Ореовец стана „тврд орев“ за „Бехтел и Енка“
- Чашата ја прели владината Одлука за доделување концесија за експлоатација на мермер, донесена на 24 јули, со која им „брцна во око“ на луѓето кои со месеци протестираат против намерата кај нивното село да се копа материјал за тампонирање на патиштата.
- Детонациите веќе предизвикаа штети на куќите и локалната црква „Св. Димитрија“, но, заканите по животната средина се многу поголеми.
- Директорот на ЈП за државни патишта откри дека, не само што дополнителни пари треба да се дадат за експропријацијата, туку треба да се одвојат средства и за проектирањето, надвор од предвидените 1,3 милијарди.
- „ДОМА“ дознава дека во средата, во Општина Прилеп се одржала работна средба меѓу претставници на „Бехтел и Енка“ со локалните жители и иницијативата „Спас од Прилеп“
Власта „брка“ почеток на изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10-д, а жителите на прилепско Ореовец не се откажуваат од протестите за дислокација на рударскиот коп на „Бехтел и Енка“. Најново во оваа битка е средбата што се одржа во средата во Општина Прилеп со претставници на „Бехтел и Енка“, на која локалните жители и претставници на иницијативата „Спас од Прилеп“ јасно укажале дека нема да попуштат и дека планот на конзорциумот не е опција, а алтернатива да бараат со претставниците од ЈП за државни патишта.
Чашата ја прели владината Одлука за доделување концесија за експлоатација на мермер, донесена на 24 јули, со која им „брцна во око“ на луѓето кои со месеци протестираат и го блокираат патот, револтирани од намерата кај нивното село да се копа материјал за тампонирање на патиштата што ќе ги гради американско-турскиот конзорциумот.
„Ние протестираме зашто гледаме дека никој ништо не презема. Овде станува збор за нашите животи, живеалишта, за животната средина и за водата. Очигледно со издавање на концесијата станува збор само за пари, зашто на концесијата јасно стои дека се издава за мермер. А, патишта со мермерни плочки не се прават“, вели локалецот Дејан Ачкоски.
Локалните жители стравуваат дека изградбата на базата ќе им ги уништи изворите на вода, ќе им го загади воздухот што го дишат со огромни количества прашина и ќе им ја уништи животната средина. Детонациите веќе предизвикаа штети на куќите и локалната црква „Св. Димитрија“, но, заканите по животната средина се многу поголеми – во прашање е доведен и опстанокот на Чинговата окатка, ендемски вид пеперутка наречена македонска сивка, за која карпестиот предел на Плетвар е единствениот дом што сега е соочен со закана од човекот. Локалните жители со недели го блокираа локалниот пат, а во неколку наврати и регионалниот правец Прилеп-Скопје, во обид да ги принудат институциите да ги послушаат и да отстапат од намерата.
„Ние имаме само едно барање, а тоа е релокација на „позајмиште 6“, како што популарно го нарекуваат нашето ридче над Ореовец. На само 3 километри одовде има рудник со исправа Г1, надвор од населено место, со струја, каде можат да минираат колку сакаат“, вели Ачкоски.
Претставници на „Бехтел и Енка“ на средба со локалните жители
Локалните жители засега не добиваат конкретни одговори од надлежните. Власта оценува дека дислокацијата ќе значи нови трошоци од 18 милиони евра.
„Го разгледуваме тој проблем, меѓутоа морам да ви кажам дека сето тоа е почнато од минатата влада и од минатиот градоначалник. Тоа е наследен проблем што ние понатаму ќе треба да го решаваме“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски.
„ДОМА“ дознава дека во средата, во Општина Прилеп се одржала работна средба меѓу претставници на „Бехтел и Енка“ со локалните жители и иницијативата „Спас од Прилеп“. Жителите на Ореовец јасно кажале зошто се противат на ископот на материјал од непосредна близина на селото. Оттаму тврдат дека се направени грешки при планирањето на проектот, па им посочиле на луѓето од „Бехтел и Енка“ да бараат чаре со ЈПДП.
„На претставниците на ‘Бехтел и Енка’ им беа посочени алтернативите за непречена реализација на проектот преку реализација на децениски ветуваниот проект за обиколницата над вештачкото езеро за што од пред неколку години постои готов проект за кој е донесено и одобрение за градба, а на терен, патот е реализиран до фаза на постоечки тампон по кој и сега може да се движи тешка механизација, па на таков начин да се скратат трошоците за транспорт на материјал, кој би се подигал од турскиот концесионер „Фимар Балкан“. На таков начин ќе се реши деценискиот проблем со јаловината од овој концесионер која го загадува воздухот во градот, а ќе се реши сообраќајниот хаос кој се предизвикува во градот преку циркулација на тешката механизација на ‘Сивец’, ‘Фимар Балкан’ и другите концесионери кои со децении ја уништуваат сообраќајната инфраструктура во градот. Рудник на дадената локација нема да се дозволи да постои зашто тоа е спротивно на домашните и меѓународни правни норми“, велат за „ДОМА“ од „Спас за Прилеп“.
Оттаму информираа дека на средбата немало претставници на ЈПДП, што според нив е потврда дека има пропусти во планирањето на проектот.
„ДОМА“ веќе пишуваше за протестите и за грижите на локалното население, но, и за правните дилеми, имајќи предвид дека се води и судска постапка. Тајноста на договорот и понатаму прави проблеми, а она што зачудува е што и Општина Прилеп нема јасен увид во работите.
„Со законот што беше донесен од страна на претходната Влада и договор што нас како Општина не ни е познат во неколку наврати досега сме истакнале дека не смее да се дозволи нешто што би предизвикало штета на животната средина и дека ќе се побара ревидирање на условите во договорот. Општината постапува согласно надлежностите и од Секторот за инспекторат беше побарана Б интегрирана дозвола од изведувачот, на што следуваше одговор дека според законот и договорот нив не им била потребна таква дозвола“, ни рекоа од Општината.
Цената расте, првите километри никако да ги видиме
Договорот со „Бехтел и Енка“ го потпиша минатата Влада на Димитар Ковачевски на 8 март 2023 година. Тогаш беше кажано дека е вреден 1,3 милијарди евра и оти за пет години треба да се изградат четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10-д. Станува збор за Требеништа – Струга – Ќафасан (22 километри) Гостивар – Букојчани (30 километри), Тетово – Гостивар (17 километри) и Прилеп – Битола (40 километри). Оттогаш во неколку наврати се сечеа ленти и се фрлаа лопати, се префрлаа пари, но, сè уште не е изграден ниту еден километар автопат.
Новата власт најави можност за репреговарање на договорот со „Бехтел и Енка“, но и негова декласификација, имајќи предвид дека тој сè уште се држи далеку од очите на јавноста. На терен, пак, има проблеми и пробиени рокови. Не е завршена експропријацијата на земјиштето, ниту е извршена дисклокација на електрични и телекомуникациски водови. Тоа, според првиот човек на ЈПДП е клучно за до крајот на годинава да почнат градежните работи. Експропријацијата чини пари, кои не се пресметани во оние 1,3 милијарди евра.
„Потпишан е договор којшто е специфичен, којшто е по специјален закон, поставиле рокови за експропријација и дислокација на водови што е надлежност на Република Македонија и не спаѓаат во тие милијарда и триста милиони, да бидат завршени минатата година. Ние правиме интензивни напори и последниов месец и нешто вложуваме голем напор во експропријацијата. Додека не ја решиме експропријацијата, тие не може да влезат“, вели Трајановски.
Но, Трајановски откри дека, не само што дополнителни пари треба да се дадат за експропријацијата, туку треба да се одвојат средства и за проектирањето, што се надвор од предвидените 1,3 милијарди.
Проблемите со експропријацијата пред половина година направија слична слика како во Ореовец. Тогаш се бунтуваа жителите на селата Горна и Долна Бањица кај Гостивар, кои реагираа дека им се одзема плодно земјиште каде што се одгледува познатиот бањички кромид по багателни цени.
Изградбата на коридорите е врел костен во рацете на новата Влада. Времето истекува, неизвесно е дали ќе се успее да се репреговара договорот со „Бехтел и Енка“, но и дали овојпат ќе има поголемо чувство за заштитата на животната средина.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски
Фото: Дарко Андоновски
Монтажа: Ристо Душковски
Поврзани стории:
Профитот поважен од луѓето и загрозените видови во прилепско
На Плетвар прилепскиот сивец ја истребува македонската сивка