Македонското царство на габите
Разнообразноста на живиот свет, или таканаречениот биодиверзитет, претставува уникатно богатство со кое планетата Земја се издвојува од останатите планети од Сончевиот систем. Ова богатство на видови има есенцијална улога во одржувањето на здрави екосистеми во кои владее природна рамнотежа, чие пак нарушување времено или трајно ѝ нанесува штета на природата во целост.
Во целото богатство на жив свет што ја населува Земјата своја посебна улога имаат габите, кои во класификацијата на видовите се детерминирани како посебно царство Fungi (Eumycota). Габите имаат клучна улога во животната средина, пред сѐ како разградувачи на органската материја, како фиксатори на вишокот јаглерод во воздухот, но и како храна за луѓето и животните. Покрај како извор на хранливи материи, консумирањето на некои габи има позитивно влијание врз здравјето на луѓето, а одредени видови, пак, нашле и своја примена во медицината поради своите фармаколошки својства. Во последно време, во зачеток е и производство на биоразградливи материјали од мицелиум на габи, кои перспективно би можеле да ја намалат употребата на тешко разградливите пластични материи. Поради сето ова, познавањето на габите и нивната разновидност (микодиверзитет) е особено значајно, како во насока на одржливост на здрави екосистеми, така и за квалитетот на животот на луѓето.
Точното научно разбирање на биолошката разновидност и распространувањето на видовите е од клучно значење за ефективно зачувување на природата и одржливо управување со природните ресурси. Систематската евиденција на видовите е важна алатка во стратегијата за нивна заштита, како и за зачувување на живеалиштата.
За жал, кога е во прашање царството на габите, Македонија на овој план заостанува зад развиениот свет, како поради малиот број на стручен кадар, така и поради недоволно инвестирање во современа опрема, во нејзино одржување, но и во останати ресурси, потребни за истражување на микодиверзитетот во нашата земја.
Освен дефицитарноста во кадар и опрема, недостасува и помасовна едукација на населението во насока на одржливо искористување на габите од природата, како и за начините на нивна правилна детерминација, со цел избегнување несакани последици при нивно консумирање.
(Насловна фотографија – Кристална чашка, Oudemansiella mucida – расте на дрво, карактеристичен за букови шуми)
01/17
Габите се многу разновиднa групa на организми која опфаќа широк спектар на форми на живот, од едноклеточни до многу сложени повеќеклеточни организми. Тие можат да бидат со микроскопски димензии или да имаат големи плодни тела со подземни системи кои се протегаат на пространства мерени и во хектари. Досега во светот се идентификувани и опишани најмалку 144.000 видови, но научниците проценуваат дека огромен број видови допрва треба да се каталогизираат, и дека нивниот вкупен број може да се движи помеѓу 2 и 3, па дури и 5 милиони видови.
(Hypholoma fasciculare – лигниколен вид (расте на дрво), чест и карактеристичен за букови шуми)
02/17
Габите имаат способност да ги трансформираат хранливите материи на начин што ги прави достапни за растенијата. Некои габи ги разградуваат растителните и животинските остатоци, со што ја зголемуваат достапноста на хранливите материи во почвата. Тие исто така можат да поттикнат фиксација на азот и мобилизација на фосфор, две од трите главни хранливи материи потребни за развој и продуктивност на растенијата.
(Russula seperina – нов, т.е. прв податок за овој вид во Македонија, микоризен вид)
03/17
Заедно со растенијата, габите вршат процес наречен секвестрација на јаглерод во почвата, собирајќи го јаглеродот од атмосферата и складирајќи го во почвата. Овој важен процес не само што ја подобрува плодноста на почвата, туку помага и да се намали вишокот јаглерод што човекот низ своите активности го внесува во атмосферата, а со тоа се намалуваат и последиците од климатските промени и глобалното затоплување.
(Гулапка, Russula livescens – нов, т.е. прв податок за овој вид во Македонија, микоризен вид)
04/17
Според најновите научни сознанија се смета дека габите, преку системот на микориза, складираат околу 36% од вкупниот јаглерод создаден од емисиите на фосилни горива секоја година. Околу 13,12 милијарди тони CO2 се пренесуваат годишно од растенијата на габите, ослободувајќи ја атмосферата од вишокот на овој гас, истовремено трансформирајќи ја почвата во огромен јаглероден басен и најефективна единица за складирање на јаглерод.
(Amanita sp. – микоризен вид, расте во букови шуми)
05/17
Габите често имаат специфични барања за живеалиште, а нивните квалитативни и квантитативни појави може да укажуваат на здравјето на природните средини, како за специфичното природно живеалиште, така и за целиот екосистем. Со мапирање на распространетоста на различните видови габи, може да се дојде до сознанија со кои се идентификуваат клучните живеалишта на кои им е потребна заштита. Заштитата на овие живеалишта овозможува не само зачувување на габите, туку и функционирање на пошироките екосистемски услуги што тие ги поддржуваат.
(Влакнеста лепезарка, Schizophyllum commune – многу чест вид, расте на паднати гранки)
06/17
Националните ресурси на податоци за макромицетите (габите со крупни плодни тела) се клучни за познавањето на нивното видодо разнообразие, а со тоа и за нивно ефективно зачувување. Тие ги обезбедуваат основните информации потребни за да се разбере разновидноста на габите, да се следат трендовите на популацијата, да се идентификуваат загрозените видови итн.
(Пуфка на дршка или бесрамна пувка, Battarrea phalloides – категорија ранлив вид (VU) од Црвена листа на габи на Македонија)
07/17
Инвестирањето во проучувањето на габите и користењето на добиените сознанија е од есенцијално значење за нивна заштитата и одржувањето на специфичните улоги што тие ги имаат во обезбедувањето на здрави екосистеми и придружни екосистемски услуги. Оттаму може да се заклучи дека точната претстава за распространетоста на габите игра клучна улога во борбата за зачувување здрава животна средина.
(Lepiota ignivolvata – карактеристичен вид за букови шуми)
08/17
Оваа одговорна и обемна работа во Македонија е сведена на работењето на Миколошката лабораторија при Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје (УКИМ), единствената институција која се занимава со истражување, колекционирање, одредување и проучување на габите. Во работењето на лабораторијата постојано се ангажирани само тројца научници и тоа проф. д-р Митко Караделев, проф. д-р Катерина Русевска и м-р Славица Тофиловска-Камишевска.
09/17
Во делокругот на редовните активности, лабораторијата има воспоставено комуникација со многу сродни научни институции од Европа и светот, што претставува можност за размена на искуства и сознанија, како и за соработка на заеднички проекти. Како дел од таа комуникација е и соработката со проф. д-р Ирмгард Крисаи- Граилхубер и проф. д-р Херман Фоглмајр од Одделот за ботаника и истражување на биодиверзитетот, од Универзитетот Виена, Австрија, со кои во моментов се работи на билатерален проект поддржан од МОН.
10/17
Само во рамките на неколкудневните заеднички теренски истражувања со професорите од Виена, во октомври 2024, откриени се 20 нови податоци за габи во Македонија, кои се глобално познати, но за првпат се пронајдени на територијата на нашата земја.
11/17
Покрај научната работа лабораторијата е важен чинител во едукацијата на пошироката популација во насока на правилно и одржливо собирање на габите во природата. За таа цел во тек е постапка за официјална соработка со Клиниката за токсикологија, со цел градење стратегија за превентива од несакани последици при конзумирање на отровни габи, што неретко завршува со фатален исход.
(Cortinarius bulliardii – отровен вид, карактеристичен за букови шуми)
12/17
Размената на информации треба да ги евидентира видовите кои предизвикале труење и да ги сублимира причините поради кои дошло до замена на јадлив вид со отровен. Иако се работи за познати видови и причини, сепак разбирањето на перцепцијата на конкретните собирачи е значајна, со цел овие податоци да се вметнат во некои идни обуки и објави, не само за полесно распознавање на габите и нивните „двојници“, туку и за подобро објаснување на одредени нивни карактеристики, кои довеле до замена на видовите.
(Panaeolus papilionaceus – расте на измет и на ливади)
13/17
Најотровниот вид габа, зелената пупавка (Amanita phalloides) е присутен и во Македонија. Доволно е да се изеде едно плодно тело или ~ 70 грама, за да настапи смрт. Најчесто овој вид се заменува со примероци од ливадски или полски шампињон, а замената настанува поради невнимателност, но и поради недоволно познавање на карактеристиките и екологијата на двата вида.
(Зелена пупавка, Amanita phalloides, најотровен вид)
14/17
Несомнено е дека габите имаат исклучително важна улога во одржувањето на природната рамнотежа во екосистемите и дека нивното колекционирање, евидентирање и проучување е, од една страна од големо значење, но, од друга страна обемна и високостручна работа за која се потребни и соодветни ресурси. За жал, во Македонија државата многу малку инвестира во оваа област што се манифестира низ недостаток на високостручен кадар, но и недостаток на соодветни просторни и материјални ресурси.
(Stropharia caerulea – чест вид, типичен за букови шуми)
15/17
Како за илустрација, во единствената Национална збирка на габи, која се чува во Миколошката лабораторија, едвај околу 20.000 примероци, или помалку од половина од вкупниот број, се евидентирани и каталогизирани, додека останатите, поради недостаток на кадар, чекаат некои подобри времиња. Дополнително, габите (во најголем број макромицети) се чуваат во несоодветни услови, во простор без можност за регулирање на температурата и влажноста на воздухот.
(Тиквеста пуфка, Lycoperdon sp. – чест вид за букови шуми)
16/17
Систематско истражување и работа на терен исто така е невозможно без ангажирање на поголем број стручни лица од оваа област, па овие активности неретко се одвиваат од страна на студенти, во рамки на теренските истражувања или индивидуални проекти, како и со помош на Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ) кои организираат редовни теренски истражувања секоја година. Неретко податоци за нови видови габи и локациите на кои се собрани се добиваат и од индивидуални собирачи, особено од fb-групата FungiMacedonici.
(Hirschioporus fuscoviolaceus – многу чест вид, расте на паднати гранки)
17/17
Дополнително, во Миколошката лабораторија не постои соодветна опрема за молекуларни анализи, без која е невозможно да се одредат филогенетските стебла кои даваат детални и прецизни информации за нивната еволутивна поврзаност, што пак дава многу појасна слика за нивната дистрибуција, за екологијата и за функционалната улога на габите во екосистемите, како и многу други есенцијални информации. За ваквите анализи, материјалите се испраќаат во странски лаборатории.
(Мастилавка, Coprinus sp. – расте на ливади, една од габите со најкратко траење на плодните тела)
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски
Користена литература:
Благодарност до проф. д-р Катерина Русевска