fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
euromaks povtorno tuzi za ilovica aktivisti baraat odgovornost od bektesi featured

„Еуромакс“ повторно тужи за Иловица, активисти бараат одговорност од Бектеши

  • Oткако Владата одлучи да го поништи спојувањето на двете концесии што самата го одобри месец дена претходно, од „Еуромакс“ за Дома потврдија дека поднеле нова тужба и покренале четврти судски процес пред Управниот суд, каде се жали на нефер третман од државните институции.
  • Според адвокатот Влатко Токарев не само што Македонија ги има аргументите на своја страна, туку има и основа за раскинување на концесиите поради неисполнување на договорните обврски.
  • Министерството за економија не одговори на нашите прашања дали се планира одземање на концесиите, што Бектеши рече дека ќе се случи ако некое од надлежните министерства даде негативно мислење.
  • Останува непознато и што точно се случувало на спорната седница на крајот на јуни, за која неколку министри јавно кажаа оти немале доволно информации кога се одлучувало во корист на „Еуромакс“, бидејќи Владата не ги дава на увид стенографските белешки за јавноста да процени кој министер ја говорел, а кој не ја говорел вистината.

Борбата за Струмичката котлина не е завршена. Отпорот на локалното население што резултираше со одлуки на четирите општини (Босилово, Василево, Ново Село и Струмица) за давање негативно мислење за какви било рудници за металични суровини на нивна територија, не го обесхрабрува инвеститорот. Од компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ (Еуромакс) за „ДОМА“ потврдуваат дека откако Владата одлучи да го поништи спојувањето на двете концесии што самата го одобри месец дена претходно, поднеле нова тужба и покренале четврти судски процес пред Управниот суд.

Табла на која се гледа забрана за стока и употреба на пестициди во здаштитната зона на акумулацијата во близина на Иловица

Се пролонгира битката меѓу активистите и „Еуромакс“ за Иловица

„Еуромакс“ се жали на нефер третман од државните институции. Според компанијата, Владата ги прекршила законите за минерални суровини и за општа управна постапка кога се „пишманила“ да одобри интегриран рударски комплекс „Иловица-Штука“ на Огражден. Сè поизвесно е дека адут во постапката ќе им биде изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека владината одлука за поништување на спојувањето на концесиите била политичка и погрешна, со која тој не се согласува, но ја почитува.

„По вторпат непочитување на конечни пресуди на Управните судови (еднаш во март 2020 година, и сега во март 2023 година) и неаргументираното повлекување на веќе донесената одлука поради дневно-политички причини спротивно на законските одредби, само дополнително ги зајакнува и онака неспорните аргументи на инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“ за потенцијалната арбитражна постапка“, велат од „Еуромакс“.

Но, освен тужбата до Управниот суд, „Еуромакс“ повторно се заканува дека ќе покрене меѓународна арбитражна постапка.

„Формално веќе нема друг ограничувачки услов за започнување меѓународната арбитражна постапка веднаш. Одлуката за евентуално поведување меѓународната арбитражна постапка ќе зависи исклучиво од Бордот на Директори и главните инвеститори и акционери“, велат од „Еуромакс“.

Од компанијата гледаат основа за меѓународна арбитража во меѓународен договор меѓу земјава и Швајцарија, иако, правници за „ДОМА“ веќе коментираа дека компанијата има „тенки“ правни аргументи и оти заканите за покренување таква постапка се прават само за да се „избоксува“ поволно решение за нив.

euromaks povtorno tuzi za ilovica aktivisti baraat odgovornost od bektesi 2 1

Адвокатот Влатко Токарев ги оспорува аргументите на „Еуромакс“ за арбитража

Според адвокатот Влатко Токарев, кој има магистратура по деловно и инвестициско право на Кембриџ, не само што Македонија ги има аргументите на своја страна, туку има и основа за раскинување на концесиите поради неисполнување на договорните обврски.

Бектеши знаел за намерата на „Еуромакс“ повторно да тужи

Министерството за економија потврдува дека „Еуромакс“ им ставил на знаење дека планира повторно да тужи во Управниот суд. Од ресорот за „ДОМА“ само кусо коментираат дека такво известување добиле при крајот на август, еден месец откако Владата самата си ја поништи сопствената одлука за спојување на двете концесии за рудникот. Инвеститорот сега бара надлежните повторно да се премислат.

„Компанијата „Еуромакс“ до Министерство за економија достави допис со кој не известуваат дека го задржуваат правото да преземат соодветни правни мерки пред Управните судови и пошироко за да си ги заштитат законските права на компанијата. Исто така, бараат Министерство за економија и Владата повторно да го преиспитаат предметот и да го вратат одобрението за спојување на концесиите.“, велат од Министерство за економија.

Крешник Бектеши на прес-конференција во Владата на РСМ

Крешник Бектеши беше единствениот министер во Владата што гласаше воздржано на седницата на која беше повлечена одлуката за спојување на концесиите на „Еуромакс“

Министерството за економија не одговори на нашите прашања дали се планира одземање на концесиите, што Бектеши рече дека ќе се случи ако некое од надлежните министерства даде негативно мислење. Оттаму немаат одговор ниту дали двете спротивставени одлуки на Владата и коментарот на министерот дека последната е донесена единство од политички побуди му дава аргументи на „Еуромакс“ за потенцијалната арбитража.

Активистот на „Здрава Котлина“ и советник во општина Струмица, Ѓорѓи Танушев вели дека очекувале ваков развој на случувањата. Тој вината ја лоцира во Бектеши, но, порачува дека нема да дозволат да се отвори рудникот „Иловица“.

Ѓорѓи Танушев од Здрава котлина

Ѓорѓи Танушев од „Здрава Котлина“ смета дека министерот за економија Крешник Бектеши треба кривично да одговара

„Ние очекувавме ваков развој на настаните и точно затоа веднаш реагиравме по излагањето на Крешник Бектеши. Повторувањето дека е политичка одлуката на Владата за неспојување на концесиите, сепак, е директен пенал за акционерите на „Еуромакс“ и во таа смисла, пенал за еден од покрупните финансиери на ДУИ. Ако станеме нормална држава, Крешник Бектеши за ова еден ден ќе одговара кривично, како и за упорното кршење на Законот за минерални суровини со тоа што сè уште, со години, не ги одзема двете концесии кои мора да бидат одземени. Молчењето и игнорирањето на законот нема да олесни никому, без разлика на измените на Kривичниот законик со олеснување на криминалите, сторени од службени лица и функционери.“, вели Танушев.

Со новата постапка, продолжува пинг-понг партијата за „Иловица“ во Управните судови. „ДОМА“ веќе пишуваше за неколкуте одлуки што ги носеа Управниот и Вишиот Управен суд, а кои по влезот на Назиф Дестани од „Еколог“ во проектот преку „НД Груп“ се свртеа во корист на „Еуромакс“. Владата летово побрза да дозволи спојување на концесиите, а потоа под огромниот притисок во јавноста и протестот во Струмица одлучи да ретерира и да направи чекор назад и самата да се повлече од одлуката што ја донесе.

Што точно се случувало на спорната седница на крајот на јуни, за која неколку министри јавно кажаа оти немале доволно информации кога се одлучувало во корист на „Еуромакс“ останува непознато. Владата не ги дава на увид стенографските белешки за јавноста да процени кој министер ја говорел, а кој не ја говорел вистината.

euromaks povtorno tuzi za ilovica aktivisti baraat odgovornost od bektesi 5

Кратка и „штура“ информација во записникот од владината седница на која се одлучуваше за спојување на концесиите

Објавен е само записникот од 163 седница одржана на 27 јуни, каде стои дека се разгледувала пресудата на Управен за „Иловица“, по што е донесена одлука за спојување на концесиите. Информацијата е штура и не навестува дека токму оваа точка ќе предизвика бура реакции во јавноста.

Општините покажаа пркос, „Еуромакс“ не се откажува од рудникот

По неколкуте тензични седници, советите на четирите општини јасно порачаа дека не сакаат рудник и тешка загадувачка индустрија во Струмичката котлина. Ниту еден советник не гласаше против и не беше воздржан, со што целата постапка добива на тежина. Активистите од „Здрава Котлина“ порачуваат дека е ова јасна порака конечно да се стави крај на сагата за „Иловица“.

„На потег е Владата да постапи согласно Законот за минерални суровини и конечно да ги одземе истечените концесии на Еуромакс Рисорсис.“, велат од„Здрава Котлина“.

Но, полугодишниот извештај на „Еуромакс“ доставен до инвеститорите покажува дека компанијата планира рудникот да биде отворен за две години по добивањето на сите потребни согласности. Документот го објаснува влегувањето на „НД Груп“ на Дестани во проектот, поврзано со условите за спојување на двете концесии и добивањето дозвола за експлоатација во период од две години.

„ДОМА“ побара, но не доби одговори од „НД ГРУП“ што ќе се случи со нивната инвестиција по последната одлука на Владата, но и во случај спојувањето на концесиите да не се случи во следните две години.

Во „Еуромакс“ се свесни за предизвиците со коишто се соочува целиот проект.

Доколку не се добијат или поседуваат неопходните дозволи, или, доколку не се почитуваат дозволите, следуваат казни, суспендирање или одземање на дозволите, пишува во полугодишниот извештај на „Еуромакс“.

„Способноста на Групацијата да добие или обнови дозволи зависи од одредени променливи, дел од кои не се во наша контрола, вклучувајќи воведување нови закони за издавање дозволи, толкување на постојните услови наметнати од издавачкото тело, потребата од сослушувања или одобрување од јавноста и политички или општествен притисок.“, се вели во полугодишен извештај на „Еуромакс“.

И покрај тоа што постојано ја уверува јавноста дека ќе користи најсовремени рударски практики, „Еуромакс“ во извештајот до инвеститорите признава дека рударската индустрија сама по себе носи ризици од несреќи коишто може да ги загрозат животната средина и здравјето преку испуштање хемикалии, а кои не би можеле да се надминат ниту со комбинација од искуство, знаење и внимателност.

euromaks povtorno tuzi za ilovica aktivisti baraat odgovornost od bektesi 6

Извадок од полугодишниот извештај на „Еуромакс“

Токму на ова со години предупредуваат активистите, кои порачуваат дека по никоја цена не смее да се дозволи рудник во Струмичката котлина.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски