Конвенциите за природа само ги потпишуваме, а не ги почитуваме
- Конвенциите за природа се дел од домашното законодавство, а ЕУ директивите се вградени во законите за заштита на природата, но тие се само на хартија.
- Јавноста не може на транспарентен начин да дознае кој ја застапува државата пред меѓународните конвенции и договори.
- Во годишните извештаи што „невидливите“ комитети ги испраќаат до заедницата стојат само неисполнети цели, квоти и задачи.
- Поради некоординираноста на македонските институции на сите нивоа, експертите предлагаат само еден комитет кој би го следел спроведувањето на сите конвенции.
Богатството и хетерогеноста на видовите и на екосистемите се основните обележја на биолошката разновидност во Македонија. Според анализите, нашата земја се наоѓа на самиот врв на држави познати како европски жаришта на биодиверзитетот. Заштитата на природата како една од глобалните цели на човештвото последниве децении е преточена и уредена во повеќе меѓународни документи, кои откако се ратификувани од страна на највисокиот законодавен дом во државата, автоматски стануваат дел од националниот правен систем на нашата држава.
Македонија како самостојна држава (но, и претходно како дел од Југославија) е потписник на некои од најважните меѓународни документи, како што се Конвенција за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење, посебно како живеалишта на водните птици (усвоена во Рамсар, 1971 год.), Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство (ратификувана во Париз, 1972 год.), Конвенција за заштита на дивиот животински и растителен свет и природните живеалишта во Европа (усвоена во Берн,1979 година и позната како Бернска), Конвенција за биолошката разновидност – биодиверзитет (донесена во Рио де Жанеиро, 1992 год.) и Договор за заштита на Афричко-Евроазиските миграторни видови водни птици, усвоен во Хаг, 1999 година.
Колку за нас е важно да бидеме дел од развиениот свет кога е во прашање заштитата на природата покажува фактот што овие меѓународни конвенции сме ги вградиле во нашето законодавство, а исто така, како еден од чекорите за приближувањето на земјата кон Европската Унија, во Законот за заштита на природата се пренесени одредбите од Директивата на ЕУ за зачувување на природните живеалишта и на дивата фауна и флора (92/43/EEC), Директивата на ЕУ за Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија 22 зачувување на дивите птици (2009/147/EC), како и Регулатива за заштита на видовите дива фауна и флора преку регулирање на нивната трговија (338/97 EEC).
Овие конвенции ѝ налагаат на нашата држава одредени обврски и задачи кои таа се обврзала да ги исполни со нивното потпишување, а стратешката определба на Македонија за што поскоро членство во ЕУ, пак, подразбира што побрзо и што поцелосно имплементирање на ЕУ стандардите за заштита на природата. Во реалноста, меѓутоа, целите на кои сме се обврзале со потпишувањето имаат малку допирни точки со состојбите во кои се наоѓа заштитата на животната средина иако Република Северна Македонијa има изградено систем на заштитени подрачја кој вклучува 82 подрачјa, а тие зафаќаат околу 13.92 % од територијата.
Два чекори напред, три назад
Денес во нашата земја, дел од заштитените подрачја имаат и меѓународен режим на заштита, па така, според Рамсарската Конвенција таков режим на заштита уживаат спомениците на природата – Преспанско езеро, Дојранско Езеро и Охридско Езеро, кое е под заштита и на друг меѓународен документ, односно се наоѓа на листата на УНЕСКО за светско природно наследство.
Дека конвенциите и декларациите се едно, но, реалноста во која (едвај) опстојуваат некои од највредните природни реткости во Македонија покажува и случајот со „двојното“ заштитување Охридското Езеро и неговата (не)заштита што е предмет на остра конфронтација на властите во државава и двата титулара на неговата заштита, а тоа се Комитетот на Бернската Конвенција и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
Позначајни ратификувани конвенции за природата:
- Конвенција за биолошка разновидност (Рио, 1992);
- Картагенски Протокол за биосигурност кон Конвенцијата за биолошка разновидност (Картагена, 2000);
- Конвенција за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење за заштита на водните птици (Рамсар, 1971);
- Конвенција за заштита на миграторни видови диви животни (Бон, 1979);
- Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа (Берн, 1979);
- Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство (УНЕСКО, 1972);
- Конвенција за меѓународна трговија за загрозени диви животински и растителни видови – CITES конвенција (Вашингтон, 1972);
- Европска Конвенција за заштита на ’рбетници кои се користат за експериментални и други научни цели (Стразбур, 1986);
- Европска Конвенција за пределот (Фиренца, 2000);
- Договор за заштита на лилјаците во Европа (Лондон, 1991);
- Договор за заштита на Африканско-Евроазиските миграторни видови водни птици (Хаг, 1995);
Директиви и регулативи на ЕУ вградени во националното законодавство:
- Директива за зачувување на природните живеалишта и на дивата фауна и флора (92/43/EEC),
- Директива за зачувувањето на дивите птици птици (147/2009/EC).
- Регулативата за заштита на видовите дива фауна и флора преку регулирање на трговијата со нив (338/97/EC).
Надлежното Министерство за животна средина, од своја страна, гледа само голем напредок, посебно во заштитата Охридското Езеро и во реализацијата на обврските од меѓународните документи.
„За Охридскиот регион забележан е напредок во делот на валоризација и управување со природното наследство. Беа изготвени Студија за валоризација на Споменик на природа-Охридско Езеро (2021) и Нацрт-План за управување со Охридското Езеро за периодот 2022-2031 година. Годинава беше изготвена и студијата за валоризација на Белчишко Блато-Парк на природа,а претходната година и за Студенчишко Блато“, се вели во одговорот од МЖСПП, на прашањето како се реализираат обврските во однос на ратификуваните меѓународни конвенции за природата.
Исто така, додаваат дека Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро се дел од Националната Емералд мрежа на Подрачја од посебен интерес за зачувување (ASCI) со цел за зачувување на мрежата на природни живеалишта, која се воспоставува на територијата на земјите-членки на Бернска конвенција. Трите езера во 2017 година се идентификувани како потенцијални подрачја за Европската еколошка мрежа „Натура 2000“ и за нив следат понатамошни активности за идентификација на живеалишта и видови од европско значење.
Оттаму го нагласуваат и напредокот во делот на изработка на Национални Црвени листи и на исполнувањето на барањата на Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD), на имплементацијатата на Конвенцијата за регулирање на меѓународна трговија со загрозени диви растителни и животински видови (CITES), на идентификување на потенцијални подрачја за Европската еколошка мрежа „Натура 2000“ и на исполнување на обврските од другите меѓународни документи, во согласност со можностите кои им се на располагање.
Како слабости, пак, во процесот на заштита на природата од Министерството го наведуваат, меѓу другото и немањето финансии, неформирањето на агенција за заштита на природата, а со тоа и непостоење на континуиран мониторинг на природното наследство, како и некоординираноста со останатите сектори како шумарство, водостопанство, урбанизам, енергетика.
Заспани национални комитети
Едно е тврдењето на институциите, но фактичката состојба покажува друго. Во Националната Стратегија за биолошка разновидност 2018-2023, меѓудругото, се констатира дека национална програма за зачувување на водните живеалишта со мерки за заштита, одржливо користење и ревитализација (што е обврска за земјите членки на Рамсарската конвенција) не е изработена, а мерките за нивна заштита само делумно се вклучени во некои планови за управување со заштитените подрачја.
Во истиот документ се потсетува и дека е изработен нацрт-закон за управување со светското културно и природно наследство во Охридскиот Регион, но тој не е донесен, како и дека Заштитата на подрачја од особено значење за заштита на засегнати висови птици на национално ниво е недоволна – само неколку подрачја се целосно заштитени (Преспанско Езеро, Тиквешко Езеро, Демир Капија и слив на Радика), а повеќето се без какви било мерки за заштита.
За спроведување на конвенциите честопати државите имаат обврска за формирање на независни тела – национални комитети. А како таа обврска се реализира во Македонија покажува самата активност на овие тела. Пребарувањето на интернет најчесто не дава ни најосновни информации за овие тела – нивниот состав, нивните активности и резултатите од имплементацијата на декларациите. Овие тела, всушност, речиси воопшто не се ниту спомнуваат.
Јавноста не може на транспарентен начин да дознае кој ја застапува државата пред меѓународните конвенции и договори, за да може да се следи состојбата со одредени подрачја од природата, па најдобро решение за информирање е директен контакт со меѓународните тела кои раководат со Конвенциите и Договорите.
Доколку ги разгледаме дел од годишните извештаи што „невидливите“ комитети ги испраќаат до заедницата, ќе забележиме само неисполнети цели, квоти и задачи.
Национални комитети, совети и работни групи за заштита на природата
- Националниот комитет за биолошка разновидност. Формиран 1997 година, според обврските од Конвенцијата за биолошка разновидност, составен од дваесетина научни работници и експерти.
- Национален комитет за заштита на миграторни видови диви животни. Формиран 2001 година, според обврските од Бонска конвенција, вклучува 13 членови од релевантни институции. Во Националната Стратегија за заштита на природата од 2017 година стои дека е „потребно е да се обезбеди негова оперативност“.
- Националниот Рамсарски Комитет. Формиран во 1994 година, според барањата на Рамсарската конвенција, вклучува 7 членови, претставници од ресорни министерства, научни институции и невладиниот сектор.
Јавноста за дејноста на овој комитет дозна од реакцијата на граѓанското здружение „Охрид СОС“, кое упати жестоки обвинувања на сметка на членовите на овој Комитет за противзаконско постапување и злоупотреба на службена должност од страна на претставници на МЖСПП и другите членови за опструкција на процесот на прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко Блато за Рамсар подрачје.
- Национален совет за заштита на природата. Формиран во согласност со Законот за заштита на природата како советодавно тело на министерот , со вкупно 8 членови од релевантни институции именувани за период од 4 години (2009-2013). Потребно е да се ажурираат членовите на советот и да се обезбеди негова оперативност, се вели во Националната Стратегија за заштита на природата.
- Национален Совет за одржлив развој. Формиран во 2010 година од страна на Владата на Република Македонија, вклучува 16 членови од релевантни државни и научни институции, претседавач заменик-претседателот на Владата на Република Македонија одговорен за економски прашања, советодавно тело на Владата на Република Македонија. Иако во Стратегијата стои дека ова тело одржува редовни седници, разгледува прашањата и дава мислења по однос на политиките за одржлив развој во земјата, на официјалниот сајт на Советот последната информација за активност на Советот датира од 2015 година. На сајтот, пак, на Владата единствената информација за оджана седница на овој национален совет датира од 25 декември 2018 година.
- Национална Комисија на УНЕСКО. Има обврска да одржува редовни состаноци и ја прати имплеметацијата на Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство. На интернет пребарување последната достапна информација за Комисијата е од пред една година, во која се наведува дека е извршен избор на ново раководство на ова тело.
Она што е заедничко за сите нив е дека или има малку или нема воопшто достапни јавни информации за нивната активност.
Така, јавноста и не слушнала за постоењето на Националниот комитет за биолошка разновидност (составен од дваесетина научни работници и експерти), формиран во 1999 година, кој работел на Студијата за состојбата со биолошката разновидност (прв национален извештај, 2003г.) и првата Национална стратегија за биолошка разновидност (2004 г). Меѓутоа по донесувањето на овие документи, неговата активност се намалува и денес тој не е активен.
Покрај ова тело, формирани се и други национални комитети согласно насоките од другите меѓународни договори (Рамсарска, Бонска конвенција и др.) или пак совети (за природа, за одржлив развој) според обврските од националното законодавство, за некои во самите национални стратегии стои дека се формирани, ама не се активни (Национален комитет за заштита на миграторни видови диви животни, Национален совет за заштита на природата) , додека за некои како Национална комисија на УНЕСКО стои дека одржува редовни состаноци и ја прати имплеметацијата на Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство УНЕСКО. За работата на Националниот рамсарски комитет во врска со заштитата на Охридското Езеро, посебно на локалитетот Студенчишко Блато еколошките здруженија упатија сериозни критики кон членовите, кои се од редовите на МЖСПП и научната фела, за опструкции во процесот на прогласување на заштитени подрачја според оваа конвенција и за злоупотреба на службената положба.
Одговор на прашањето како работат националните тела за спроведување на меѓународните обврски за заштита на природата побаравме и од Владата, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.
Главна причина за нефункционалноста на овие тела е колосалната некоординираност на македонските институции на сите нивоа, смета Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и претседателка на ДОМ.
„Таквите тела се по правило меѓуресорски. Но, за да се придвижи такво хетерогено тело, мора да постои одлично лидерство или да има задолжен член на Владата, кој ќе ја следи работата и пред кој ова тело ќе известува. Вака како што најчесто се случува, овие тела се расплинуваат, го губат фокусот и понекогаш стануваат поле на натпревар на суети“, вели Поповска.
Поради ова, некои експерти предлагаат формирање само еден комитет кој би го следел спроведувањето на сите конвенции, или пак дополнување на надлежностите на Националниот совет за заштита на природата, но исто така и обезбедување оперативност на овој Совет, кој би ја превзел таквата улога. Додека не се обезбеди постоење на такво тело, спроведувањето на обврските кои сме ги презеле како држава околу заштитата на природата повеќе ќе наликува на настап на расштимуван оркестар, отколку на реализација на државна стратегија.
Содржината е изработена од Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Југослава Дуковска