Илузија на чист воздух: Како политичарите манипулираат со загадувањето

1 септември 2025

Со години наназад, јавноста слуша ветувања за решенија за аерозагадувањето, додека бројот на заболени и починати…
Илузија на чист воздух: Како политичарите манипулираат со загадувањето

  • Властите во Македонија, Србија и БиХ користат празни флоскули, селективни информации и спинови за да создадат впечаток дека загадувањето е под контрола.
  • Политичарите ја нагласуваат улогата на домаќинствата што се греат на дрва или отпад, додека ги игнорираат индустриските извори, урбанистичките политики и институционалните пропусти.
  • Институциите промовираат акции, инспекции и мерки без реални резултати, манипулираат со статистики и креираат конфузија со неконзистентни или недостапни информации.
  • Наместо вистинска одговорност, комуникацијата е насочена кон смирување на граѓаните и создавање чувство дека нешто се презема.
  • Резултатот е намалена јавната доверба што го одложува притисокот врз властите за реални решенија.

Со години наназад, јавноста слуша ветувања за решенија за аерозагадувањето, додека бројот на заболени и починати како последица на тоа се зголемува. Преку популистички наративи се креира лажна перцепција за наводно многу мерки и активности кои „само што не дале резултати“ и привид дека „ситуацијата се држи под контрола“, а всушност се шири магла од дезинформации и полувистини.

Низ многу земји во развој, постои јасна линија помеѓу мешањето на приватните бизниси кои загадуваат и власта, каде што власта се поставува како „параван“ кој преку корупција ги прекрива еколошките криминали на инвеститорите. Молкот на владите од регионот за интензивните загадување од страна на приватни компании само оди во линија на потврдување на вакво или слично сценарио.

Реториката која се користи е слична во земјите во регионот – со разлики во нијанси. Во Македонија, најмногу се користат пропагандистички конструкции и празни флоскули кои само површно го пополнуваат јавниот дискурс, а во Србија темата се покрива со манипулации и спинови. И во Босна и Херцеговина има градови кои уриваат рекорди по загаденост, но и таму властите перфидно избегнуваат да дадат прецизни одговори за загаденоста која убива, се кријат вистинските загадувачи и со „штелување“ на мерните станици, на јавноста и се „сервираат“ пониски концентрации на отровни честички во воздухот.

Популистички тактики за преживување на загадувањето

Загадувањето е причина за илјадници починати во земјите од Западен Балкан. Србија е меѓу водечките земји во Европа по бројот на починати-годишно од 11.000 до 15.000 луѓе умираат поради изложеноста на ПМ честичките. Во Македонија, загадувањето убива 5.000 луѓе секоја година, а во БиХ 3.300 луѓе умираат предвреме поради загадениот воздух. Последиците можат да се намалат само со конкретни мерки – без нив прогнозите се дека овие бројки само ќе растат. Политичарите засега не даваат многу простор за оптимизам, зашто политиката за намалување на загадувањето е сведена на реплики и фрази за релативизирање на последиците и за префрлување на одговорноста.

iluzija na cist vozduh 1
Со години најчесто повторувана теза од политичарите е дека главни виновници за загадувањето се граѓаните „кои се греаат со сè и сешто“

За разлика од Србија и Босна и Херцеговина каде темата најчесто се игнорира, загадувањето е присутно во јавниот дискурс во Македонија и политичарите се обидуваат да поентираат од него. Тие користат различни комуникациски техники кои се повторуваат со години за да го наметнат својот наратив за причините за загадувањето и за можните решенијата.

Теза која најчесто се повторува е дека главни виновници за загадувањето се граѓаните „кои се загреваат со сè и сешто“. По толку репетиции, оваа изјава денес наликува само на фраза која служи за затскривање на неспособноста на институциите, зашто едноставно е несфатливо дека ниту една власт досега не најде начин за решавање на изворот на загадувањето.

Таква е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој во ноември лани посочи дека „Работиме интензивно, но најголемиот фактор за загадување е што за затоплување на домовите се користат дрва и сè друго, како масло, паркет, стари плакари. Тоа е приближно 60 отсто од причините зошто имаме загадување и висока емисија на ПМ 2,5 и ПМ 10 честички. И тоа не се решава преку ноќ. За тоа е потребно време“.

Освен што се користи како алиби, селективното пласирање на информации кај публиката може да создаде и искривена слика за причините за загадувањето кои се многу покомплексни. Истовремено служи и да ја наведе јавноста виновниците за аерозагадувањето да се бараат што подалеку од погрешните политики на властите. Така зборуваше поранешниот министер за екологија Насер Нуредини, кој велеше дека освен домаќинствата кои ги сметаше за највиновни, за лошиот воздух се „виновни“ и географската положба на Скопје и метеоролошките услови. Политичарите кои беа одговорни да креираат решенија и да ги намалат штетните ефекти никогаш не се најдоа меѓу „причините“ за загадувањето иако потфрлија со реализацијата на ветувањата.

„Земајќи го предвид фактот дека Скопје е во котлина и со познатите метеоролошки услови кои ја ограничуваат дисперзијата на емисиите и ги олеснуваат хемиските реакции со кои се создаваат секундарни честички, ќе продолжиме да се соочуваме со смог додека не го смениме начинот на греење, не ја модернизираме мобилноста и не ги контролираме подобро индустриските емисии“, истакна во интервјуто за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во ноември 2020 година.

Функционерите често даваат изјави дека за аерозагадувањето се  виновни неодговорни, несовесни поединци, што ја намалува улогата на системските фактори (индустријата, компаниите, државните институции итн.). Така, може да се издвојат неколку главни реторички техники и практики:

  • Реактивна, а не превентивна стратегија

Мерките се воведуваат само при надминување на праг на ПМ честичките во воздухот, а потоа веднаш се укинуваат што не дава долгорочни резултати во справување со загадувањето.

  • Не постои одговорност кај државните институции

Институциите се задолжени за конкретни чекори, но нема јасен главен координирачки орган.

  • Најавени инспекции кои не даваат долгорочен ефект

Засилени контроли и пријави се чест наратив, но податоците покажуваат многу мал број реално процесуирани случаи. На пример, кога станува збор за компании што загадуваат, најчесто и самите изречени глоби за нив се далеку помали од она што тие самите го имаат како годишен профит.

  • Таканаречен „техно-оптимизам“

Државните институции решенијата ги бараат преку нови технологии (сензори, УНОПС-проекти, електрични автобуси) наместо, на пример, преку стратегии за намалување на потрошувачката на фосилни горива.

  • Партиско-политички пресметки и трка за преземање заслуги

Партиите и лидерите ги преземаат заслугите за мерките и ги обвинуваат претходниците.

  • Минимизирање на долгогодишните препораки

Ретко се споменуваат и се игнорираат стратешки документи и препораки од меѓународни институции, експерти, граѓанскиот сектор итн. кои со години стојат во фиоките на државните институции.

  • Недостиг на транспарентни податоци

Во објавите на надлежните институции недостасуваат податоци за ефикасност на мерките, што го оневозможува објективно следење.

  • Акцент на краткорочни, сезонски интервенции

Кога се донесуваат мерки, тие се најчесто краткорочни и сезонски кога во фокус е на грејната сезона, а не целогодишна стратегија за справување со аерозагадувањето.

  • Привидна грижа за населението

Институциите најчесто препорачуваат носење маски и реорганизација на работно време, со што ги префрлаат граѓаните во улога на активни учесници во справувањето за загадувањето, додека тие како одговорни остануваат пасивни.

Има и други тактики кои политичарите ги користат за да го подобрат имиџот на владата и да креираат претстава дека контаминираниот воздух е во нивниот фокус. Па така, многу често можат да се слушне како зборуваат за проекти, планови и акции создавајќи перцепција дека преземаат мерки за расчистување на воздухот. Јавноста дури и се убедуваше дека загадувањето е „намалено“ од активностите на Владата.

„Како резултат на заедничката акција на сите, годинава не разговараме за загаден воздух“, изјави експремиерот Зоран Заев во 2021.

Спротивно на оваа изјава, мерните станици и апликациите и натаму покажуваат високо присуство на отровни честички во воздухот, посебно во зимските периоди, а Скопје е меѓу најзагадените градови во светот.

Во комуникацијата со јавноста многу често се споменуваат и инспекциските акции кои помпезно се најавуваат, а граѓаните повторно се доведени во заблуда. Имено, иако властите се свесни за ограниченоста на капацитетот на инспекциските служби и дека од нив не можат да се очекуваат големи резултати, ги користат за да создадат впечаток дека инспекторите се постојано на терен, внимателно го следат квалитетот на воздухот и загадувачите ќе бидат казнети. Па така, покрај централните и локалните власти често истакнуваат дека преземаат правни чекори и ги санкционираат оние што го загадуваат воздухот, како што е примерот со Град Скопје (12.1.2023 година) и општината Центар (5.1.2024 година). Вонредни и засилени инспекции во екот на загадувањето најавува и Државниот инспекторат и Основното јавно обвинителство.

Комуникациската стратегија е усогласена и наративот кој го користат функционерите е речиси идентичен. „Владините институции континуирано преземаат мерки против загадувањето на воздухот“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по координацијата за напредокот на акцискиот план за подобрување на квалитетот на воздухот на 23.4.2025 година. Соопштението за јавноста од состанокот е објавено на веб-страницата на Владата и во него можат да се препознаат неколку комуникациски тактики: доминираат промотивни фрази како „особено успешни контроли“ или „фокусирани активности“, но не се кажуваат бројки или било каков друг податок со кој би се потврдиле фалбите. Со пропагандистички фрази се води кампања, а јавноста се манипулира и замајува со резултати кои никој не ги почувствувал.

Актерите и насловите се менуваат, но воздухот останува (неч)ист

И тврдењето – дека „загадувањето на воздухот е повеќедецениски проблем не само кај нас, туку и во земјите од нашето опкружување“ е исто така обид за манипулација. Преку генерализирање на проблемот –секаде има загадување – да се релативизира обемот на проблемот и штетите од него. На крај, раслојувањето на проблемот на многу институции без да се каже која за што е надлежна уште повеќе ја збунува јавноста.

Транспарентноста на институциите за аерозагадувањето само привидна

Експертката за комуникации Марина Тунева, вели дека начинот на кој властите комуницираат со јавноста е само привидна транспарентност која е насочена повеќе кон менување на перцепциите на граѓаните, а не на решавање на проблемот.

„Комуникацијата на институциите за аерозагадувањето претставува пример за ‘стратегиска тишина’ маскирана како активна транспарентност. Таа не служи за информирање, туку за управување со перцепции. Со други зборови, за да се создаде чувство дека нешто се презема, додека реалната состојба останува непроменета. Во суштина, ова е комуникација на самозаштита, а не на јавна одговорност. Наместо институциите да зборуваат за причините, последиците и мерливите резултати, тие зборуваат за ‘активности’, ‘иницијативи’ и ‘ветувања’, поими што звучат динамично, но честопати се празни од содржина. Она што е проблематично е што ваквиот наратив не ја информира јавноста, туку ја пасивизира. Граѓаните не добиваат вистинска слика за состојбата, туку емоционално олеснување, чувство дека некој се грижи, што ја намалува потребата од притисок и барање одговорност. И токму во тоа лежи неговата суштина: комуникација која смирува, но не решава“, вели Тунева.

Институциите уште не покажуваат вистинска посветеност да ги намалат штетите од аерозагадувањето. Мерките кои ги најавуваат се сезонски, краткорочни, завршуваат пред и да може да се утврди дали воопшто имале некаков учинок. Таков е и проектот за изнајмување на електрични возила. Тој беше гласно промовиран од министрите Меџити и Божиновска како нова мерка за намалување на аерозагадувањето, но и по осум месеци, нема податоци за ефектите. Има и други вакви симболични мерки и проекти кои се промовираат само за да се создаде лажен впечаток кај јавноста дека воздухот конечно ќе се расчисти. Кога надеж има, граѓаните се во позиција на стендбај – чекаат резултати, а не ги бараат.

Маглата ги разбрка политичарите

Комуникацијата со граѓаните целосно се менува кога ќе почне да се шири непријатна миризба на чад и изгорено, а маглата ќе ги покрие градовите. „Галамата“ од проекти и ветувања се слуша само како ехо на неостварени ветувања. Граѓаните се оставени сами да се снаоѓаат со високите концентрации на отрови, а комуникацијата најчесто се сведува на писмени обраќања со совети како – затворајте ги прозорците, не излегувајте од дома и возете се со автобуси. Институциите молчат и кога ќе се случи дефект на мерна станица токму кога загаденоста е најголема и граѓаните ќе останат неинформирани за концентрацијата на отровите во воздухот.

Јавноста ја избегнуваат и во услови на енормна загаденост, а ако одлучат да комуницираат, тогаш се обидуваат да ги ублажат последиците, изразувајќи сомнеж во податоците за висока загаденост. Пример е изјавата на ексминистерот за животна средина Насер Нуредини кој рече дека верува само на податоците од официјалните мерни станици а не и на апликациите за загаденост кои ги дискредитираше. Проблем е само што мерните станици на кој тој ги упати граѓаните како најточен извор за информирање честопати во зима имаат дефекти и не ја мерат загаденоста.

Кога зборуваат за аерозагаденоста политичарите обично избегнуваат да споменуваат и бројки. Оваа забелешка новинарот Александар Манасиев ја објаснува со фактот што бројките во речиси секој контекст поврзан со загадувањето се непријатни.

Заштитата на здравјето на граѓаните не е апсолутен приоритет

Екологистите не се задоволни како властите комуницираат со јавноста и ги споделуваат информациите за аерозагадувањето. Недостасува координиран настап, експертски пристап и долгорочна комуникација која ќе ја елиминира конфузијата и ќе ја зголеми свесноста и знаењето за потеклото на загадувањето, неговото влијание врз луѓето и начините за справување со истото.

„Потребно е институциите да вложат и одржат високо ниво на квалитетно и навремено следење и известување за моменталните нивоа со загадување, да користат јасна и едноставна комуникација за загадувањето и да даваат навремени и конкретни совети за мерки за намалување на загадувањето и препораки за намалување на здравствените ризици од загадувањето“, велат од Еко-свест, Центар за истражување и информирање за животната средина.

Конфузното информирање на јавноста ја намалува довербата во институциите, за што придонесуваат и системските пропусти како што е непостоењето на јасни одговорности во носењето на конкретни одлуки, мониторинг, санкционирањето на загадувачите и пресметките меѓу политичките партии. За да се спречи овој надолен тренд на доверба, главниот збор треба да им се даде на експертите.

„Потребно е научната фела и здравствените работници да заземат централна улога во непристрасното комуницирање и информирање на јавноста за ефектите од аерозагадувањето и мерките за справување со истото“, велат од Еко-свест.

Добри практики во комуникацијата со јавноста има во европските држави Франција, Германија, Шведска или Холандија, во кои има висок квалитет на измерени податоци за аерозагадувањето кои редовно се ажурираат во реално време, лесно се достапни за граѓаните (веб-страници, мобилни апликации или јавни дисплеи), има добра координација меѓу министерствата и агенциите кои работат на мониторингот на загадувањето, граѓаните навремено се информираат за одредени кризни состојби со мерки за транспортот или здравјето на луѓето, информациите за аерозагадување се интегрирани во институциите задолжени за јавно здравје, достапни се образовни ресурси за пошироката јавност за да се информира и едуцира за изворите на загадување и нивните ефекти врз здравјето на луѓето.

Европскиот начин на функционирање на институциите и известувањето на јавноста може лесно да се преслика и на Балканот – но ако здравјето на граѓаните се постави за приоритет.

Чад од лаги и манипулации

Во Србија и Босна политичарите едноставно го избегнуваат загадувањето. А во ретките обраќања за оваа тема ја шминкаат реалноста, и тврдат дека загадувањето е намалено, претставувајќи ја ситуацијата подобра отколку што реално е.

„Квалитетот на воздухот е сè подобар“, изјави на почетокот на 2022 тогашната премиерка Ана Брнабиќ. Спротивно на оваа изјава апликациите за следење на квалитетот на воздухот често го прикажуваат Белград како еден од најзагадените градови во светот. Непријатниот мирис на воздухот особено се чувствува во зима во одредени делови на Белград, првенствено во централните градски општини. Државата исто како и индустриските гиганти кои со неа тесно соработуваат најчесто селективно ги прикажуваат податоците.

Еден од примерите е кога најголемите загадувачи се претставуваат како општествено одговори компании

Релевантни и точни податоци граѓаните на Србија можат да добијат од активистите, невладиниот сектор и независните експерти. Од државните и локалните официјални лица најчесто дезинформации. Истото важи и за медиумите блиски до власта. Таков пример е изјавата на градоначалникот на Белград Александар Шапиќ на прес-конференција. Иако српската престолнина многу лошо е рангирана на листата на најзагадени главни градови во светот, тој се обиде да ја изманипулира јавноста и да ги „ублажи“ последиците. Тој ги праша новинарите дали е можно Бор, град во кој има голем рудник на бакар и кој е голем загадувач на апликациите за следење на квалитетот на воздухот, да е зелен односно за него да не се покажува загадување кога е општ факт дека тоа постои. Новинарите тогаш мораа да му објаснат на градоначалникот дека во Бор не постојат мерни станици за загадувањето. Но, тој продолжи да тврди дека има разлика во кој дел од градот се мери загадувањето. Од неговиот настап јасно можеше да се види дека тој не верува во податоците за мерење на загадувањето.

„Јас не сакам овде да го негирам фактот дека воздухот е загаден само да не ги плашиме луѓето. Еве вчера овие од Батут (Институтот за јавно здравје др. Мила Јовановиќ-Батут н.з) рекоа ќе умрат не знам 15.000 луѓе годишно. Да не да го правиме тоа“, рече Шапиќ.

Научните студии кои укажуваат на сериозноста на проблемот се игнорираат. Така, истражувања дури и од светските експерти, како оние од Универзитетот во Шефилд кои го поврзуваат загадувањето со кардиоваскуларните и респираторните болести, не се интересни за претставниците на власта во Србија.

Релативизирање на кризата

Неколку тактики доминираат кај претставниците на власта. Пред сè тоа е селективното прикажување на податоците. На пример, ќе се зборува за тоа колку бил воздухот загаден преку цела година, но нема да се кажат и пиковите кога, како што истакнуваат стручњаците, воздухот е најопасен. И примерот на градоначалникот на Белград е случај на манипулации – јавно изразува сомнеж за релевантноста на податоците на мерните станици и го минимизира загадувањето во главниот град, споредувајќи ја ситуацијата со друг град – во која мерни станици не ни постојат. На крајот, дискредитација на експертите е уште еден омилен метод на власта. Еколошките активисти и независните стручњаци, истражувачи, професори често се нарекуваат „странски платеници“ и нивните истражувања се оспоруваат. Таков е примерот со седуммина универзитетски професори минатата година кои објавија опсежна студија зошто ископувањето на литиумот во долината на реката Јадар би било погубно за околината. Веднаш по објавувањето, во медиумите почна да се води хајка против нив.

И локалните власти во многу градови или го игнорираат проблемот или го користат за симболични проекти. Ивана Предиќ, новинарка на локалниот портал „ПанПрес“ од Панчево, град во непосредна близина на Белград, објаснува дека квалитетот на воздухот во Панчево е подобар него што бил порано кога овој град важел за исклучително загадена индустриска зона во која воздухот не можеше ни да се помириса. Меѓутоа и денес се бележат високи ПМ честички, а кога ќе се случи некој проблем како пожарите кои се случија неодамна, јавноста останува неинформирана.

Граѓаните во Босна и Херцеговина не знаат кој ги труе

Босна и Херцеговина често е на врвот на табелата земји кои се со најзагаден воздух во Европа. Но, за граѓаните речиси се недостапни информациите за загадувачите. Тие водат битки за да дознаат кој ги труе додека загадувачите остануваат заштитени.

Иако во БиХ се води регистар на загадувачи, тој не е функционален, зашто нема механизам да се провери дали податоците од загадувачите се во ред или не. Загадувачите имаат неколку начини да манипулираат со податоците – да ги скријат и тие да не бидат достапни на јавноста, да не достават вистински извештаи или да не ги мерат сите емисии на загаденост. На крај, проблем е и отсуството на контрола. Постои и Институт за акредитирање, но тој нема механизам како да ги проверува загадувачите на терен зашто неговите надлежности се поврзани само со документацијата.

iluzija na cist vozduh tetovo 1
Манипулациите одат до таму што во индустрискиот град Зеница, како виновник за загадувањето, е посочено локалното училиште (Населба Тетово- Зеница)

Еколошките активисти велат дека јавноста најчесто се манипулира и дезинформира преку префрлување на одговорноста за тоа кој е извор на загадувањето. Таков случај имало пред неколку години кога дошло до зголемено загадување на воздухот во Зеница. Тогаш од железарницата соопштиле дека воздухот е загаден од локално училиште кое се грее на јаглен.

„Но, заборавија да споменат за кои количини на јаглен се работи-во школото има неколку тони годишно, а во фабриката неколку десетина па и стотина илјади тони годишно. Со таква површност вие всушност им ги замачкувате очите на луѓето“, вели еколошкиот активист Самир Лемеш, декан на Политехничкиот факултет.

Активистите сметаат дека голем пропуст е и тоа што не е воспоставена врска меѓу загаденоста, количината на испуштените материи и здравјето на населението и што Заводот за јавно здравство, не ги собира ниту ги анализира овие податоци кои се важни, зашто од нив можат да произлезат насоките за идното делување.

Друг проблем што им отежнува на граѓаните да стигнат до информации поврзани со аерозагадувањето е начинот на кој податоците за квалитетот на воздухот се објавуваат на веб-страницата на Хидрометеоролошкиот завод – и се неразбирливи за никого. Означени се со различни бои, но без наведено појаснување што тие значат ниту кои им се граничните вредности

iluzija na cist vozduh dragan ostikj
Драган Остиќ: Селективната транспарентност при прикажувањето и користење стари податоци се некои од тактиките што се користат во БиХ  

„Најчестите тактиките на манипулација со податоците кои можеме да ги забележиме пред сè се селективната транспарентност при прикажувањето на тие податоци, друга работа е доцнењето на тие податоци. Често можеме да видиме дека се прикажуваат податоци за PM10 честичките, кои не се толку штетни како што се PM2,5 честичките. Бидејќи PM2,5 се многу помали и многу полесно влегуваат во нашиот респираторен и кардиоваскуларен систем. Гледаме дека секогаш се форсираат PM10, a PM2,5 ретко каде се прикажуваат“, предупредува Драган Остиќ, асистент на програмата Енергија и климатски промени во невладината организација Центар за животна средина.

Најголема штета од загадувањето трпи локалното население кое вдишува отрови и го загрозува своето здравје, додека загадувачите со помош на државата остануваат заштитени и скриени.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Петрушевска Поповска, Бјанка Станковиќ, Вања Стокиќ (Е-трафика, БиХ), Дуња Мариќ (Нова економија, Србија)

Сниматели: Наке Батев, Ајдин Камбер

Монтажа: Ристо Душковски, Ајдин Камбер  

Фотографии: Томислав Георгиев, Ајдин Камбер, Дарко Андоновски

    Поврзани приказни