fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
bagerite sto ja jadat sara se povtorno gladni featured

Багерите што ја јадат Шара се повторно гладни

  • Издавањето концесии за изградба на мали хидроцентрали на македонските планински реки е меѓу најконтроверзните постапки на државата во однос на животната средина изминатите години.
  • Норвешка енергетска компанија, „Тинфос“, која лани во ноември ја купила домашната фирма „Гравис хидро“, сега ги држи концесиите да изгради две мали хидроцентрали во срцето на Шар Планина.
  • За една од хидроцентралите на Шара под селото Вешала, инвеститорот го изменил течението на реката и вештачки издлабено корито наместа го нагризува спротивниот рид, а ерозијата таму ја „рони“ столетната шума.
  • Дел од селаните обвинуваат и за измама преку која фирмата „Гравис хидро“ се стекнала со сопственост над нивните имоти на ридот под селото, а тие воопшто не биле известени.
  • Само неколку километри нагоре по течението на Пена, долниот дел од долината Лешница веќе е непрепознатлив.

Норвешка енергетска компанија, „Тинфос“, која лани во ноември ја купила домашната фирма „Гравис хидро“, сега ги држи концесиите да изгради две мали хидроцентрали во срцето на Шар Планина, откако Министерството за животна средина и просторно планирање ѝ одобри продолжување на рокот за изградба на објектите. Ова доаѓа откако државата ги раскина концесиските договори со повеќе фирми, склучени во време кога траеше процедурата за прогласување на планината за национален парк. Компаниите добија отштета од над милион евра, а од тие пари „Гравис хидро“ доби најмногу – околу 600.000 евра.

Само неколку месеци откако оваа тема беше навидум трајно затворена, јавноста беше непријатно изненадени во јули, кога од Националниот парк „Шар Планина“ алармираа дека Министерството му го продолжило на концесионерот рокот за изградба на хидроцентралите во еден од најубавите предели на Шара. Надлежните во Националниот парк велат дека и покрај продолжениот рок, тие нема да дозволат да се гради во заштитена зона, бидејќи тоа е спротивно на повеќе закони.

Контроверзни концесии и отштета од државниот буџет

Издавањето концесии за изградба на мали хидроцентрали на македонските планински реки е меѓу најконтроверзните постапки на државата во однос на животната средина изминатите години. Биолозите, еколозите, планинарите и и љубителите на природата воопшто, со години ја критикуваа оваа пракса, аргументирајќи дека нема никаква логика да се уништува јавното добро – недопрените природни предели, за нечии приватни интереси.

„Мала хидроцентрала е систем од конструктивни елементи: канали, сливници, за затворени и отворени собирни базени… во кој се вградени десетици кубици армиран бетон. Сето тоа е вградено во самото речно корито, со што е нарушена целокупната геоморфологија на целото подрачје, загрозен е апсолутно целиот животен свет. Да не го заборавиме фактот дека за потребите на изградбата и одржувањето на малите хидроцентрали се отвораат нови пристапни патишта за механизацијата,“ вели архитектот и планинар Бошко Видоевски, кој додава дека претворањето на планинските реки во градилишта е далеку најштетната човечка активност со која се уништува природата на Шар Планина.

bagerite sto ja jadat sara se povtorno gladni 1

Градежни машини стојат покрај изградена хидроцентрала на Шара

И покрај децениските укажувања на експертите дека Шар Планина има вредности кои државата мора да ги заштити, државата од 2011 до 2018 година издаде бројни концесии за хидроцентрали на шарпланинските реки, со што на приватни инвеститори им дозволи масивни градежни зафати длабоко во планината. Сево ова се случуваше за време на долготрајниот процес на прогласување на Шар Планина за национален парк, започнат уште во 90-тите години, пред повеќе од четврт век.

Но, во 2021 година, Постојаниот комитет на Бернската конвенција ѝ препорача на Владата да ги суспендира и да ги повлече одобрените и планираните концесии за изградба на хидроцентрали во националните паркови и заштитените подрачја. Концесиите издадени за овие подрачја беа раскинати, а компаниите-концесионери добија отштета од над милион евра од државниот буџет. Најголем дел од овие пари завршија токму кај „Гравис хидро“ – повеќе од 600.000 евра.

На Шара сега работат 13 мали хидроцентрали, една е изградена, но сѐ уште не работи, три се недовршени со концесиски договор, за четири нема концесиски договор, а откажани се проектите за изградба на шест вакви објекти.

Недоградени објекти во заштитена зона

„Гравис хидро“, за која во документите на официјалните институции се среќаваат различни информации – некогаш дека седиштето ѝ е во Тетово, а некогаш во Гостивар, е фирма-ќерка на градежната компанија „ИК-инвест“ на бизнисменот Азби Ибраими. Таа доби повеќе концесии за изградба на мали хидроцентрали, меѓу кои и за „Пена 84“ во долината Лешница, која е во фаза на изградба. „Гравис хидро“ на крајот на минатата година е продадена, за што добила согласност од Владата за пренос на уделите од содружниците во фирмата, „Гравис ДООЕЛ“ и „АК-инвест“, на норвешката компанија „Тинфос АС“.

Ова е евидентирано во документ на Регулаторната комисија за енергетика, а норвешката компанија за инвестицијата известила на својата веб-страница, каде е наведено дека таа веќе именувала и локален управител за изградба на спорните хидроцентрали на Шар Планина. Станува збор за компанија која гради и управува со хидроцентрали, а покрај македонските, има свои проекти и во Норвешка и во Индонезија.

bagerite sto ja jadat sara se povtorno gladni 6

Бетонската конструкција за недоградената хидроцентала „Пена 84“

Директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Ибрахим Дехари, вели дека тој нема да дозволи никаква понатамошна градба на Лешница, бидејќи со тоа би дозволил да се кршат неколку закони, со кои изградбата на хидроцентрали во таа зона не е дозволена.

„Кога е издадена таа концесија, тие се опфатени во моментот или при изработка на валоризација за Шара. Од тој момент наваму, ние имаме сега нова состојба. Што значи тоа? Ние имаме закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Има други правила, има закон што нѐ штити. Имаме и десетгодишен план за управување со НП ‘Шар Планина’, каде децидно е кажано дека хидроцентралите се недозволена категорија. Значи, не е дозволена изградба на хидроцентрали во ниедна зона. И во Законот за прогласување, и во Законот за заштита на природата точно е наведено дека концесионерите си имале рок за да го изградат сето тоа. Тој рок е поминат“, дециден е Дехари.

Долината Лешница е едно од најубавите места на Шар Планина која сега е големо напуштено градилиште

Од Министерството за животна средина и просторно планирање наведуваат дека продолжувањето на рокот е „поврзано со застои во постапките за решавање на имотно правни работи и во други постапки кои Концесионерот мора да ги спроведе за да ги изгради и пушти во употреба централите“. Оттаму убедуваат дека сите засегнати институции биле запознаени со постапката и со продолжувањето на рокот за изградба на централите на Шара.

sara zoni 1

Хидроцентралата „Пена 84“ доби дозвола за доизградба, иако се наоѓа во зоната на активно управување, каде не е дозволено градење

Наспроти ова, од НП „Шар Планина“ велат дека хидроцентралата „Пена 84“ е во зоната на активно управување, во која не е дозволено градење, а Министерството ја води како да е во зона на одржливо користење и незаконски дозволило продолжување на рокот за изградба.

Изградените хидроцентрали загрозуваат луѓе и приватни имоти

Една од хидроцентралите на Шара кои се изградени и работат, се наоѓа веднаш под селото Вешала, покрај кое поминува реката Пена. Инвеститорот е истиот  – „Гравис хидро“. Тој со багери го изменил течението на реката, чие ново, вештачки издлабено корито наместа го нагризува спротивниот рид, а ерозијата таму ја „рони“ столетната шума. Но, многу покритично е под самото село, каде фирмата ја пренасочила реката покрај ридот на кој стои Вешала.

„Во моментов како што е интервенирано во самата река, со некои поголеми врнежи, некоја поголема поплава, утредента овие камења ги очекуваме да ни стигнат во Тетово“, вели директорот на НП „Шар Планина“ Дехари, покажувајќи на огромните карпи кои сведочат за прекопувањето на коритото на Пена.

bagerite sto ja jadat sara se povtorno gladni 11

Кабли со висок напон кои се спроведени низ вода

Водата сега го нагризува целиот рид на кој е изградено селото, на кој жителите имаат имоти кои ги обработуваат, а земјата почнала да се свлекува кон реката. Патиштата кои локалните жители ги пробиле пред години за да стигнат до нивните ниви, сега се уништени – пропаднати неколку метри надолу. Мештаните од Вешала стравуваат дека овде може да се случи огромно свлечиште, од кое директно се загрозени и тие самите. Дел од нивните куќи се веќе напукнати.

Земјата на ридот на кој се наоѓа селото Вешала е напукната и се свлекува кон реката

„Имам вложено најмалку 20.000 евра, сум садел пасишта, а сега не можам да стигнам до имотот. Не можам да одам да косам, да го одржувам, имотот ми се упропасти. Не е уништен само мојот имот, туку и на целото село“, вели еден од жителите.

Дел од селаните обвинуваат и за измама преку која фирмата „Гравис хидро“ се стекнала со сопственост над нивните имоти на ридот под селото, а тие воопшто не биле известени.

„Најлошото од сѐ е тоа што некој овозможил сите наши ниви што ги поседуваме тука, да бидат префрлени, препишани на негово име. Човекот којшто ја градел хидроцентралата станал сопственик на нашето земјиште. Имам и документ дека тој што ја гради хидроцентралата е узурпаторот на нашето земјиште, кое сме го купиле пред 40 години од нашата тетка. Кој му го овозможил тоа, јас не знам. Можеби треба да знаат судот, јавниот обвинител, полицијата – како може да се узурпира нечие земјиште, без да има потпис за тоа?“, прашува друг жител на Вешала.

Од тетовската компанија „ИК-инвест“, во чија сопственост е „Гравис хидро“, не ги коментираат обвинувањата на жителите на Вешала.

Во одговор на прашањата кои ги испративме во врска со спорниот проект, претставникот на норвешката компанија „Тинфос“ во Македонија, Стеин Ове Нордал, вели дека компанијата има намера да ги изгради двете хидроцентрали за кои е носител на концесијата, „Пена 84“ и „Пена 85“ „на начин кој се грижи за еколошкото и социјално управување, во согласност со локалните и меѓународните насоки.“ Од компанијата велат дека не се запознаени со обвинувањата на жителите на Вешала дека нивните имоти незаконски се префрлени на име на претходната компанија-концесионер.  Во врска со можноста Норвежаните да се согласат на отштета од државата, Нордал вели дека ова е хипотетичко прашање кое досега не го разгледувале и дека тоа би го направиле само доколку дојде до ситуација во која концесиите би биле поништени.

Величествена убавина, трајно нагрдена

Само неколку километри нагоре по течението на Пена, долниот дел од долината Лешница веќе е непрепознатлив. Наместо поранешната идилична слика на недопрената природа, која можеше да им парира и на алпските пејзажи, местото сега е огромно напуштено градилиште. Масивна бетонска конструкција, голем број складирани метални цевки и раскопаното корито на реката за недоградената централа, ја нагрдуваат долината. Работите биле запрени неколку стотици метри подолу, каде требало да се доископа коритото на реката и таа да се насочи во цевките кои водат низводно, кон машинската зграда.

bagerite sto ja jadat sara se povtorno gladni 5

Лешница е непрепознатлива по градежните работи за изградба на „Пена 84“

Над Лешница е местото на кое се собира водата за новиот водовод, пуштен во употреба пред шест години, преку кој се снабдуваат околу 100.000 луѓе – жители на Тетово и непосредната околина на градот. Водоводот е посебна, за тетовци многу болна тема. Неговата изградба беше контроверзна, полна со пропаднати проекти и сомнително потрошени пари. Тој се градеше со децении, во кои жителите на градот, и покрај тоа што живеат под една од најбогатите со вода македонски планини, секојдневно се соочуваа со рестрикции.

Трасата на водоводот сега поминува над коритото на реката Пена. Инвеститорот планира да ги спроведе цевките за хидроцентралата на паралелна траса, само неколку метри повисоко, што би значело нови градежни работи на веќе кревкиот терен кој го нагризува ерозијата, вели директорот Дехари.

Багерите кои ја јадат Шара очигледно се повторно гладни. Дали ќе продолжат со својата уништувачка „гозба“, засега е сепак неизвесно и тоа зависи од решението за цврстиот „клинч“ меѓу институциите – од една страна Министерството за животна средина, а од друга – националниот парк „Шар Планина“.

 

Оваа содржина е изработена од Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Жарко Настоски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска