fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
od prirodna ubavina do otrovna reka featured

Од природна убавина до отровна река

Од природна убавина до отровна река

Вардар за половина век стана отпадна артерија на Македонија

Уништување

Кога во 1969 година дуетот Виолета Томовска и Кирил Манчевски првпат ја отпеа песната „Ој, Вардаре македонски“, напишана од Јонче Христовски, тројцата великани на македонската музика не можеле да претпостават дека педесетина години подоцна стиховите за убавината на најголемата река во Македонија ќе станат невистинити.

Тогаш, младите скопјани сѐ уште се забавувале пуштајќи се на тракторски гуми по водите на Вардар, од Ѓорче Петров до центарот на Скопје. Никој не помислувал дека во наредните години реката ќе стане „главен канализациски канал“ за неконтролирано испуштање фекалии, отпадни и индустриски води.

vardar galerija ruska plaza
vardar galerija zagaden

Негрижата на државата и на граѓаните придонесе Вардар, од место за разладување и капење во летниот период, да стане извор на зарази

Денес, иако сме веќе длабоко зачекорени во 21 век, освен за заклучокот дека Вардар е загаден, многу малку се зборува за тоа каква е опасноста по здравјето на населението, какви штетни материи може да се најдат во реката, како влијае загадувањето врз живиот свет и врз земјоделството.

Во потрага по одговори на овие прашања, дојдовме до загрижувачки сознанија – всушност никој не знае какви сѐ отрови се испуштаат во реката, бидејќи квалитетот на водата се мери само по неколку одредени параметри. Се констатира дека водата од Вардар речиси по цело течение е „збогатена“ со бактерии и други органски загадувачи, како и со хемиски состојки и тешки метали, коишто може да го загрозат здравјето на населението и да бидат кобни за опстојувањето на одредени видови животни и растенија. 

Крвоток на Македонија

Вардар се раѓа во селото Вруток како извор со чиста вода којашто, според физичко-хемиските елементи, е со квалитет од прва класа, но уште кај гостиварското село Форино, поради загадувањето, водата паѓа во четврта класа (највисок степен на загаденост е петта класа). Ова е утврдено со истражување спроведено во рамките на проект за идентификација на индустриски испусти по течението на реката Вардар и за следење квалитативни и квантитативни карактеристики на отпадните води.

Загадувањето на Вардар почнува кај првите населени места на почетокот од неговиот тек / извор: Истражување на Град Скопје и Водовод и канализација од 2014 година

Со ова истражување од 2014 година, се прави обид да се добие реална слика за  загадувачите од изворот на Вардар кај Вруток, преку Гостивар и Тетово, па сѐ до излезот на реката од Скопје. Анализирани се примероци од атмосферски, комунални и индустриски испусти.

Наодите покажуваат дека освен фекалии и комунална вода од домаќинства, непречистени отпадни води се испуштаат во реката од субјекти со различни производни дејности, како млекарници, погони за сувомесни производи, производство на јајца, кожарска индустрија, металургија и други.

При истражувањето се анализирале само поголемите загадувачи, а резултатите покажуваат надминување на дозволените вредности на азот, амониум, хемиска потреба за кислород, биолошка потреба за кислород, фосфор, суспендирани материи, како и цинк, олово, никел, железо и манган.

vardar galerija zagaduvaci atmosferski ispusti

Кај дел од донесените примероци од атмосферска канализација кои се анализирани утврдено е присуство на примеси од вода со фекално потекло.

vardar galerija zagaduvaci fekalni ispusti

Фекални води на повеќе места се испуштаат во Вардар.

vardar galerija zagaduvaci industriski izvori

Утврдено е влијание на металуршката индустрија врз екосистемот на реката Вардар, со надминување на вредностите за тешките метали: олово, никел, железо и манган.

Неретко се случува водите на Вардар и неговите притоки наеднаш да пожолтат, поцрвенат или да побелат како последица на испуштање на непречистени води од големи и од помали индустриски капацитети. Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина наведува неколку примери кога се изречени високи казни за вакви инциденти.

Сепак, поради поделбата на надлежности меѓу централната и локалната власт и недостиг од капацитет на институциите, редовната контрола изостанува пред се‘ кај помалите производствени капацитети и загадувањето минува неказнето.

Еколошка бомба отчукува во Вардар

ekoloshka bomba otchukuva vo vardar 500x500 1Континуираното загадување на реката Вардар со фекалии и непречистени индустриски води го менува физичко-хемискиот состав на водата. Мерењата покажуваат надминување на дозволените вредности во однос на присуството на бактерии и тешки метали. Тоа може да има негативно влијание врз населението, посебно ако се земе предвид дека по течението на Вардар има земјоделски површини на коишто се одгледуваат различни култури.

прочитај повеќе

Не се испитуваат сите штетни материи

Од Институтот за јавно здравје и Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), две институции што се задолжени за испитување на водата од реката Вардар, потврдуваат дека резултатите редовно покажуваат прекумерно загадување со различни супстанции.

dragan gjorgeski 200x250 1

Драган Ѓорѓески од Институтот за јавно здравје вели дека е потребно да се воспостави детална листа на загадувачи за потоа да се вршат соодветни испитувања за видот на штетните материи.

„За мене е многу поважно кои се изворите на загадувањето, кој е тој инвентар на загадувачи за да може ние да предвидиме што може да предизвика излив, бидејќи има безброј хемикалии што може да се испитуваат, ние сите имаме лимитирани капацитети. Добро би било да го видиме прво инвентарот на сите загадувачи долж реката Вардар за да знаеме кои параметри да ги испитуваме“, вели Ѓорѓески.

Бактериолошки неисправни 100 отсто од примероците испитани во 2020 година

Центарот за јавно здравје – Скопје зема примероци вода за физичко-хемиска и бактериолошка анализа еднаш месечно, од месец февруари до ноември, од 12 мерни места.

Не се следи целиот слив на Вардар

Радмила Бојковска од УХМР вели дека оваа институција го следи сливот на Вардар на 17 водни тела и дека со тоа се покрива едвај 20 отсто од целото подрачје на сливот на Вардар.

radmila bojgovska 200x250 1„Од нив, 6 се водни тела на самото течение на Вардар. Почнуваме од Радуша, Таор, Башино Село пред Велес, Ногаевци, Демир Капија и Гевгелија. Имаме две водни тела на река Брегалница, две водни тела на Црна Река, бидејќи секогаш се земаат и сливовите на притоките, 2 водни тела на Пчиња пред граница Пелинце и Катлановска Бања пред влив во Вардар, Лепенец две водни тела, едно водно тело пред граница со Косово и второ водно тело пред влив во Вардар и влив на река Треска. Ја имаме и Елешка како трансгранично водно тело, притока на Црна која доаѓа од Грција“, вели Бојковска.  

Во однос на прашањето како се избира кои штетни материи се предмет на испитување, таа вели дека хемискиот статус на водата се определува според директива за хемиски супстанции со којашто им се дава приоритет на некои елементи. Се испитуваат четири тешки метали: кадмиум, олово, никел и жива и  органски елементи како пестицидите, органохлорните, азотнофосфорните, паховите, диоксините, лековите… Бојковска додава дека поради застарената опрема, веќе не се прават некои од испитувањата коишто се правеле до 2012 година.

Од сведоштвата на преставниците на Институтот за јавно здравје и УХМР станува јасно дека моменталната контрола на квалитетот на водата не дава реална слика за степенот на загаденост на Вардар. Ако се земе предвид дека по неговото течение има огромен број различни производствени и индустриски капацитети, не е тешко да се заклучи дека нашата најголема река е потенцијална еколошка бомба.

Опасна вода

Континуираното загадување на реката Вардар е потенцијална опасност за загрозување на здравјето на населението. Здравствените власти веќе одамна укажуваат дека водата од Вардар, освен што е забранета за капење, не треба да се користи за наводнување на земјоделските површини. Но доволна е една прошетка по бреговите на Вардар за да се забележи дека во близина има обработливо земјоделско земјиште на коешто се одгледуваат различни култури.

Со оглед на тоа што никој не може да контролира какво е движењето на подземните води, загрижувачки е што дел од граѓаните што живеат во населените места по течението на реката, со вода за пиење и за наводнување сѐ уште се снабдуваат од бунари. Тоа ја отвора и дилемата колку е безбедно да се конзумираат зеленчукот, овошјето и другите култури одгледани во близина на реката.

По мерењата извршени во минатата година, од Центарот за јавно здравје – Скопје забележуваат дека Вардар и неговите притоки главно се загадени како последица на антропогеното влијание, односно на испуштањето непречистени комунални отпадни води од урбаните населени места.

„Неопходно е да се унапреди квалитетот на површинските води од реките поради потенцијалната опасност од користење загадени води за наводнување и влегување на хазарди во синџирот на исхрана на добитокот и човекот“, се укажува во извештајот на ЦЈЗ – Скопје.

Овошје и зеленчук со тешки метали и пестициди

На прашањето дали се испитуваат земјоделските производи одгледани по течението на Вардар и какви се наодите, од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека преку воспоставениот интегриран систем на контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, вршат надзор над операторите со храна (вклучително и на операторите кои управуваат со зелените пазари), во поглед на тоа дали тие ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната.

„Во координација и во соработка со инспекциски органи и со други државни органи се преземаат и активности за спречување на пуштање во промет производи што се продаваат во близина, но надвор од зелените пазари“, велат од Агенцијата.

Наоди од контролите на Агенцијата за храна и ветеринарство

53.382 контроли во прометот, вклучително и на зелените пазари спровеле лани Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство. За констатираните недоследности се изречени мерките задолжителна едукација, забрана за ставање во промет на небезбедни производи, забрана за работа на операторот, поништување небезбедна храна, како и изрекување парични казни.


15.733 инспекциски контроли се извршени лани на храна од неживотинско потекло, вклучително и на контроли на безбедноста на овошјето и зеленчукот.


197 мостри од овошје и зеленчук се анализирани за определување присуство на резидуи од пестициди во однос на максимално дозволеното ниво. Добиени се 4 позитивни мостри и 45 мостри што го надминуваат лимитот на квантификација на одредени резидуи на пестициди.


110 мостри лани се лабораториски анализирани за определување на присуството на тешки метали во одредени видови прехранбени производи и добиени се 7 позитивни мостри.

Од АХВ додаваат дека примарното водење сметка за безбедноста на храната од неживотинско потекло, како што се овошјето и зеленчукот, почнуваат на нивата, уште во примарното производство од страна на самите производители, со примена на принципите на добрата земјоделска и производствена практика, преку соодветна едукација на земјоделците.

„Храната (вклучително и овошјето и зеленчукот) може да се стави во промет само кај оператори коишто се одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство (вклучително и пазарите), за што претходно од нивна страна треба да бидат исполнети одредени услови (да ги имаат имплементирано предусловните програми за безбедност, односно принципите на добра хигиенска практика и HACCP)“, велат од АХВ.

Сепак, практиката покажува дека речиси пред секој поголем супермаркет и пазар во Скопје, на импровизирани тезги се продаваат различни земјоделски производи коишто се одгледани во нивите и градините во околината на градот.

Живиот свет исчезнува од Вардар поради загадувањето

ziviot svet isceznuva vo vardar poradi zagaduvanjeto 1 1Повеќегодишното континуирано загадување на реката Вардар со испуштање на непречистени отпадни комунални и индустриски води негативно влијае врз животинскиот и растителниот свет. Се забележува целосно исчезнување на одредени видови животни од реката или од некои нејзините делови, како и менување на структурата на фауната. Доколку неконтролираното загадувањето продолжи и во иднина може да предизвика драстично нарушување на еко-системот на Вардар и губење на ендемични видови кои опстојуваат единствено во нашата најголема река.

прочитај повеќе
На места „мртва река“

Отровите што се испуштаат во Вардар ја нарушуваат биолошката разновидност и  предизвикуваат исчезнување на одредени видови растенија и животни. Во некои делови од течението во Скопскиот Регион, има целосно исчезнување на живиот свет, односно опстојуваат само бактерии и алги што се хранат од токсини.

vardar skopje aerodrom
Поради отсуство на жив свет, во одредени делови Вардар се нарекува „мртва река“

Во најголемата река во Македонија денес живеат триесетина видови риби, некои од нив ендемични видови. Од Институтот за сточарство укажуваат дека се евидентирани случаи на целосно исчезнување на одредени видови. Имено, во Вардар веќе не може да се најде вретенарот (Zingel balcanicus), ендемичен вид риба којашто сега опстојува само во одредени делови од реката Треска.

Исто така, во одреден период, пред целосно исчезнување е доведена македонската пастрмка (Salmo macedonicus). Пред седумдесеттите години од минатиот век, таа редовно можела да се сретне по целото течение на Вардар, а потоа едвај се наоѓала и во изворскиот дел на реката. Овој вид засега е спасен со вештачко создавање подмладок преку улов во други реки и порибување на Вардар.

Губењето на популацијата на пастрмката и исчезнувањето на вретенарот се случуваат во времето на индустријализацијата во седумдесеттите години од минатиот век

Поради недоволни истражувања, не се знае и какво е влијанието врз човековото здравје доколку се конзумира риба од Вардар. Од постоечките истражувања се констатира дека тешките метали најверојатно се врзуваат за коските на рибите, но не постојат испитувања какво влијание врз квалитетот на месото има изложеноста на детергенти и на други отрови присутни во реката.

Позеленувањето на Вардар не е добар знак

pozelenuvanjeto na vardar ne e dobar znak 600x500 1Загадувањето на Вардар негативно влијае и врз застапеноста на алгите. Од Институтот за биологија укажуваат дека има целосно исчезнување на микрофлора што порано постоела во Вардар, а се појавуваат нови видови алги што се хранат од зголемените количини азот и фосфор во водата и негативно влијаат врз екосистемот на реката.

Тоа е доказ за еутрофикација – појава на „воден цвет“, проследен со позеленување на водата, процес што настанува при испуштањето хемиски материи од фабриките, употреба на синтетички детергенти и вештачки земјоделски ѓубрива.

Истражувањата на Природно-математичкиот факултет во Скопје покажуваат отсуство на полжави, школки, водни црви, пијавици, ракови и инсекти поради нарушувања во физичко-хемиските својства на водата, што доведува до губење на живеалиштата на овие видови.

Ќе почекаме за пречистителна станица

Постои ли реална можност за пречистување на водата во Вардар е прашање што заслужува внимание откако на 20 декември 2019 година Македонија потпиша договор за заем од 136 милиони евра за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.

Со договорот, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри заем од 58 милиони евра, а Европската инвестициска банка заем од 68 милиони евра и грант-средства во износ од 10 милиони евра.

vardar skopje karposh4

Скопје е единствениот град во Европа без пречистителна станица за отпадни води, коишто сега без никаков третман се испуштаат во Вардар

Избрана локација кај Трубарево

Се предвидува пречистителната станицата да се гради во Трубарево на левата страна од Вардар, во рамките на Општина Гази Баба. Во студијата за овој проект се вели дека локацијата е избрана за најповолна, како резултат на добрата конфигурација на теренот, соодветната површина на парцелата, близината до речното корито, можноста за поврзување со главниот колектор, како и поврзаноста со околните населени места, чии отпадни води ќе се одведуваат за пречистување.

Проектот е планирано да се гради на локација на која сега има земјоделско земјиште. Можни се негативни влијанија врз биолошката разновидност во заштитените подрачја.

Во непосредна близина на предвидената локација се наоѓаат локалитетите Острово, Арборетум и Езерце, кои претставуваат интегрална еколошка целина, оформена во сливот на река Вардар. Заради заштита на природните вредности, посебно на биолошката и пределната разновидност, кои се од посебно значење за заштита на природата, тие се прогласени за заштитени подрачја во категорија III, Споменик на природата.

На овие локалитети живеат повеќе видови животни и растенија кои се ендемити, а некои од нив и под закана од исчезнување. Во студијата за пречистителната станица се  предупредува на можни негативни ефекти врз овие видови, пред сѐ во фазата на изградбата.

Можни влијанија врз заштитените подрачја

Градежна фаза

  • Отстранување на хумусниот слој
    Површинскиот слој на почвата е особено значаен за дивиот свет. Составен е од неоргански, органски и некомплетно деградирани органски материјали и е живеалиште на голем број почвени организми. Со отстранувањето на овој слој, овие групи живи организми ќе бидат целосно отстранети од подрачјето. Сепак, не се очекуваат значителни ефекти.


  • Вознемирување на акватичниот екосистем на Вардар
    Зголемената матност на реката Вардар како резултат на градежните активности може
    да предизвика времено влијание врз акватичниот систем, особено врз белата мрена(Barbus macedonicus) и вардарската штипалка (Cobitis vardarensis), видови заштитени созакон како ендемит на реката Вардар.


  • Вознемирување на живиот свет
    Зголемениот интензитет на бучавата особено ќе влијае врз птиците во проектното подрачје. Влијанието на бучавата може да предизвика миграција на оваа група животни, а може да влијае и врз репродуктивниот процес на животните. Од птиците регистрирани во рамките на испитуваното подрачје, посебно внимание треба да се посвети на видовите: мал корморан, смрдиврана и степска ветрушка, кои се под глобална закана од исчезнување.


  • Фрагментација на живеалиштата
    Посебно внимание треба да се посвети на следните цицачи регистрирани во заштитеното подрачје: мал потковичар, слепо куче, шарен твор, коишто спаѓаат во категоријата ранливи видови. Исто така, на видовите македонски мрморец и балкански мрморец, кои се регионални ендемити ранливи во однос на нивното исчезнување. Од влекачите регистрирани во рамките на испитуваното подрачје, полската желка е вклучена во листата видови под глобална закана.

Оперативна фаза

Директните ефекти во оперативната фаза се помалку деструктивни и штетни во однос на градежната фаза. Пречистителната станица ќе има значително позитивно влијание врз квалитетот на површинската и на подземната вода бидејќи значително ќе го намали или ќе го елиминира испуштањето на нетретираната вода во реципиентот. Водните екосистеми, особено Вардар и биодиверзитетот на реката, ќе имаат голема корист од подобрувањето

Амбициозни најави

Во пресрет на потпишувањето на договорот, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во интервју за МИА најави дека пречистителната станица ќе профункционира најдоцна до 2025 година.

petre silegov 200x250 1„Тендерирањето за изведба на пречистителната станица треба да биде потпишано до крајот на 2020 година и сега се работи на тендерската документација. Втора година го градиме колекторскиот систем на нашиот град, и тоа во долното течение на реката Вардар. Станува збор за околу 12 километри сериозна инсталација која е основниот предуслов да се започне со градба на пречистителната станица на нашиот град“, изјави тогаш Шилегов.

Меѓутоа, колекторскиот систем којшто требаше да биде готов до февруари 2020 година денес сѐ уште се гради, а се чини дека преамбициозна е и најавата за финализирање на изградбата на пречистителната станица до 2025 година.

Чист Вардар – реалност или утопија

cist vardar realnost ili utopija 500x500 1Сè уште се чека да почне изградбата на пречистителната станица во Скопје за којашто државата на крајот на 2019 година склучи договор за заем од европските банки во износ од 136 милиони евра. Проектот предвидува првата фаза од изведбата на пречистителната станица да биде готова до 2035 година. Се предвидува цврстиот отпад да се носи на Дрисла, а тињата да се согорува и да се користи како ѓубриво во земјоделството.

прочитај повеќе

Тендерската постапка сѐ уште во тек

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека тендерската постапка за пречистителната станица е во тек и дека потпишувањето на договорот со избраната компанија за градба се планира во август 2022 година. Оттаму додаваат дека е планирано изградбата да трае 72 месеци, почнувајќи од август 2022 година (вклучително и 12 месеци за период за пријавување дефекти).

Од друга страна, од „Водовод и канализација“ велат дека изведбата на проектот ќе биде во две фази, а првата фаза, во која се предвидува примарен и секундарен третман на отпадната вода, ќе биде до 2035 година.

Линдита Шаќири од „Водовод и канализација“ објаснува дека се предвидува цврстиот отпад од пречистителната станица во иднина да се носи на депонијата Дрисла, додека тињата ќе се согорува и дека потоа пепелта ќе може да се употребува во земјоделството.

Изградбата на пречистителната станица во Скопје е еден од најголемите инфраструктурни проекти од областа на заштита на природата што досега е инициран во Македонија и секако е за поздравување. Успешна реализација на овој проект ќе значи дека идните генерации ќе имаат можност да го видат Вардар почист.

Без нов попис се планира капацитетот на станицата

Проектираниот капацитет на идната прeчистителна станица за отпадни води е за 650.000 жители за целната 2045 година. Забележително е дека пресметката на порастот на население до 2045 година е направена според податоците од последниот попис, којшто се изврши пред 20 години, и според проекциите на населението до 2013 направени од страна на Државниот завод за статистика.  Според проценките, во 2030 година бројот на населението во Скопје достигнува 588.000, а во 2045 – 633.700.

Не треба да се заборави дека сѐ ќе биде попусто доколку истовремено не се работи врз промена на свеста на населението во однос на потребата секој да придонесе во заштита на природата. Кога ќе престане практиката на реките да се гледа како на депонии, ќе може да се надеваме дека  некогашните слики со преполни плажи и безбедно капење во Вардар – ќе се вратат.


Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Уредник: Владимир Николоски
Новинарки: Катерина Топалова, Ивана Рамаданова
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажер: Борче Крстевски
Веб-развој и адаптација: Дарко Малиновски
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

 

Прегледи: 15147
Сподели