fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
ziviot svet isceznuva vo vardar poradi zagaduvanjeto featured

Живиот свет исчезнува од Вардар поради загадувањето

Повеќегодишното континуирано загадување на реката Вардар со испуштање на непречистени отпадни комунални и индустриски води негативно влијае врз животинскиот и растителниот свет. Се забележува целосно исчезнување на одредени видови животни од реката или од некои нејзините делови, како и менување на структурата на фауната. Доколку неконтролираното загадувањето продолжи и во иднина може да предизвика драстично нарушување на еко-системот на Вардар и губење на ендемични видови кои опстојуваат единствено во нашата најголема река.

Вретенарот го нема, македонската пастрмка засега спасена

Бројот на риби што се сретнуваат во реката Вардар историски гледано е променлив. Генерално во реката живеат над триесет видови на риби од повеќе фамилии, а најзастапени се топловодните крапови.

Професорот д-р Васил Костов од Институтот за сточарство, вели дека во горниот тек на реката Вардар каде што реката е брза и планинска, се сретнува и пастрмката. Во минатото македонската пастрмка (Salmo macedonicus) како ендемичен вид можела редовно да се сретне во реката, потоа следува еден период кога во седумдесетите години, пастрмката речиси исчезнува дури и во горниот изворски дел.

Како се движиме надолу по течението на реката Вардар, рибната фауна се менува и веќе во средното течение и долното течение може да се забележи доминацијата на ципридните видови на риби. Вардар како река има повеќе ендемични видови кои што се карактеристични само за течението на реката, дури и го носат името на реката. За жал од реката исчезнал вретенарот (Zingel balcanicus), вид риба којашто ја има само во Македонија и никаде на друго место во светот. Меѓутоа во Вардар веќе го нема, а се претпоставува дека тоа е резултат на индустријализација и загадувањето на Вардар во периодот од 1965 до 1985 година кога сите индустриски објекти биле во функција. Потекнува од фамилијата перциди и основна карактеристика е тоа што е многу осетлив на загадување.

„Јас лично и мојата екипа веќе петнаесетина години интензивно го баравме овој вид на територијата на земјата, значи ги поминавме сите реки во Македонија каде што претпоставувавме дека би можело да го има, и го најдовме само во еден изолиран дел во реката Треска, пред акумулацијата Козјак и тоа е единственото негово живеалиште во моментот. Она што треба ние да направиме е да го заштитиме да остане таму“, вели Костов. 

Загадувањето на реката го отвора и прашањето дали е безбедно да се конзумираат рибите од Вардар. Во минатото беа правени неколку студии за влијанието на тешките метали врз рибите. Заклучено е дека помал дел од тешките метали се акумулира во месото односно дека најголемиот дел може да се најде во коските, во внатрешните органи и кожата (делови од рибите коишто не се конзумираат). Меѓутоа, засега нема истражувања какво влијание врз рибите имаат детергентите и другите штетни материи за кои е постојат наоди дека е поверојатно дека се акумулираат во месото.

Исчезнуваат алги

Во реката Вардар има разновиден диапазон на алги, но поради влијанијата на човекот и загадениот еко-систем, таа застапеност се менува константно. Нивната важност за живиот свет е голема бидејќи алгите се примарни продуценти односно први создаваат органска материја во еко-системот и служат како извор на храна за другите организми.

Според професорот Светислав Крстиќ од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Вардар почнуваат да доминираат алги кои можат да го издржат загадувањето. Голем број алги кои порано можеле да се сретнат во реката не можат да ги издржат новите услови и исчезнуваат.

Во Скопскиот регион, на серија места Вардар е наречен мртва река, затоа што многу од организмите исчезнуваат целосно од еко-системот. Во овој регион доминираат бактерии и сино зелени алги кои се продуценти на токсини.

Алга која е многу значајна и карактеристична за реката Вардар е зелената алга (Cladophora glomerata) која се појавува кон крајот на летниот и почетокот на есенскиот период и е типична за високо еутрофни води.

„Таа гради огромни долги конци, со метар и пол, два метри должина и се откачува од дното и плива по реката Вардар. Целата река е зелена максимално од таа алга која е типичен еутрофикациски индикатор, индикатор за еутрофикација. Ова е визуелен јасен доказ на силната еутрофикација на реката Вардар во градот Скопје“, вели Крстиќ. 

Загуби во биолошка разновидност кај безрбетниците

Нарушувањата во рипариската вегетација покрај реката Вардар, како и оптоварувањето на нејзините води со комуналниот отпад негативно се рефлектираат врз составот и структурата на фауната на водни безрбетници (макроинвертебрати) што резултира со загуби во биолошката разновидност на овие организми.

Асистентката на Природно-математичкиот факултет во Скопје, м-р Јелена Хиниќ вели дека диверзитетот на макроинвертебратите претставен од планарии, полжави, школки, водни црви, пијавици, ракови и акватичните инсекти во реката Вардар јасно го надминува тој на рибите и макрофитите, но додава дека постојат нарушувања и кај овие видови.

„Нашите истражувања покажуваат отсуство на овие видови бидејќи случени се одредени нарушувања во физичко-хемиските својства во водата кој што последователно доведуваат и до нарушување на еколошкиот статус на самата река. Тоа самото по себе си повлекува и деградација и губење на одредени микроживеалишта кој што се навистина важни и карактеристични а и неопходни за овие наши акватични безрбетници да опстојат“, вели м-р Хиниќ.

За нарушувањата на еко-системот во реката говори и присуството на инвазивни видови, како што е акватичниот полжав Physella acuta. Неговото ширење започнало од медитеранскиот регион кон северните граници на Европа, населувајќи ја при тоа и Македонија.

ziviot svet isceznuva od vardar slika 2Проф. д-р Валентина Славевска – Стаменковиќ и асс. м-р Јелена Хиниќ

Значајни видови

Д-р Валентина Славевска – Стаменковиќ, професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје истакнува дека во рамките на водните безрбетници од реката Вардар сепак се среќаваат и видови од конзервациско значење кои придонесуваат во истакнувањето на високите биолошки вредности на реката. Имено, изворите во близина на Вардар кај село Рашче ги населуваат 3 ретки видови во Македонија и тоа македонскиот ендемит Grossuana euxina skupica и балканските ендемити Horatia macedonica. Од еднодневките (Ephemeroptera) и пролетниците (Plecoptera) се издвојуваат неколку видови од меѓународно и национално значење за зачувување, регистрирани на одредени локалитети во и покрај Вардар. Станува збор за македонските ендемити пролетницата Taeniopteryx stankovitchi и еднодневката Electrogena trimaculata како и балканскиот ендемит еднодневката Paraleptophlebia lacustris Ikonomov. Воедно, T. stankovitchi и P. lacustris претставуваат заштитени диви видови, вклучени во Националната Листа 2 на Заштитени диви видови во Македонија. Дополнително, еднодневката Neoephemera maxima и пролетницата Eoperla ochracea претставуваат ретки видови за Македонија со тесен ареал на распространување.

Деталните истражувања на проф. д-р Славевска – Стаменковиќ извршени во текот на изминатите години покажуваат дека низ годините нотирани се и одредени загуби во диверзитетот на водните безрбетници, како што е случајот со вардарската козица Atyaephyra stankoi чие присуство во реката Вардар е потврдено во литературните податоци, а потрагата за овој декаподен рак денес сè уште трае.


Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ивана Рамаданова
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажер: Борче Крстевски

Прочитајте ја целата приказна „Од природна убавина до отровна река

od prirodna ubavina do otrovna reka prva slikaНекогаш едно од омилените места за разладување на македонските граѓани, денес најдолг канализациски канал во Европа. За само педесетина години успеавме да го уништиме Вардар. Истражувавме какви се негативните ефекти од загадувањето со комунални и индустриски води и дали идните генерации може да дочекаат пречистување на најголемата река во Македонија.

прочитај повеќе
Сподели