fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
korupcijata i nekaznivosta ke mu presudi na ezero mladost

Поради корупција и неказнивост сите ќе го плаќаме спасот на езерото Младост

  • Загрижени велешани на 16 ноември ни испратија фотографии и видеа на кои се гледа дека есента донела бела покривка врз езерото.
  • Со езерото Младост стопанисува Јавното претпријатие „Лисиче“ од каде зеле примероци од водата и ги очекуваат резултатите.
  • Пената што ги вознемири велешани, најверојатно е распаѓање на изметот кој од летово е видлив на површината на езерото.
  • Велес со години е без еколошки инспектор, а на огласот за вработување никој не се јавува.
  • Општината знае дека најмногу загадуваат оние на кои им прогледале низ прсти низ годините за да градат, иако не смееле, а сега немаат пари за да го спасат Езерото, па бараат пари од Владата.

„Езерото Младост во моментот во Велес. Смрди на амонијак“. Ваква порака придружена со видеа пристигна во нашата редакција во саботата, на 16 ноември.

Фотографиите и видеата од загрижени велешани покажуваат дека есента донесе бела покривка врз езерото кое од летово мака мачи со кората од измет која донесе забрана за рекреативно користење на водата.

korupcijata i nekaznivosta ke mu presudi na ezero mladost 1

Една од фотографиите што загрижени граѓани ни ги испратија за состојбата на езерото на 16 ноември 2024

Со езерото Младост стопанисува Јавното претпријатие „Лисиче“. Тоа беше нашата прва станица во Велес. Нè пречека Антоанета Стојанова, одговорна за микробиолошкиот мониторинг за води во претпријатието. И ги покажавме фотографиите и видеата.

„Запознати сме со ситуацијата. Во петокот направивме теренски увид како дел од нашите редовни работни активности. Во тој момент ја забележавме појавата на пена, во крајбрежниот дел на акумулацијата Младост, којашто беше присутна во делот на Отовичкиот залив, во другиот дел на акумулацијата појава на пена немаше. Колекционирани се проби за анализа во нашите интерни лаборатории, по добивањето на резултатите ќе имаме согледување кое што ќе биде базирано на факти“, вели Стојанова, која во ЈП „Лисиче“ е одговорна за микробиолошкиот мониторинг на води.

„Научните сознанија укажуваат дека појавата на пена може да биде природен феномен, меѓутоа може да се јавува и како манифестација на следна фаза од распаѓањето на органската материја во високо продуктивните акумулации, каква што е и акумулацијата Младост“, вели Стојанова .

Додека од Јавното претпријатие ги чекаат резултатите, побаравме став и од Хидробиолошкиот завод во Охрид, кој летово ги објави алармантните анализите на водата. Пената што ги вознемири велешани, најверојатно е распаѓање на измет кој од летово е видлив на површината на езерото. Во негова близина лошо е за око и непријатно за мирис.

Корупцијата (ќе) му пресуди на Езерото

Отидовме и до Општина Велес. Таму, на влезот во зградата стојат два големи простера од претходни проекти со кои очигледно дека Општината се гордее.

Петре Цилаков, кој е раководител на секторот за урбанизам, заштита на животна средина, комунални дејности, евроинтеграции и локален економски развој вели дека неспорен е фактот дека езерото Младост е загадено. Според анализите од летово водата е во очајна и опасна состојба како резултат на  фекалии. Тие доаѓаат од градбите кои низ годините масовно се градеа околу Младост, а за кои општината издавала дозволи. Цилаков, нема податок колку од загадувачите добиле казна.

„Точна бројка не би можел да ви прецизирам колкава е, но комуналниот инспектор излегува на лице место, ги следи овие диви приклучоци и дава одреден временски период за отстранување на одредени недостатоци кои што ги прават доколку самите граѓани, самите правни субјекти… Така што знам дека излегува со опомени и доколку во одреден временски период не ги санираат, се преминува на издавање на платни налози и издавање на казни. Имаме сериозен проблем, неспорен е фактот затоа што го немаме оној локален еколошки инспектор, бидејќи ингеренциите кај него се многу поголеми за да може да излезе и на самото место да види“, објаснува Цилаков.

korupcijata i nekaznivosta ke mu presudi na ezero mladost 2

Од Општина Велес се свесни дека уште од летово водата во Младост е во очајна и опасна состојба како резултат на  фекалии

Општината секоја година од мај до септември вели дека одвојува по 100.000 денари за да врши редовни мерења на квалитетот на водата. До пред две години тоа го правел Центарот за јавно здравје од Велес, но во последните две, на тендер добива приватна лабораторија која работата ја завршува за помалку од 60.000 денари. Нејзините мерења летово покажаа дека водата е исправна за капење. По неколку дена, Хидробиолошкиот завод од Охрид достави анализа дека водата е опасна и за човекот и за животинскиот свет. Речиси исти резултати доставија и од Центарот за јавно здравје во Велес.

Велес со години е без локален еколошки инспектор. Велат дека бараат на оглас, но никој не се јавува. Општината знае дека најмногу загадуваат оние на кои им прогледале низ прсти низ годините за да градат, иако не смееле. Сега велат дека немаат пари за да го спасат Езерото. Општината бара пари од Владата за низа мерки кои би можеле да бидат од помош.

Македонските граѓани неколку пати го плаќаат езерото Младост. Првиот пат кога со свој придонес ја граделе акумулацијата. Сега како жртви на корупцијата и неказнивоста, кога мора да ги исчистат фекалиите на оние, кои и покрај законската забрана, ја испуштаат канализацијата во водата.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Поврзани стории

Тажната приказна за езерото „Младост“: Наместо смарт, стана смрт

Велес ја губи и онаа малку вода што остана