fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Незаштитено скулпторство на природата во Македонија

Незаштитено скулпторство на природата во Македонија

Ерозијата како геолошки процес, но и како процес кој во голема мера е поттикнат или забрзан од влијанието на човекот, во својата основа претставува појава која остава воглавно негативни последици врз природата. Уништувањето на пејзажите, губењето на плодна почва, таложењето на седименти во реките и езерата, нарушувањето на екосистемите и биодиверзитетот или пак појавата на опасни свлечишта, се само дел од причините заради кои во светот се применуваат мерки за спречување или намалување на ерозијата.

Но, ерозијата во одредени случаи предизвикува и позитивни последици, како што се, на пример, создавањето нови природни пејзажи, воспоставување нови екосистеми, откривање нови релјефни форми итн. На пример, најубавите речни долини, клисури и кањони настанале низ процеси на ерозија која траела милиони години, откривањето на многу прекрасни карпести врвови на планините се исто така последица на овој процес, но, и создавањето на плодно земјиште покрај некои големи реки, како на пример крај реката Нил во африканската пустина Сахара, што, меѓу другото, е последица и на таложење плоден супстрат создаден низ процеси на ерозија.

Македонија, поради геолошките, климатските и антрополошките фактори, спаѓа меѓу земјите кои се изразито подложни на оваа појава. Со годишна стапка од околу 680 кубни метри еродиран материјал на квадратен километар или околу 0,7 милиметри почвен слој, нашата држава е меѓу земјите кои се најподложни на ерозија во Европа, со слични последици како и оние ширум светот. Меѓу низата негативни последици и кај нас процесите на ерозија создале и некои уникатни геолошки и релјефни форми, кои со својата атрактивност се издвојуваат од околниот амбиент. Меѓу таквите форми спаѓаат и меловите во реоните Малеш и Пијанец или поточно во близина на пехчевското село Црник, делчевското село Нов Истевник и беровското Смојмирово.

Тие се создадени низ интеракцијата на ветерот, водата и времето, при што секој од нив, со својата амбиентална впечатливост, потсетува на способноста на природата да создаде уникатни форми кои се природен пандан на вајарството и ликовната уметност.

Во светската наука не постои посебен израз за меловите, туку тие се опфатени со заедничкиот назив „бедленд“ (badland) што во превод значи „лоша земја“, а како термин се однесува на предели со претежно сув терен на кои помеките седиментни карпи и почвите богати со глина се интензивно еродирани.

Вакви и слични локалитети, каде што во приближно исти услови природата создала впечатлив амбиент кој фасцинира со своите пејзажни карактеристики,  во светот се сметаат за значајно геолошко наследство и често се заштитени со закон. Кај нас, кога се во прашање меловите, допрва претстои работа на тоа поле…

01/12

pehcevski melovi 01Меловите претставуваат геоморфолошки форми со јасно дефинирани стрмни падини на кои е изразен процес на ерозија. Тие се одликуваат со карактеристична амфитеатрална форма, која на врвот е најширока, а кон дното се стеснува, така што имаат облик на пресечена инка.

02/12

pehcevski melovi 02Во малешевско – пијанечкиот регион, односно на просторот на Беровската и Делчевската Котлина, постојат околу четириесетина вакви појави. Тие главно се концентрирани на ридовите во околината на пехчевското село Црник, во близина на делчевското село Нов Истевник, како и кај беровското село Смојмирово.

03/12

pehcevski melovi 03Големината на меловите во малешевско – пијанечкиот регион варира и може да се движи и до околу 300 метри во пречник, мерено на нивните највисоки делови и до околу 80 метри височина, што на овие појави им дава импресивен изглед. Меловите со вакви димензии се наоѓаат на околу еден километар југоисточно од пехчевското село Црник.

04/12

pehcevski melovi 04На падините на меловите често пати можат да се забележат вдлабнатини во форма на бразди, долови и ендеци од една страна, но и испакнати форми во облик на земјени пирамиди и најразлични скулптури, од друга страна.

05/12

pehcevski melovi 05Карактеристично за меловите е тоа што долж нивната вертикала може да се забележат хоризонтални слоеви со различен колорит, кој варира во повеќе нијанси на сива, жолта, црвеникава или кафеава боја. Ова се должи на различниот состав на седиментните карпи од кои се изградени меловите.

06/12

pehcevski melovi 06Меловите се формирале низ претерана, вековна, главно дождовна ерозија на оголени и слабо отпорни седиментни слоеви – песоци, песочници и глини. Во тој процес, своја улога имал и човекот, кој во минатото уништил добар дел од природната вегетација на овој простор.

07/12

pehcevski melovi 07Особено интересна појава постои на локалитетот Кукуље кај селото Нов Истевник, каде на импозантен ерозивен отсек длабок шеесетина метри, во должина од околу 200 метри се создале педесетина земјени пирамиди и останати форми со височина до 15 метри.

08/12

pehcevski melovi 08Дел од овие форми се сосема одвоени и наликуваат на човечки фигури – скаменети кукли, па оттука потекнува и името на локалитетот. Други пак, се поврзани во вид на природни бедеми, куполи или наликуваат на тврдини.

09/12

pehcevski melovi 09Иако според својата форма потсетуваат на куклиците во кратовско или на камените цуцки кај селото Конопиште, всушност, според литолошкиот состав и начинот на нивно настанување се работи за две различни појави, при што кукуљето кај Нов Истевник е создадено во неогени песоци, покриени на врвот со поотпорен песочник или глинест слој, додека куклиците и цуцките во кратовско и кај Конопиште се изградени низ еден многу побавен процес во вулкански бречи и туфови, а се покриени со андезитски камен.

10/12

pehcevski melovi 10Терминот „лоша земја“, кој во литературата првпат се спомнува во средината на 19 век, асоцира на предели кои се во голема мера уништени од ерозија и кои всушност се сметаат за економски изгубени подрачја, затоа што немаат никаква стопанска вредност. Но, во одредени случаи во ваквите предели природата создала впечатлив амбиент кој поради своите карактеристики се смета за важно геолошко наследство и не е редок случај како такви да бидат заштитени.

11/12

pehcevski melovi 11Меловите во малешевско – пијанечкиот регион, покрај тоа што можат да бидат интересни како туристичка атракција, имаат и свое значење за науката, бидејќи можат да дадат важни информации за геолошката историја на подрачјето, за присуството на древни водени басени,  за палеоклиматските услови и екосистемите од периодот на нивното формирање, за локалните тектонски активности, или пак за динамиката на ерозивните процеси. Од тој аспект, може да се каже дека постојат доволно причини овие локалитети да добијат своја соодветна заштита со одреден степен од IUCN категоризацијата.

12/12

pehcevski melovi 12Дека е потребен многу посериозен пристап кон заштитата на овие подрачја упатува и фактот дека во пожарите во 2021 година, во околината на селото Нов Истевник исчезнаа огромни шумски пространства меѓу кои и боровата шума веднаш над локалитетот Кукуље, што отвори фронт за многу поинтензивен процес на ерозија и уништување на ова наше геолошко наследство. Треба ли некоја поголема причина од ова, за да го ставиме прстот на чело?

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски

ИЗВОРИ:

BADLANDS AND EARTH PYRAMIDS IN THE REPUBLIC OF MACEDONIA –  Ivica Milevski, Blagoja Markoski, Svemir Gorin, Olgica Dimitrovska, Biljana Apostolovska Tosevska

https://igeoportal.net

Geomorphological Heritage and Geoconservaton in the Republic of Macedonia – Ivica Milevski, Marjan Temovski

SOME ASPECTS OF HUMAN INPACT ON THE LANDSCAPE IN THE REPUBLIC OF MACEDONIA – Ivica MILEVSKI

Физичка географија на Република Македонија – Physical geography of the  Republic of Macedonia – Ivica Milevski

https://www.britannica.com/science/badland

https://doma.edu.mk/

Брошура – Пијанец и Малеш пат кон убавина и здравје