Се смета дека во Република Македонија има преку осумстотини водотеци кои се подолги од пет километри. Меѓу нив, четири се поголеми од 100 километри, шест се со должина помеѓу 50 и 100 километри, а 72 се долги помеѓу 20 и 50 километри. Од останатите водотеци, голем дел се со повремен карактер, односно исполнети се со вода само за време на топење на снеговите и на поројните дождови. За жал, кога е во прашање квалитетот на водата во нашите реки, особено во оние кои поминуваат низ населени места, голем дел од нив се со многу низок квалитет.
Реката Белешница, која е десна притока на Треска, е пример на полноводна река која од својот извор, па се до нејзиниот влив, е со кристално чиста и првокласна вода. Нејзиниот извор, кој е еден од најиздашните во Македонија, со вода се снабдува од подземните резервоари на масивот Јакупица. Иако е долга нецели шест километри, според количеството вода кое го носи, реката Белешница е најголема притока на Треска во Поречкиот Басен. Поради својата кристално чиста вода, Белешница во 2002 година е прогласена за Споменик на природата.
Автор на текст и фотографија: Дарко Андоновски