fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
zelenata agenda crvenee vo zapaden balkan planovite se samo na hartija featured

Зелената агенда „црвенее“ во Западен Балкан – плановите се само на хартија

Зелената агенда „црвенее“ во Западен Балкан – плановите се само на хартија

  • Ниту европскиот воз по кој трчаат не ги поттикна владите на Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина да ги претворат во реалност заложбите, граѓаните да живеат во здрава природна околина.
  • Западен Балкан ја потпиша Декларацијата на 10 ноември 2020 на самитот во Софија, но нешто повеќе од три години подоцна извештаите покажуваат дека Зелената агенда е план само на хартија.
  • Дури има и случаи кога, наместо да се затвораат, во име на личниот профит на поединци се отвораат нови капацитети кои загадуваат.
  • Податоците кои ги обезбедивме во оваа анализа говорат дека во земјите од Западен Балкан исполнувањето на Зелената агенда е селективно, односно само во делот кој носи бизнис и профит.

Аерозагадување

Зелената агенда станува приоритет на сите држави кои се грижат за своето население да живее во здрава природна околина. Западен Балкан се приклучи кон тој тренд потпишувајќи Декларација на 10 ноември 2020 на самитот во Софија, што подразбира постепена работа на воведување чиста енергија, и намалување на фосилните горива, односно, отстранување на јагленот од употреба од 2050 година. Но, денес, три години и три месеци подоцна, плановите сѐ уште стојат само на хартија. Ниту европскиот воз по кој трчаат, не ги поттикна владите да ги претворат заложбите во реалност. Зелената агенда „црвенее“ поради неостварувањето кое дури оди и во спротивен правец – во име на личниот профит на поединци се отвораат нови капацитети кои загадуваат.

Европа, пак, за да ги поддржи земјите од регионов еден месец претходно донесе и Економски инвестициски план тежок 9 милијарди евра од кои дел се наменети за мерките кои се предвидени во политиката на Зелената агенда, а тоа се инвестиции во патишта, железници, обновлива енергија, намалувањето на штетните емисии на гас, подобрување на управувањето со вода и со отпад и друго.

Во меѓувреме, како своевидно потсетување, Европската комисија пред само неколку месеци, поточно во октомври 2023 и официјално ја стави на „шини“ Зелената агенда за Западен Балкан која што се потпира на пет столба: декарбонизација и климатска отпорност, циркуларна економија, борба против загаденоста на воздухот, водата и почвата, одржливи системи за храна и рурални подрачја, и биодиверзитет, односно заштита и обнова на екосистемите.

Во документот се наведува дека Западен Балкан го има еден од најзагадениот воздух во Европа и дека ЕУ му помага на регионот да ги воведе нивните стандарди на полето на квалитетот на воздухот и на водата и управување со отпадните води.

За населението од регионот и самото фрлање поглед на овие насоки од ЕУ предизвикува чудење, бидејќи насекаде има докази дека во нивните држави се случува спротивното. Граѓаните од Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, веќе ги чувствуваат последиците од загадениот воздух, но нивните иницијативи за да се променат состојбите засега се залудни.

И оваа зима драстично беше загадувањето на воздухот и во градовите во Босна и Херцеговина. Сараево, во изминатите месеци и недели често беше на првото место на листата на најзагадени градови на специјализираната веб-страница IQAir. Мерките, кои периодично ги воведуваат властите на кантонот Сараево, немаат посебен ефект.

zelenata agenda crvenee vo zapaden balkan planovite se samo na hartija 1

Во зимскиот период Скопје и другите балкански градови се меѓу најзагадените во светот

Тие мерки, меѓу другото, се однесуваат на забраната за учество во сообраќајот на автомобили со еколошка норма ЕУРО 3. Причината, меѓу другото, лежи во недоволно доследното спроведување на оваа мерка, која и онака е од интервентен карактер. Освен во Сараево, и во други градови на Босна и Херцеговина како што се Бања Лука, Приједор, Лакташ, Сокоч, Јајце, Зеница, Илијаш, Тузла и Какањ, воздухот често го има епитетот „нездрав“ или „многу нездрав“ во текот на зимата.

Меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) наведува дека зимското загадување на воздухот во БиХ произлегува од постојаното согорувањето на јаглен и дрвата кои се користат за греење како и јагленот кој се користи за производство на електрична енергија. Според наодите на оваа организација, БиХ е на петтата највисока стапка на смртност од загадениот воздух во светот. Повикувајќи се на податоците на Светска банка ХРВ наведува дека секоја година се проценува дека 3.300 луѓе во Босна и Херцеговина умираат предвреме од загадениот воздух. Тоа се девет проценти од вкупниот број на смртни случаи.

Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, вели дека државната влада е посветена на транзицијата на БиХ кон одржлива иднина, односно кон обновливи извори на енергија, со цел да се намалат емисиите на стакленички гасови и влијанието врз околината.

Децениска негрижа на властите

Во Македонија годишно има 3.828 смртни случаи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички, што е 17,7 отсто од вкупната смртност во државата, се наведува во најновиот извештај насловен „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“ на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Согласно наодите во извештајот, проценето е дека 195 смртни случаи поради исхемична срцева болест (ИСБ), се припишуваат на тековното ниво на аерозагадување, што претставува 18,1 отсто од вкупната смртност поради ИСБ во Македонија. Во однос на мозочниот удар, дури 378 смртни случаи годишно можат да се припишат на аерозагадувањето.

zelenata agenda crvenee vo zapaden balkan planovite se samo na hartija 2

Загадениот воздух е причина за предвремена смртност во Македонија

Според глобалната платформа Статиста, смртноста во Македонија е уште поголема и во извештајот објавен во декември 2023, е забележано дека во 2021 година имало околу 5.000 случаи на предвремена смрт предизвикана од загадениот воздух. Европската агенција за животна средина за 2022 година регистрираше пораст на смртните случи кои изнесуваа 5.600.

Оваа бројка можеби е и поголема, Македонија не води точна и прецизна статистика и мораме да потпираме на статистиката што ја добиваме од странските институции. Меѓутоа и не е само бројката во животи, туку е и огромна сума на пари која што се троши неповратно, а која може да биде користена за превенција. И не се само смртните случаи бидејќи секоја година се детектираат многу поголем обем на различни болести, респираторни заболувања, проблеми кај новороденчиња, кај мали деца, кај бремени жени, кај возрасните луѓе. Тоа е една сериозна статистика што ние како држава мораме да ја следиме“, вели Ели Пешева, активистка на „О2 Иницијативата“.

Состојбата не е подобра ниту во Албанија. Европската агенција за животна средина наведува дека „Албанија има највисока стапка на смртност во регионот, на 100.000 жители, како резултат на изложеност на озон“, создадена од комбинацијата на штетни гасови што се испуштаат од возилата од нецелосно согорување на горивото или неговиот лош квалитет, на денови со многу високи температури. Според податоците, од 2017-2021 година, 5.410 луѓе во Албанија ги загубиле животите како резултат на долготрајна изложеност на PM2,5 и азот диоксид и краткотрајна изложеност на озон.

Според Националната агенција за животна средина, во Албанија има 9 станици кои го следат квалитетот на воздухот. Четири од нив се наоѓаат во Тирана, додека другите се во Драч, Скадар, Елбасан, Корча и Фиер. Резултатите од мониторингот покажуваат дека загадувањето на воздухот во Тирана со години ги надминува законските граници утврдени и од албанскиот закон и од Европската унија.

„Мониторингот спроведен од страна на Националната агенција за животна средина низ годините покажа дека во градот Тирана има надминување на стандардот на Европската унија за PM10 (честички со дијаметар од 10 микрони) и NO2 (азот диоксид), кои потекнуваат од согорувањето на фосилните горива (јаглен, нафта, бензин и сл. на високи температури), главно од сообраќајот. Другите параметри што се следат во градот Тирана се во рамките на законските граници на ЕУ и Албанија“, велат од Националната агенција за животна средина, без да прецизираат кога се собрани податоците.

Овие застрашувачки состојби говорат за децениска негрижа на властите и ставање на профитот над она што е најскапоцено – човечкиот живот. Формулата е идентична во речиси сите држави од Западен Балкан: хиперпродукција на „папирологија“ кога е во прашање зелената агенда и истовремено нула или незначителна реализација на задачите.

Едно се говори, друго се прави

Таков е примерот и со Босна и Херцеговина која иако ја потпиша Декларацијата за Зелената агенда за Западен Балкан на 10 ноември 2020 година на Самитот во Софија, повеќе од три години подоцна, властите на сите нивоа не прават речиси ништо за да ја спроведат. Во Извештајот за напредокот за 2023 година, Европската комисија наведе дека БиХ сè уште е во рана фаза на подготовка во повеќето области поврзани со Зелената агенда и одржливото поврзување, а тоа се енергетиката, животната средина и климатските промени.

anes podik 300x300 1Босна и Херцеговина потпиша серија меѓународни конвенции и потоа не спроведе речиси ниту една од нив. Да беа навистина искрени за тоа, и Босна и Херцеговина и соседните земји, тогаш на пример немаше да има повеќе отпад на Вишеградското Езеро, или барем ќе имавме патнички воз што ќе сообраќа редовно. Тогаш наместо да градиме на нашите планини, ќе имавме вистински заштитени подрачја. Сето ова што се случува е само еден показател дека нашите власти воопшто не се грижат за животната средина. А зелени агенди или било што друго тие спремно ќе потпишат со надеж дека ќе се изгребат за некој денар. И тоа е единствената причина зошто го прават тоа“, разочарано вели Анес Подиќ, претседател на здружението „Еко акција“ од БиХ.

zelenata agenda crvenee vo zapaden balkan planovite se samo na hartija 3

Тешко оди и откажувањето од јагленот за производство на енергија

Една година по потпишувањето на Зелениот договор, и Албанија започна конкретни чекори кон ова патување. На 29 декември 2021 година, албанската влада одобри посебен план за енергетика и клима, во кој е наведен патот до 2030 година. Националниот план за енергија и клима опфаќа цели во пет димензии. Тоа се декарбонизација, енергетска ефикасност, енергетска безбедност, домашниот енергетски пазар како и истражување, иновации и конкурентност.

Министерката за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку, уште кон крајот на минатата година, ја истакна посветеноста на Албанија кон целите поставени во Софија.

Албанија е целосно посветена на постигнување на конкретните цели поставени на Берлинскиот самит што се одржа во октомври 2023 година во Тирана и Декларацијата од Софија за зелената агенда за Западен Балкан“, рече Белинда Балуку, министерка за инфраструктура и енергија.

Меѓутоа, како што велат нашите известувачи во Албанија постои изрека дека „од кажување до правење лежи цело море“.

Михалак Ќирјо, професор на Природно-математичкиот факултет, верува дека целите на Албанија во рамките на Зелената агенда се амбициозни и нивното исполнување нема да биде лесно.

kirlo 300x300 1

На пример, намалувањето на емисиите на јаглерод за да има чиста продуктивна економија се смета за многу голем потфат бидејќи Албанија практично нема индустрија од која може да ги намали емисиите. Значи, секторите кои ќе дадат најголем придонес за намалување на емисиите се транспортот и земјоделството. Кога зборуваме за транспорт, треба да се движиме кон чист транспорт, електрични автомобили, јавен електричен транспорт. Дури и замислата за овие длабоки структурни промени во толку краток период претставува значаен предизвик. Или за земјоделството, во услови на климатски промени, тоа ќе бара големи инвестиции“, вели професор доктор Михалак Ќирјо.

Оценките, пак, на екологистите одат и чекор понатаму посочувајќи дека засега чекорите кон исполнување на Зелениот договор во Албанија се на ниво на пропаганда.

olsi nika 300x300 1Нема конкретен план за мерки по договорот со Софија за да се постават национални цели во секој од наведените сектори. Напротив, носењето одлуки, политиките, често се дури и слабо координирани, и повеќе имаат за цел пропаганда. На пример, во најавата за заштитени подрачја. Ѓаволот се крие во деталите и често се пумпа пропагандната машинерија. На хартија може да се постигне целта 30% од територијата да биде заштитено подрачје до 2030 година, но начинот на кој тоа ќе се постигне и колку ефективно се управува со тие процеси, прават од тоа само желба. Истото важи и за климатските промени“, вели Олси Ника, биолог за животна средина и извршен директор на „ЕкоАлбанија“.

Во зоната на алармот

И вистина, ако се погледнат случувањата не само во Албанија, туку и во Македонија и Босна и Херцеговина, како и во другите земји од регионот, ќе се дојде до поразителен заклучок дека Зелената агенда одамна е во црвената зона на алармот.

Во Македонија, на пример, еден од поголемите загадувачи на животната средина се токму државните институции. Според мапата која е јавно достапна на интернет страницата на Министерството за животна средина над 700 државни институции сѐ уште користат дрво, мазут и нафта за греење. За иронијата да биде поголема, меѓу нив има и болници, кои прво ги трујат, а потоа ги лекуваат граѓаните.

„Нека тргнат со промени прво од своите институции, од болници кои сѐ уште се грејат на мазут, од студентски домови кои исто се грејат на мазут. Кај нас се посочува дека домаќинствата се големи загадувачи во текот на зимата, но зошто да не можеме да го решиме овој проблем, за колкав број на домаќинства и да станува збор. Доколку се тргне на време, промените може да се направат во период од 5 години. Дополнително, и сообраќајот нѝ е голем учесник во загадувањет. Ние и натаму со години и децении немаме добар јавен транспорт кој ќе биде замена за користење стари, половни и загадувачки возила, немаме ни ред на движење на камиони, немаме контрола на градежните работи. Гледаме дека градежни пунктови во Скопје никнуваат секој ден“, вели Ели Пешева од О2.

Со усвојувањето на Енергетската стратегија во 2020-та, Македонија стана прва држава во регионот со конкретни датуми за напуштање на јагленот и затворање на термоелектраните, според првичниот план до 2027 година, но енергетската криза овој рок го продолжи до 2030-та. Под истиот изговор за енергетска криза, овие обврски засега остануваат само на хартија, бидејќи истовремено државното Електростопанство на Македонија подготвува терен за отворање нов рудник за јаглен во Пелагонискиот регион, со што директно ја игнорира преземената обврска за декарбонизација на енергетскиот сектор.

rek zelenata agenda crvenee vo zapaden balkan

Македонија ги „заборави“ обврските што ги презеде за декарбонизација

Што е најважно, во Македонија сѐ уште не е почната изградба на ниту една регионална депонија. Најавите дека ќе се гради таква депонија во Овчеполието, а потоа и уште четири други се пренесуваат од година в година, но секогаш паѓаат во сенка на други „полукративни“ инвестиции, а земјата се задушува во диви депонии на секој чекор.

Слично е и во Босна и Херцеговина. Управувањето со индустрискиот и граѓанскиот отпад е сè уште проблематично и оди спротивно на целите на Зелената агенда. Еден од главните проблеми е недостатокот на соодветна инфраструктура за собирање, третман и отстранување на отпадот. Најмногу се користат застарените депонии, но и самите постапки за депонирање на отпадот, кои не ги задоволуваат европските стандарди. Според проценките на здружението „Еко акција“, само на територијата на БиХ (без Република Српска) има околу 2.000 диви депонии на кои се одлага комуналниот отпад. Станува збор за површина поголема од милион квадратни метри. Ниту на територијата на Република Српска ситуацијата не е подобра, бидејќи и во овој дел има стотици диви депонии.

Отпадните води пливаат во погрешен правец

Отпадните води во БиХ, пак, се уште поголем проблем. Канцеларијата за ревизија на институциите во посебна ревизија објавена минатата година наведе дека властите од 2012 година континуирано го продолжуваат рокот за усогласување со граничните вредности со прописите за условите за испуштање на отпадните води во природните реципиенти и јавните канализациони системи. Според моментално важечката регулатива, индустриските субјекти требаше да се усогласат со пропишаните прагови до 19 декември 2023 година. Но, тоа не е направено. Поради континуираното продолжување на рокот, најголемите индустриски загадувачи во БиХ немаат соодветен третман на отпадните води. Резултатот од тоа е дека бројни индустриски субјекти без никакви ограничувања или санкции испуштаат технолошки отпадни води во реките, кои значително ги надминуваат пропишаните гранични вредности.

Но, по сѐ изгледа дека отпадните води пливаат во погрешен правец во сите земји. И според професорот Михалак Ќирјо од Природно – математичкиот факултет во Албанија, другата област од Зелената агенда каде Албанија не постигнала напредок е управувањето со отпадот.

Решението сè уште го гледаме во депониите и инсинераторите, додека треба да се обрне внимание на рециклирањето на материјалите што излегле од употреба. Затоа, овде сметам дека сè уште имаме простор да видиме напредок на земјата на зелениот пат. Тоа е една од насоките каде што досегашниот напредок е мал и нејасен за конечната цел“, вели тој.

Но, кон кого да се впери прстот за доцнењето да се фати чекор со светот на полето на чистата животна средина? Како што и претходно нагласивме, профитот е тој во чие име се врши тивкото убивање затоа што загадениот воздух, почва и вода според статистиките има голем удел во смртноста на луѓето на овие простори.

Босна и Херцеговина е на пат кон целосно хаотична декарбонизација. Сега имаме ситуација кога цените на соларната и ветерната енергија драстично паднаа и има голем број приватни проекти кои се обидуваат да заработат пари во таа област. Но, поради регулаторниот хаос, ќе се случи нашиот навистина голем потенцијал на полето на сонцето и ветерот да им го отстапиме на приватници за некои мизерни концесиски такси и целата таа струја да оди за извоз. Затоа што надвор цената на струјата е многу повисока, додека пак, нашите термоцентрали ќе работат додека можат. Ќе работат, ќе загадуваат, ќе убиваат луѓе, ќе произведуваат CO2“, вели нашиот соговорник од БиХ Анес Подиќ од здружението „Еко акција“.

Според податоците со кои располагаат еколошките здруженија во Босна и Херцеговина, иако постои забрана за изградба на хидроцентрали, до крајот на 2023 година на 18 реки биле изградени околу 120 мини хидроцентрали. Само на реката Неретва има седум хидроцентрали и 11 мини хидроцентрали. Иако законот за забрана на работа на мини хидроцентрали беше усвоен на сојузно ниво, локалните власти сè уште ја имаат во своите планови изградбата на овие објекти, а тоа особено се однесува на притоките на Неретва односно на подрачјето Коњица.

Треба да се истакне и дека претходните чекори на владата во БиХ великодушно ја поттикнуваа изградбата на мини хидроцентрали, а висината на стимулациите во еден момент беше, на пример, неколкукратно поголема отколку во соседните земји. Исто така, голем број сегашни и поранешни политичари како Салка Селман или Едхем Бичакчиќ се сопственици на мини хидроцентрали. Бичакчиќ некогаш беше премиер на федерацијата БиХ, како и директор на Електропривреда БиХ. Еден друг политичар, Амер Јерлагиќ, кој беше и директор на Електропривреда БиХ, како и претседател на Партијата за БиХ, изгради мала хидроцентрала.

Оваа информација беше изнесена на една од седниците на Сојузниот парламент, каде што се разговараше, не само за штетноста на мини-хидроцентралите за природата, туку и за „генијалноста“ на политичарите навреме да почнат да градат мини-хидроцентрали знаејќи дека во иднина во процесот на интеграција во ЕУ ќе има забрана за градба на овие објекти.

zelenata agenda crvenee vo zapaden balkan planovite se samo na hartija 5

Балканот има ист рецепт за уништување на реките

Во БиХ кога станува збор за декарбонизацијата, односно намалувањето на емисиите на стакленички гасови, овој процес е речиси целосно запрен поради низа глобални настани како што е војната во Украина во 2022 и 2023 година. Резултатот е дека повеќе од 60 отсто од електричната енергија во Босна и Херцеговина сè уште се произведува во термоелектрани на јаглен. Околу 35 отсто отпаѓаат на хидроцентралите, додека само пет отсто отпаѓаат на соларните и ветерните централи.

Во изминатите месеци, властите им дадоа зелено светло на електричните компании за набавка на стотици илјади тони јаглен за непречено функционирање на термоцентралите како оние во Какањ, Тузла или Гац. Поради влошената состојба во рудниците со кои стопанисува Електропривреда БиХ, минатата година и годината пред тоа, јаглен се купуваше дури и од приватни лица. Од друга страна, владата на Република Српска минатата година издаде нови концесии за рудници со цел да се зголеми експлоатацијата на јагленот.

Добри вести од Албанија

Сепак, има и добри вести а тие пристигнуваат од Албанија која е на трето место во Европа по уделот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија. Податоците од Регулаторната агенција за енергетика покажуваат дека минатата година 89 отсто од потрошената енергија во Албанија доаѓала од обновливи извори. Но, значењето на оваа статистика се намалува ако се знае дека оваа бројка главно се должи на фактот дека Албанија произведува енергија преку хидро ресурси од големи и мали хидроцентрали.

Меѓутоа, во последните години Албанија направи конкретни чекори и во производството на соларна енергија. Податоците од Регулаторната агенција за енергетика откриваат дека до крајот на 2023 година во Албанија биле во функција 20 фотоволтаични централи со вкупна инсталирана моќност од 48 MW.

Исто така, годинава во Албанија се очекува да започне производството на најголемиот фотоволтаичен енергетски парк на Западен Балкан. Сместена во регионот Фиер во југозападна Албанија, соларната централа Караваста е изградена на над 200 хектари земја и се очекува да има производство доволно за покривање на годишната потрошувачка на околу 220.000 жители. Тоа ќе помогне да се намалат повеќе од 29.160 тони емисии на јаглерод диоксид (CO2) годишно. Во Националниот план за енергија и клима, владата вети дека ќе постигне 54% од потрошувачката на енергија од обновливи извори до 2030 година. Основата на оваа цел се фотоволтаичните паркови, особено работата на соларните паркови Спитала и Караваста.

Кога станува збор за целите за емисиите на стакленички гасови, Албанија е поповолна, бидејќи хидроенергетскиот сектор испушта помалку отколку во другите земји како Северна Македонија, Србија или Косово, кои се потпираат на јаглеводородни горива, јаглен и други слични во енергетското производство. А од друга страна, исто така од историски причини, Албанија и понатаму има најмалку погодена хидрографска мрежа на целиот Балкански Полуостров заедно со Црна Гора. Сѐ уште има природни реки, како што е случајот со реката Вјоса, за која владата презеде конкретни обврски со тоа што ја прогласи за национален парк“, вели Олси Ника од „ЕкоАлбанија“.

Во Македонија, сите надежи се полагаа во гасификацијата. Но, и по 10 години откако стартуваше проектот, гасификацијата не напредува со ветеното темпо. Оголената патека на приградската шума Водно која се издига над Скопје засега е единствениот потсетник за најавите дека гасот во главниот град требаше да потече „најдоцна до 2020-та година“. Денес градежните работи на трасата која минува низ парк-шумата се запрени, ја нема боровата шума, но  нема ниту гас низ цевките кои треба да го спојат Скопје со Тетово и Гостивар.

Затоа земјата се префрли на производство на струја преку сончеви колектори. Меѓутоа на штета на земјоделието, бидејќи фотоволтаичните централи „никнаа“ на плодното земјоделско земјиште. Истокот од државата, лозовите насади во Тиквешијата и струмичките полиња се буквално претворени во соларни паркови, во исто време кога земјава според Зелената агенда треба да работи на одржливо земјоделство и производство на храна. Патем, како и во БиХ и овде бизнисот го преземаат ексклузивни личности.

zelenata agenda crvenee vo zapaden balkan planovite se samo na hartija 6

Дел од шумата на Водно се исече, но ветениот гас за Скопје не протече

На пример, на земјиште во Радовиш кое од земјоделско е пренаменето во градежно, соларна електрана ќе гради и фирма чиј ко-сопственик е сопругата на довчерашниот премиер Димитар Ковачевски. Во иновативниот бизнис со соларна енергија изминатата година влегоа и синовите на поранешниот премиер Зоран Заев и на претседателот на најсилната партија на етничките Албанци во Македонија, Ахмети.

Според податоците, помеѓу април 2022 и април 2023 во Македонија биле издадени над 437 лиценци за призводство на струја од фотоволтаици. Доминатно се фотоволтаици за производство на струја од сонце, но има и за ветер, вода и биогас меѓу нив. Со овој инсталиран капацитет од 2022 и 2023 година, со струја можат да се снабдат 10 градови низ државата.

Овие податоци говорат за селективно исполнување на Зелената агенда, односно само во делот кој носи бизнис и профит. Тоа значи дека регионот, а посебно земјите од Западен Балкан значително заостануваат зад ЕУ во најзначајната област за квалитетот на животот на населението. Можеби називот „Зелена агенда“ е најдобро да се преименува во Балканска агенда за тоа како зборовите се посилни од делата.