Денот кога пребаравме „Pseudochazara chingovskii“ на eBay, обидувајќи се да влеземе во трагата на она за што имавме доволно индикатори за сомнеж – дека од Македонија се продаваат нелегално загрозени и ретки пеперутки – не ни помислувавме дека неколку години подоцна овој ендемичен вид ќе стане симбол, инспирација и метафора. Не само истражувачки документарен филм, туку и уметничко дело, достојно за ѕидна скулптура на еден од театрите во Скопје.
Театар Комедија на својот објект ја постави скулптурата на македонската сивка, чиј автор е скулпторот Трајче Павлов, според фотографијата на чешкиот фотограф Томаш Врана
Со проектот „Природа на продажба“ тргнавме со едноставна, но амбциозна цел – да го покренеме прашањето за трговијата со загрозени инсекти и да покажеме како профитот ја разорува основната рамнотежа на нашите екосистеми. Се надевавме дека нашата истрага, со сопствено набавени нелегални примероци и лабораториски докази за нивното потекло, ќе успее да предизвика меѓународна реакција и конкретни промени. И навистина, успеавме да ја донесеме приказната до вратите на Европската комисија, до конференциите на ЕУ посветени на борбата против шверц со диви животни и до организациите што ја водат европската борба за биодиверзитет.
Откривме дека Европската Унија, заедно со своите еколошки организации, сè поактивно се ангажира во решавање на правната дупка во која исчезнуваат многу ендемични видови. Овие видови, иако формално заштитени во рамките на своите земји, веднаш штом станат предмет на шверц, завршуваат во „сива зона“– надвор од секоја санкција и заштита. Со голема енергија и соработка со европски партнери бевме на чекор до обезбедување меѓународна правна рамка за заштита на македонската сивка, преку апликацијата за вклучување на видот во CITES. Сè што остана беше тој документ, подготвен и аргументиран, да биде потпишан и проследен од надлежните институции – чекор кој, за жал, сè уште чека политичка волја.
Но, додека административните чекори и законските процедури запнаа во бирократски лавиринти, приказната за македонската сивка продолжи да живее сама и тивко, успевајќи да ја погоди колективната свест.
Така нашата приказна го најде својот пат и кон применетата уметност.
Управата на Театар Комедија, препозна длабока симболика во нашето истражување. За нив, како и за нас, сивката не е само инсект – таа е огледало на едно општество кое се бори да опстане меѓу рамнодушноста и желбата за промена. Загрозена, незаштитена и на работ на истребување поради туѓ профит.
Од тој момент се роди идејата сивката да добие трајна форма – ѕидна скулптура на фасадата на театарот. Скулптура која ќе нѐ потсетува секојдневно дека уметноста и природата имаат ист јазик, дека исчезнувањето на еден вид е и губење на дел од нашата култура.
Инспириран од фотографијата на чешкиот фотограф Томаш Варна, нашиот скулптор Трајче Павлов ја претвори кревката убавина на македонската сивка во впечатлива уметничка форма. Изработката на делото ја финансира самиот Театар Комедија, во желба пеперутката што ја откривме на e-Bay да се врати дома – како симбол на опстанок и предупредување.
Македонската сивка сега повторно постои – не само во текот на јули на падините на Плетвар, а потоа изложена на полиците на колекционерите, туку и во бронза и светлина, на ѕидот каде уметноста ја брани природата.
И можеби токму така, македонската сивка конечно доби нешто што ѝ недостасуваше – заштита што доаѓа од вистинското место: од љубовта, духот и совеста на луѓето.
Проектот Природа на продажба е финансиран од European Journalism Fund и изготвен во соработка со DW Europe.







