fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
nasite meteorolozi se dobri ama opremata ni e kako zastava 101 featured 1

Нашите метеоролози се добри ама опремата ни е како „Застава 101“

  • Недостатокот на технички и технолошки средства прогнозирањето не го прават поразлично, меѓутоа, потребни се дополнителни напори за да се компензира она што недостига.
  • УХМР може да прогнозира со над 90 проценти точност до три дена и со доста зголемена точност и за наредните десет дена.
  • Државата треба и тоа како да одвои средства, затоа што сѐ повеќе гледаме дека сме подложни на екстремни временски појави.
  • За не повеќе од три години ќе се соочиме со недостатокот на кадар затоа што една плејада метеоролози се пред пензија, а млад кадар нема.
  • Мобилната апликација нуди временска прогноза со ограничени податоци.

Во изготвувањето на временската прогноза во Македонија, за разлика од другите земји, се оди по подолгиот пат. Недостатокот на технички и технолошки средства прогнозирањето не го прават поразлично, меѓутоа, потребни се дополнителни напори за да се компензира она што недостига. Побрзи и подобри компјутери се неопходност, а новите радари се неостварена желба.

На некој начин сме во речиси рамноправна положба со другите земји, меѓутоа, секако, секогаш може да се има и побрзи и подобри компјутери. Во таа смисла, секогаш може да биде и подобро. Имаме доста од она што го имаат и другите земји, имаме и радари, меѓутоа и радарите се малку позастарени, би требало да се надградат или да се земат нови. Меѓутоа, тоа е доста скапа инвестиција“, вели Ивана Петровиќ, раководител на одделение за анализа и прогноза за време при Управата за хидрометеоролошки работи.

Една од оние личности на кои прво ни текнува кога ќе се спомне временска прогноза е Глигор Митковски, кој беше дел од тимот на некогашната А1 телевизија. Митковски е дипломиран метеоролог и денес работи во својата рофесија, но како воздухопловен метеопрогностичар на Меѓународниот аеродром во Скопје.

Неговиот професионален бекграунд, искуството, но и довербата која ја создаде кај јавноста со годините додека ја презентираше временската прогноза преку екраните, тврди дека нашата прогноза и точноста не се разликува од оние во странство. Но, она во што се разликуваме е недостатокот на одредени технички и технолошки средства со кои што, според него, многу би им се олеснила работата на метеоролозите.

„Многу пати сме имале средби со наши колеги од странство, со метеоролози коишто работат во далеку технолошки понапредни метеоролошки сервиси и нашата точност не се разликува воопшто од нивната, но патот што тие треба да го изодат до својата прогноза и патот што ние треба да го изодиме заради таа технолошка разлика, нашиот е подолг во секој случај“, вели Митковски во разговор за Дома.

nasite meteorolozi se dobri ama opremata ni e kako zastava 101 1

Нашата точност во прогнозата не се разликува воопшто од оние во странство, но голема е технолошката разлика

Но, бидејќи јавноста единствено што ја интересира е временската прогноза, а не како се доаѓа до неа, Митковски вели дека сите недостатоци ги компензираат со дополнителни напори на метеоролозите и со модернизирање на старата опрема. Ова, сепак, признава не е најсоодветно ако се имаат предвид климатските промени и екстремните временски услови, но и недостатокот на кадар.

„Ние зборуваме за модернизирање на ‘застава 101’ во случај кога имаме најново „БМВ 5“. Државата треба и тоа како да одвои средства, затоа што сѐ повеќе гледаме дека сме подложни на екстремни временски појави. Промената во климата е тука, мораме итно да се опремиме технички. Тоа е едниот аспект, а вториот аспект кој што ни следи за не повеќе од три години е недостатокот на кадар со кој што ќе се соочиме, затоа што една плејада на прекрасни колеги метеоролози се пред пензија, а млад кадар баш и нема“.

Кај нас метеорологија се изучува на Институтот за физика, којшто е дел од Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Се работи за насоката Геофизика и метеорологија, и студирањето трае 4 години, по што се добива звање дипломиран инженер по геофизика и метеорологија.

„Прекрасна е науката, има што да се научи, жива е, се учат процеси на работа, логички процеси со учење на метеорологија. Со метеорологија понатаму можете да работите многу други работи, не само метеорологија. Со нашата струка можете да работите каде било во светот, факултетот е признаен. Да речеме, од соседна Србија имаме колеги кои што работат на развој на нумерички модели, по светски прогностички центри и сето тоа е супер. Кај нас можеби недостасува малку маркетинг“, вели Митковски.

Освен Митковски, денес на екраните со вакво академско звање е и Ирена Лазарова – Димитровска, која е дел од тимот на ТВ Телма.

УХМР прогнозира со точност од над 90 проценти до три дена

Ако се прочита една прогноза, првиот впечаток е дека се користат фрази кои се повторуваат. Но, за да се стигне до едно вакво поедноставување кое треба да биде разбирливо за сите, од најмалите до најстарите, потребно е големо предзнаење и подолгорочен процес што обединува примена на повеќе науки – георграфија, физика… Како што објаснува метеорологот Ивана Петровиќ од УХМР, чие име често го слушаме во информативните програми, прво, за да се изготви временската прогноза потребно е да се знае тековната состојба на времето. Анализата на времето се прави според измерените податоци кои што УХМР ги добива и од метеоролошките станици во земјава и од поширокиот регион.

nasite meteorolozi se dobri ama opremata ni e kako zastava 101 2

За да се стигне до една прогноза, претходи процес на собирање податоци и анализи

Понатаму, за анализата се многу важни и сателитските слики кои што ги добиваат од метеоролошките сателити и од кои се гледа како изгледа моменталната состојба со времето, односно со облачноста над нашето подрачје и над околината. Врз основа на сликата, потоа, може да се продолжи со прогнозирањето.

„Тоа се врши најмногу според прогностичките модели во кои всушност се преточени сите физички процеси кои што се одвиваат во атмосферата и се направени така да добиваме визуелизација на овие процеси, односно, добиваме слика на атмосферата на разни висини од атмосферата, какви се температурите, влагата, струењата, и според тоа можеме да прогнозираме како овие процеси, според нашите познавања како метеоролози, и според познавањата на климатските услови на нашата земја, какво време ќе донесат овие воздушни маси над нашето подрачје“, објаснува Петровиќ.

Токму овие нумерички модели даваат доста сигурни прогнози, односно, според нив, може да прогнозираат со над 90 проценти точност до три дена и со доста зголемена точност и за наредните десет дена.

Петровиќ признава дека кога станува збор за временските прилики, јавноста не сака изненадувања, односно сака она што ќе го слушне однапред како проноза, целосно да одговара на она што ќе следува. Но, исто така признава дека, како и во секоја друга работа, има голем број предизвици, а како најголеми ги издвојува наглите промени во летниот и маглата во зимскиот период А на Скопје барем магла не му недостасува.

„Во зимскиот период кога имаме магла тешко е да се предвиди колку таа магла ќе се задржи на определено место и тоа веднаш влијае и на температурата. Така што, наместо да се искачи, на пример сме прогнозирале +7/8 степени, таа ќе се задржи околу 0, ако маглата подолго време се задржи, а маглата е една од најтешките параметри за прогноза. Исто така, може да дојде до поместување на процесите. Да дојдат порано, или да дојдат подоцна и многу е важно во кој дел од денот нешто ќе се случи. Ако се наоблачи порано, исто така ќе влијае на температурите или на врнежите. Или, доколку се случи тоа подоцна, температурите ќе се искачат многу повисоко. Исто така, може да дојде до поместување во просторот, наместо, нели, некој процес да помине преку нашата земја, ќе помине посеверно, појужно и нема да се случи нешто. Ние ги следиме процесите, меѓутоа не секогаш се тие 100 проценти предвидливи“, објаснува метеорологот Петровиќ.

Во состав на издавањето прогнози, УХМР издава и метеоролошки предупредувања во случај да има наидување на некоја опасна метеоролошка појава. Нивните прогнози можат да се најдат секојдневно на вебстраницата на Управата за хидрометеоролшки работи и на фејсбук страница.

nasite meteorolozi se dobri ama opremata ni e kako zastava 101 3

Прогнозите на УХМР можат да се најдат секојдневно на вебстраницата и на нивната фејсбук страница

Тие се членки и на Европскиот метео аларм, каде што по потреба ги ажурираат параметрите, а нивните прогнози, особено предупредувањата, секојдневно се праќаат и до релевантните институции, во министерствата, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, а доколку има потреба, се и во телефонска комуникација со нив.

Ѓаволот е во деталите и во мобилните апликации

Митковски е дециден дека метеоролозите кај нас добро си ја вршат работата, а грешките настануваат поради тоа што луѓето најчесто не ги слушаат сите детали од прогнозата, па затоа смета дека и таа комуникација со јавноста треба да се модернизира.

„Често пати се случува луѓето да не слушнат еден детаљ во прогнозата. На пример, ако ви кажам дека очекуваме дожд во наредните три дена, особено во југозападниот регион од земјата, и вие не сте го слушнале оној детаљ со ‘југозападниот дел’. Ќе ви кажам дека колегите од хидрометеоролошки и тоа како добро си ја вршат работата. Она што можеби на некој начин недостасува е повеќе комуникација со јавноста на малку помодерен начин. Инаку, дека прогнозата што ја изработуваат е добра, тука нема сомнеж. Зборувам за сите, јавни временски прогнози, затоа што има специфични прогнози каде што се бара посебен кадар“, вели Митковски.

nasite meteorolozi se dobri ama opremata ni e kako zastava 101 4

Во најново време, најголемиот број од луѓето временската прогноза ја проверуваат и преку своите мобилни телефони на мобилните апликации

Тој смета дека нема никому да штети ако малку повеќе се запознае со метеорологијата или барем со некои аспекти, кои ни се важни во нашата работа или живот. Тука го посочува базичното препознавање на облаците, што би ни помогнало и без да чуеме прогноза, да процениме дали ддоѓа некое невреме. Или ррибарите, кои поради својата професија (или хоби) знаат кога е најдобро да рибарат.

„Летно време ако гледате дека доаѓаа кумулонимбус вие го препознаете облакот, и ги препознаете знаците со кој што тој почнува да движи накај вас, промените во ветерот, визуелно каде проаѓа. Во секој случај ќе ви помогне да знаете дека треба некаде да се засолните. И понатаму ќе тврдам дека рибар кој што е на Охридско езеро, далеку подобро од мене ги познава ветровите и знае да ги познае облаците, затоа што со години ги гледал, ги набљудувал, стекнал одредени знаења, кои што се одлични, локални. Истиот рибар од Охридско езеро, преместете го на Јадранско море, нема да ги препознае метеоролошките феномени, локалните таму“, објаснува Митковски.

И метеоролог Ивана Петровиќ од УХМР нагласува дека е важно луѓето навремено да ја имаат точната временска прогноза затоа што сите активности се поврзани со времето.

„Од најобичното излегување од дома, доколку не сме соодветно облечени, не ни е удобно, не ни е пријатно. Па сѐ до некои позначајни работи, како што се земјоделието, или, пак, некои настани на отворено што се одвиваат и многу други. Сите активности се врзани со времето. Затоа секако е од интерес за секој да знае какво ќе биде времето и да биде подготвен. Времето не можеме да го смениме, меѓутоа, може да се биде подготвен за временските прилики кои што наидуваат. Важно е да се следи официјалната прогноза од УХМР“, вели Петровиќ.

Во најново време, најголемиот број од луѓето временската прогноза ја проверуваат и преку своите мобилни телефони на мобилните апликации на преку Weather Channel, AccuWeather, како и американски и европски нумерички модели, кои ги прогнозираат, но и во реално време ги покажуваат временските прилики на секоја локација.

Но, Митковски вели дека тие во однос на прогнозирање на времето, може да ни помогнат до нивото да знаеме дали денеска да се облечеме потопло, или не. Според него, доколку сметаме дека може целосно да се потпреме на овие апликации, тогаш тие  се најголемата штета.

„Сѐ зависи колку имате да изгубите и колку сте моќни да платите одредена штета. Ако сте голема компанија која се занимава со градежништво, и треба да извадите работна сила и машинерија надвор, и сето тоа ви пропадне затоа што времето не е како што треба, вие сте изгубиле неколку илјади евра. Сѐ зависи колку пари имате да изгубите. Ете толку се добри апликациите на мобилните телефони“, вели Митковски.

nasite meteorolozi se dobri ama opremata ni e kako zastava 101 5

Времето не можеме да го смениме, но можеме да бидеме подготвени за временските прилики коишто наидуваат

Тој нема објаснување зошто поголемиот дел од јавноста ги користи овие апликации, но, сподели искуство во кое вели дека една од апликациите кои ние најчесто ги користиме, всушност, воопшто не нуди целосни податоци за нашето поднебје.

„Нема да именувам која апликација, која вебстраница. Таа, на пример, за летно време нема никогаш да ви даде дека ќе грми, дека ќе имаме молњи. Самите знаеме која е шансата, доколку се најдете во планина и ви се случи таква ситуација. Во разговор со еден од луѓето одговорни за одржување на нумеричкиот модел што стои зад таа апликација, на една средба што ја имавме лани во Шведска, му велам: ‘Вие како да немате параметризација за конвекција (тоа е она што ни дава грмотевици и молњи) за нашиот регион долу’, а тој ми вели: ‘А, да ние се грижиме само за Данска и Норвешка, тоа го има чисто колку да постои’. Замислете, доколку вие се потпирате на нешто такво и отидете во планина, дали за туризам, дали за работа, и ви се случи грмежна непогода, шансата да изгубите живот е прилично голема. А вие сте се потпирале на нешто што вели денеска можеби само ќе заврне. И врнењето е ризик кој што вие сте го прифатиле, но, не сте знаеле дека дента има шанса за електрично празнење“, вели Митковски.

„Војната“ на метеоролози во Србија

Освен мобилните апликации на кои се потпираме за да видиме какво ќе биде времето денеска или во следните денови, и социјалние мрежи се преплавени со прогнози од лица кои се претставуваат како метеоролози или се аматери. Кај нас ваквите случаи за среќа не се многу чести, но затоа пак во регионот има, а некои се и доведени до тужби за измама.

nasite meteorolozi se dobri ama opremata ni e kako zastava 101 6

На почетокот на годинава во Србија изби „војна на метеоролози“, за докажување кој е професионалец, а кој измамник

Таков е случајот во Србија, кога на почетокот на годинава, метеоролог вработен во тамошното Министерство за одбрана поднесе пријава против три лица за кои тврди дека се аматери и кои преку телевизиите и другиот јавен простор даваат паушали прогнози.

Подносителот на пријавата, како што објавуваат тамошните медиуми, ги обвинува тројцата, Иван Ристиќ, Ѓорѓе Ѓуриќ и Марко Чубрило дека „не студирале метеорологија и имаат други професии“,  и дека „преку средствата за информирање од јавен карактер даваат предупредувања, соопштенија, прогнози за времето, иако не се стручни или овластени. Притоа се повикува на Законот според кој само Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) може и е должен да дава податоци за хидрометеоролошката служба.

Исто така се тврди дека „нивните прогнози за временските и временските појави се неточни, претерани со цел да привлечат внимание во весниците и со тоа да остварат што поголем профит“, што наводно „креира и шири паника кај граѓаните, бидејќи не се знае колку тоа е навистина точно и опасно, а ширењето паника преку медиумите е криминален чин“, објавуваат медиумите во Србија.

Тројцата пријавени беа повикани во полиција да дадат изјави, а во своја одбрана едниот признал дека е метеоролог -аматер, нод ека сите му веруваат, а другиот дека звањето метеоролог го стекнал додека служел воен рок?!

Ваквите случаи, не само што нанесуваат штета на угледот на професионалните метеоролози, туку ја намалуваат и довербата во прогнозите.

Нашиот соговорник, метеорологот Митковски смета дека сето ова може да се надмине со инвестирање во опрема во инстуциите специјализирани за тоа и со создавање кадар, кој засега го нема доволно, а тој нема одговор зошто е тоа така.

Тоа е прашање кое што јас си го поставувам самиот себе си, и со колегите си го поставуваме. Не знам зошто е тоа така. Најверојатно сите сакаат да станат кодери, адвокати. Затоа за три години ќе имаме проблем со кадар од метеоролгија“, вели тој.

И додека секој се подготвува за својот работен ден, на својот мобилен телефон отвора вести или апликација да види какво ќе биде времето, без притоа да размисли дека на овие неколку реченици, им претходел обемен процес, опрема, анализи и лица кои поминале години школување за да ни го овозможат тоа.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ангела Рајчевска
Снимател: Наке Батев