијалната ерозија, односно способноста на водотекот преку силата на својата кинетичка енергија да се вреже во нерастворливите карпести маси.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 11

Долж кањонот на повеќе места можат да се забележат карпести форми со исклучително атрактивна и несекојдневна форма кои дополнително го облагородуваат и онака исклучително атрактивниот амбиент.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 12

Не помалку интересен е и живиот свет што го населува кањонот и е претставен со бројни флористички и фаунистички видови кои не се доволно истражени. Специфичноста и уникатноста на кањонот дава основи за претпоставка дека во таков амбиент е можно присуство и на некои ендемични и реликтни видови.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 13

Иако неговите вредности одамна се препознаени, а кањонот е ставен на националната листа на издвоени локалитети на значајно геонаследство од сферата на геоморфологијата, овој мал и по многу нешта уникатен кањон сè уште не е доволно истражен, иако според многу параметри заслужува да добие научна валоризација на неговите вредности и евентуално да добие одреден степен на заштита.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 14

Камник поседува уникатна вредност пред сè поради своите геолошки и геоморфолошки карактеристики, специфичен е во поглед на слоевите низ кои се гледа историјата низ која поминала земјината литосфера, во поглед на геолошките процеси коишто тука се одвивале, како и на геоморфолошкиот развој на релјефот.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 15

Врежан по должината на типична раседна линија, Камник е и амбиент во кој низ различни геолошки структури може да се објаснат тектонските процеси кои се одвивале на овие простори и коишто влијаеле на притискање и позиционирање на различните карпести слоеви во вертикална, хоризонтална или коса положба. Дополнително, дава информации за динамиката и начинот на кој малата рекичка се всекувала во карпестата подлога, а во зависност од количината на вода која течела низ неа, или пак од различните климатски периоди кои се менувале низ историјата.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 16

Со оглед на староста и структурата на слоевите, особено на оние од еоценската епоха, постои реална претпоставка дека во нив има присуство на фосилни остатоци од праисториски живи организми, што од научна гледна точка е од исклучително големо значење.

kanjon kamnik malo podracje so ogromni prirodni vrednosti 17

Поради сите свои карактеристики слободно може да се каже дека кањонот Камник, иако мал според своите димензии, претставува исклучително важен сегмент од природното наследство на Македонија, кој има потреба од соодветна научна валоризација на неговите вредности и добивање соодветен статус на заштитено подрачје. Со мало уредување, во согласност со принципите на ненарушување на природните карактеристики, кањонот Камник може да се претвори во убаво катче за туристички посети од ограничен тип, но и во образовен ресурс во кој би се изведувале научни и едукативни екскурзии.

Извори:

https://igeoportal.net

СТУДИЈА  ЗА ГЕОДИВЕРЗИТЕТОТ И ГЕОНАСЛЕДСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ДРУГИТЕ КОМПОНЕНТИ НА ПРИРОДАТА (БИОЛОШКА И ПРЕДЕЛСКА РАЗНОВИДНОСТ)  – МЖСПП

GO RURAL | Kanjon KAMNIK – Skrieno bogatstvo na Makedonija – Проф. д-р. Ивица Милевски

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.