Зимата и студот не ги спречува да се борат за Ореовец, за водата и за природата
- Веќе осум месеци жители на Ореовец и на други села во околината со жив штит бранат машините на „Бехтел и Енка“ да работат на изградбата на делницата Прилеп-Битола од Коридорот 10-д, кои им го уништуваат имотот и животната средина.
- Се однесуваат со нас како со терористи како што беше пред некој ден со полицијата. Ние само си ги браниме куќите, си ја браниме животната средина, си ја браниме водата, се жалат жителите.
- Не станува збор за асфалтна база, ниту за каменолом, туку за позајмиште за материјал за насип при што нема да се користат дробилици на предметната локација, а според направената студија со работењето на позајмиштето не се загрозени ниту водата, ниту објектите, велат од ЈП за државни патишта за Само прашај.
- Ниту надлежните се со намера да отстапат од урбанистичкиот проект, ниту жителите кои се на барикадите од одбрана на своето што доведува до тензични ситуации како онаа со полицијата пред неколку дена.
Студот пристигна во прилепски Ореовец. Ветрот од Плетвар е силен, веднаш влегува во коски. Зимата иако на прагот, веќе покажува заби. Но, зимата нема да ги скрши жителите на Ореовец кои со месеци се на барикадите за да порачаат дека „силата е во народот, а не во власта“. Тие се противат да се уништува животната средина за да се копа материјал за тампонирање на автопатот Прилеп-Битола што треба да го изгради „Бехтел и Енка“.
Подигнатите шатори крај патот што води кон селото Ореовец сведочат дека локалните жители и по осум месеци се одлучни да останат на барикадите за да го бранат она што е нивно. Локалците не отстапуваат од блокадата на патот за да ги спречат машините на „Бехтел и Енка“ која овде ќе гради асфалтна база. Секојдневно со нив се солидаризираат и други, кои им носат храна, вода, топол чај.
„Ние остануваме до крај. Си го чуваме имотот и за нашите поколенија, за нашите деца. Времето застуде, но ние поорганизирано донесовме шатори. Зимата доаѓа тука. Тие не се откажуваат ама и ние не се откажуваме. Ние ќе останеме до крај, ако треба цела зима, цела зима ќе седиме“, вели Борис Бошковски жител на Ореовец.
Еко активистот Ѓорги Георгиоски се надоврзува дека цел Прилеп им се приклучува во нивната борба.
„Луѓето постојано доаѓаат, носат храна, пијалаци, носат ќебиња, носат сѐ што мислат дека нас овде ќе ни биде потребно“, вели тој.
ЈПДП: Судската постапка не е пречка да се работи
Борис Бошкоски има што да брани. Тој, е роден во Ореовец, па заминал во странство. По 60 години се вратил дома и вложил 120 илјади евра во неговата куќа. И покрај тоа што надлежните ги уверуваат локалците дека нема опасност, претходните минирања на „Бехтел и Енка“ му го оштетиле домот.
„Го бранам она што сум го направил. Моето го бранам, и за мене и за поколенијата. Доказ дека е точно дека ќе ни го уништат селото е Присад. Селото Присад го уништија, тоа село не постои, така и нашето“, вели Борис.
Илија Трајкоски е од Крстец ама и тој е на барикадите. Се занимава со пчеларство и ја сака природата, но стравува дека ископот ќе значи еколошка катастрофа за регионот.
„Ќе опстоиме сѐ додека не се донесе одлука ова одовде да се премести, да нема ископ, ова да се заврши веќе еднаш. Седум-осум месеци ако можело да се истрае, ќе истраеме уште 7,8 и ако треба и повеќе. Но, ископ ќе нема овде, рудник нема да има, еколошка катастрофа на подрачје кое има витално значење за градот Прилеп нема да дозволиме“, вели Илија.
Поранешната опозиција, а сега власт жестоко го критикуваше договорот со „Бехтел и Енка“. Но, сега од ЈП за државни патишта раководено од Коце Трајановски тврдат дека при изградбата на Коридорите 8 и 10д се почитуваат сите законски регулативи и се внимава да се обезбедат сите дозволи и лиценци. Според ЈПДП, Прилеп не се снабдува со вода за пиење од Ореовец.
„Не станува збор за асфалтна база, ниту за каменолом, туку за позајмиште за материјал за насип при што нема да се користат дробилици на предметната локација. Градот Прилеп не се снабдува со вода за пиење од Ореовец, а според напаравената студија со работењето на позајмиштето не се загрозени ниту водата, ниту објектите“, велат од ЈП за државни патишта за Само прашај.
Но, Илија Трајкоски не се согласува со тоа. Вели лага е дека Прилеп не прима вода од Ореовец.
„Прилеп секогаш примал и уште прима вода од Ореовец. Ореовец, Крстец и Плетвар се трите села кои имаат многу големо значење за Прилеп“, додава тој.
И Дејан Ачкоски е револтиран од односот на државата кон нив.
„Се однесуваат со нас како со терористи како што беше пред некој ден со полицијата. Ние само си ги браниме куќите, си ја браниме животната средина, си ја браниме водата. Водата за Прилеп, не за овде, овде може да има, може нема. Но, Прилеп со 30% се напојува одовде. Еве, Студенчица намалува, намалуваат и другите извори. Од каде би пиеле ние вода, од бунарите каде што водата мириса на ‘Доместос’? Имаме сведоштва, секој ден луѓе се незадоволни. Како може еден човек, директор на ЈПДП да кажува непроверени информации, кога само да напишеш на интернет, на „Google“ градоначалникот што кажувал. До 89-та година Прилеп се напојувал само од тие извори. Како, дека не тече капка вода во Прилеп?“, прашува зачудено Ачкоски.
Во меѓувреме, локалните жители покренаа и судската постапка. За ЈПДП тоа не е пречка за работите да продолжат.
„Нема законски пречки за работа од која била институција, ниту од кој било суд. Изминатиот период, ‘Бехтел и Енка’ беа спречени да ја извршуваат својата работа и во загуба е државата. Доколку се избере друго позајмиште за оваа намена, државата дополнително ќе треба да плати на ‘Бехтел и Енка’ околу 30 милиони евра“, велат од ЈПГД за Само прашај.
Без ридот ветрот ќе ја однесе отровната прашина кон Прилеп
Она што се забележува на местото каде се стационирани „бранителите“ на Ореовец е силниот ветер. Ѓорги Георгиевски вели дека тоа е доказ какви ќе бидат последиците по Прилеп ако се дозволи позајмиште на оваа локација.
„Ветрот нас не дува во лице. Сите ветришта дуваат од превојот Плетвар и слегуваат таму во Прилеп. Доколку овој рид што се наоѓа зад вас како што планираат да го урнат, сета таа силикатна прашина би одела долу, а потоа може да замислиме какви болести ќе има и како тоа би се развивало. Тоа е едно. За изворите за вода од кои има околу 90 литри во секунда ја напојува прилепската водоводна мрежа, овие извори кои се наоѓаат во пазувите на Бабуна, баш овде во атарот на селото Ореовец, тоа секој може да претпостави што ќе значи. Треба да бидеме свесни, секоја година влегуваме во поголема и пострашна суша“, објаснува тој.
Ниту надлежните се со намера да отстапат од урбанистичкиот проект, ниту жителите кои се на барикадите од одбрана на своето. Тоа доведува до тензични ситуации како онаа со полицијата пред неколку дена, која лесно можеше да ескалираа. Локалците веќе покажаа дека Ореовец е тврд орев за секоја власт.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Ристо Душковски
Поврзани стории:
Профитот поважен од луѓето и загрозените видови во прилепско