
Еколошко сирење и кајмак или производи со вкус на барут од воен полигон.
Сињајевина или Сињавина е планина во централна Црна Гора. Се протега од Колашин до општина Жабљак. Масивот е долг 40 километри и широк 15 километри. Највисоки врвови се Торна (2.277 метри), Вранова глава (2.215 метри), Јабланов врв (2.203 метри) и Градиште (2.174 метри).

За разлика од Дурмитор којшто е туристички развиен, Сињавина е оставена во сенка, со недопрена природна убавина, расфрлани куќички и големи полјани. Планината е позната по сточарски активности.

Токму на ова место изминативе години се судрија сточарите и државата. Локалното население се противи на намерата на Владата во Подгорица, планината двапати годишно по 15 дена да се користи како полигон за стрелање на црногорската војска. Сточарите стравуваат дека ќе останат без основните приходи и услови за живот, а наместо еколошки, тие ќе нудат производи со вкус на барут.

Милева Гара Јовановиќ живее на Сињавина. Таа на црногорската јавност и стана позната како жената од планината којашто на бел коњ дојава на протестот против планот на Владата. Таа вели дека останува на браникот, подготвена е до последни сили да се бори против плановите за воен полигон.

Ќе бидам прва на протестите, ќе застанам пред нив и нека пукаат, дотогаш овде ќе нема воен полигон. Овој простор мора да остане каков што е со векови, вели Гара.

Животните лекции на Гара Јовановиќ од Сињавина треба да ги замислат луѓето од градскиот асфалт, кои како што вели таа, ја загубиле врската со природата и воопшто и не прашуваат од каде доаѓа храната на нивната трпеза.
„Штета е што луѓето заминаа во градовите. Има деца кои не знаат што е крава, па ме прашуваат дали е она слон? Луѓето може да живеат во град, но тие треба да знаат од што живеат, каде е произведено млекото, сирењето, тоа што го јадат.“

Локалните домаќинства се речиси целосно самоодржливи. Сами произведуваат месо, млеко, кајмак, сирење, компир, имаат и свои градини. Не работат со хемикалии, производството е целосно природно.

Гара со сопругот Марјан сега имаат десет крави, 4 до 5 телиња, продаваат и чуваат туѓа стока. Таа смета дека пасиштето е карактеристично поради височината. Луѓето коишто купуваат месо велат дека има разлика, во убавината и во мирисот, споредено со пониските планини. Има разлика во тревата што ја пасе стоката, зашто овде секоја тревка е лек.

Планината за Гара значи живот, таму таа е господар. Има шест деца, од кои три се од нејзината сестра којашто загинала. Радосна е што со нивниот начин на живот успеала да им обезбеди факултетско образование. Иако домот е скромен, срцето е полно.

Нејзиниот син Тодор студира сликарство на ликовната академија во Даниловград, но преку лето, за време на распустот, тој живее во катунот и се грижи за добитокот.
Катун е привремена летна сточарска населба високо во планина, со колиби, трла и бачило.