fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Расадник ги преживеа градежниците, но не и пироманите

Расадник ги преживеа градежниците, но не и пироманите

  • Расадник е дел од зелената тројка на Скопје заедно со Градски парк и Парк шумата „Гази Баба“.
  • Во 2019 година Општината најави дека планира на овој единствен слободен простор во Кисела Вода да никнат 100 нови згради на што граѓаните се противставија.
  • По локалните избори, се одржаа два конкурси, а на вториот се избраа два победнички прооекти.
  • Најавено беше дека новиот детален урбанистички план за населбата „Расадник“ ќе почне да се изработува од јануари годинава, кога на тендер ќе се избира и планерската куќа.
  • Пожарот ги врати сомнежите дека зеленилото ќе ја изгуби битката со човечката алчност.

На 1.818 км2 ширина од Водно до Радишани и од Драчево до Ѓорче Петров должина, Скопје се обидува да ги преживее сите предизвици. Помеѓу двата пописа, од 2002 до 2021, Македонија останала без 185.834 жители, но Скопје е единствениот град кој за две децении добил околу 20 илјади нови жители. Грубо, секоја година во главниот град се доселувале околу 1.000 нови жители, а за сметка на тоа, другите градови губеле и по десет пати повеќе луѓе. За да ги собере, но и да ги задоволи апетитите на градежниците, Скопје постојано го менува ликот и се гради.

За да се ублажи бетонската блокада, на скопската мапа се забележува „светата зелена тројка“: Градски парк – Парк шума „Гази Баба“ – Расадник. Ова би требало да биде приоритет на градското ткиво.

rasadnik gi rezivea gradeznicite no ne i piromanite 1

Расадник е дел од зелената тројка на Скопје заедно со Градски парк и Парк шумата „Гази Баба“

Една од трите, Расадникот во Кисела Вода е зелена оаза на градот. Она што овде спонтано се случува беше видлив биодиверзитет кој како последица на застојот на планското експлоатирање, го фатило својот природен тек на развој.

Расадникот на можности растргнат од лакомоста за профит

Едни на барикадите за хуман живот и за запирање на бетонизацијата, други бараат повеќе згради и катови за повеќе пари. Скопје во Расадник може да го добие својот „Хајд Парк“. Попречувањето на ружата на ветрови којашто поминува оттука може засекогаш да го „загуши“ главниот град во загадениот воздух.

Но, природата тешко го сокрива она што влегува во видик на алчното човечко око. Кога во 2019 година Општината најави дека планира на овој единствен слободен простор во Кисела Вода да никнат 100 нови згради – или трипати повеќе од веќе изградените, граѓаните се спротивставија.

rasadnik gi rezivea gradeznicite no ne i piromanite 2

Пред 5 години Општина Кисела Вода најави изградба на 100 нови згради, на што жителите на Расадник се спротивставија

„Секоја Општина и секој градоначалник се стреми да си ја урбанизира својата Општина“, се правдаше тогашниот градоначалник Филип Темелковски.

Меѓународен конкурс за спас на зеленилото

Следеа и локални избори и смена на локалната власт, па и планот навидум се смени. Сега најавата беше дека Расадник ќе се уредува преку меѓународен јавен конкурс.

Откако првиот оглас беше поништен бидејќи пристигнале само четири од потребниот минимум проекти, вториот сепак беше прогласен за успешен иако пристигнаа само пет.

„За прв пат, после изборот на планот на Кензо Танге, за обнова на постземјотресно Скопје во 1965 година, Општина Кисела Вода распиша меѓународен конкурс за идејно решение на Расадник, од кој што денес ги имаме резултатите“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во ноември лани.

Доделени беа две први награди, една трета награда и еден откуп. Добитници на првата награда  се студиото „AG PLANUM  doo“ од Хрватска и тимот од Грција предводен од Алексиос Цомпанакис.

Плановите за Расадник кои добија прво места на меѓународниот конкурс (Извор: marh.mk)

Ваквиот потег на Општина Кисела Вода беше оценет како глас на добронамерната критика, отпор на дел стручната фела и на граѓаните, со што се прави смел чекор во стопирањето на урбанистичките желботеки на бизнис-елитата. Најавено беше дека новиот детален урбанистички план за населбата „Расадник“ во скопската општина Кисела Вода ќе се прави како комбинација од најдобрите решенија од наградените трудови, а концептот ќе почне да се изработува на почетокот на 2024 година, кога на тендер ќе се избира и планерската куќа.

Во деветтиот месец од надежната година за Расадник, оган го пеплоса зеленилото во Кисела Вода.

Зеленилото на Расадник исчезна за неколку часа (Фото извор: ФБ страница на градоначалникот на Кисела Вода)

„Пожарот во Расадник во Кисела Вода во Скопје е целосно изгаснат. Иако во внатрешноста сѐ уште можат да се забележат одредени горења кои што и понатаму ќе чадат, но граѓаните нема причина да бидат вознемирени“, изјави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, на самото место на пожарот.

Изјавите да нема вознемиреност не се доволно убедливи за граѓаните кои се речиси секогаш изневерени, па со сомнеж коментираа дека пожарот е најверојатно старата пракса запали па гради.

„Македонска измена на ДУП-от“, „Гори Расадник во Кисела Вода, некој треба згради да гради“, се дел од коментарите на социјалните мрежи

Граѓаните и овој пожар го сметаат како старата пракса „запали,па гради“

Ден по пожарот, градоначалникот на Кисела Вода со статус на социјалните медиуми им вети на жителите дека никој нема да гради без план на опожарена површина.

„Без грижи, никој повеќе нема да гради без план на опожарени површини. Јас стојам заедно до интересите на граѓаните“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Според официјалната верзија од МВР пожарот го предизвикале тројца малолетници кои фрлале пиротехнички средства, за што ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против еден 14-годишен малолетник за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност”. Но, она што се гледа на теренот е дека третиот дел од „светата зелена тројка“ ја смени својата бојата и останува да го дочека ДУП-от на кој од Кисела Вода велат дека веќе се работи.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Поврзани стории:

Расадникот на можности растргнат од лакомоста за профит

Зелената транзиција – долг пат за Македонија со празни ветувања и ненаучени лекции

Скопската магла ги проголта ветувањата за еко-држава

За градското зеленило (2): Потенцијал за промени