fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Зелената транзиција e долг пат за Македонија

Зелената транзиција – долг пат за Македонија со празни ветувања и ненаучени лекции

  • Ако ги прочитаме барем ветувањата дадени во претходната изборна кампања, денес Македонија требаше да биде еколошки рај во Европа.
  • Реалноста е дека ветувањата лесно се даваат, се прават бомбастични промоции, додека секоја година токму буџетот за животната средина се намалува.
  • Македонија е на врвот на листата на градови со најголемо аерозагадување, депонии има на секој чекор, дивоградби никнуваат и во заштитените подрачја.
  • Триото СДСМ, ДУИ и ДОМ кое енергично стартуваше во решавањето на еколошките проблеми, не ја задржа потребната одлучност низ годините, што креираше прецепција дека се тактизира со одредени ветувања или со тајмингот за нивна примена.

Зелени ѕидови и коридори околу сите жешки точки, секој жител има по 25 квадратни метри зеленило, редовно се пошумува Водно и Скопска Црна Гора, а возилата имаат еколошки налепници во боја, во зависност од еуро- стандардите на нивните мотори. Во реално време се следат податоците за емисиите од големите загадувачки капацитети, преку посебна апликација се пријавуваат и следат еколошките прекршоци, а со инструмент кој користи нуклеарни технологии се анализира составот на ПМ честичките во воздухот. Ова требаше да биде реалноста во Македонија доколку ветувањата на владејачките партии за животната средина се реализираа. Но, тоа не се случи. Сега сме на прагот на нови избори, па на страниците на партиските програми ќе се најдат нови ветувања, додека оние дадени пред 4 години ќе останат во историјата.

Ако се вратиме наназад, ќе се сетиме дека СДСМ во својата партиска програма ветуваше еколошка зелена држава, „храбри чекори за заштита на природата и чистење на земјата, водата и воздухот од негрижата“, ДОМ како единствена „зелена“ партија се залагаше за зелена економија, а еколошката агенда ја зафати и ДУИ, која официјално се преслече во зелено и објави дека животната средина станува нејзин приоритет. Сепак, улогата што самите си ја доделија, да бидат заштитници на природата, траеше кратко – колку што трае една изборна кампања.

2024 – краен рок за ветувањата од „Можеме“

Во програмата „Можеме“ со која СДСМ настапи на парламентарните избори, главни ветувања за животната средина беа: чист воздух, зголемена контрола на загадувачите, одржливо управување со отпадот, заштита и зачувување на природата и биолошката разновидност, правилно и правично управување со водите, климатско неутрално општество и зелен транспорт, но голем дел од проектите кои требаше да водат кон исполнување на овие цели ги пробија поставените рокови и поради различни причини не се реализираа.

Најавите дека со субвенции ќе им се помага на граѓаните за прифаќање на поеколошки методи за загревање се со симболичен ефект, бидејќи нема анализа до колку домаќинства стигнаа, а не се остварија ниту останатите ветувања поврзани со намалување на аерозагадувањето – за редовни контроли на загадувачите и за ригорозни казни за фабриките и за граѓаните кои загадуваат. Не само во делот за аерозагадувањето, потфрлања, има и кај ветувањата за управување со отпадот, ги нема ветените зелени површини кај критичните точки, нема нови патеки за велосипеди. На динамичните климатски промени, се одговори со подготвување закон кој сè уште не е донесен.

Дел од ветувањата во програмата се поврзани со 2024 година, како изборна година и последен рок за финализирање на мерките за чиста околина, но наместо тоа, сведоци сме дека дел од проектите низ годините се заборавија, финансиите беа кратени, други, пак, воопшто не ни започнаа да се применуваат.

Дел од ветувањата во програмата на СДСМ се поврзани со 2024 година, како изборна година и последен рок за финализирање на мерките за чиста околина

Меѓу ветувањата беше и дека „до 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење, а сите јавни институции ќе се поврзат на централно парно греење, на гас, ќе користат високоефикасни инвертер клима уреди или топлотни пумпи“. До оваа година, Државниот инспекторат за животна средина, требаше да биде екипиран и кадровски и со опрема, но издвоени се само минимални средства од буџетот за теренски контроли на дваесетината инспектори.

За справување со загадувањето се ветуваше и „помош на граѓаните да ги реновираат своите домови со што би трошеле помалку енергија, гас до што повеќе домаќинства и поддршка на индустријата за да биде лидер во зелената економија“, а за сообраќајот, употреба на природен гас и пропан-бутан и стимулирање на јавниот и организираниот превоз во градските средини и во поголемите компании.

zelenata tranzicija dolg pat za makedonija so prazni vetuvanja i nenauceni lekcii 5

Справувањето со аерозагадувањето и греењето се секогаш дел од изборните програми, но никој досега не најде решение

Екоактивистот Дејан Димитровски вели дека, иако многу се ветувало, против аерозагадувањето се презеле само мерки за кои не требале многу пари и поради тоа нема резултати.

dejan dimitrovski 300x300 1„Колку е чист воздухот може да се види на мерните станици, според кои Скопје и оваа зима беше меѓу неколку најзагадени градови во Европа. Покрај Скопје, сега голема загаденост на воздухот се покажува и во Струмица, Кичево, Кавадарци, Куманово и други градови. Тоа значи дека сè уште има индустрија што не се контролира, масовно се користат фосилни горива и во јавниот и во приватниот сектор, а на улиците гледаме многу стари возила, зашто нема политика за поддршка на замената на старите со нови возила. Македонија има висока сиромаштија и државата е таа што треба да им помогне на граѓаните да можат да преминат на поеколошко греење и на поеколошки возила. Она што се прави досега е главно шминка со мали пари од буџетот без поголем ефект. Сите влади досега ветуваа многу на ова поле, но досега никој не го исполни ветеното“, вели Димитровски.

И активистот за заштита на животната средина Јане Димески, советник на независната група „Шанса за Центар“ констатира дека има неисполнување на ветувањата по сите основи.

jane dimeski 300x300 1 „Политиките околу аерозагадување заглавија на амбициозниот план кој повеќе се рекламираше отколку што се спроведе. Ако ги погледнете предвидените резултати има целосно потфрлање скоро по сите основи. Ниту се прошири мрежата на парното греење во Скопје, ниту Битола досега доби парно греење од РЕК Битола. По првичните поединечни промени на начинот на загревање кај неколку јавни објекти низ Македонија и таа активност застана. Така денеска ние изброивме над 700 јавни објекти низ целата држава кои секоја зима користат најчесто нафта за греење, а десетици уште се на мазут, а еден објект – затворот Идризово дури користи и јаглен. Што значи, државата и општините остануваат да загадуваат односно да бидат дел од проблемот наместо да служат за пример“, вели Димески.

Ветувањето дека ќе се промени начинот на греење, се сведе на субвенционирање на домаќинствата и набавки на инвертер клими, без некоја конзистентна политика на определување на целни групи на кои им е најпотребна помошта и без некакво мерење на резултатите. Во делот на политиката за замена на печките на дрва со поефикасни печки на дрва нема никаков податок за да се увиди дали воопшто имало некаков напредок.

Не се исполнети ниту политиките за подобрена ефикасност кај 10.000 домаќинства, ниту е остварена бројката од 3.000 домаќинства приклучени на гас, ниту постои јасен механизам за поддршка на менување на начинот на греење кај 2.000 социјални домаќинства од ранливите категории, ниту анализа кај колку тоа е направено.

Ветувањата се одложуваа, а буџетот се ситнеше

Проблемите во животната средина само краток период имаа приоритет за Владата предводена од СДСМ – буџетот за чист воздух секоја година се ситнеше и оваа ставка редовно се коригираше при ребаланс. Ветените 15 милиони евра за мерки против аерозагадувањето не се издвоија, а за оваа ставка никогаш немаше повеќе од 2,4 милиони, колку што изнесуваа буџетите за мерки против аерозагадувањето во 2019 и во 2020. Оваа сума потоа се намалуваше, во 2022 се спушти на 900 илјади евра, а во 2023 година падна на нешто повеќе од 700 илјади евра, што е недоволно за ваков сериозен проблем.

Ограничените приходи влијаеа и на динамиката на реализацијата на проектите – плановите за интензивно зазеленување на државата со поставување на зелен ѕид на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, зелени зони околу индустриските капацитети и зелени коридори на критичните точки за подобар квалитет на урбаното живеење останаа само добри идеи.

Покрај финансиите и други причини придонесоа за слабата ефикасност на реализација на програмата, како што беа притисоците од бизнис-заедницата, политичките интереси, а дел од ветувањата не се реализираа и поради промената на власта на локално ниво. Колатерална штета од партиското инаетење и водењето грижа за бизнис олигархијата е законот за контрола на индустриските емисии, со кој требаше да се овозможи 24 часовна контрола на емисиите на штетни гасови од фабриките, а истата судбина ја доживеа и законот за климатска акција, кој исто така е заглавен со години и сè уште не е изгласан. Не се исполни и ветувањето за формирање на комунална полиција за мандатни казни за граѓаните кои создаваат диви депонии, палат гуми и контејнери и го загадуваат воздухот.

zelenata tranzicija dolg pat za makedonija so prazni vetuvanja i nenauceni lekcii 6

Нема јунак кој ќе се справи со дивоградбите на Матка

Очекувањата за повеќе зеленило и помалку загадување не се остварија и зашто не се спроведуваше законот со кој се пропишуваше минимум зеленило а се продолжи и со соголување на шумите и планините.

„Во градовите малку се намали уништувањето на зеленилото откако се донесе Законот за урбано зеленило во 2018. Ама пак не се почитува докрај и се изигрува масовно во делот на 20% проценти зеленило на градежна парцела. Затоа беа иницирани измени и дополни на законот од страна на екоактивисти и експерти за урбанизам и шумарство, се изработи верзија со поголема контрола и казни за прекршителите на законот, доби поддршка од релевантните институции, па дури и од зелената парламентарна група, ама на крајот не се поднесе за усвојување. Очигледно пак се замешал некој на кој не му одговара. Последниве години се прогласија за заштитени подрачја Осогово, Малешево и Матка, а Шар Планина за национален парк. Ама не гледаме добро управување со нив. На пример, Матка и понатаму се уништува со дивоградби и никој ништо не презема. Дива сеча има во сите шуми низ Македонија, ги соголија планините, а некој ги штити дрвокрадците“, коментира Димитровски.

zelenata tranzicija dolg pat za makedonija so prazni vetuvanja i nenauceni lekcii 7

Никој досега не успеа да ги спречи нелегалните сечи на шумите за значителен црн профит (Скопска Црна Гора)

Димески се надоврзува на темата за уништувањето на шумите и ја поврзува со монополската позиција на „Македонски шуми“.

„Проблем е и самото претпријатие Национални Шуми кое држи монопол за снабдување со огревно дрво. Ова превработено и најголемо јавно претпријатие во државата поради долгогодишната партизација и неефикасност постојано создава загуби работењето и опстојува на праксата да ги намалува загубите преку намалување на производството на дрво со што остава значителен дел од пазарот за снабдување со дрво на нелегални сечачи кои од оваа активност генерираат значителен црн профит, ги пустошат шумите со нестручна сеча и доставуваат огревно дрво со сомнителен квалитет и поголема влажност, а влажното дрво придонесува значително за зголемување на загадувањето на воздухот од домаќинствата“, анализира Димески.

Политиките за отпадот, само мртви букви на хартија

Сликата за животната средина станува уште поалармантна кога ќе се спомене и проблемот со отпадот. Во партиската програма СДСМ ветуваше негово намалување, осовременување на депониите, засилени контроли на увоз и извоз на отпад, самоодржливо управување со градската депонија Дрисла.

zelenata tranzicija dolg pat za makedonija so prazni vetuvanja i nenauceni lekcii 8

Политиките за справување со отпадот се мртни букви на хартија (Русино)

Но, наспроти напишаното дека „ќе се воведат засилени контроли на увоз и извоз на отпад и дека во Скопскиот регион ќе поддржат поефикасен систем на собирање на отпад“, реалноста покажува дека отпадот и натаму е „сеприсутен“. Фрагментираните мерки не испорачаа промени во генералната политика за справување со последиците од отпадот и се продолжи со негово складирање на депонии кои немаат никаков стандард.

„Политиките за отпадот се само мртви букви на хартија. Скопската депонија не е променета воопшто, а другите се сите во полоша состојба. Напредок некаков има кај новата регионална депонија кај Свети Николе, но останатите се сите во незавидна состојба. Најголемиот проблем во Скопје е што воопшто не се направи посериозен исчекор во селектирањето на отпадот, ниту пак во отворањето на компостарите на кои треба да се компостира дел од органскиот отпад наместо да завршува во депониите и таму да ослободува гас – метан на кој му се припишува скоро една третина од уделот на светско ниво во создавањето на ефектот на стаклена градина. Во поглед на отпадот не е направен никаков исчекор во насока да се превенира воопшто создавањето на нов отпад кој секоја година се зголемува, туку сè е насочено само кон неуспешно справување во собирањето на растечките количини на отпад“, вели Димески.

Потфрлање има, исто така, во поглед на забраната за употреба на пластичните кеси. Иако во програмата се ветува дека до 2024 година, кесите ќе се забранат за употреба во малопродажба, сè уште ги има насекаде, а алтернативите, како хартиените кеси кои требаше да ги заменат, скоро целосно исчезнаа од продажните места.

Еколошкиот авантуризам на ДУИ со краток век и со проекти на хартија

На зелената агенда се построи и владиниот партнер ДУИ на кои еколошките амбиции им беа со краток здив. И покрај тоа што предизборните ветувања за парламентарните избори во 2020 година за чист воздух, намалување на отпадот и енергетска ефикасност не беа до крај остварени, тоа не ги предомисли, две години подоцна на локалните избори да се прогласат за предводници на зелената агенда. Нивниот претседател Ахмети, на 19-иот роденден на партијата и Светскиот ден на животната средина – 5 јуни, најави дека партијата ја прифаќа зелената агенда како дел од Европскиот зелен договор и ја додава на нејзините програмски столбови како еден приоритет, истакнувајќи дека инспирација била активистката Грета Тунберг и нејзината мисија за справување со климатските промени.

zelenata tranzicija dolg pat za makedonija so prazni vetuvanja i nenauceni lekcii 9

На локалните избори 2022 ДУИ се прогласи за предводник на зелената агенда (Фото извор: mms.mk)

„Младата девојка, Грета Тунберг, го алармираше светот за климатските промени. Дојде време да ги прифатиме овие политики за зелена, безбедна, развиена и здрава иднина. Тоа го бараат младите. Младите гласно бараат услови за живот слични на нивните врсници на Запад, модерна животна средина со чиста вода, чиста вода, зелени планини и полиња, модерни автопатишта, зелена енергија, енергетски ефикасни училишта, градинки и болници, безбедни и современи. Во мојата младост, реките беа толку чисти што ја пиевме таа проточна вода“, рече Ахмети, на промоцијата на Зелената платформа на ДУИ.

Во програмата, ДУИ се обврза на „чист воздух, населби без отпад, канализација во секое рурално место“. Бараше глас од граѓаните со ветување дека ќе покрие 50% од трошоците за приклучок на гас и дека ќе го донесе до секој дом, дека редовно ќе се чистат речните корита, секој дом ќе добие чиста вода за пиење. Нгадњим Мехмети, претседател на здружението „Еко Герила“ вели дека ДУИ само ја искористила темата за локалните избори, инаку екологијата воопшто не ги интересира.

mehmeti 300x300 1„Зелената агенда беше атрактивна тема на локалните избори во 2022. Тие не ја чувствуваат лично темата за животна средина а да не збориме за климатските промени. Се ветуваше чиста вода до секоја куќа, а и натаму има села каде користат вода од бунари. Канализација нема сè уште ни во седиштето на ДУИ во Мала Речица, а ни во родното место на лидерот на ДУИ во село Зајас. Нема ништо ниту од ветувањата за отпад, а на хартија останаа и ветувањата за приклучок на гас. За жал нема ниту нови патеки за трчање, ниту за возење на велосипед“, вели Мехмети.

Единствено што е исполнето е ветувањето за прогласување на Шар Планина за национален парк но „и тоа го направија по никнувањето на хидроцентралите, додава тој.

За еко активистите аргумент за (не)грижата на ДУИ кон животната средина е и бројот на министри за екологија од оваа партија. Небаре кадровски расадник за сферата на животна средина, партиски функционери на ДУИ повеќе од десет години раководат со овој ресор и тоа во период кога земјава урива рекорди во загаденост, расфрлан отпад и депонии во комбинација со алчна и незапирлива бетонизација која го уништува зеленилото.

Зелената иднина на ДОМ остана на хартија

Главниот протагонист за животната средина во Владата – партијата ДОМ, како застапник на зелените, досега немаше свој кадар на водечката позиција во екологија, но учествуваше во спроведувањето на политиките со државни секретари и преку активности на нивната пратеничка во Собранието. Во програмата „Иднината е зелена“, со која настапија на парламентарните избори ветуваа алтернативен транспорт, затворање на каменоломи и рудници, воведување на концепт на зелени паметни градови… Но, малку од напишаното, посебно во делот на отпадот, забраната на употреба на кеси и  заштитата на биодиверзитетот е исполнето.

И сагата со рудникот во Иловица – Штука, за која во програмата велат дека „преку граѓански референдуми и протести на кои активно се вклучи и ДОМ, Владата ги одзеде концесиите на рудниците Казандол и Иловица – Штука“, сè уште не е дефинитивно завршена.

Од другите ветувања, ДОМ се залагаше „велосипедот да се третира како примарно превозно средство во категоријата транспорт, целосна санација на жешките точки во кои има присуство и емисија на хемиски и органски загадувачи во почвите, повеќе подрачја да бидат прогласени за заштитени“. Но, овие ветувања, а и редица други не се остварија.

Ваквиот заклучок го потврдуваат и самите тие во партиската програма во која неисполнувањата на дел од ветувањата ги објаснуваат со (не)можноста владејачките елити да се справат со одредени притисоци.

„Покрај Националниот парк Маврово, на удар на бизнис интересите се и Споменикот на природата Матка, строгиот природен резерват Тиквешко Езеро и Парк шумата Водно. За жал, постапките за прогласување на овие заштитени подрачја траат премногу долго. Очигледно постои интерес тие да не се заштитат, за да може да се градат објекти и инфраструктура, на штета на зачувувањето на природната околина и на биолошката разновидност“, пишува во програмата на ДОМ.

Неисполнувањата на дел од ветувањата од ДОМ ги објаснуваат со (не)можноста владејачките елити да се справат со одредени притисоци

Од сите дадени ветувања, најголем напредок е направен во зголемувањето на користењето обновливи извори на енергија, пред сè на сонцето и на ветерот, што се овозможи со новиот Закон за енергетика донесен во 2018 година. Но, од ДОМ реагираат на лимитирачките капацитети, па така во својата партиска програма напишале дека „и покрај големото значење на Законот за енергетика за зголемено користење на обновливи извори, ДОМ изразува загриженост во врска со дефинирањето на максимум 4 KW инсталирана моќност од сончеви панели по домаќинство. Ова ограничување не им овозможува на домаќинствата да инсталираат сончеви панели според своите потреби“.

Зелената транзиција – долг пат за Македонија

Триото СДСМ, ДУИ и ДОМ кое енергично стартуваше во решавањето на еколошките проблеми, не ја задржа потребната одлучност низ годините, што креираше прецепција дека се тактизира со одредени ветувања или со тајмингот за нивна примена. Во земја во која проблемите во животната средина секогаш биле маргинализирани, за видливи промени, освен напишани ветувања и партиски програми, потребно е доследно и принципиелно водење на политика на овој план која нема да зависи од волјата на поединци, стопанственици или на моќници, туку примарен интерес ќе биде здравјето и доброто на граѓаните. Оваа лекција во изминатите 30 години се покажа како ненаучена.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарки: Соња Петрушевска Поповска и Ангела Рајчевска
Фото: Дарко Андоновски

Поврзани стории: