fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
vladata ke deli makedonski pasistata vo cetiri oci featured

Владата ќе дели македонски пасишта во четири очи

  • Со измените на Законот за пасишта предвидено е, пасишта во државна сопственост да се даваат на користење преку јавен оглас само ако станува збор за површина поголема од 50 хектари, а за помалите ќе се склучува договор, без јавен оглас, во постапка по службена должност.
  • Земјава со години нема јасна слика за тоа со што всушност располага и во каква кондиција се македонските пасишта, за да се утврдат класите врз основа на што би се поставила почетната цена на јавниот оглас и би се утврдило колку грла треба да пасат на хектар.
  • Од Министерството за земјоделство велат оти постапката ќе стане потранспарентна и ќе создадат услови за поголеми вложувања во добиток и градби, што треба да резултира со пораст на сточниот фонд на државата.
  • Во мeѓувреме, пуштени се и измените на Законот за земјоделско земјиште, со кои е предвидена можност за изградба на оранжерии, објекти за промоција на земјоделски производи, но и објекти за спорт и рекреација на земјоделско земјиште и фотоволтаици.
  • Сега може да се појават сериозни проблеми во подрачјата под строга заштита какви што се националните паркови, бидејќи измените дозволуваат и градби на пасишта наменети за одгледување добиток, за преработка на сточарски производи и за ветеринарно здравство.

Измените на Законот за пасишта, кои Владата ги донесе на седница на 25 април со којашто претседавал вицепремиерот Артан Груби и по скратена постапка ги пушти во Собрание ја загрижија стручната фела. Се стравува од можности за злоупотреби, како и од загрозување на биодиверзитетот на вкупниот расположлив фонд од 567.000 хектари.

Со измените е предвидено, пасишта во државна сопственост да се даваат на користење преку јавен оглас само ако станува збор за површина поголема од 50 хектари, а за помалите ќе се склучува договор, без јавен оглас, во постапка по службена должност. Професорот Владимир Џабирски од Катедрата по сточарство на Земјоделскиот факултет смета дека ова отвора простор за сомнеж во постапките. Комисијата којашто ќе одлучува ќе биде составена од тројца вработени во ЈП за пасишта, еден од Министерството за животна средина и двајца од земјоделие, кои за ова ќе добиваат надоместок, што според професорот е исто така спорно, бидејќи ќе добиваат плус пари за нешто што е нивна работа.

cabirski 300x300 1„А, како се доаѓа до службена должност? Се доаѓа со тоа, ако пасиштето не било издадено да оди по службена должност. За мене е тоа можност за шпекулација. Ние можеби во нашето општество и држава сме многу често склони во сѐ да бараме шпекулации, меѓутоа ова е факт, дека зад ова стои намера која има дискреционо право со кое, директорот има право да доделува до 50 хектари што произлегува од неговата службена должност, што не постоеше во претходниот закон“, вели Џабирски.

Наместо на 10, пасиштата ќе се даваат на користење на 20 години, со можност потоа со непосредна спогодба да се склучи договор на уште 10 години. Професорот Џабирски предупредува дека земјава со години нема јасна слика за тоа со што всушност располага и во каква кондиција се македонските пасишта, за да се утврдат класите врз основа на што би се поставила почетната цена на јавниот оглас и би се утврдило колку грла треба да пасат на хектар.

vladata ke deli makedonski pasistata vo cetiri oci 1

Пасиштата претставуваат половина од земјоделското земјиште во Македонија

„За доделување на пасиштата ние не сме подготвени. Зошто? Нашите пасишта немаат бонитет, значи немаме точно и прецизно изложени површини, тоа се површини коишто се над 100 хектари на тежок терен. Оттука постојат и моменти кои се однесуваат на бонитетот, тревниот состав, вегетацијата на пасиштата, врз основа на што се доделува пасиштето, односно се формира цената на пасиштето, односно надоместокот што треба да го плаќаат сточарите. Регистарот на пасишта кај нас не е воспоставен и издавањето на пасиштата на концесија или на користење базира на инвентаризации кои завршија 91 година“, вели Џабирски.

За разлика од професорот, Министерството за земјоделство не гледа ништо спорно. Напротив, од ресорот велат оти постапката ќе стане потранспарентна, а зголемувањето на периодот на користење ќе создаде услови за поголеми вложувања во добиток и градби, што треба да резултира со пораст на сточниот фонд на државата. Од МЗШВ тврдат дека сите одгледувачи ќе имаат можност да се стекнат со пасиште, за што годишно ќе плаќаат надоместок по тарифа определена од Владата. Оттаму признаваат дека досега се случувале злоупотреби на државните пасишта и се напасувало без да се плати надомест.

„За првпат ќе се пропише процедура, која ќе ја пропише министерот за земјоделство со Правилник и истиот ќе биде јавно објавен во Службен весник со што значително ќе се зголеми и законитоста и транспарентноста на давањето на користење на пасиштата во близина на населените места, кои согласно предложениот закон се идентификуваат како пасишта кои не се доделени по пат на јавен оглас, а тоа се всушност малите површини на пасишта кои се со површина до 50 хектари. Со тоа ќе се надмине сегашната ситуација со давање на пасиштата во близина на населените места, која е таква што ЈП за пасишта истите ги дава врз основа на некоја одлука на Управниот одбор на пасишта над која никој нема надзор и увид. Преку вака предложеното решение, право на користење на овие пасишта ќе се дава без јавен оглас, со решение на директорот на ЈП за пасишта, кое решение ќе го донесе по службена должност врз основа на податоци од Единствениот Регистар на Земјоделски Стопанства што се води во МЗШВ“, велат од Министерството.

Министерството е со став дека ако и за помалите пасишта се воведе постапка за аплицирање, тоа ќе ги продолжи злоупотребите, па сточарите кои нема да се пријават ќе продолжат добитокот да го напасуваат на диво. Според МЗШВ, приоритет ќе има локалното население, а ако капацитетот на пасиштето не е исполнет, тогаш ќе им се даде можност и на сточари од други населени места.

Пасиштата може да прераснат во фарми, на удар и националните паркови?

Пасиштата претставуваат половина од земјоделското земјиште во Македонија и мора да кореспондираат со еколошките принципи преку усогласеност со Законот за заштита на природата. Но, сега може да се појават сериозни проблеми во подрачјата под строга заштита какви што се националните паркови, бидејќи измените дозволуваат и градби на пасишта наменети за одгледување добиток, за преработка на сточарски производи и за ветеринарно здравство.

vladata ke deli makedonski pasistata vo cetiri oci 2

За МЗШВ ова ќе резултира со пораст на сточниот фонд на државата

„104 од Законот за природата вели, во строго заштитената зона може да се обавуваат само традиционални стопански дејности, а ние во овој закон велиме дека може да се градат објекти за примарна обработка на земјоделски производи, ветеринарни станици, објекти за сместување, меѓутоа, поточно какви објекти тоа треба совршено да кореспондира со Законот за заштита на природата, а тоа ние не го правиме. Да ја земеме Шар Планина како најдобар пример зашто таму имаме најмногу пасишта кои се наоѓаат во строго заштитеното подрачје. Значи ли тоа дека ние ќе имаме конфликт со Планот за управување, односно ЈП за пасишта со Планот за управување, зашто нема да може да гради никакви објекти. Ќе сакате да изградите традиционален објект мандра, може и нема да можете“, укажува професорот од Катедрата по сточарство, кој од неодамна е во пензија.

Размислувањата на Џабирски ги делат и во НП „Шар Планина“, од каде што предупредуваат дека изградба на такви објекти не е дозволена со Планот за управување.

„Во нашиот План за управување што ни е одобрен веќе, не е дозволено такви активности, ниту градење на бачила, ниту патна инфраструктура, ниту другите компоненти за добиток и ветеринарни станици. Тоа никако не е дозволено со Планот за управување што е одобрен и е многу сличен со плановите за управување во националните паркови во Европа. Така што, ако сакаме да ги почитуваме тие заштитни мерки, ќе треба според Планот секако. Ние нема да дозволиме отворање на нови бачила, патишта и друга инфраструктура“, вели директорот на Националниот парк, Ибрахим Дехари.

vladata ke deli makedonski pasistata vo cetiri oci 3

Планот за управување со НП Шар Планина не дозволува градби

Ама, Министерството и за ова спорна одредба не е загрижено. Оттаму уверуваат дека националните паркови нема да бидат загрозени.

„Не постои таква можност, бидејќи согласно предложениот закон се пропишува дека „Искористувањето на пасиштата во границите на заштитените подрачја се врши во согласност со Законот за заштита на природата и Актот за прогласување на заштитено подрачје во соработка со субјектите кои управуваат со заштитени подрачја, притоа, почитувајќи го режимот на заштита на заштитените подрачја и плановите на управување“, велат од Министерството.

Низ годините се носени десетици измени на Законот за пасишта и предизвикуваа многу реакции во јавноста. Пчеларите пред две години реагираа за членот 23, кој предвидуваше наплата за напасување пчели на пасишта во државна сопственост. Тоа иако наиде на потсмев во јавноста, сепак, претходно беше регулирано со подзаконски акти.

Објекти за спорт и рекреација на земјоделско земјиште

Еден месец откако во собраниска процедура беа пуштени измените на Законот за пасишта, од Владата кон Законодавниот дом тргнаа и измените на Законот за земјоделско земјиште. Со нив е предвидена можност за изградба на оранжерии, објекти за промоција на земјоделски производи, но и објекти за спорт и рекреација на земјоделско земјиште и фотоволтаици.

vladata ke deli makedonski pasistata vo cetiri oci 4

Стравувањата се дека ќе почне изградба на сѐ и сешто

Ваквата можност е предвидена со членот 51-а, а се реализира по претходна согласност на Министерството за земјоделство. Но, имајќи ги предвид состојбите на терен, се стравува дека ова може да резултира со изградба на сѐ и сешто.

„Тоа во моментов се случува на диво, се случува на Шар Планина. Ние на тој начин ја девастираме природата. Тоа е работа на почитување на законот. Не зборуваме за немање инструменти со кои тоа ќе се спречи, туку за волјата да се применат тие инструменти“, предупредува професорот Џабирски.

Од МЗШВ тврдат дека сѐ што е надвор од она што е пропишано со законот треба да се санкционира.

„Можноста што се дава за градби на земјоделско земјиште е исклучиво за потребите на развојот на земјоделството, а евентуалните злоупотреби од страна на сопствениците на таквите објекти треба да ги санкционираат надлежните локални и државни органи кои имаат право на надзор над користењето на деловните објекти“, велат од Министерството.

Сепак, очигледно е дека предупредувањата треба сериозно да се сфатат зашто Македонија и досега поголеми проблеми имаше со примената на законите отколку со самата легислатива. Немањето волја да се спроведе она што е пропишано со процедурите резултираше со многу злоупотреби.

 

Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажер: Мајда Бошњак Атанасовска