fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
do kade sme so zastitata na prirodata featured

До каде сме со заштитата на природата

  • Активностите поделени во седум национални цели се впишани во десетгодишната Национална стратегија за заштита на природата, но, институцијата одговорна да води сметка за нив, Министерството за животна средина и просторно планирање нема евиденција за тоа колку од нив се остварени.
  • Преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Дома ги праша МЖСПП колку и кои од активностите, заклучно со 2022 година, се завршени.
  • Конечниот одговор што го добивме е дека поради обемот, Министерството нема доволно време ниту персонал да одговори на нашите прашања.

Седум национални цели поделени во 222 активности се запишани во Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027.

Срочена на овој начин, Стратегијата ја уредува и диктира заштита на животната средина во Македонија, проучувањето и заштитата на природното богатство, како и правилното управување со природните ресурси.

Активностите стојат впишани во Стратегијата, но, нивната реализација не е евидентирана во институцијата одговорна да води сметка за нив, Министерството за животна средина и просторно планирање.

Многу е тешко, дури невозможно, да се дознае до каде се започнатите постапки и процедури од сите ингеренции кои ги има Министерството, а се однесуваат на стратегијата, која не е само случајна листа на активности, туку претставува водич создаден од најумните на темата животна средина во Македонија и регионот.

Планот претставува и календар кој гарантира навремено и успешно завршување на задачите кои ќе овозможат заштитата на националната природа. На овој календар, со 2022 година како краен рок за реализација, се испишани околу 88 активности.

Прашања без конкретен одговор

Преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Дома ги праша МЖСПП колку и кои од активностите, заклучно со 2022 година, се завршени. Нашето барање беше за по неколку активности од секоја од седумте национални цели, а одговорот што го добивме беше оскуден, табеларно претставен само со проценти кои не значат ништо конкретно.

do kade sme so zastitata na prirodata 1

На нашите конкретни прашања, добивме само проценти

Кога повторно побаравме поконкретни информации, добивме конечен одговор дека поради обемот, Министерството нема доволно време и персонал да одговори на нашите прашања.

„За таа анализа потребно е дополнително време и институционален пристап. Имаме лимитирани капацитети и во моментов сме фокусирани на нашиот ЕУ скрининг процес за поглавје 27 за Животна средина која е приоритет на МЖСПП и Владата“, стои во одговорот од МЖСПП.

Во меѓувреме, Министерството се „пофали“ само со неколку реализирани активности, без да образложи дали тие се однесуваат на Стратегијата.

Меѓу, според нив, „најзначајните постигнувања во делот за природа согласно Националната стратегија за заштита на природата“, од МЖСПП ги набројаа: новиот Закон за природа кој, како што велат, е во фаза на интерна консултација, Национална Црвена листа за херпетофауна (водоземци и влекачи) и извршената проценка на 14 видови васкуларни растенија како и црвена листа за габи и крупни зверови кои имаат меѓународно и национално значење.

Покрај ова, изработен е и посебен нацрт-закон за ЦИТЕС, како и предлози на Закон за прогласување на Студенчишко Блато и Кањон Матка за заштитено подрачје, двата во собраниска процедура.

Постапките за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природа и Белчишко Блато за парк на природа, како и управувањето со заштитените подрачја преку изготвување на планови за управување ги нагласуваат како подобрени.

„Согласно Националната стратегија за заштита на природата изготвена е методологија за прстенување на птици и се спроведуваат активности поврзани со концептот на екосистемски услуги. Мапирани се основните екосистеми на национално ниво, утврдена е нивната здравствена состојба и побарувачката за екосистемски услуги на национално ниво. Во моментот се спроведува шема за плаќање на екосистемски услуги (ПЕУ) во споменик на природа Вевчански Извори“, велат од Министерството.

Иницијатива има, проаактивност нема

МЖСПП со години делува дека претставува само предмет на размена помеѓу политичките партии со цел задоволување на бројот на министри во владата. Ниту еден министер од последните влади не успеа да го заврши во целост својот мандат, што, секако, влијае на работата на министерството. Ова само кажува дека министерството и неговите активности кои што се од стратешко значење за државата, се на последното место на приоритетите, што го докажува и буџетот што го добива, а кој изнесува само 0,7 % од буџетските расходи за 2023 година (977 милиони и 540 илјади денари). 

Можеби нашето барање може да се дефинира како каприц, но, замислете ја апсурдноста, ова Министерство или која било друга државна институција, да нема лесно достапна евиденција за реализирани цели, односно увид во тоа што е сработено.

Министерството претставува само управна единица која треба да ги раководи законските процедури врзани со природата, а сè друго треба да зависи од непостоечки или сè уште неоформени, а предвидени, државни институции кои треба да вршат мониторинг и проучување на природата. Досега, овој најголем и најтежок залак е оставен на личниот ангажман, иницијатива и елан на поединци или група истражувачи.

Потребите на Министерството мора да станат еден од главните приоритети на Владата затоа што се занимаваат со најважниот аспект на животот на секој од нас – животната средина, а таму немаме време за губење. Но, за да се постигнат овие промени, не е доволна само иницијатива, мора да има и проактивност од Министерството.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ангела Рајчевска
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска