fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
park na prirodata ezerani nash i svetski feat

Парк на природата „Езерани“ – наш и светски

Некогаш строг природен резерват, денес парк на природата, Езерани претставува важен сегмент од природното богатство на Македонија. Поради богатиот биодиверзитет, како и присуството на голем број ретки и загрозени растителни и животински видови, а како интегрален дел на Преспанското Езеро, се наоѓа на многу релевантни светски листи на значајни подрачја. Поради спеифичниот блатен екосистем и влажните ливади е на Рамсарската листа на светски важни водни живеалишта. Во него домашни и светски научници вршат научно-истаражувачка дејност, а има и важна едукативно-образовна улога. Но, поради континуираното повлекување на водата во Преспанското Езеро во последните триесетина години трпи значителни промени во структурата на својот екосистем. Дом е на многу локални и македонски ендемски видови кои освен тука, не можат да се сретнат на ниту едно друго место во светот.

1/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 1

На северниот дел од Преспанското Езеро, на потегот помеѓу селото Асамати и викенд населбата Сирхан, во должина од нешто повеќе од 9 километри се простира локалитетот „Езерани“. „Езерани“ претставува комплекс на блатни екосистеми со појаси на трска и шавар, влажни ливади, хидрофилна шумска вегетација со мали фрагменти на евла и рипариска флора, како и врбјаци кои се формираат на новонастаната песоклива површина.  Тука егзистираат бројни ретки, ендемични и загрозени видови од флората и фауната, значајни за светската наука. Поради своите природни карактеристики и богатиот биодиверзитет, во 2012 година овој локалитет е прогласен за заштитено подрачје во категоријата Парк на природата.

2/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 2

Површината на Паркот на природата „Езерани“ изнесува 1.917 хектари, од кои 1.066 хектари се копнена површина, а 851 хектар се водена површина, која е дел на акваторијата на Преспнското езеро. Односот помеѓу копнената и водната површина е релативен, бидејќи нивото на Преспанското Езеро значително варира во тек на годината, а особено во тек на подолги временски периоди.

3/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 3

Како интегрален дел од басенот на Преспанското Езеро, заштитеното подрачје „Езерани“ има специјално значење, гледано од аспект на заштита на голем број загрозени видови. Богатиот и релативно добро зачуван биодиверзитет поседува карактеристики кои се важни за светското, европското и регионалното природно наследство. Тоа се гледа и низ специјалниот статус што го ужива Преспанското Езеро, кое како значајно подрачје се наоѓа на повеќе различни меѓународни листи, меѓу кои и IBA (Important bird area), IPA (Important plant area) , KBA (Key Biodiversity Area) , односно значајни подрачја за птици, растенија и биодиверзитет.

4/14park na prirodata ezerani nash i svetski 4

На територијата на „Езерани“ се регистрирани 216 видови птици , кои повремено или постојано се или биле присутни во локалитетот, што укажува на исклучителното значење на ова заштитено подрачје за орнитофауната на Македонија и пошироко. Во европски контекст, значењето се манифестира низ тоа што тука се среќаваат 68 видови птици од анксот I на Директивата на ЕУ за птици, додека на глобален план, заштитеното подрачје „Езерани“ е значајно заради присуство на четири глобално засегнати видови.

5/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 5

Присуството на голем број гнездилки и миграторни видови птици, застапени во значајни популации, билo основна причина во 1996 година локалитетот Езерани да биде прогласен за Строг природен резерват. Во меѓувреме, поради нерешени имотно-правни односи со локалното население, голем дел од површината на резерватот беше претворена во обработливо земјиште. Поради тоа, но и поради други антропогени влијанија, подрачјето ги загуби карактеристиките на строг природен резерват, па со закон од 2012 година беше (ре)прогласено за Парк на природата, во согласност со критериумите на IUCN, односно Меѓународната унија за зачувување на природата.

6/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 6

Антропогеното влијание, како и континуираното намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро во изминатите триесетина години, доведоа до намалување на популацијата на птици во подрачјето, така што одреден број видови многу поретко се среќаваат, а присуството на некои одамна не е забележано.

7/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 7

Покрај популацијата на птиците и останатиот животински свет во Паркот на природата „Езерани“ е исклучително разновиден. Од потврдените 29 видови цицачи, два се балкански ендемити – балканската кртица и македонскиот глушец. Меѓу без ’рбетниците регистрирани се дури 21 локален ендемски вид, меѓу кои покрај преспанскиот сунѓер спаѓаат и повеќе видови полжави, ракчиња и црви, додека меѓу рибите шест се ендемични видови – преспанска мрена,преспанска белвица, преспански бојник, преспанска штипалка, преспанско грунче и преспански грунец. Во заштитеното подрачје утврдено е присуство на девет видови водоземци и 14 видови влечуги, што претставува речиси 50 отсто од македонската херпетофауна.

8/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 8

„Езерани“ е првото Рамсарско подрачје во Република Македонија, кое според критериумите на Рамсарската конвенција за заштита на влажни живеалишта го добило таквиот статус во 1995 година. Влажните подрачја претставуваат средиште на биолошката разновидност со извонредно богат жив свет. Тие се најважни или единствени станишта за размножување на голем број птици, водоземци, без’рбетници и цицачи и се од суштествено значење за опстанокот на ретки и загрозени видови птици кои своите живеалишта ги наоѓаат покрај водата.

9/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 9

Блатните екосистеми во Паркот на природата „Езерани“ се претставени со различни хабитати кои се развиле како резултат на длабочината и постојаноста на површинската и на подземната вода, како и според доминантната растителна заедница. Тие зафаќаат површина од 135 хектари, од кои поголемиот дел отпаѓа на тревести блатни заедници. Поради континуирано тридецениско повлекување на водата од Преспанското Езеро и опаѓањето на подземните води тие биле изложени на сериозно загрозување и на рапидно намалување на нивната површина.

10/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 10

Заедницата на трската со шавар, која е распространета долж езерскиот брег е една од најважните растителни заедници што ја сочинуваат блатната вегетација на „Езерани“. Таа се развива на суви површини или навлегува во езерските води до длабочина од 50 сантиметри. Сиромашна е со растителни видови, а како доминантни се јавуваат трската, шаварот и шамакот.

11/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 11

Голема Река е најголемиот и најважен водотек во сливот на Преспа кој поминува низ подрачјето. Има постојан тек и просечен годишен проток од 29,96 милиони кубни метри вода кои се влеваат во езерото. Во рамките на планот за заштита на Преспанското Езеро, во „Езерани“ е изграден земјен насип со должина од околу два километри и пропусна брана на коритото на реката, кои имаат за цел да задржат одредени загадувачки материи кои природно се филтрираат во подрачјето на паркот и не завршуваат во езерото. Дополнително, на овој начин се регулира истекувањето на водата кон езерото со што се одржува потребното ниво на надземни и подземни води во блатниот екоситем и влажните ливади.

12/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 12Со заштитеното подрачје Парк на природата „Езерани“ управува Општина Ресен, која преку Секторот за животна средина спроведува мерки зацртани во Планот за управување со подрачјето. За непосредно обезбедување организирана е ренџерска служба која врши 24-часовен надзор заради спречување на илегални активности во рамките на границите на паркот.

13/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 13Во рамките на подрачјето постои соодветна инфраструктура составена од инфоцентар, повеќе набљудувачници за птици, информативни табли, одморалишта и други пратечки објекти, кои се во функција на подобро одвивање на активностите кои се одвиваат во паркот.

14/14

park na prirodata ezerani nash i svetski 14Заштитеното подрачје „Езерани“ е вреден сегмент од нашето природно наследство. Покрај тоа што е „чувар“ на раритетни и ендемични видови од флората и фауната, тоа претставува и терен на кој редовно се одвиваат активности од полето на научно-истражувачкото работење, амбиент во кој се организираат едукативно-образовни посети и организирани екскурзии од областа на еколошкиот туризам. Значајно е и тоа што за „Езерани“ постои голем и редовен интерес кај научници, медиумски куќи и туроператори од странство низ чија активност се промовираат знаменитостите на Македонија.

Нам ни останува само да го чуваме и вистински да го заштитиме Заштитеното подрачје „Езерани“.

Фотографија и текст: Дарко Андоновски