Волонтери и вработени во Македонското еколошко друштво (МЕД) на почетокот на годинава го спроведоа зимското пребројување на водните птици. Главна цел на таканаречениот зимски цензус е да се увиди дали има разлики во бројноста на птиците низ годините и следствено на тоа да се утврди дали има уништување на нивните живеалишта. Данка Узунова од МЕД открива детали од оваа благородна активност, но и загрижувачки трендови коишто треба да го вклучат алармот за заштита на птиците.
- Зимското пребројување се фокусира на птиците кои презимуваат на одредени водни тела и влажни живеалишта. Годинава се изброени 36.900 единки од 34 видови водни птици, Пребројувањето вообичааено се врши на 11 локалитети: Преспанско, Охридско, Дојранско езеро, акумулација Мантово, акумулација Паљурци, Велешко езеро, влажни ливади Ѓол, кеј на Вардар во Скопје, Вардарски рид, Стајковско и Смилковско езеро.
- Зимската миграција за водните птици е начин да ги преживеат ниските температури во типично поладните предели каде се гнездат (на пример водните прици кои гнездат во северните делови на Европа и околу арткичкиот пол, во зима се преселуваат кон потополите јужни земји како Македонија или други земји од Јужна Европа. Со пребројувањето во Македонија се придонесува кон посеопфатните истражувања за екологијата на тие видови птици како и евентуалните промени во нивната бројност и распространување.
- Присуството односно отсуството и разликите во бројност на водните птици кои презимуваат на одредени водни тела и влажни живеалишта низ годините (видливи преку долготраен мониторинг) се индикација дека постои промена во состојбата и квалитетот на водното живеалиште. Тоа е убавото за птиците - способноста да летаат и брзо да менуваат локалитети и живеалишта коишто ќе го поддржат нивниот опстанок ги прави брзи индикатори за состојбата во нивната околина.
- Во светот ова пребројување се спроведува од 1967 година, а во нашата земја од 2010 година, под покровителство на МЕД. Пребројувањето на птиците не е финансирано од државата. Станува збор за активност којашто волонтерски ја спроведува МЕД. Слична е практиката и во повеќето од 143-те земји коишто го спроведуваат ова пребројување на годишно ниво.
- Резултатите од две независни истражувања од минатата година покажаа шокантно намалувања во бројноста на птиците во Европа и Северна Америка. Истражувачите од Канада и САД направиле преглед на бројноста на птиците во последните 50 години и констатирале дека денес има 3 милијарди возрасни птици помалку. Во Европа од 1980 година наваму се бележи губиток на 600 милиони ворасни птици. Она што е заедничко за овие загуби е дека тие се резултат на промената или загубата на природните живеалишта на птиците.
- Во САД и Канада најголем губиток е забележан кај птиците кои живеат во шумски и водни живеалишта (шумите се сечат, водните живеалишта се сушат или се пренаменуваат за друга употреба за човекот). Во Европа тоа се првенствено птиците од обработливите површини (традиционалните пракси на обработување на земјиштето се заменуваат со интензивно, индустријализирано полјоделство) и водните птици.
- Европската Црвена листа за птици за 2021 година објавена од BirdLife International ги потврди наодите за намалената бројност на птиците во Европа, САД и Канада. Покрај птиците од обработливите површини, водните птици се група птици кои најбрзо бележат пад во бројноста. За жал, и Македонија го следи трендот на намалена бројност на водни птици којшто е специфичен за Европа.
- Најдолготрајното истражување на состојбата со водните птици во Македонија е токму зимското пребројување. Во последните 13 години од спроведувањето на пребројувањето се бележат флуктуации во бројноста на водни птици во зима, првенствено во Преспанско и Дојранско езеро.
- Пренамената, уништувањето и загубата на живеалиштата на птиците се најголемата опасност за нив. Со губењето на подрачјата кадешто птиците презимуваат, се гнездат и се хранат се намалува можноста за размножување и опстанок на видовите. Со своите дејствија, луѓето зачестено ги рушат домовите на птиците и ги одземаат или загадуваат нивите, реките и езерата од коишто се прехрануваат. Тоа го прави опстанокот невозможен. Птиците имаат две опции - или да се преселат или да не преживеат.
- Меѓу итните мерки коишто треба да се спроведат за заштита на птиците се прогласување на повеќе заштитени подрачја кои ќе се управуваат во интерес на заштита и зачувување на птиците и целокупниот биодиверзитет, како и промена на праксата за непланска пренамена и користење на водните тела и влажните ливади околу нив за краткорочна корист за човекот.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографија: Тони Стојановски