
Шарпланинец – горд заштитник на стадата.
Шарпланинецот или популарно наречениот „Шарко“ е овчарска раса куче, заштитник на стадата, господар на планината. Се одликува со исклучителна лојалност кон својот сопственик, дисциплинираност, приспособливост. Интелигентен е и посветен.

Шарпланинецот го добил своето име по Шар Планина. По распадот на поранешна СФРЈ се смета дека има двојна матичност. Како негови матични земји се водат Македонија и Србија.

Шарпланинецот за првпат е изложен во Љубљана во 1926 година. Оваа раса во 1939 година е запишана во списокот на Меѓународната кинолошка федерација под редниот број 41.

Првично, шарпланинецот во 1939 година бил регистриран на меѓународно ниво под името илирски овчар. Во 1957 година, на барање на Југословенскиот кинолошки сојуз е преименуван во југословенски овчарски пес шарпланинец. Во 1996 година по барање на Кинолошки сојуз на Македонија се брише префиксот југословенски.

Шарпланинецот е голем, силно и складно граден пес. Покриен е со долго, густо и грубо крзно. Должината на трупот е поголема од висината на гребенот. Соодносот е 8:10 кај мажјаците и 10:12 кај женките.

Шарпланинецот е еднобоен, со различни нијанси од бело до темно сиво, наместа и црно. Доминантната боја е поинтензивна во горната страна на главата, вратот и грбот. Од долната страна на телото бојата постепено избледнува до посветли нијанси — бледо сиво или жолтеникаво во долните страни на нозете.

Шарпланинецот има недоверба кон непознати луѓе, но има стабилен карактер што го прави одлично овчарско куче, добар заштитник и чувар. Тој ја има контролата и соодветно реагира согласно направена проценка дали стадото е загрозено или не.

Намалениот број овци во Македонија значеше и намалување на бројот на шарпланинци кои живеат во бачилата. Честопати горе на планина и не се води сметка за расната чистота и се дозволува парење со други раси што влијае на нарушување на генетската линија и на расните одлики.

Има причина зошто шарпланинецот е барано овчарско куче и надвор од регионов. Оваа раса е способна дневно да помине многу километри во најразлични временски прилики, чувајќи стотина овци.

Шарпланинецот не е салонско куче. Негов природен хабитат се планинските пространства и дивината. И покрај намалувањето на стадата, во Македонија има повеќе одгледувачници на оваа раса. Тој е сè уште присутен и во високо планинските пасишта.