Орашац – „оаза“ на заборавени споменици на природата
Орашац е едно од ретките села во Македонија во чиј атар се лоцирани дури две заштитени подрачја – локалитетот околу стариот даб благун, во непосредна близина на манастирот Свети Илија и палеонтолошкото наоѓалиште на ридот Пештер, на 1 километар јужно од селото.
Речиси да нема студија, план, стратегија, регистар на заштитени подрачја, или сличен документ на регионално или државно ниво, а поврзан со животната средина, во кој не е спомнат орашачкиот даб благун. Притоа, во сите документи, речиси на идентичен начин е опишано значењето на овој даб, при што во неколку реченици, покрај основните податоци за локалитетот и степен на заштита, задолжително се наведува дека се работи за дрво со „значајни хабитуелни карактеристики и добра физиолошка состојба“. За жал, она што може да се забележи на терен, по не знам кој пат, го потврдува фактот дека кај нас „заштитата“ на подрачјата се врши само кога треба да се потрошат средства наменети за изготвување на таквите студии, планови, стратегии и слично, додека на терен во најголем број случаи не се презема буквално ништо. Па така, овој стар и некогаш навистина преубав даб денес лежи запуштен, обраснат и загушен од грмушки и друга околна вегетација, со исушени и искршени гранки и во далеку од добра физиолошка состојба.
Слично е и со значајното палеонтолошко наоѓалиште јужно од Орашац, за кое освен според документите, на ниту еден друг начин не може да се констатира дека претставува со закон заштитено подрачје.
01/13
На околу десетина километри југоисточно од Куманово, на левата страна на реката Пчиња, во делот каде што таа навлегува во Бислимска Клисура, се наоѓа селото Орашац. Орашац е, главно, рамничарско село кое лежи на надморска височина помеѓу 350 и 450 метри. Селото некогаш било административно седиште на истоимена општина, а во шеесетите години од минатиот век броело преку 1.200 жители. Според последниот попис, денес во Орашац живеат 290 жители.
02/13
На околу 1,5 километри североисточно од селото, на левата страна од магистралниот пат Куманово – Свети Николе, на падините на Голем Рид постои многу старо дабово дрво кое поради големата старост и впечатливиот хабитус уште во 1967 година од страна на Собранието на Општина Куманово е прогласено за споменик на природата. Дабот се наоѓа на просторот на манастирот Свети Илија на само педесетина метри северно од истоимената црква.
03/13
Орашачкиот даб е од видот благун (сладун, крастун) кој е карактеристичен по тоа што има благи лисја или благи желади. Во стручната номенклатура, овој вид даб е детерминиран со латинскиот назив Quercus pubescens. Тоа е широко распространет вид кој се среќава речиси на целото подрачје на јужна и средна Европа, од Шпанија на запад, па до Украина и Анадолија на исток, а изолирани популации од овој вид се среќаваат и во земјите од кавкаскиот регион.
04/13
Во Македонија се среќава на целата нејзина територија, најчесто во шумски заедници со дабот цер, во понискиот дел од дабовиот појас. Тоа е топлољубив и светлољубив вид кој најдобро вирее на подлабоки почви, а се смета и за вид кој е исклучително отпорен на климатски промени.
05/13
Орашачкиот благун до неодамна ги имаше типичните карактеристики за ова дрво кое вообичаено расте до 20 метри во височина и има неправилна широкоразгранета крошна. Кората му е темносива и длабоко испукана во вид на неправилни плочки. Има многу крупни листови кои се најчесто обратнојајцести по форма со по 5-7 пара плитко или длабоко всечени засеци, кои при врвот се заоблени. Желадите му се поситни од оние на другите домашни дабови и се зашилени при врвот.
06/13
Староста на орашачкиот даб не е точно утврдена, но се смета дека е меѓу најстарите од овој вид во Македонија. Според некои проценки ова дрво датира уште од пред 6, 7, а можеби и повеќе векови. Со текот на времето на дабот настанале повеќе оштетувања но, до неодамна, дрвото во голема мера ја имаше типичната форма за овој вид.
07/13
За жал, под притисок на атмосферските влијанија, а особено под тежината на минатогодишниот снег се скрши централната гранка и настанаа повеќе сериозни оштетувања кај ова преубаво дрво со што трајно и неповратно е нарушен неговиот со векови создаван природен изглед.
08/13
Генерално, целиот простор околу дабот е запуштен и неуреден, а оштетувањата што со текот на времето настанувале на стеблото и крошната веројатно никогаш не се санирани. Цели 57 години откако е прогласено за споменик на природата, никој во државата не презеде мерки за негова елементарна конзервација, статичко обезбедување, ниту пак за уредување на околниот простор.
09/13
Напуштен, обраснат од грмушки и друга вегетација, со распослани искршени гранки околу него, но се’ уште жив и со знаци на виталност, орашачкиот даб благун веројатно уште долго ќе остане да да не потсеќа дека со само малку грижа и внимание можевме да зачуваме едно со векови создавано богатство кое природата ни го оставила во наследство. И дека законите, плановите, студиите, стратегиите, елаборатите се само мртви букви на хартија и сами по себе не значат ништо доколку напишаното не добие вистинска реализација на терен.
10/13
Од спротивната страна на селото Орашац, на падините на ридот Пештер кои гравитираат кон коритото на локалната река Бабин Дол, се наоѓа уште едно заштитено подрачје кое претставува значајно природно наследство на Македонија од сферата на геологијата.
11/13
Овој локалитет е заштитено природно подрачје кое со одлука на општинското собрание на Куманово е прогласено за споменик на природата. Заштитата се должи на тоа што на овој локалитет постојат фосилни остатоци од медитеранската маринска провинција од горна јура (пред околу 160 до145 милиони години) кои се значајни за реконструкцијата на палеоеколошките услови во геолошкиот развој од тој период.
12/13
Примероци на фосилна маринска фауна на подрачјето на селото Орашац за првпат се откриени уште во летото 1956 година кога се вршело геолошко картирање на теренот во реонот на Куманово од страна на екипа на тогашниот Геолошки завод на НР Македонија. Во евиденцијата на пронајдените остатоци е забележано дека се откриени на локалитет наречен Скардоле, што можеби асоцира на ридот Скрдове кој се наоѓа веднаш наспроти ридот Пештер.
13/13
Генерално, пронајдената фауна во заштитеното подрачје е концентрирана во тенкоплочестите песочници и алевролити и во најголем дел е претставена со фосилни организми од класата на цефалоподи: Oppelia, Phylloceras, Perisphinctes, Belemnites, но и школки од родот Astarte. Во извештајот на Геолошкиот завод од 1956 година се спомнуваат примероци од видови слични на школките од типот на Brachiopoda, фосилни полжави (Gastropoda) и фосилни корали (Anthozoa).
Денес местото е обраснато со густа, ниска дабова шума и висока трева. Нема никакви маркации за постоењето на овој локалитет, ниту пак некој од жителите на селото знае за постоењето на заштитеното подрачје. Возрасното локално население нема колективно сеќавање за постоењето на ова место во атарот на нивното село, а не постојат ниту јавно објавени или публикувани информации околу последните испитувања на овој локалитет. Според Законот, со ова подрачје (не) управува општината Куманово.
Извори:
- Службен гласник на општина Куманово од 12 јули 2022
- Национална стратегија за заштита на природата 2017- 2027
- Локален еколошки акционен план за општина Куманово 2022 – 2028
- Регистар на потенцијали за развој на рурален туризам во североисточниот плански регион
- Трудови на геолошкиот завод на Народна Република Македонија 1957 – 1958
- Благодарност до м-р Биљана Гаревска и Билјана Карамачоска од Природонаучниот музеј на Македонија
Текст и фотографии: Дарко Андоновски