• Искуствата од Македонија, БиХ и Црна Гора покажуваат дека властите потфрлаат кога е во прашање заштитата на урбаното зеленило и зголемување на неговата застапеност.
  • Ним им е полесно законите и урбанистичките планови да ги кројат по терк на инвеститорите наместо согласно јавниот интерес.
  • Зелените површини и парковите се жртви на желбата за профит на градежниците без разлика дали тие биле во Скопје, Сараево или Подгорица. 

Урбаната мафија победува во битката за зачувување на градското зеленило без разлика дали станува збор за Скопје, Подгорица, Сараево или некои од другите поголеми градови во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Ова е главниот заклучок на нашето регионално истражување кое покажа дека во сите земји урбаното зеленило е жртва на желбата за максимален профит на градежните компании. Тие лесно ги заобиколуваат законите и добиваат премолчена поддршка од надлежните институции кои не покажуваат капацитет и интерес за заштита на зеленилото, а со тоа и на квалитетот на живеење на граѓаните.

Со агресивно градење се уништува зеленилото во Подгорица

Истражувањето на Европската агенција за животна средина на крајот на 2022 година покажа дека во категоријата „севкупна зелена инфраструктура“, Подгорица е петти најзелен град во Европа. Градските власти се пофалија дека со 12 отсто паркови, главниот град на Црна Гора е пред главните градови во регионот.

Секретарот на Секретаријатот за просторно планирање и одржлив развој во Општина Подгорица Гаврило Вуковиќ вели дека континуирано се следи состојбата со урбаното зеленило преку различни евиденции и проекти.

„Иако немаме прецизни податоци за намалувањето на зелените површини исклучиво поради изградбата на станбени и деловни објекти во последните десет години, важно е да се напомене дека во периодот од 2018 до 2021 година, според податоците на градското претпријатие ‚Зеленило‘, создадени се повеќе од 140.000 квадратни метри нови зелени површини, од кои седум нови паркови и 33 нови дрвореди“, вели Вуковиќ.

betonizacija i urbano zelenilo 1 zelen katastar
Значителен раст на бројот на нови станови во Подгорица (Принт скрин Зелен катастар)

Од друга страна, непланското градење, зголемениот број станбени и деловни објекти без зеленило, па дури и простор за пешаци, се црногорска реалност пред која властите замижуваат. Според резултатите од пописот што го објави Заводот за статистика „Монстат“ на крајот на минатата година, во Црна Гора имало 396.873 станови, што е за над 82.000 или 26,1 отсто повеќе од пописот во 2011 година, кога биле избројани 314.704 станбени единици. Најголем раст на бројот на станови е забележан во приморските општини Тиват, Улцињ, Будва и Подгорица. Ова само потврдува колку градежниот сектор бил активен во последните 12 години.

Да се насадат три дрвја за секое исечено стебло

Од ресорното Министерство за просторно планирање, урбанизам и државен имот не добивме попрецизни информации за тоа колку одобренија за повеќекатници се издадени во периодот 2020-2024 година, дали се планира измена на регулативата за зголемување на присуството на урбано зеленило во градежните парцели или дали воопшто се почитуваат плановите. Тие генерално одговорија дека согласно Уредбата за детална содржина и форма на планскиот документ, критериумите за користење на површините, елементите на урбанистичката регулатива и единствените графички симболи, површините за пејзажно уредување на населените места и елементите на урбаниот зелен систем може да се планираат во три категории: јавни зелени површини, ограничени и посебни намени.

„За секоја од горенаведените категории се дадени прецизни услови во однос на минималното потребно ниво на зеленило на ниво на урбана парцела, во зависност од планираната намена. Во членот 125 од соодветната регулатива се пропишуваат индикатори врз основа на кои во планскиот документ се оценува обезбедувањето зелени површини во градовите. Според тоа, деталниот урбанистички план го покажува нивото на зеленило на ниво на опфатот на планот, како и степенот на зеленило, односно колку м2 зеленило се планирани за секој корисник во планскиот опфат“, велат од Министерството.

betonizacija i urbano zelenilo 2 karadjordjev park
Новиот изглед на Караѓорѓевиот парк во Подгорица покажува доминација на бетонот над зеленилото

Како што нагласуваат, освен јавните зелени површини во застапеноста на урбаното зеленило значајна улога имаат и зелените површини со ограничените и посебните намени, поточно зелените површини во опфатот на станбени, деловни, административни објекти, спортски и рекреативни објекти и слично.  Оттаму додаваат дека застапеноста на урбаното зеленило во деталните урбанистички планови и генералните урбанистички планови дополнително се елаборира преку урбаното подрачје во рамки на просторно-урбанистичкиот план на општината, во чии рамки се предвидени услови и насоки за минималниот процент на зелени површини според намените и категориите зелени површини, како и планираното ниво на зеленило на ниво на планираната интервенција. Признаваат дека тоа сè уште не се почитува.

„Евидентно е дека во планските документи се пропишани услови за присуство на зелени површини, но дека при понатамошната имплементација и реализација на горенаведените документи недостига доволно внимание во однос на почитување и следење на почитувањето на планските параметри поврзани со минималното ниво на зазеленување, кое треба да се подобри во наредниот период“, велат од Министерството.

Секретарот на Секретаријатот за просторно планирање и одржлив развој во општина Подгорица, Гаврило Вуковиќ, вели дека градската Одлука за развој и одржување на зелените површини дефинира дека кога при изградба на станбени и деловни згради, сообраќајна и комунална инфраструктура е неопходно да се отстранат здрави стебла од јавните површини опфатени со изградбата, инвеститорот е должен да ги пресади дрвјата доколку е тоа технички можно или да заади три нови дрвја за секое исечено дрво, со одобрение од органот на управата надлежен за комунални услуги. Одлуката предвидува глоба од 150 до 10.000 евра за отстранување здрави дрвја без дозвола.

На веб-страниците станбени објекти опкружени со зеленило, но во реалноста?

Ксенија Меденица од Центарот за заштита и проучување на птиците, пак, наведува дека кога граѓаните купуваат новоизграден стан, не го добиваат прикажаното во илустрациите од продажните веб-страници, туку најчесто простор за живеење без доволно зеленило, кое најчесто е само украс.

„Во Подгорица ова е навистина голем проблем. Кога граѓаните бараат да купат стан, ги гледаат становите за инвеститори на веб-страниците и таму се изгледа многу убаво, изгледа дека имаат зелени површини, дека сè е убаво уредено, меѓутоа при самата реализација  тоа не е случај. Многу често користат саксии со растенија кои не можат ни да преживеат во тие услови, а тоа само создава илузија дека се придржувале кон некои прописи и правила кои се дадени. Секоја локална власт во Црна Гора има одредени правила како да се третираат зелените површини во модерните населби, а има и обврски дефинирани во урбанистичкото планирање и техничките услови, кои треба да бидат приближно 30 отсто од површината. Реално, ние сме доста далеку од тоа и се случува да се садат дрвја пред нашите згради дури по иницијатива на станарите, кога ќе се вселат и ќе сфатат дека навистина им е потребен тој зелен простор и после тоа нешто се засадува, но ова во последно време стана проблематично“, вели Меденица.

Модерна реконструкција или бетонизација на најстариот парк во Подгорица

Во тек е реновирањето на Караѓорѓевиот парк во Подгорица, еден од најстарите паркови во главниот град и дом на повеќедецениските дрвја во градот. Најавен е како проект кој ќе донесе „модерен изглед“ на овој простор и вреди најмалку 358.000 евра (без ДДВ). Од Здружението КАНА (Кој ако не архитект) изјавија дека е очигледно дека ниту експертите кои потпишуваат вакви решенија за реконструкција, ниту надлежните кои ги одобруваат и финансираат се смениле на подобро, ниту пак разбрале зошто ваквиот начин на „уредување“ на зелените површини е погрешен.

betonizacija i urbano zelenilo 3 beton namesto zelenilo
Бетон наместо зеленило во градежните парцели

„Покривањето на земјата со бетон и тартан – како што е прикажано во дизајните – не е само лоша практика на урбан дизајн во ерата на климатска криза, туку активно ги оштетува дрвјата и може да ги уништи. А дрвјата – особено оние од таа возраст – се најдобри природни климатизери: стеблата на дрвјата го прочистуваат густиот градски воздух, го ладат градот и обезбедуваат сенка. На планетате на која станува се потопло секоја година, зелените урбани површини имаат клучна функција како јавни простори со сенка и ладовина достапни за сите, а особено на оние кои не можат да си дозволат клима уред во своите домови“, велат од КАНА.

Нецелосен зелен катастар

Подгорица е единствениот град во Црна Гора кој има зелен катастар, но го опфаќа само центарот и најблиските, може да се каже и помодерни населби. Општина Тиват штотуку го започна проектот „зелен катастар“, кој е достапен на kzp.podgorica.me. Најстариот платан во Подгорица, кој се наоѓа на улицата Новак Милошев во строгиот центар на градот, според катастарските податоци вреди 3.380 евра. Платанот е засаден во 1812 година, а последното утврдување на неговата старост е направено во 2019 година.

betonizacija i urbano zelenilo 4 najstar platan
Најстариот платан во Подгорица

Ксенија Меденица од Центарот за заштита и истражување на птиците вели дека проектот зелен катастар кој започна пред неколку години мора да заживее и да се спроведе во другите општини.

„Во моментов, само Подгорица и општина Тиват имаат зелен катастар во Црна Гора за големиот парк. Се разбира, тоа не е доволно затоа што се спроведуваше само во првата фаза, бидејќи само центарот на градот, делот „преку Морача“ и блокот V се покриени, а потребно е да се направи целосна инвертанизација на зелените површини во главниот град. Тоа би овозможило да имаме појасна слика за тоа колку зелени површини имаме, кои видови се присутни, дали постојат некакви закани и секако би овозможило планирање на идните зелени површини“, вели Меденица.  

Бетон наместо зелени површини во Сараево

Црни врв, еден од ретките преостанати паркови во Сараево, веќе подолго време е мета на инвеститорите. На рабовите на паркот никна огромен станбен комплекс, а граѓаните успеаја да зачуваат еден дел од паркот. Засега.

Мидхат Казаз, претседател на месна заедница Црни врв ни ја покажува смреката, стара 50 години, каде што во 2023 година компанијата „Делинг Инвест“ сакала да изгради четири четири згради на местото на постоечката шума.

„Ние граѓаните, сфаќајќи дека тоа ќе се случи, се организиравме да ја спречиме. Застанвме цврсто тоа да не го дозволиме“, вели Казаз.

Во 1970-тите, локалните жители засадиле шума на ова место за да го санираат свлечиштето, а во исто време добиле и парк значаен за целиот град.

„Да не се организиравме, ова ќе беше опустошено, зеленилото целосно ќе беше уништено. Ќе имаше бетон овде, ќе беше катастрофа“, додава Казаз.

Паркот Црни Врх во 2019 и во 2025 година

Во 1986 година Сараево донесе урбанистички план кој е сè уште актуелен и предвидува зголемување на зелените површини.

Анес Подиќ од „Еко акција“ од Сараево вели дека за жал има сосема спротивен тренд односно дека постоечкото, оскудно зеленило во Сараево се повеќе се претвора во градилишта.

anes podic 250x300 1

„Секако, во тоа не помогна ниту тоа што во 2017 година, кога се смени просторниот план на кантонот, целото земјиште во градот со еден удар беше прогласено за градежно. Главна причина за тоа беше да се овозможи да се изгради што било каде било во градот и неговата околина“, вели Подиќ.

Според анализата спроведена од Природно-математичкиот факултет во Сараево, најмалку 10 до 15 отсто од градбите во изминатите десет години биле сметка на зелените површини.

betonizacija i urbano zelenilo 7 saraevo gradba
Со промената на просторниот план на кантонот Сараево во 2017, овозможено е да се изгради што било каде било во градот и неговата околина

На периферијата и ридовите на градот, има масовна изградба на нелегални индивидуални станови.

Самир Ѓуг, професор на Природно-математичкиот факултет во Сараево вели дека за жал, и многу од овие објекти се легализирани и веќе е извршена пренамена на поранешните зелени површини.

samir 250x300 1

„Посебна активност се одвива во урбаните делови на градот, во централниот дел на градот, каде што се врши конверзија и пренамена на просторот за да може таму да се градат големи објекти“, вели Ѓуг.

Не се поштедени ниту другите градови низ БиХ.

Таму каде што порано имаше паркови и игралишта, сега има кранови и градилишта. Зелените површини интензивно се трансформираат во бетонски површини.

Кога се зборува за зелени површини во Бања Лука, вториот по големина град во Босна и Херцеговина, првата асоцијација за повеќето луѓе е уништувањето на Пицин парк во 2012. година. Овој парк се наоѓаше во самиот центар на градот, на локација која беше атрактивна за инвеститорите. Кон крајот на мај таа година, се појавија багери на оваа зелена површина, што предизвика граѓаните да излезат на секојдневни протести со месеци. Сепак, човечките тела беа послаби од машините. Паркот беше уништен, а на негово место беше изграден огромен станбено-бизнис простор.

Пицин парк во Бања Лука 2006 и во 2022 година

Иако Пицин парк сега претставува една од болните точки за граѓаните на Бања Лука, уништувањето на зелените површини продолжува и понатаму. Драган Кабиќ од Центарот за животна средина од Бања Лука вели дека со деградацијата на оваа површина Бања Лука загубила огромен процент од зелените површини.

dragan kabic 250x300 1

„Значи, тоа беше напад на прилично централно поставена, огромна зелена површина од која го добивме ова денес. Така, добивме станбено-деловен комплекс на тој простор кој не задоволува ниту еден стандард“, вели Кабиќ.

Според него, иако изградбата на станбен и деловен простор цвета низ БиХ, тоа не мора да значи економски просперитет ниту пак поевтинување на станбениот квадрат. Од Градот Бања Лука не одговорија на барањето за информации за зелените површини, за нивната површина, како и бројот на издадени дозволи за градење повеќекатници, за казни за непочитување на прописите при изградба на нови згради. Од нив побаравме и добар пример, локација каде при изградбата се почитувала регулативата за застапеност на зеленилото. Со неодговарањето на нашето барање за информации, го прекршија Законот за слобода на пристап до информации.

betonizacija i urbano zelenilo 10 zardinjeri namesto zelenilo
Со различни финти се изигрува регулативата за застапеност на урбано зеленило во рами на градежните парцели

„Повеќето граѓани едноставно живеат во погрешна перцепција дека кога нешто се гради, тоа значи нешто позитивно, дека тоа е некаков напредок, дека значи некакви нови работни места. Сепак, тоа не е едноставно така. Вишокот на станбен фонд не значи ништо позитивно“, вели Кабиќ.

За да еден град биде целосно транспарентен во однос на зелените површини кои ги поседува, потребно е да има, помеѓу останатото, и зелен катастар.

„Колку што знам, ниту еден град или општина во БиХ не поседува зелен катастар“, вели Кабиќ.

Во БиХ често се гради без контрола, дозволи, непланирано и неконтролирано.

Сето ова е благодарение на вкоренетата корупција и дослухот меѓу инвеститорите и властите на сите нивоа, предупредуваат експертите.

„Она што се менува е се поголемата корупција во редовите на општинската администрација, градската администрација, кантоналната администрација, па се помалку стравуваат од прекршување на законот. И секако дека нема страв, бидејќи има многу малку случаи на апсења, обвиненија и пресуди. Заклучокот е дека тие го гледаат градот не како место каде што живеат луѓе, туку како парцела што треба да се продаде што е можно подобро“, вели Подиќ.

Главниот град на БиХ често е еден од најзагадените градови во светот во текот на зимата, што влијае и на здравјето на неговите жители.

betonizacija i urbano zelenilo 11 zagaden vozduh saraevo
Жителите на Сараево многу често дишат загаден воздух

Изградбата продолжува со постојано намалување на зелените површини и покрај постојаните предупредувања од експертите.

„Зелените површини освен што ни овозможуваат сè уште да чувствуваме некаква поврзаност со природата, тие придонесуваат и за намалување на одредени форми на загадување. Намалувањето првенствено се однесува на намалувањето на температурата во урбаните средини или на ублажувањето на она што го нарекуваме урбани топлински острови“, вели Ѓуг.

Резултатите од истражувањето, спроведено од професорот Ѓуг и неговите колеги, покажуваат дека во изминатите десет години температурите во летните месеци се зголемени за речиси два степени.

„За жал, ми се чини дека самите граѓани сè уште не се доволно проактивни, така да се каже, и не се залагаат едноставно да бараат некои свои активности кои би можеле да помогнат во зголемувањето на зелените површини. Има уште многу што може да се направи“, вели Ѓуг.

Додава дека во областа на Сараево речиси и да нема слободни површини кои би можеле да останат зелени површини.

Најголеми губитници се граѓаните и нивниот квалитет на живот во урбаните средини.

„Градот губи зеленило, градот ја губи заштитата од горештините, градот губи бариера против загадувањето, бидејќи зеленилото е исклучително ефикасно за филтрирање на загадениот воздух. А тоа е битката што предизвикува Сараево да го изгуби идентитетот и да ја изгуби можноста да изгледа како убав, добро одржуван град во следните сто години“, вели Подиќ.

Не може да се сети кога последен пат во градот бил отворен голем парк. Но, затоа има повеќе примери на рабовите на градот, кои не се достапни за сите граѓани.

Градежниците и власта партнери во уништувањето на зеленилото во Скопје

Скопје во изминатиов период е под континуирана градежна офанзива која со поддршка на локалната и централната власт од година во година зема се поголем замав. Стана вообичаено на зелени површини да никнуваат висококатни станбени објекти и да се изигруваат стандардите за застапеност на урбаното зеленило во рамки на градежните парцели што предизвикува влошување на условите на живеење и зголемено загадување. Искуствата покажуваат дека засега попусти се обидите на екологистите и граѓанските здруженија да направат промени во позитивна насока кои би довеле до зголемување на урбаното зеленило, бидејќи надлежните институции не покажуваат интерес и капацитет за подобрување на состојбата. Спротивно на тоа, тие демонстрираат партнерство со градежниците во системското уништување на градското зеленило.  

Спрега меѓу инвеститорите и партиите

Јане Димески, активист за заштита на животната средина укажува дека урбаното зеленило, особено за Скопје, е нужно, ако имаме предвид дека станува збор за еден од најзагадените градови во светот и дека постојано демне опасност од поплави.   

„Со исчезнувањето на јавното зеленило и зеленилото во приватните дворови, во голема мера се намалени сите природни површини преку кои се впиваат атмосферските води, односно дождовите кои добиваат еден поинаков интензитет со климатските промени, стануваат поретки но, поинтензивни. Се почесто во иднина ќе имаме такви поројни дождови и оваа површина која е оставена како природна не може да ја впие целата вода која истекува, бидејќи се е бетонирано и асфалтирано и со тоа водата тече по улиците, тие се претвораат во речни корита. Тоа претставува опасност по имотот, по животите на граѓаните, претставува санитарен проблем затоа што се меша со канализациските води и тие извираат надвор на улиците, вели Димески.

Димески додава дека клучно за настанување на овој проблем е спрегата меѓу политичките партии и инвеститорите.

„Таа клиентелистичка спрега доведе до вакви урбанистички планови какви што имаме сега во кои зеленилото се монетизираше, се продаде за изградба на згради, за поединци да профитираат. Затоа, тука е клучна политичката волја да се согледаат овие процеси и да се почне во спротивна насока. Спротивната насока ќе биде уште поскапа, во смисла на трошење на јавни пари, затоа што сметаме дека сега треба да се прави откуп на приватни површини за да се наменат за јавни површини за зеленило. До таа мера е сведена работата, до толку да го нема“, вели Димески.

Наместо „засади дрво“ – „изгради зграда“

Универзитетската професорка Стефанка Хаџи Пецова укажува дека основно е градот да дефинира некоја своја урбана развојна политика.

„Мислам дека не ја дефинира, дека сѐ некако се одвива по инерција. Нели, порано беше еден слоган „каде што ќе најдеш празно место, засади дрво“, денеска е „каде што ќе најдеш празно место, изгради зграда“. Тоа е разликата во политиките, таа политика на ‚урбан развој‘ треба многу повнимателно да се води“, вели Хаџи Пецова.

Таа посочува дека постои Стратегија за јавно зеленило на Скопје во која се дефинира кои зелени површини во градот мора да бидат зачувани, но и дека дефинираното не се почитува. 

„Најеклатантен пример е со крајбрежјето на Вардар, многу е трагично тоа што се случува таму, како и кај ‘Холидје Ин’ и ‘Треска’. Има примери кои што се значајни по инвестициите што се вложуваат во локалитетите, а не може да се каже дека јавниот интерес се запазува“, вели Хаџи Пецова.

Според Хаџи Пецова за радикално зголемување на урбаното зеленило најважно е да се сочува земјиштето/просторите кои имаат најзначајно влијание на условите во Скопската котлина и во градот. Тоа се:

  • Крајбрежјето на реките Вардар, Треска, Лепенец  коритото на Серава, а во поширокото подрачје и крајбрежјето на Маркова река;
  • Зелените простори: на Зајчев рид,  Француски гробишта, Кале, појасот од Универзитетскиот кампус, преку Ботаничката градина, Дендропаркот на Земјоделскиот и Шумарскиот факултет со паркот на Гази Баба
  • Постојните паркови – градскиот парк, Сарај, паркот во Ѓорче Петров, паркот Авионче…
  • Зелените коридори долж сообраќајниците кои одат во правец Водно- Скопска Црна Гора  (бул. 8ми Септември, Кочо Рацин, Србија и други)
  • Зеленилото кое има заштитна функција, односно го заштитува земјиштето од лизгање и порои, како што е целиот појас на долната јужна граница на Парк – шумата Водно

Не се почитуваат законите

Лилјана Поповска, поранешната пратеничка и некогашна лидерка на партијата ДОМ која сега е дел од здружението на граѓани „Зелен институт“ укажува дека не се почитува законската регулатива која би требало да гарантира заштита и застапеност на урбаното зеленило.

„Знаете, кај нас во Македонија урбаното зеленило се гледа на некој начин многу често како празен простор, како градежна парцела која што некој треба да ја освои, да го закачи знаменцето и да рече ‘победив, ова е мое’. Тука е проблемот, тука се создава еден конфликт на интереси, од една страна инвеститори кои што имаат неограничена желба за освојување на зелени простори, од друга страна, учесници во политика, во локалната, во националната власт, планери, службеници на сите нивоа на власта и сето тоа е една мрежа која што е многу добро усогласена веќе со децении и се кршат законите поврзани со урбанизмот и зеленилото масовно, а Законот за урбано зеленило го гледаат како најкревок и најмногу го кршат“, вели Поповска.

Таа посочува дека има апсурдни ситуации во овој пакет на закони поврзани со урбанизмот и зеленилото што дури и во рамките на еден закон нема доследна терминологија за зеленилото. Поповска вели дека една од причините за прекршување на Законот за урбано зеленило лежи во еден тотално лефтерен однос на институциите кон овој закон.

„Тука доаѓаме до едно непочитување каде што институциите, локалната самоуправа главно, не ги спроведува одредбите, не носи стратешки документи, не носи зелен катастар кој што би требало да биде на увид на јавноста за да може и јавноста, граѓаните да бидат контролори на она дали има зеленило тука, дали некој сака да го уништи или не. Понатаму, неповрзаност на зелениот катастар и таму каде што постои во три градови, делумен во Скопје, Велес и Кавадарци, неповрзаност на зелениот катастар со процесот на планирање, тоа мора да биде поврзано за да се спречи злоупотребата на зеленило“, вели Поповска.

Таа информира дека преку „Зелен институт“ се поднесени низа предлози за законски измени кои би требало да придонесат кон подобрување на состојбата, а една од нив е трикратно подигнување на казните и за индивидуални лица и за институции кога ќе ги прекршат одредбите затоа што тие имаат еколошко значење.

Незаинтересираност кај општините

За проблемот со системското уништување на урбаното зеленило испративме повеќе прашања до сите скопски општини (Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари).

Ги прашавме дали водат евиденција колку се намалени површините со урбано зеленило во изминативе десет години за сметка на изградба на станбени и деловни објекти?Како се регулира застапеноста на урбаното зеленило во деталните урбанистички планови и во генералниот урбанистички план? Дали сметаат дека е потребна поголема застапеност на урбаното зеленило во овие документи? Колку глоби за непочитување на регулативата за застапеност на урбаното зеленило се изречени во периодот 2020-2024 година и во кој износ? Дали водат зелен катастар и што покажуваат податоците од зелениот катастар? Кога последен пат во градот или општините бил отворен голем парк со зеленило и колку нови паркови се отворени во изминативе пет години?

Одговори добивме само од општините Карпош, Центар и Шуто Оризари, што само покажува колкав е интересот кај локалната власт за оваа проблематика.

Од Општина Карпош велат дека според ЛЕАП 2 на Општина Карпош (2019), Општина Карпош е меѓу општините со најмногу зеленило во градот Скопје, што се должи на нејзината расположива површина и присутната станбена структура. 

„Податоците во врска со бројот на дрвја и грмушки и како дел од булеварско зеленило покажуваат дека во општина Карпош која е распослана на вкупна површина од 1.356,7 хектари, под зеленило се 604,4 хектари, што претставува 44,5% од површината на општината. Булеварите (кои се под ингеренции на Град Скопје) заземаат површина од 97 хектари, а булеварско зеленило сочинуваат 36,8 хектари, или 37,9% од истата. Вкупната површина на зеленило во градските четврти и булеварите изнесува 641 хектари, од вкупна површина од 1.454 хектари, или 44,1%“, наведуваат од Општината.

betonizacija i urbano zelenilo 12 opstina karpos panorama
Од Општина Карпош велат дека се една од општините со најмногу урбано зеленило

Оттаму додаваат дека урбаната дендрофлора во општина Карпош е застапена со 30.304 дрвја и грмушки или 24,13 % од урбаната дендрофлора евидентирана во Зелениот катастар на градот Скопје. 

„Дрвјата во општина Карпош се застапени со 22.362 примерока, односно 73,8 % од урбаната дендрофлора во Општината или 27,8 % од вкупниот број дрвја евидентирани во Зелениот катастар на градот Скопје. Грмушките во општина Карпош се застапени со 7.942 примерока, односно 26,2 % од урбаната дендрофлора во Општината или 17,5 % од вкупниот број грмушки евидентирани во Зелениот катастар на градот Скопје. Урбаната дендрофлора во општина Карпош е застапена со 159 видови дрвја и 121 видови грмушки евидентирани во Зелениот катастар на градот Скопје“, велат од Општината. 

Од Општина Центар, пак, велат дека застапеноста на урбаното зеленило се регулира согласно Законот за урбано зеленило.

„Согласно овој закон, Секторот за урбанизам на Општина Центар во текот на постапката за добивање одобрение за градење, на инвеститорите им дефинира процент на зеленило на секоја градежна парцела, кој мора да биде најмалку 20%“, велат од Општината.

Оттаму информираат дека во периодот од 2020 до 2024 година, комуналниот инспектор на Општина Центар, по пријави од граѓани, спровел инспекциски постапки и изрекол околу 40 глоби за непочитување на регулативата за урбано зеленило, особено за забранети активности на јавни зелени површини.

„Општина Центар води посебен зелен катастар, кој е во тек на евидентирање. Се очекува целосно евидентирање на зеленилото, со преостаната една третина од територијата на општината која треба да биде евидентирана. Застапеноста на урбаното зеленило во Општина Центар е висока за целосно урбанизирана општина“, велат од Општината.

betonizacija i urbano zelenilo 13 opstina centar panorama
Нема место за нови паркови во Општина Центар

Од Општина Центар посочуваат дека е единствена урбана општина во Град Скопје без рурален дел и слободни површини за изградба на нови паркови, па затоа континуирано ги реконструира старите урбани паркови, а блоковското зеленило често го реконструира и зелената површина ја преименува во парк.

„Некои од последните реконструкции вклучуваат малиот парк на улицата ‘Славка Недиќ’, блоковското зеленило кај Зелен пазар, реконструкцијата на Парк Кино Карпош, како и реконструкција на блоковско зеленило во Капиштец, од трговскиот центар Зебра до стариот трговски центар Капиштец и други“, велат од Општината.

Од Општина Шуто Оризари велат дека според нивното согледување не се намалени површините со урбано зеленило, но и дека не се води евиденција.

„Согласно Законите и Правилниците за урбанистичко планирање се регулира застапеноста на урбаното зеленило во ДУП-овите и ГУП-от. Сметаме дека треба поголема застапеност на урбано зеленило во овие документи“, велат од Општината.

Тамошната локална власт досега не изрекла ниту една глоба за непочитување за застапеност на урбано зеленило на територија на општина Шуто Оризари и не води  Зелен катастар. Последниот парк со зеленило бил отворен во 2019 година.

Префрлање на одговорност

За катастрофалната состојба со урбаното зеленило поставивме прашања и до Министерството за животна средина и просторно планирање. Прашавме како Министерството го оценува дефицитот на урбано зеленило во урбаните средини на град Скопје?Дали се планира менување на регулативата во насока на зголемување на застапеноста на урбаното зеленило во градските средини и дали програмата за работа на Министерството предвидува зголемување на урбаното зеленило во градските средини?

betonizacija i urbano zelenilo 14 skopje kej
Додека институциите си ја префрлаат одговорноста за управување со зеленилото, во Скопје има сè помалку зелени оази

Од Министерството велат дека согласно Законот за урбано зеленило (Член 12 – Надлежност за управување со зеленилото) управувањето со зеленилото, што подразбира подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, е во надлежност на општината, општините во градот Скопје, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Во Законот е пропишано дека надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање е да пропишува Правилник за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, во кој се утврдени формата и содржината на Стратегијата, Планот и Програмата, како и формата и содржината на Зелениот катастар и врши надзор над спроведувањето на Законот“, велат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека сите останати активности се надлежност на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје.

Од Министерството укажуваат дека последни измени на Законот за урбано зеленило кои се објавени во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/20 и 224/24) датираат од 4.11 2024г. додека, Правилник за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, е објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр.205/2019).

 „Во Министерството за животна средина и просторно планирање е формирана и работи Комисија за прекршоци и Комисија за одлучување во втор степен по жалби на решенијата донесени од страна на општините и Град Скопје. Во контекст на надзорот на имплементирање на Законот,  Министерството за животна средина и просторно планирање изработи Планот за вршење на надзор над ЕЛС за 2025 година“, нагласуваат од Министерството.

Според Министерството, од особено значење е подоследно почитување на одредбите на овој Закон и креирање на стратегии, планови и програми од страна на урбаните општини што ќе бидат во правец на развивање на градовите во зелени и отпoрни градови.

„За измени на постоечката правна регулатива треба да постои иницијатива од главните чинители во имплементацијата на овој Закон“, велат од Министерството.

betonizacija i urbano zelenilo 15 beton holidej in
Зелените површини и парковите се жртви на желбата за профит на градежниците

Оттаму посочуваат дека Министерството за животна средина и просторно планирање во областа на законодавството работи согласно Програмата на Владата 2024 – 2028 и приоритетите на Владата во областа животна средина.

 „Инаку, зголемување на зелените површини и во градовите и на ниво на држава е еден  од приоритетите на повеќе стратегии на акциски планови на Министерството (Планска програма за почист воздух 2024-2030 и др.)“, наведуваат од Министерството.

Искуствата од Македонија, БиХ и Црна Гора покажуваат дека властите потфрлаат кога е во прашање заштитата на урбаното зеленило и зголемување на неговата застапеност и дека им е полесно законите и урбанистичките планови да ги кројат по терк на инвеститорите наместо согласно јавниот интерес. Сè додека не се преземат поодлучни чекори за заштита и обнова на урбаното зеленило и следствено на тоа за зголемување на квалитетот на живеење на граѓаните очигледно е дека зелените површини и парковите ќе бидат жртви на желбата за профит на градежниците без разлика дали тие биле во Скопје, Сараево или Подгорица. 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Ангела Рајчевска, Александра Мудреша, Вања Стокиќ, Ајдин Камбер

Сниматели: Наке Батев, Ајдин Камбер, Слаѓан Фатиќ

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска, Ајдин Камбер

Фото: Томислав Георгиев, Ајдин Камбер

Поврзани стории:

Урбаното зеленило низ новите градежни парцели постои само на слика

Борбата за урбаното зеленило се сведе на политички виц

Лажна битка за враќање на урбаното зеленило

За градското зеленило (2): Потенцијал за промени

За градското зеленило (1): Слободниот простор пред раб на исчезнување

Уништувањето на зеленилото заедничка мака за Белград, Скопје и цел Балкан