На Плетвар прилепскиот сивец ја истребува македонската сивка
Во Македонија, Плетвар е општо познат топоним за планинскиот превој преку кој поминува фреквентниот магистрален пат А1, кој е главната рута што ја поврзува пелагониската котлина со централниот и источниот дел на државата. Но, во јавноста е многу помалку познато дека поширокото подрачје на овој превој е исклучително значајно живеалиште за многу ретки, загрозени и ендемски видови растенија и животни, меѓу кои и на еден вид пеперутка која во таксономијата е заведена како Pseudochazara cingovskii, а кај нас е позната како Чингова окатка, или едноставно – македонска сивка. Значењето на сивката е во тоа што таа претставува стеноендемит, кој освен во околината на Плетвар не може да се сретне на ниту едно друго место во светот. Покрај тоа, таа е значајна и поради фактот што е еден од најзагрозените видови пеперутки во Европа на кои им се заканува исчезнување. Најголема закана за нејзиниот опстанок е зголемувањето на површините на кои се врши експлоатација на минерални и неминерални суровини, а особено на мермер, што доведува до трајна загуба на живеалиштата, како на Чинговата окатка, така и на други специфични растителни и животински видови.
И покрај тоа што негативните последици од експлоатацијата на рудниците врз природата се нотирани уште многу одамна, се чини дека и тука грижата за личен профит доминира над грижата за животната средина, а површините на кои се експлоатира мермерот во континуитет се зголемуваат. Издавањето дозволи за отворање на нови и проширување на старите рудници не застанува, а судејќи по тоа какви сè природни локалитети се трајно уништени, впечаток е дека некои издадени дозволи, не само што би требало да претрпат сериозна ревизија, туку можеби и евалуација на способноста за здраворазумско расудување кај оние кои биле инволвирани во нивното издавање.
1/12
Плетвар е планински превој кој e позициониран на надморска височина од 994 метри. Тој ги разделува планините Дрен и Бабуна, а ја поврзува Пелагонија и градот Прилеп со областа Раец и Тиквешијата. Преку Плетвар поминува магистралниот пат А1 кој е главната рута што ја поврзува пелагониската котлина со централниот и источниот дел на Македонија и е дел од огранокот Д на Паневропсккиот коридор Х кој започнува од Велес, поминува низ Прилеп, Битола и Лерин, а завршува во грчкото пристаниште Игуменица на Јонското море.
2/12
На само неколку стотини метри западно од највисоката точка на превојот е сместено истоименото село Плетвар. Во селото, кое во шеесеттите години од минатиот век броело преку 300 жители, куќите се празни, дел од нив разрушени, а животот во него полека но сигурно умира. Според последниот попис. Денес, тука постојано живеат само 9 жители.
Еден сличен процес се одвива и непосредно над селото, на карпестиот рид каде што е домот на македонската сивка, редок вид пеперутка на која, поради негрижата на заедницата, и се заканува исчезнување.
3/12
Македонската сивка, или Чингова окатка (Pseudochazara cingovskii) е вид пеперутка од семејството Nymphalidae. Живее само на карпестите ридови на и околу Плетвар и и никаде на друго место во светот. Годишно произведува само една генерација која поминува низ сите фази на метаморфоза од јајце до возрасна единка, а фазата на имаго, односно оформена пеперутка, ја достигнува во месеците јули и август.
4/12
Во однос на нејзината дистрибуција во просторот сивката е изразито специјализиран вид кој егзистира на строго определен тип живеалишта кои се ограничени на мермерни карпести падини каде што е совршено камуфлирана со сивата боја на долниот дел од крилјата. Пеперутките се изразито седентарни, односно летаат на многу мал простор и ретко се впуштаат подалеку од живеалиштето заради нектарирање. Типично живеалиште за сивката се карпести падини делумно обраснати со трева и ниски грмушки на надморска височина помеѓу 1.000 и 1.200 метри.
5/12
Македонската сивка спаѓа меѓу најзагрозените пеперутки во Европа. На Црвената листа на загрозени видови на IUCN сивката е во категоријата на Критично загрозени видови кои се под закана од исчезнување. Со теренски истражувања е констатирано дека нејзиниот број во континуитет се намалува, а според последните проценки направени во 2012 година, вкупниот број на единки изнесувал околу 10.000.
6/12
До 2012 година се сметало дека сивката егзистира исклучиво на мал простор над селото Плетвар, но со тогаш направените истражувања докажано е нејзино присуство на уште шест други локации, од кои пет во околината на Плетвар и една над селото Витолиште во Мариово. На пет од вкупно седумте локации постојат активни рудници за мермер кои се нотирани како најголема закана за исчезнувањето на сивката.
7/12
Најголема концентрација на пеперутки од овој вид и денес има на ридот над селото Плетвар, при што проценка е дека на овој простор егзистираат само околу 3.000 единки. Покрај сивката на Плетвар егзистира и локалниот флористички ендемит Плетварски петопрст (Potentilla pletvarensis) кој, исто така, освен на Плетвар, не е регистриран на ниту едно друго место во светот, како и некои други ендемски и загрозени видови растенија и животни. Но, сето ова природно богатство е загрозено со работењето на тукашниот рудник за мермер.
8/12
Во почетокот на оваа година на истиот рид, непосредно до рудникот за мермер, е отворен нов коп од страна на фамозната компанија „Бехтел Енка“ со цел вадење на материјал за тампонирање на планираниот нов автопат. Копањето е започнато да се врши со употреба на експлозив што веројатно би имало фатални последици врз понатамошниот опстанок на сивката на овој локалитет, но благодарение на активистите од здружението „Спас за Прилеп“, кои го блокираат пристапниот пат и не дозволуваат понатамошни активности, работите на овој локалитет се стопирани.
9/12
Две од шесте новооткриени локации на кои живее Чинговата окатка се наоѓаат во околината на „Сивец“, најголемиот рудник за мермер во прилепско, при што едната (Црвеница) е веднаш над каменоломот и е под директна закана од рудникот, додека за втората (Чаве), која се наоѓа на 2 километри југоисточно од Црвеница, се смета дека не е загрозена.
10/12
Јужната страна на Козјак (1746 мнв), највисокиот врв на планината Бабуна, е уште една од локациите на кои егзистира сивката. Точниот локалитет на кој е утврдено нејзиното присуство е веднаш над рудникот за мермер, кој освен тоа што ѝ го загрозува опстанокот, го нагрдува и целиот амбиент.
11/12
Веднаш наспроти Козјак, на северните падини на планината Дрен, во атарот на село Беловодица, уште еден рудник за мермер јанарушува раскошната убавина на амбиентот што го создала природата и истовремено загрозува два локалитети на кои егзистира македонската сивка. На просторот на овој рудник некогаш егзистираше познатото мермерно езеро кое со обновувањето на концесиите и продолжувањето на експлоатацијата на мермерот, веќе шест години не постои.
12/12
Иако економското значење на мермерот е неспорно, особено ако се знае дека прилепскиот мармер сивец е еден од најценетите во светот, сепак неговата експлоатација не смее да биде на штета на природните и амбиентални вредности, а издавањето дозволи би морало да помине низ многу построги филтри на институциите задолжени за заштита на природното наследство. И без разлика дали финансиските ефекти од експлоатацијата на мермерот се мали или големи, секогаш треба да се има предвид дека македонската сивка, како дел од светското биолошко наследство, нема цена.
ИЗВОРИ:
- Saving the Macedonian Grayling – Rudi Verovnik, Branko Micevski
- Conserving Europe’s most endangered butterfly: the Macedonian Grayling (Pseudochazara cingovskii) – Rudi Verovnik, Branko Micevski, Dirk Maes, Irma Wynhoff, Chris Van Swaay, Martin Warren
- The IUCN Red List of Threatened Species™ ISSN 2307-8235 (online)
- Национална стратегија за заштита на природата-2017-2027 – МЖСПП
- www.prilep.gov.mk
- Конечен извештај за извршена ревизија на успешност „ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“ – Државен завод за ревизија
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фотографии: Дарко Андоновски
Фотографии од македонската сивка: Велијан Јагев