Новиот извештај „Украден див свет“ објавен овој месец ги откри сите скриени начини на кои илјадници диви животни постојано се дел од шверцерски систем преку кој се пренесуваат од целиот свет низ, до и од Европа и другите територии, во Европската Унија. Во овој извештај за првпат се најде и македонската сивка – најзагрозената пеперутка во Европа.
Извештајот изработен од неколку меѓународни организации кои се занимаваат со заштита на животните од трговија и за добробит на дивиот свет, е посветен на еден посебен аспект од илегалната трговија на дивиот свет – различните начини на кои се злоупотребуваат „дупките“ во законите на земји кои не се членки на ЕУ или пак земји каде што постојат слаби системи за заштита на дивиот свет од кражба и трговија.
Нелегалните трговци ја користат слабата меѓународна заштита на видовите, па така, иако можеби некои животни се заштитени во сопствената држава, штом ги напуштат границите, тие влегуваат во правна „сива“ зона, со што слободно може да се продаваат на слободниот пазар, а токму таков е случајот со македонската сивка.
Македонија, поради својата положба, како земја која не е во ЕУ, но се граничи со држави од ЕУ и се наоѓа на тнр. Медитерански шверцерски пат – често претставува земја за лесен транзит на диви видови – поради слабата можност на државата да го следи овој криминал, но исто така Македонија претставува и извор на видови за трговија, како што е македонската сивка.
Во овој извештај, македонската сивка е единствен случај на вид кој потекнува од Европа и со кој се тргува во ЕУ, со исклучок на видови кои, иако се легално дел од ЕУ, сепак не се дел од континентална Европа.
Авторите на извештајот наведуваат дека слабата меѓународна заштита на видовите е главна, но не единствена причина за оваа состојба. Голем дел од одговорноста секогаш лежи во националните институции кои првично треба да водат грижа за националниот биодиверзитет.
Институтот за комуникациски студии во соработка со редакцијата на Дојче Веле со својата истражувачката сторија „Природата на продажба“ за првпат јавно го докажа постоењето на онлајн илегална трговија со македонската сивка во земјите на ЕУ. По објавата на сторијата, ИКС започна кампања за воведување на сивката на CITES листата на загрозени видови со што овој вид ќе добиеше меѓународна заштита.
За жал, Министерството за животна средина и просторно планирање, како одговорна институција, ја одби соработката со ИКС со што пропаднаа обидите за итна заштита на сивката.
Поврзани вести
Македонија не успеа да ја заштити македонската сивка
Петиција за спас на најзагрозената пеперутка во Европа: Македонската сивка

