fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
profitot povazen od lugjeto i zagrozenite vidovi vo prilepsko naslovna

Профитот поважен од луѓето и загрозените видови во прилепско

  • Владејачките структури во Македонија изминативе години покажаа дека профитот на компаниите кои се бават со ископ на мермер и други минерални суровини во околината на Прилеп им е поважен отколку заштитата на животната средина и загрозените видови организми.
  • Денес, девастацијата на природата во овој регион кулиминира со градежните работи на патот Прилеп-Битола кои ги изведува американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ како дел од проектот за изградба на автопатот по Коридорот 10-д.
  • Уништувањето на животната средина освен што го доведува во прашање опстанокот на загрозени видови каков што е пепертуката македонска сивка, претставува закана и за населението, бидејќи на удар се единствените извори на вода во овој предел.

Нешто повеќе од една година откако Собранието ги донесе специјалните закони за изградбата на автопатиштата, а тогашниот претседател Стево Пендаровски го стави неговиот потпис и покрај бурните реакции во јавноста, проектот на терен се соочува со сериозни проблеми. По протестите во гостиварско Бањица, каде мештаните се жалеа дека нивите од коишто го вадат лебот им се одземаат по багателни цени, сериозен отпор покажуваат и жителите на прилепско Ореовец. Тие не им дозволуваат на машините да работат на изградбата на делницата Прилеп-Битола од Коридорот 10-д.

Мапа на предвидената патна делница Прилеп-Битола

Мапа на предвидената патна делница Прилеп-Битола

Минирањата ги оштетија куќите и црквата, но, најголема е заканата по изворите коишто го снабдуваат со вода целиот регион, како и по животната средина на потегот кај Плетвар, каде што градежниот зафат веќе предизвика сериозни последици.

„На неполни 100 метри во зелениот дел е изворот на вода, до каде е дојдено лудилото да се копа и да се уништува. Ја браниме водата за нашиот град, второстепено е воздухот зашто ветрот сета прашина од Плетвар ни ја носи долу во Прилеп, исто како со мермерните рудници од онаа страна. И сега, некој упорно ни вели ние мораме да копаме, а вие мора да се тргнете. Сето ова што го зборуваме за водата и за егзистенцијално прашање ни велат не е важно, јас морам да копам, по сѐ изгледа се во ќорсокак, напред нема, а назад никако. Овде изгледа пробиле еден од изворите што се наоѓа тука, почнало масовно истекување на вода и биле фатени во паника зашто ние бевме долу на барикада на само 100-ина метри, а од овде почнува цел извор вода да тече“, раскажува екологистот Ѓорѓи Георгиоски од Ореовец.

Уништување од невидени размери

Доволен е само еден поглед да се сфати размерот на направената девастација на природата. Ридот е изеден, смреката уништена. Локалците стравуваат и за сопствената безбедност зашто селото лежи на пештери, но и дека ќе ја доживеат судбината на жителите на спротивното Присад кои се гушат во мермерна прашина.

„Овде ‘Бехтел и Енка’ планирале да се гради асфалтна база, да се гради бетонска база, да се донесат три дробилки, тоа е рамно на 100% уништување, тотално уништување на животинскиот свет. Прво нас ќе не уништат. Треба да дозволиме ние здрави, прави, со нормално човечко и логичко размислување да се уништи селото? Прво и основно, концесијата била за вадење на мермер. Па, добро бе луѓе, ќе го поплочуваме патот Прилеп-Битола со плочки или треба да се пополни со чакал? Не можам да сфатам. И концесијата била дадена на 20 години. Па, добро бе луѓе, кој нормален во Македонија дава концесија на мермер на 20 години за изградба на пат што треба да се изгради за пет години?“, вели Дејан Ачкоски од Ореовец.

Тајноста на договорот е проблем и за институциите

Иако патиштата се јавни, договорот со „Бехтел и Енка“ е таен, па создава проблеми дури и за институциите, како на пример локалната власт во Прилеп. Оттаму тврдат дека ги поддржуваат жителите на Ореовец и нивните протести, но, кога побарале Б-интегрирана еколошка дозвола од изведувачот, добиле одговор дека според договорот што го склучи претходната Влада, тоа од нив не се барало.

„Со законот што беше донесен од страна на претходната Влада и договор што нас како Општина не ни е познат во неколку наврати досега сме истакнале дека не смее да се дозволи нешто што би предизвикало штета на животната средина и дека ќе се побара ревидирање на условите во договорот. Општината постапува согласно надлежностите и од Секторот за инспекторат беше побарана Б интегрирана дозвола од изведувачот, на што следуваше одговор дека според законот и договорот нив не им била потребна таква дозвола “, велат од Општината.

Локалните жители, пак, се сомневаат дека ова не е единствениот документ што недостасува, па покрената е и правна постапка.

Постои само еден обичен проект, односно елаборат во којшто се утврдени границите и мерите на ископот што тука треба да претставува концесија и обележан е патот. Отсуствува цела друга документација којашто е неопходна: елаборати и Студија за заштита на животната средина, отсуствува главен рударски проект, отсуствуваат локалните лиценци и одобренија како што е Б интегрирана еколошка дозвола од страна на Општина Прилеп, отсуствува сообраќајната согласност за користење на локалниот пат до ископот. Отсуствуваат елементарните акти кои треба да ги поседува  кој било за да извршува вакви активности во државата“, тврди адвокатот Жарко Стеваноски.

Од локалната самоуправа за ДОМА потврдуваат дека има опасност за водоснабдувањето што зависи од јачината на понатамошните минирања, бидејќи изворите на вода се во непосредна близина. Локалниот инспектор за животна средина извршил инспекциски надзор. Општината на кажува што точно е констатирано, само дека решението на инспекторот е обжалено.

 

„Бехтел и Енка“ без конкретен одговор за промена на трасата

Ниту Јавното претпријатие за државни патишта, ниту конзорциумот „Бехтел и Енка“ не кажуваат дали и колку протестите на жителите на Ореовец го забавуваат проектот за изградба на автопатот, ниту дали ги слушаат нивните поплаки. Од компанијата на прашањата на „ДОМА“, дали е можно да се промени трасата и дали обвинувањата за уништување на животната средина се точни, само кусо одговараат дека се надеваат на блиска соработка со новата Влада за комплетирање на проектот.

„Работите напредуваат на секциите на Коридорот 8 и Коридорот 10-д и се надеваме на блиска соработка со новата Влада за завршување на проектот што е можно поскоро, во корист на локалното население и бизниси “, велат од компанијата.

Оттаму директно не ја коментираат изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен да разговара за промени на делниците за да може да се реализира проектот. Од компанијата посочуваат дека од 90-те години досега имаат изградено квалитетни патишта во Турција, Хрватска, Албанија, Косово, како и во Србија, а за проектот во Македонија тврдат дека ќе донесе ангажман на локална работна сила и компании, но и дека тесно ќе соработуваат со локалните заедници.

Во Ореовец се чини тоа тешко им оди.

Странци позагрижени за сивката отколку надлежните

Плетвар по многу нешта е уникатен. Карпестиот предел е единствен дом на Чинговата окатка, пеперутка позната како македонска сивка којашто претставува стеноендемит и живее на многу мала површина во оваа околина. Сивката е од родот лажни хазарки и со светло сивата боја умешно се камуфлира во камењата на Плетвар. Но, нејзината популација изминативе години забрзано се намалува. Главна закана за нејзиниот опстанок е каменоломот, а сега во „Бехтел и Енка“ добива нов непријател.

Холанѓанецот Јуриен ван Дајк, кој припаѓа на организација којашто ги штити европските пеперутки и молци и беше на Плетвар за пребројување на примероците смета дека Македонија не треба да направи грешка.

„Ова е единственото место во целиот свет каде што се јавува овој вид. Станува збор за многу специфична област и специфичен хабитат каде што го има овој вид. Кога ќе се уништи ридот, видот ќе изумре, и не само овој вид, туку и сите други што живеат на овие ридови. Затоа е многу важно да се заштитат овие ридови. Во Холандија е поинаку. Се трудиме да ги заштитиме видовите кои живеат само на одредено место. Ние дури и немаме видови кои живеат само во Холандија. Затоа е многу важно, вие во Македонија да ги заштитите овие ридови и овие видови “, вели Јуриен ван Дајк.

Но, во Македонија не само што не се почитува законот и не се штити сивката, туку се дозволува нејзино заловување и препродавање на интернет како трофеј што се откри во документарецот на „Природата на продажба“ на ДОМА. Експертите сметаат дека е крајно време да се преземат мерки.

„Не е чудо, око не се поведе некоја поголема акција да го загубиме овој вид познат за фауната на Македонија. Да го направиме ова додека не биде доцна зашто ние имаме одговорност на идните генерации, да им го оставиме ова богатство на фауната што го имаме “, смета професорот и ентомолог Владимир Крпач.

Прилепскиот крај е направен „решето“, кајмакот за концесионерите

И покрај протестите на локалците од Ореовец, од Министерството за животна средина и просторно планирање молчат на прашањата дали инспекторите воопшто излегле на терен за да проверат дали има девастација на природата, дали и во колкава мера се загрозени изворите на вода, ниту пак дали провериле колкава е заканата по пеперутката македонска сивка и другите загрозени видови. А, простор за загриженост има, особено ако се земе предвид колкав е бројот на издадени концесии.

„Во регионот на Прилеп се издадени 33 концесии за експлоатација на минерални суровини. Согласно Законот за минерални суровини, концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини се плаќа квартално. За првиот квартал 2024 година за концесиски надоместок за експлоатација се уплатени средства во износ од околу 12.500.000 денари, од кои 22% се Буџет на РСМ, а 78% се Буџет на општината на која се врши концесиската дејност “, информираат од Министерството за економија.

Регистарот на договорите за концесии покажува дека во околината на Прилеп се експлоатираат мермер, варовник, оникс, травертин, гранит, кварц.

Издадени концесии за експлоатација на минерални суровини во прилепско/ Извор: Министерство за економија

Многуте концесии не значат и голема заработка на државата. Напротив, други го собираат кајмакот, нешто што го потврди и Државниот завод за ревизија. Заработката на државата од мермер за четири години е само 1,7 милиони евра, односно 1% од приходите што концесионерот ги остварува од продажба на минералната суровина, а последиците по животната средина се огромни.

Декласифицирање на договорот и можно репреговарање

Државниот завод за ревизија констатираше дека американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ не ги гради автопатите според планираната динамика, а вредноста на инвестиција воопшто не може да се потврди зашто се реализира без основен проект и без тендерска постапка.

На терен, пак, Извештајот за прогресот на овој проект покажува дека главниот фокус е ставен на активности поврзани со експропријација, геодетските и геотехнички работи, топографски истражувања, правење дизајни и мобилизација на работна сила. Делницата кај Ореовец е „четворката“, каде што се започнати само две активности.

profitot povazen od lugjeto i zagrozenite vidovi vo prilepsko 5

Извадок од извештајот за прогресот во реализацијата на проектот за изградба на автопатиштата

Проектот за коридорите ја става на тест новата македонска Влада. Според првичните сигнали, треба да се очекуваат поместувања. Новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски најави декласифицирање на договорот по што многу работи ќе станат појасни. Договорот со „Бехтел и Енка“ сѐ уште се води како државна тајна.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски најави репреговарање на договорот со американско-турскиот конзорциум, бидејќи според него, условите се асиметрични, пари се трошат, а автопат нема. Едно од решенијата коешто се споменува во јавноста е промена на делниците, со што би се надминал и проблемот на жителите од Ореовец.

Времето истекува, на потег се креаторите на политики зашто локалците се подготвени да протестираат сѐ додека е потребно за да го одбранат својот дом. Од нивните чекори ќе се види дали навистина здравјето е поважно од профитот и тајните договори.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Поврзани стории:

На Плетвар прилепскиот сивец ја истребува македонската сивка

Природа на продажба

Плетвар – белиот рудник на македонскиот биодиверзитет