fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
arsovska ne kazuva sovetnicite ne znaat sto e so skopje zelen grad featured

Арсовска не кажува, советниците не знаат што e со „Скопје зелен град“

  • Во март 2019 година Скопје стана првиот град од Македонија што се приклучува на мрежата зелени градови на Европската банка за обнова и развој, за што е изработен документ што точно ги лоцира жешките еколошки точки и дава временска рамка и проценка на средствата колку ќе чини спроведувањето на секоја од предвидените мерки.
  • Советниците во Градот немаат никакви информации за она што се случува со овој документ.
  • Дали Акцискиот план за „Скопје зелен град“ е сѐ уште активен, дали се работи на исполнување на зацртаните цели и што досега е направено, дали воопшто се започнати некакви активности, дали има некакви резултати и дали Градот има пари да го спроведе планот – се прашањата на кои не добивме одговор од Арсовска.

Март 2019 година – Скопје станува првиот град од Македонија што се приклучува на мрежата зелени градови на Европската банка за обнова и развој. Се изработи Акциски план, документ што точно ги лоцираше жешките еколошки точки, даде временска рамка и проценка на средствата колку ќе чини спроведувањето на секоја од предвидените мерки. Поставената цел беше амбициозна. Речиси пет години подоцна, никој ниту знае ниту чул до каде е планот.

„Град Скопје ќе стане водечки одржлив град во регионот што на неговите жители ќе им нуди висок квалитет на живот преку обезбедување чисти воздух и вода за пиење, зелени простори и пристапност за сите, притоа придонесувајќи во напорите за справување со климатските промени“, се наведува во Планот.

Акцискиот план треба да ги идентификува, приоретизира и да помогне во справувањето со најтешките предизвици во заштитата на животната средина. Како најболни точки беа наведени квалитетот на воздухот и аерозагадувањето (резултат на загревањето на домаќинствата, индустријата, транспортот, градежната офанзива), потоа загадувањето на реките во Скопје, недоволната отпорност на катастрофи за што потврда ни стигна уште со поплавите во Стајковци и околината, нерационалното користење на водата и опасноста по изворот Рашче, како и индустриските жешки точки од типот на ОХИС. Во документот е наведено дека по нашите улици се „тркалаат“ стари дизел возила, граѓаните немаат квалитетен јавен превоз, а зелените простори се намалуваат на сметка на претераната урбанизација.

arsovska ne kazuva sovetnicite ne znaat sto e so skopje zelen grad

Умерен приоритет се дава на справувањето со емисијата на гасови од транспортот

Поделбата е направена во три категории: Најитни мерки се потребни за справување со аерозагадувањето, загадувањето на реките и отпорноста од катастрофи. Умерен приоритет се дава на справувањето со нерационалното користење на водите, загадувањето на почвата нанесено од урбанизацијата, индустриските жешки точки, депониите, како и на емисијата на гасови од транспортот, енергијата и управувањето со отпадот. Како најмал приоритет се ставени ризиците по биодиверзитетот и заканата за зелените простори.

Планот, освен што го лоцира проблемите, нуди и решенија – дел од мерките треба да се спроведуваат до 2035 година, а за секоја од нив има и колку пари ќе се потрошат. На пример, над 1 милион евра за заштита на изворот Рашче и Лепенец, 20 милиони за модернизација и проширување на водоснабдителната мрежа, 90 милиони за БРТ, уште неколку милиони за подобрување на велосипедската и пешачката инфраструктура – сѐ на сѐ, над половина милијарда евра треба да се вложат за Скопје да стане зелен град.

silegov 300x300 1

„Во 2019 година, после долги разговори и правење стратегии, Градот влезе во мрежата на зелени градови на Европа на ЕБРД. Беше предвиден сериозен акциски план со цел во наредните 15 години, состојбите кои се со години и години трупани да ги отстраниме, а кои по сите анализи коишто беа направени се причинителите на загадувањето, и аерозагадувањето и загадувањето општо како појава во Скопската котлина. Не гледам дека во изминативе 2 години има било каква активност, како што впрочем се случува и на многу други работи коишто Градот ги имаше започнато. Жално е што сите анализи, експертизи коишто беа направени, сите можности коишто ги нуди тој акциски план за Скопје како дел од мрежата на над 100 зелени градови во Европа, стагнира“, вели поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов.

Но, не само што поранешниот градоначалник Шилегов не гледа активности за исполнување на целите од Акцискиот план, ниту актуелни советници во Градот немаат никакви информации за она што се случува со овој документ што требаше да го извади Скопје од „живата кал“.

gorjan jovanovski 300x300 1

„Прво, имаме два проблема. Едното е дека имаме многу ниска комуникација со сегашната администрација и ние како советници не знаеме како се одвиваат проектите што ние сме ги гласале во сегашниот состав, а камо ли проекти што доаѓаат од претходната администрација. Второто нешто кое е проблематично во цела Македонија, не верувам дека е само во Град Скопје, е кога ќе дојде новата администрација, сите проекти од старата администрација се фрлаат на страна како лоши и неважечки, чекај ние да направиме нешто ново, тоа е онаа кратковидност што ја правиме само за наредните четири години, и затоа ние не можеме да направиме некој проект што трае долго. Така да, краткиот рок е не, не знам до каде е работата, бидејќи едноставно, ние како советници не добиваме никакви извештаи за проектите коишто се одвиваат во Град Скопје“, вели Горјан Јовановски, активист и советник во Град Скопје од „Зелен хуман град“.

„Мислам дека премногу се персонализираат во политиката периодите. Времето на Шилегов, е сега Шилегов почнал, јас не го продолжувам, значи нити Шилегов, нити Трајановски пред него, нити Костовски, нити Пенов не го носиме дома тоа, тоа е наследство или богатство на самата институција, зашто во политиката вие сте и минливи и менливи што значи дека останувате определен период, создавате определен капитал, тој документ е дефинитивно капитален за нашиот град и она што логично очекувате кај здраво разумните луѓе е да има континуитет на она за што науката се произнела дека е потребно за нашиот град“, додава Шилегов.

arsovska ne kazuva sovetnicite ne znaat sto e so skopje zelen grad 2

Aерозагадувањето е наведено како сериозен проблем во Акцискиот план

Иако аерозагадувањето е наведено како сериозен проблем во Акцискиот план, сепак, се посочува дека недостигаат податоци од коишто навистина ќе се разбере сериозноста и големината на проблемот, иако со жешките точки кои влијаат на здравјето на секој од нас надлежните мора итно да се справат. Градски мерни станици и по речиси пет години од овој план нема.

„За да знаеме дали се подобрува состојбата со воздухот треба да излеземе со податоци. За да имаме податоци треба да имаме мерни станици коишто ќе можат да покажат дали некоја мерка што сме ја имплементирале го подобрила или влошила воздухот. Бидејќи ги имаме државните мерни станици коишто чат-пат работат, чат-пат не работат, се расипуваат и често знаеме да слушаме од политичарите жалење зашто работат или не работат, тогаш ние како ЗХГ побаравме Град Скопје да постави градска мерна мрежа, мрежа од мерни станици за коишто имаме обезбедено буџет вторпат по ред“, истакнува советникот Јовановски.

Дали Акцискиот план за „Скопје зелен град“ е сѐ уште активен, дали се работи на исполнување на зацртаните цели и што досега е направено, дали воопшто се започнати некакви активности, дали има некакви резултати и дали Градот има пари да го спроведе планот. Ова беа прашањата кои ги испративме до Кабинетот на градоначалничката Арсовска. Но, таа ја продолжи досегашната практика да не комуницира со медиумите, а со тоа и со јавноста, надвор од она што значи себе промоција, и конечно да почне да даде одговори на прашањата за нејзиното работење.

Овој план е тешка и сериозна задача за било која градска администрација. Дури до толку што се става на прашање дали градот сега или во иднина има  човечки, но и финансиски капацитети на овој начин да го трансформира градот – а со тоа и да го спаси од промените кои доаѓаат.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Мартин Пушевски
Снимател: Наке Батев, Зоран Догов
Фото: Дарко Андоновски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска