fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava featured

Скопската магла ги проголта ветувањата за еко-држава

  • Животната средина не им е приоритет на големите партии, од кои зависат одлуките, судејќи според буџетот кој е нереално мал за решавање на еколошките проблеми, па дури се пренаменува за други ставки.
  • Загадувачите ниту добија повисоки казни, не се зголеми ниту бројот на инспектори а ниту се регулираше начинот на издавање на еколошките дозволи.
  • Замре интересот за замена на нееколошките системи на греење, а парите кои се одвојуваа од буџетот за оваа намена секнаа.
  • Најавениот пробив во земјава на електрични и хибридни возила со доделување на субвенции не се оствари, ниту пак проектот за еколошки налепници.
  • Сè уште не е започнат процесот на затворање на депониите во Источниот и Североисточниот регион, како и изградбата на центар за управување со отпад.
  • Следната година е последниот рок за исполнување на клучните зелени проекти, но имајќи предвид дека е изборна година еко-активистите и граѓаните со право се сомневаат дека е можен пресврт.

Најголем дел од ветувањата од владината програма за заштита на животната средина се само желби и за следната година. Тогаш, според предвидувањата утврдени во програмата е последниот рок за исполнување на клучните зелени проекти. Еко-активистите и граѓаните со право се сомневаат во можен пресврт во изборна година, со оглед дека  цели шест години најголем дел од ветените проекти не видоа бел ден, вклучувајќи ги и столбовите на еколошката програма на владиниот тим со кои се најавуваа револуционерни исчекори во делот за чист воздух, расчистување со депониите, како и мерки за ублажување на ефектите од климатските промени, еколошки извори на енергија и зелен транспорт.

Заложбите за чување на животната средина се само декларативни – коментира Лилјана Поповска од Зелен институт. Според неа, тоа се гледа и од буџетот кој е нереално мал за решавање на еколошките проблеми, па дури се пренаменува за други ставки. За неа е неразбирливо, зошто кога се зголемува основниот буџет не се зголеми и буџетот за животната средина.

liljana popovska 300x300 1„Животната средина не им е приоритет на големите партии, од кои зависат одлуките. Затоа не се носат одлуки за реален буџет што е потребен за решавање на еколошките проблеми, ниту одлуки за целосно наменско трошење на предвидените буџетски средства. Речиси секоја година се пренаменува дел од и така скромниот буџет за животната средина. Понатаму, солидните повеќе милиони евра собрани од еколошките такси не одат за намалување на загадувањето и други еколошки цели, туку се втопуваат во буџетот без трага. При сево ова, има од сè по малку: се штитат одредени коруптивни зделки, нема доволно волја, има други приоритети“, вели Лилјана Поповска од „Зелен Институт“.

Таа додава дека е точно оти се потребни поголеми средства за решавање на еколошките проблеми, но „ако можел да се зголеми вкупниот буџет 5-пати во последниве 15 години, зошто тогаш во иста мерка не се зголемил и буџетот за животната средина? Зарем нашето здравје не вреди за чеснo вложување во поздрав и поквалитетен живот, прашува таа.

Неказнивоста на загадувачите нè отру

На стартот на новата зимска сезона, загадувањето почна да ги достигнува неславните пикови како најава за она што можеме да не очекува. Мерките кои се промовираа како клучни за намалување на аерозагадувањето, во меѓувреме исчезнаа, се модифицираа, а надлежните се откажаа од нивното спроведување. По првичната еуфорија, спласна интересот за поголем дел од нив.

skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava 2

Очекувањата дека со повисоки казни ќе се прочистат чадот и смрдеата во воздухот не се случија

Изборните ветувања се рециклираат, роковите за нивна реализација се пролонгираат, а граѓаните и натаму страдаат од отровниот воздух. Очекувањата дека надлежните ќе ја „издуваат“ маглата и со повисоки казни ќе ги прочистат чадот и смрдеата во воздухот не се случија. Загадувачите ниту добија повисоки казни, не се зголеми ниту бројот на инспектори а ниту се регулираше начинот на издавање на еколошките дозволи. Неказнивоста само ги влоши последиците од загадувањето од кое секоја година животот го губат околу 5.600 граѓани.

По неколкуте неуспешни обиди од страна на граѓанските организации надлежните да се убедат за поголема поддршка на инспекторите, во владината програма сега се дава ветување со нов рок – до крајот на следната година „ќе се воведе 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина, ќе се вмрежуваат државните и локалните капацитети и ќе се зголемат нивните ингеренции“.

skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava 3

Програма за работа на Владата за перидот 2022-2024

Поповска вели дека се пропуштила шансата ова ветување да се оствари во 2022 година, кога се носеше Законот за инспекциски надзор и не беа целосно прифатени амандманите на невладините организации.

„Клучен е Законот за инспекциски надзор во животната средина, кој се донесе во 2022, во рамките на кампањата на ИКС ‘Разбистри се’. Тоа беше нов закон, кој лежел во фиока со години, а го извади тогашната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска. Се работеше преку Министерството за животна средина, ДИЖС и работна група на ГИС – Граѓанскиот совет за инспекциски надзор. Го координирав делот со граѓанската вклученост и сум сведок дека се направи солиден закон, каде клучно беше да се утврди координација помеѓу инспекторите за животна средина на локално ниво и оние на државно ниво, за да не се пропуштаат еколошки хаварии со образложенија на ненадлежност на едни или други. И тоа го утврди законот, но не го допрецизира. Имено, министерството одби да прифати амандмани од ГИС, кои ја прецизираа контролата, надзорот и субординацијата во работата на различните државни и локални институции, инспекторати и инспектори. Ги одби и амандманите со кои државата преземаше обврски да го опреми ДИЖС со техничка опрема, средства за лабораториски испитувања, кадри, обуки и правна служба за успешна работа и координирање со општинските инспектори. Колку што можеме да следиме сега, продолжува тој паралелизам во контролата на загадувачите на општинско и на државно ниво, а ДИЖС и понатаму останува несоодветно опремен технички и кадровски. На општинско ниво има по еден или ниеден инспектор за животна средина на општина, а и тие во голем број случаи не се доволно обучени, а уште помалку координирани со државните инспектори, за да работат како една уиграна машинерија во одбрана од загадувањето“, вели Поповска.

Поповска зборува и за сомнителното доделување на А и Б-интегрирани дозволи.

„Посебен проблем се нестандардните еколошки елаборати за добивање Б-интегрирани дозволи од општините, издадени неретко на сомнителен начин. Оттаму имаме големи загадувања од мали погончиња, кои користат којзнае какви горива и имаат којзнае какви активности. Исто така и за А-интегрирани дозволи постојат несоодветни документи, некаде поради незнаење и грешка на некој службеник, а некаде поради личен ќар. Пример е згурата од Пробиштип донесена во скопски Орман и фрлена во двор. Или пред неколку години, погонот за преработка на медицински и друг отпад, сместен комшиски до два погона за преработка на храна во Гази Баба. Е, сега на вакви елаборати и дозволи, кога ќе додадете необучени или неодговорни инспектори, и да гледаат, нема да видат“, вели таа.

Новинарката Југослава Дуковска која долги години редовно ги следи состојбите во оваа област смета дека не е доволно ветувањето дека ќе се донесе закон за индустриски емисии, и дека ќе се обезбедат меки кредитни линии за набавка на опрема и на нови технологии за влијание на загадувањето за мали, средни и големи капацитети.Тоа за неа ја надополнува листата на владини ветувања поврзани со аерозагадувањето кои не се исполнети.

jugoslava polenak 300x300 1 „Дека Владата нема намера да се потруди да им го овозможи на своите сограѓани да дишат барем почист воздух се покажа и со упорното најавување и уште поупорното недонесување на законот за индустриски мисии и управувањето со ризици, иако одговорните во владата секоја година го велат истото: законот е во финална, завршна фаза, ќе содржи ова, она, меѓу другото и 24-часовен мониторинг во живо на големите загадувачи на кои државата им издава А-интегрирани еколошки дозволи (за да знае дали носителите на дозволите – големите индустриски капацитети – загадуваат, и колку). ЕК во извештајот за 2023 констатираше кусо: нема развој во делот на интегрирани дозволи“, е коментарот на Дуковска.

Пратеничка рампа за повисоките казни за загадувачите

Бескомпромисната битка со загадувачите, како што беше главното ветување во Програмата за животна средина на СДСМ насловена како „Можеме“ – заврши уште пред да почне.

skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava 5

Програма на СДСМ „Можеме“

Пакетот клучни закони за животната средина со кои се предлагаше и зголемување на казните за загадувачите за 20% беа претставени од Владата на еуфорични прес-конференции со констатација дека им се „стапнало на нога“ на загадувачите и се става крај на самоволитето. Но, нивната моќ никогаш не се успеа да се види. Од целосно нејасни причини, драконските казни за загадувачите кои веројатно ќе придонесоа загадувачите да се вразумат и да ја зголемата грижата за здравјето на граѓаните и на животната средина, никогаш не добија поддршка од 80 пратеници.

Тогашниот министер за животна средина Насер Нуредини неколкупати апелираше законите да се усвојат, но наместо суштинска дебата и гласање, власта и опозицијата си реплицираа со меѓусебни обвинувања околу вината за тоа зашто законот нема поддршка. Од тогаш поминаа три години а во меѓувреме не се случи никаков пресврт.

skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava 6

Не се реализираше ниту проектот за еколошки налепници, за идентификација на возилата според ЕУРО стандардите

Колатерална штета беа редица други закони – за квалитетот на амбиентален воздух, за заштита на природата, Законот за води, Законот за бучава – кои беа поднесени во пакет со законот за зголемување на казните за загадувачите. Тие ја доживеја истата судбина. Сите тие, се наброени во последниот Извештајот на Европската унија за напредокот на земјата како закони кои одамна требало да бидат одобрени.

Отвореното противење на пратениците да се стави крај на самоволието на загадувачите, всушност ја запечати надежта за правда и ветувањето дека „загадувачот плаќа“.

arianit 300x300 1

„Бизнис интересите остануваат приоритет на партиите. Нивни финансиски поддржувачи и лобисти се некои од најголемите загадувачи, и нормално дека не можеме да очекуваме партиите да ги казнат нивните пријатели и донатори“, вели Аријанит Џафери од Еко-герила.

Од зелени коридори, до зелени зони – што е запишано, а што е остварливо

И други ветувања од партиската програма која потоа се преточи во владина програма не се неисполнија до крај или комплетно се заборавија. По првичниот елан, замре интересот за замена на нееколошките системи на греење, а парите кои се одвојуваа од буџетот за оваа намена секнаа. Министерка за животна средина Каја Шукова вели дека замената на нееколошките системи за греење ќе продолжи догодина во четири општини со пари од ЕУ.

Ова ветување е на врвот на листата мерки во поглавјето „Заштита на животна средина, зелен и одржлив развој“ во кое пишува дека „до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. Сите јавни институции се мапирани и ќе се донесат одлуки за најсоодветните решенија“.

skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava 7

Програма за работа на Владата за перидоот 2022-2024

„На самиот праг на 2024, можеме да констатираме дека сме, по којзнае кој пат, излажани. Граѓанското здружение од Скопје – Шанса за Центар, неодамна изврши мапирање на јавни институции кои се загадувачи на воздухот и – бројките кажуваат сè: Само во Скопје се регистрирани 100 институции болници, градинки, училишта, касарни, судови … и други установи што користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење. Во цела Македонија бројката е уште покатастрофална – утврдени се речиси 700 такви објекти. Таа зборува дека ниту во 2023 година не се направи промена на начинот на греење кај огромен број јавни објекти што се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима, па така, тие продолжат да загадуваат и оваа зима. Да бидеме начисто – објектите се објекти, но, се знае кој е стопанот, па во овој случај, македонските граѓани директно ги загадува – државата!,“ коментира новинарката Југослава Дуковска.

И најавениот пробив во земјава на електрични и хибридни возила со доделување на субвенции не се оствари. Пари за оваа мерка, која требаше да влијае на намалување на токсичноста на отровните гасови од автомобилите не се предвидени ниту во буџетот за 2024 година. Не се реализираше ниту проектот за еколошки налепници, за идентификација на возилата според ЕУРО стандардите.

Спротивно на владините ветувања, податоците за емисиите од големите загадувачи не се објавуваат во реално време, нема засилен надзор на станиците за технички преглед ниту се формираше комунална полиција.

skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava 8

Програма за работа на Владата за перидоот 2022-2024

„Не само што податоците за емисиите од големите загадувачи не се достапни, туку и податоците од мониторинг станиците за квалитетот на воздухот често пати не се јавно достапни. Порталот на МЖСПП често пати не дава податоци за некои мониторинг станици, и граѓаните не се информираат редовно и во реално време околу воздухот што го дишат. Не е забележана засилена контрола врз станиците за технички преглед на возила. Често пати нема никаква контрола, а не засилена. Секојдневно гледаме како излегуваат стари возила од технички преглед кои зад себе оставаат огромен црн чад. Комунална полиција нема. Уште полошо што и комуналните инспектори за животна средина немаат доволно надлежности за пишување казни. Се случува често пати инспекторите да бидат физички нападнати од сопствениците на фирми кои загадуваат и се плашат да ги посетат без полициско засилување. Често пати инспекторите ни кажуваат дека се под закани, или некои се под различни притисоци, вклучувајќи и поткуп,“ вели Џафери од Еко-герила.

skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava 9

Планско и организирано масовно зазеленување низ цела држава нема

Реалноста ја демантира владината програма и во делот дека „ќе се спроведува планско, но интензивно зазеленување на државата, и дека ќе се поставуваат зелени коридори и бариери на критичните точки“ кое не се применува.

„Планско и организирано масовно зазеленување низ цела држава нема. Ново е што одредени градоначалници подигнаа нови и обновија стари паркови и тоа е нов тренд што треба да се истакне и поздрави. Во Кисела Вода се распиша меѓународен конкурс за урбанистичко решение на Расадник, како една од клучните зелени површини во Скопје. Да се надеваме дека ова ќе биде пример што ќе се следи. Но, генерално, сè уште владеат градежните бизниси и профитот, на сметка на здравјето и јавниот интерес. Тоа е овозможено со невладеење на правото, но и со неусогласеноста на Законот за урбано зеленило од 2018 со закони од урбанизам и градење, а посебно со новиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020. Се работи за терминолошка и нормативна неусогласеност, но и за огромни злоупотреби и непочитување на законот од страна на институции и поединци. Некои одредби се веќе и надминати, зашто европските трендови за борба со климатските промени во градовите налагаат повисоки нормативи за зеленило отколку 25м2 по жител и минимум 20% на градежна парцела. Можеби најважна е пристапноста до зеленило на секој граѓанин, независно каде живее, за да нема дискриминирани по оваа снова. Се бараат паркови, паркчиња и зелени и водени површини на 5 до 10 минути од дома, за да живеат луѓето здрав живот, во допир со природата“ коментира Поповска, Зелен Институт.

Поповска очекува драстични промени да се случат по усвојувањето на сетот закони кои Зелениот институт заедно со експерти по урбанизам и шумарство ги изготвиле а станува збор за предлог-измените на Законот за урбано зеленило, за урбанистичко планирање, законот за градење како и правилниците за урбано зеленило и урбанистичко планирање, за кои добиле поддршка од сите засегнати страни.

„Усогласена и надградена регулатива за урбано зеленило ќе биде вредна алатка за обезбедување повеќе паркови во македонските градови, справување со климатските промени и поздрав живот за граѓаните. Да го следиме Париз, кој во последната деценија направи вистинска револуција со зазеленувањето“, вели Поповска.

skopskata magla gi progolta vetuvanjata za eko drzava 10

Сè уште не е започнат процесот на затворање на депониите во Источниот и Североисточниот регион

Освен за намалување на загадувањето, и мерките за справување со отпадот доцнат. На само неколку дена пред новата 2024 година, сè уште не можеме да кажеме дека започнал процесот на затворање на депониите во Источниот и Североисточниот регион и започнала изградбата на центар за управување со отпад. Владата планирала овие активности да се случат во 2022 година. Депонијата пак во Русино, за која се ветува осовременување, се соочува со банкрот поради огромните долгови од општините кои не плаќаат иако го исфрлаат сметот во оваа депонија.

Еколошката политика немоќна пред партиските и интересите на олигарсите

Тешко е да се оцени еколошката политика на земјава, која наликува дека се води во стилот еден чекор напред, два назад. Мерките кои се промовираат како реформски и клучни за заштитата на животната средина, брзо се трансформираат, а властите како да губат сила да ги истераат до крај.

Нуредини го најави, а Шукова ја затвори темата за фондот за животна средина

Нема ниту усогласеност за важните проекти за заштита на животната средина-па се добива впечаток дека мерките не се претходно анализирани, туку се ветуваат набрзина без да се направи преглед на ефектите од нив.

Ако претходниот министер за животна средина Нуредини најавуваше формирање на фонд за животна средина каде би се собирале сите пари наменети за животната средина, новата министерка Шукова ја затвори оваа тема и рече дека фонд нема да има зашто немало политичка волја да се промени начинот на распределба на парите за животната средина. Синхронизираност нема и во другите сектори кога станува збор за проекти поврзани со животната средина.

Пред точно две години тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска воведе данок на возила кој требаше да придонесе за „возен парк кој помалку загадува и да се намали емисијата на CO2“. Нејзиниот наследник Бесими сега за истата цел – намалување на штетноста од издувните гасови најавува нови даночни модификации и двојно зголемување на данокот за увоз на стари автомобили. Даночната промена се најавува без да се реферира кои биле и дали воопшто имало ефекти од претходно воведениот данок за возила.

Неконзистеноста во еколошката политика, креира слика дека проектите за животната средина не се плански осмислени и дека се напуштаат брзо, како и што се најавуваат. Недостасува одлучност да се протуркаат до крај и се бришат, повлекуваат, се забораваат пред партиската или волјата на олигарсите, а со секое заобиколување на дадените ветувања и со отстапки од ветувањата се испраќа порака дека компромиси со животната средина се можни, а тие секогаш се на штета на граѓаните.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Фото: Дарко Андоновски