Правото се „тегне“ како тесто кога треба да се угоди за „Иловица“
Ниту Владата со одлуката на Управниот суд била задолжена да донесе одлука за спојување на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, ниту членот 61 од Законот за минерални суровини ја обврзува на такво нешто. Правници посочуваат дека законот дава таква можност, но, додаваат оти тоа не значи и дека е обврзувачки. Претходно требало да се преиспита одлуката за еднаш веќе одземената концесија наместо да се брза да се даде „амин“ за спојување на двете концесии.
Член 61
Спојување на концесии
(1) Во функција на рационално и економично истражување или експлоатација на минерални суровини, може да се врши спојување на две соседни концесии во случај кога концесиите се простираат на исто наоѓалиште за ист тип на минерална суровина.
(2) На концесионерот му се дава можност да ги спои концесиите за експлоатација доколку се работи за ист сопственик и ист вид на минерална суровина.
Токму на овој член се повикува Министерството за економија откако „Еуромакс“ на 12 јуни годинава доставил обновено барање за спојување на концесиите, иако првично тврдеше дека одлуката на Управниот суд им ги „врзала рацете“. Сепак, во пресудата е јасно наведено дека станува збор за посебно правно прашање.
Адвокатот Влатко Токарев, кој има магистратура по деловно и инвестициско право на Кембриџ потврдува дека Управен никаде не ја обврзува Владата да одлучи во корист на „Еуромакс“. Според него, потребно е да се испрати порака за конзистентност во ставовите откако претходно беше одземена концесијата.
„Пресудата на Управен суд дава напатствија до Владата да ја преиспита својата одлука во однос на раскинувањето на договорот за концесијата и дава задолжителни напатствија да спроведе постапка за утврдување дали има правен основ за раскинување на договорот. Владата по ова нема постапено, туку веднаш е пристапено кон спојување на концесиите за што не е обврзана со пресудата на Управниот суд. Доколку Владата има намера да избегне загрозување на јавното здравје преку отворање на рудник или да избегне каков било основ за штета кон „Еуромакс“ што треба да и биде цел на Владата, треба да постапи согласно законот, да се повика на вистинскиот основ за одземање на концесијата или МЖСПП да донесе решение со кое не се одобрува Студијата за заштита на животната средина“, вели Токарев.
Тој додава дека „Еуромакс“ со години се заканува со арбитража, а досега немаат поднесено ниту тужба.
„Напротив чекаа да влезе компанија блиска до власта за да се решат нивните проблеми и повторно да се закануваат со арбитражни тужби. Ова укажува дека тие се свесни за нивниот слаб правен основ за тужба, но, имаат постигнато договор со одредени политички елити“, вели Токарев.
Со склучените анекси во минатото, двете концесии на „Еуромакс“ се со важност до 24.07.2042, односно 13.01.2046 година. Сега од Министерството за економија тврдат дека новата концесија ќе биде со покус рок, иако активистите сметаат дека Бектеши имал доволно можности да ги поништи поради неисполнување на обврските.
„Фактичката состојба не се менува, туку ќе се изменат координатите на доделените концесии во насока истите да преставуваат една целина. Рокот на важност на споената концесија ќе биде пократкиот рок од двете концесии, односно до 24.07.2042 година.“ , соопшти неодамна Министерството за економија.
Министерството потврдува дека со анекс на договорот ќе треба да определи надоместокот за вршење експлоатација.
Владиното „амин“ за спојување на двете концесии за рудникот „Иловица – Штука“ му „купи“ време на „Еуромакс“ да ги собере потребните документи (барањето за дозвола за експлоатација досега беше одбивано поради некомплетна документација).
Ваквиот расплет на настаните за активистите е показател дека по влезот на Назиф Дестани од „Еколог“ во проектот, се носат одлуки со единствена цел – „рудникот на смртта“ да се одржи во живот.
„Првата концесија веќе имала законски рок од 4 години што истекол во 2016 (за тоа беше и одземена во 2019), но и втората концесија веќе имала законски рок од 4 години што истекол во 2020. Крешник Бектеши не го интересираше законот за втората концесија на Иловица која требаше да се одземе во 2020, не го интересираше тоа што никогаш за ниту еден рудник немаат наплатено провизија од 7% по член 47 став 15 од Законот за минерални суровини, не го интересираше ни член 61 став 3 кој не дозволува рокови поголеми од првата концесија, но особено не предвидува измислици за дополнителни нови 4 години рок за добивање дозвола за експлоатација!“, велат од „Здрава Котлина“.
Активистите на Бектеши му забележуваат и за тоа што „Еуромакс“ никогаш не побарал дозвола за пренос на удели, што исто така можело да биде искористено за раскинување на договорот за концесија.
Закани за арбитража за да „избоксува“ поволно решение
Додека во јавноста се води дебата дали Владата ги заобиколила правилата и процедурите за да му „угоди“ на инвеститорот за рудникот, „Еуромакс“ се заканува со арбитражни постапки и отштета од над милијарда евра, иако е нејасно како се стигнало до оваа сума.
„Доколку увидиме дека на прашањето на нашата инвестиција повторно се напаѓа владеењето на правото како уставно загарантирана темелна вредност, тогаш ќе бидеме принудени да покренеме соодветна постапка пред Меѓународната Арбитража во Вашингтон, САД, без понатамошни одложувања.“, соопштија од „Еуромакс“.
Според Токарев, не може да стане ниту збор за милијарда евра оштета. Тој ги отфрла тврдењата на „Еуромакс“ дека Спогодбата за заштита на инвестициите со Швајцарија може да се искористи за нивната инвестиција поради „Трафигура“. Тој вели дека ако има постапка ќе се проверува кој ја има директната и целосна контрола, а во сопственичката структура има други важни играчи коишто се над Швајцарците. Земјава има адути во ракавот, како неисполнувањето на обврските од концесиите, испуштените рокови и доставувањето некомплетна документација, вели Токарев, па не треба да се стравува од заканите за арбитража.
Заканите и лицитирањето со отштета од милијарда евра ги подгреа сомнежите дека целата игра околу рудникот „Иловица“ е всушност обид преку арбитражна постапка да се извлечат пари од државниот буџет, без да се отвора рудник и да се влегува во конфликт со локалното население.
Бектеши раскажуваше, се правда со одлуката на Управен и заканите за арбитражна постапка
Откако беше задолжен од Владата, министерот за економија Бектеши конечно се појави во јавноста. На долго и на широко ја раскажа хронологијата за рудникот „Иловица“. Им се извини на новинарите кои претходниот ден час и половина го чекаа на прес-конференција, којашто потоа се одложи.
Бектеши почна со тоа дека Министерството за економија никого не довело во заблуда. Рече дека имал конструктивна дискусија со неговите колеги. Повторно се правдаше со одлуката на Управниот суд и одредбите од Законот за минерални суровини.
Бектеши потврди дека Владата на последната седница решила да ја поништи нејзината одлука од пред еден месец за спојување на двете концесии, иако, тој очекува концесионерот тоа да го оспори. Бектеши при гласањето бил воздржан. Со тоа вели, процесот се враќа каде што бил претходно, кога не била донесена ниту позитивна, ниту негативна одлука, односно во статус-кво.
„Еуромакс има сопственост на двете концесии. Не се одземени концесиите од страна на Владата што значи дека тие, согласно Законот за минерални суровини имаат право да го обноват барањето за спојување на концесиите и одлуката и насоките од Управниот суд, каде што му наложува на Министерството за економија да постапи согласно управните постапки и законските прописи. И, ние тоа сме го направиле и доставивме предлог-одлука. Дадовме предлог до Владата врз основа на документацијата, којашто има надлежност да донесе одлука“, изјави Бектеши.
Министерот се осврна и на арбитражните постапки што се водат против земјава, со што се заканува и „Еуромакс“.
„И стенограмите на Владата и ставовите на секој член на Владата се земаат како докази во арбитражни постапки. За вакви работи има експерти, правни тимови, луѓе кои ги носеле одлуките и кои треба да стојат зад тие одлуки, кои треба целосно да бидат во насока на бранење на државниот интерес и заштита на граѓаните зашто зборуваме за милионски суми. Ние никому не смее да му скратиме некое административно или техничко право, а да не зборуваме да непостапуваме како институции, а некој да може да се жали дека намерно му се прави неправда.“, рече Бектеши.
Според него, има и други документи што инвеститорот треба да ги прибави, што ако не се случи може да се искористи за раскинување на договорот. Вели, потребно е да се донесе акт со што ќе се докаже дека рудникот ќе ја загади животната средина.
„Ќе се обидеме на секаков начин да најдеме правен простор за оваа инвестиција да не се случи, но, ние мислиме дека има полесен, побрз и поедноставен пат“, рече Бектеши.
Извештај на „Дома“ од прес-конференцијата на Бектеши
Првата студија за „Иловица“ сè уште е тајна
Американско-бугарската компанија „Фелпс Доџ Вардар“ од 2004 до 2012 година вршеше испитувања во Струмичката котлина за проектот за површински коп на бакар и злато на локалитетот „Иловица“ во Босилово. И по повеќе од една деценија, Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, којашто се изготвуваше во периодот 2010-2012 година останува тајна. Властите до ден денес не ја објавуваат оти инвеститорот се повикал на Законот за животна средина и побарал да се објави само нетехничко резиме, а не целата студија.
„Инвеститорот се повика на член 90 став 3 од Законот за животна средина за достапност на документи и информации за Студијата и побара на веб-страницата на МЖСПП Студијата да не се објавува во целост, туку да се објави само нетехничко резиме, што Законот го дозволува. МЖСПП постапи согласно закон и согласно Барање на инвеститорот јавност. Сите постапки се водени согласно тогаш важечката правна регулатива.“, објаснуваат од Министерство за животна средина и просторно планирање
Нетехничкото резиме што е достапно за јавноста е на едвај 47 страници. Таму е наведено дека истражувањата на „Иловица“ се вршени во опсег од околу 15 квадратни километри при што е потврдено дека има потенцијал на наоѓалиште на бакар и злато од голем размер.
„Вкупната количина на руда според методата на блокови изнесува 458.761.680 тони Б+Ц1 резерви со содржина од 0,186% бакар, 0,28 g/t злато и 127.664 kg сребро, односно бакар еквивалент од 0,352% и вкупно 851.084 тони бакар метал.“, пишува во документот
Во нетехничкото резиме е наведено ќе се врши површинска експлоатација на минерални суровини, со дупчење и минирање,товарење и транспорт на рудата и раскривката. Било планирано да се буши и минира на етажи од 15 метри, со експлозив што е мешавниа на амониум нитрат и 6% дизел гориво по тежина.
За подготовка на рудата претставени две опции: флотација и лужење со цијанидни раствори за екстракција на златото и среброто. За одлагањето на рудничкиот отпад, предност и се дава на опцијата за заедничко одлагање на рудничката јаловина и на флотациската јаловина на единствена локација, ама, поради ограничениот простор и теренот, како единствено решение се наметнува одлагањето да се врши на хидројаловиште, а депонирањето на рудничката јаловина и раскривата да се врши на депонија, што е понездрав метод. Во студијата е наведено дека се очекува хидројаловиштето да зафаќа површина од околу 330 хектари, а депонијата за рудничка јаловина да зафаќа површина од околу 338 хектари.
Студијата на „Еуромакс“ предвидува брана од 776 метри н.в.
„Еуромакс“ во април 2016 година ја објави Студијата за влијанието врз животната средина. Документот е на речиси 500 страници. Таму е наведено дека рудникот ќе биде површински коп, со две зони со помошни објекти и магацини, хидројаловиште во кое ќе се депонира рудничкиот отпад и депо за оксидна руда. Рудата ќе се вади и дроби, транспортира со лента до постројка за подготовка на минерални суровини, а издробената руда ќе оди во флотација за отстранување на минералите што содржат бакар и злато. За екстракција на златото ќе се користи лужење, а концентратот на бакар ќе оди за Бугарија.
„Во текот на процесот се употребуваат бројни реагенси, а секој од нив извршува посебни функции во процесот. Тука се вклучени пенливци и активатори, колектори, цијанид, вар, натриум хидроксид, хлороводородна киселина, сулфурна киселина, олово нитрат, натриум метабисулфит, водороден пероксид и флокуланти.“, пишува во студијата на „Еуромакс“.
Во Студијата е наведено дека на месечно ниво ќе се користат 87 тони натриум цијанид, 347 тони сулфурна киселина, 67 хлороводорна киселина.
Отпадниот материјал ќе оди на хидројаливиште. Главните потенцијални извори за водоснабдување се акумулацијата „Турија“ и подземната вода во Струмичката котлина. Токму ова е една од главните грижи на екологистите, кои велат дека „Турија“ е изградена за да се користи за вода за пиење и за наводнување, а не за рудник.
„Хидројаловиштето ќе има капацитет од приближно 210 милиони m3, а круната на браната ќе достигне кота при затворањето од приближно 776 m н. в. (приближно 2 m повисоко од котата на хидројаловината).“, пишува во студијата.
За време на градбата се очекува да влегуваат 115 камиони за достава на материјал, плус цистерни, а во текот на работа на рудникот би влегувале до 260 камиони месечно.
Рудникот ќе се гради две години, ќе работи вкупно 23, а во следните две години опремата треба да размонтирана. „Еуромакс“ тврди дека ќе отвори многу работни места, а Босилово и Ново Село ќе инкасираат 77 милиони долари.
Но, ветувањата на „Еуромакс“ за економски препород на регионот тешко допираат до локалното население, кое порачува дека не се сака да се гуши во отрови и прашина, со вибрации и минирања, но и во страв од џиновската брана над нивните глави.
Општина Ново Село веќе донесе едногласна одлука против рудникот, а во Босилово ситуацијата беше на раб на физичка пресметка.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски