fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
2024 – последна шанса за зачувување на животната средина во Македонија

2024 – последна шанса за зачувување на животната средина во Македонија

Писмо од уредникот

Аман сте запнале со тоа екологијата! Зар не гледате што се случува! – ова е просечниот став и позиција на темата заштита на животната средина, на прагот од втората половина на третата декада од 21-иот век во Македонија.  Се чини дека помеѓу денешната состојба и решавањето на проблемите со животната средина не делат километри, непробиен пат – полн со предизвици, опасности и гадости. Се чини дека заштитата на националното природно богатство е во шах-мат позиција – секој чекор на таблата е миниран со политички притисок, недостаток од политичка волја и корумпирани политичари. Денес, буквално секоја општествена тема е поважна, поитна, позначајна и посвета – од онаа за која и поради која сите можеме да живееме не само во оваа држава, туку на оваа планетата: животната средина! Оваа година што ни пристигнува е последна шанса за конечно решавање на еколошките проблеми и зачувување на природното наследство.

Потонатиот хартиен брод на еколошки успеси

Реалниот успех на државата (власта) да се зачува животната средина и природата за жал не може да се мери во километри квадратни заштитени подрачја, број на заштитени видови, објавени студии, ниту пак казнети загадувачи – туку со километри и килограми на испишани и потпишани документи, закони, правилници, законски акти и конвенции кои немаат апсолутно, никаква вредност во реалниот свет, надвор од канцелариите и салите за состаноци онаму каде живеат граѓаните и сета биолошка разновидност.  Ние, сме „хартиени шампиони“ во заштитата на животната средина – зошто освен носење на одлуки, друго не ни правиме. Имплементација доаѓа од латинскиот implementem, што значи да се исполни и оствари. Можеби на македонски, најдобро би се превел како применување, да се стави во пракса. Овој збор е нашата најслаба точка. Ова не се само сугестивни заклучоци, туку тоа го потврдуваат сите извештаи на Европската Комисија во последните неколку години, кои во какофонија повторуваат исти ставови кои може да се стават во една реченица како: Acta non verba! (Дела, не збориви!). Од ДОМА, се обидовме да дознаеме колку од планираните активности од Националната стратегија за заштита на природата  се остварени, но оваа мисија беше неуспешна. Министерството за животна средина и просторно планирање и покрај нивното постојано и инаетливо ограничување од одговорност, сепак ја носи јавната функција за грижата на природата. Но и покрај тоа тие самите не водат никаква, организирана евиденција околу напредокот на нивната работа. Замислете, студент кој не знае колку испити положил, колку паднал и уште колку му остануваат. Е таква е состојбата.

Животната средина како државен приоритет

Заклучоците за напредокот на животната средина за последната година на Владата, ресорното министерство како и лидерите на зелената партија е дека во оваа година се постигнале (историски) успеси. Многу е тешко, со здрав разум да се подржат овие изјави. Особено за сите жители во урбаните населби низ државата во поголемите градови кои живеат во средина еднаква на воена област. Се чини дека политичките лидери и одговорни лица, живеат во некој паралелен свет – некаде, на некое место каде што ние не можеме да допреме и да разбереме дека Македонија е земја без еколошки проблеми.
Животната средина и природата до сега ја изгубиле апсолутно секоја битка со политичките и бизнис интереси. До сега, ниту еден политичар, партија или пак коалиција не застанала силно на страната на природата или пак еколошките организации и иницијативи. Секогаш тоа било едно тешко, дури пијано оро – каде секој секого влечка, гази, нагазува, сопнува и бутка.
Единствен, демократски и успешен начин да ја зачуваме животната средина во следната година е преку ставање на природата како главен, државен интерес и приоритет. Биолошката разновидност и природните ресурси треба да се главен јавен интерес. Заштитата на животната средина, не била и не смее да е викенд активност, политичка шарада и на маргините на политичкиот интерес.
Сите мали и поголеми еколошки успеси и промени во Македонија, во последните три декади се должи исклучиво на работата, желбата, ентузијазмот и работата на невладиниот сектор, академската фела, граѓанските движења и силната финансиска поддршка од странските организации. За ова треба секогаш да се потсетуваме.

Ајде, да ве видиме јунаци!

Оваа следна, 2024-та година е клучна година на избори. Сите политички претпоставки водат кон тоа дека оваа изборна година ќе биде исполнета со политички тензии, притисоци, напади и нестабилност. Веќе одамна, животната средина не била тема на политички дебати, надвор од сезонските преписки околу загадениот амбиентален воздух. Ако некогаш природата била тема на разговор, тогаш тоа секогаш е во форма на „делење на колачот” околу безобѕирно искористување на природните ресурси во форма на: рудници, каменоломи, сепарации, сеча на шума, мали хидроцентрали и разни неодржливи пракси во управувањето со природните ресурси. „Тотална распродажба“ – ова би било рекламното пано на политиките на сите досегашни Влади кон националното природно наследство.

Не постојат промени во животната средина, без промени во политиките на управување. Не постојат промени во животната средина, без применување на политиките на управување. Не постои полесна, подобра, попатриотска одлука од онаа да се грижиш за животната средина. Не постои нешто што повеќе обединува од заедничката грижа за природните ресурси. Секоја партија или политичар што во својата програма не обработува, здрави и сериозни еколошки одлуки може да се смета за политичар кој го предал гласачкото тело.

Дома во 2023-та

За жал, редакцијата на ДОМА беше само една од неколкуте новинарски редакции и медиуми што посериозно се посвети на истражување, информирање и алармирање на јавноста околу проблемите со животната средина, особено оние криминогени и корумпирани одлуки на локалните и централните власти за неодржливо и често нелегално искористување на природата. „Хистерично известување од порталче“ така бевме оценети од одредени медиуми (објективно блиски до ставовите на Владата). Нашите цели и замисли остануваат исти ако не и посилни во следната година. Активно следење на одлуките и промените на животната средина остануваат наш приоритет. Искрено посакуваме сите граѓани на Македонија, да не ја пречекаат следната година затворени во своите домови, со вклучени со пречистувачи на воздух во страв од загадената средина.

Од името на нашата редакција, Институтот за комуникациски студии и од мене,

Среќна Нова Година!

Кирил Арсовски Пржо, уредник

Сподели