• Мачење и убивањето животни спаѓаат во кривични дела против животната средина и природата.
  • Иако постои законска рамка (член 233 од Кривичниот законик), во Македонија казнената политика за насилство врз животни е блага, а казните најчесто се парични или условни, што создава чувство на неказнивост.
  • Во однос на последниот случај со кучето Феликс, граѓаните и активистите од „Анима Мунди“ побараа најстрога казна за сторителите, организираа протести и поднесоа кривични пријави.
  • Случајот со заменик-директорот на ЈП „Македонија пат“ Дранго кој се фотографираше со убиена мечка е во битолското обвинителство
  • Во земји како Хрватска и САД, казните за мачење животни се значително построги, вклучувајќи и долги затворски казни.
  • Психолошките истражувања покажуваат дека мачењето на животни е ран показател за идно насилство врз луѓето.

Бездомен пес извршил нужда во приватен имот, сопственикот се изнервирал, зел дрвен предмет и во присуство на уште двајца го претепал. Раскрвареното животно со жици било влечено до контејнер и живо било фрлено внатре. Но, сопственикот заборавил на безбедносните камери одоколу, па снимката за брзо време стана вирална, а несреќниот пес беше пронајден и згрижен во ЈП „Лајка“. По два ипол месеца нега, кучето кое доби име Феликс почина. Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ поднеле три пријави за тројца, за еден извршител и двајца соизвршители, од кои за едниот веќе е одбиена кривичната пријава – прифатени се само за човекот што го убива и за уште една личност што го влече со него и што го фрлаат во контејнер. За нив продолжува судското рочиште.

„Во однос на Феликс, ние се надеваме дека конечно казнената политика во однос на мачењето и на убивањето на животни ќе биде доследно променета и во овој случај ќе биде изречена највисоката санкција, односно казна за извршителот, а таа е по Кривичниот законик, од член 233 за мачење и убивање на животни до три години затвор. Се надеваме дека првпат во историјата на Македонија некој ќе биде осуден на казна затвор за делото мачење и убивање на животни, бидејќи досега тоа не беше пракса. Во изминативе години, поднесувајќи бројни кривични пријави по однос на истото дело, максималната казна што досега била изречена во Македонија, била парична казна во износ од 500 евра. Меѓутоа морам да кажам дека тие казни беа применувани по минатиот Закон за заштита и благосостојба на животните“, вели претседателот на „Анима Мунди“, Столе Велковски.

Случајот доби публицитет, а јавноста згрозена од измачувањето на животното направи сериозен притисок. Но, сега се плашат дека сторителот повторно ќе помине со блага казна, или уште повеќе, ќе биде ослободен. Затоа повикуваат на протести. Не сакаат да веруваат дека и овој пат ќе помине така, но од „Анима Мунди“ веќе им нуди сомнеж документот од обвинителите.

„Тоа ќе морате да ги прашате обвинителите, зашто вака напишано во деминутив дека е тепано со стапче му дава полесна тежина на самото дело, а ако некој од граѓаните успеал да го види тоа грозоморно видео, ќе видите дека не станува збор за стапче туку дека станува збор за голем дрвен предмет, за огромен стап и кучето е тепано повеќе од 20 пати во глава крвнички со цел да биде убиено,“ вели Велковски.

  • Забелешка, Институтот за комуникациски студии го поседува видеото, но не го споделува поради вознемирувачката содржина и етичкото новинарство

Измачувањето на животни е казнено дело од животната средина

Еколошките кривични дела се однесуваат на незаконски дејствија кои ѝ штетат на животната средина и прекршуваат различни прописи дизајнирани да ги заштитат природните ресурси. Овие дела може да варираат од загадување и незаконско фрлање опасен отпад, до нелегална сеча и лов на заштитени видови. Последиците од таквите дејствија може да бидат сериозни, што доведува до деградација на екосистемот, губење на биолошката разновидност и ризици по јавното здравје. Предметите кои се однесуваат на мачење и убивање животни спаѓаат во оваа група и се процесуираат од страна на Јавното обвинителство и судовите, а се однесуваат на кривичната материја, поточно кривичните дела од главата

eko pravda na test ke ima li vistinski kazni za macenje zivotni slajder 3
Мачење на животните спаѓаат во кривични дела против животната средина и природата

Но, анализите на Центарот за политички истражувања и анализи покажува дека процентот на кривични дела кои се однесуваат на мачење на животни, не е воопшто мал. Тој изнесува 30% од вкупниот број кривични дела од областа на животната средина во периодот од 2021 до 2024 година.

eko pravda na test ke ima li vistinski kazni za macenje zivotni infografik
Процентот на кривични дела кои се однесуваат на мачење на животни е една третина од вкупниот број кривични дела од областа на животната средина во периодот од 2021 до 2024 година (Извор: Центар за правни истражувања и анализи)

До септември 2023 година, Кривичниот законик (член 233) предвидувал парични казни или затвор до шест месеци за сторителот што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки, му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање. Но, од септември 2023 година казните се зголемени и казната затвор може да биде и до три години. Ова е објавено само во Службен Весник.

Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи вели дека најчесто завршуваат со условна казна или парична.

„Ако постапката заврши до крај како прекршок, а многу ретко за кривично дело за кое ние се залагаме, бидејќи сметаме дека казната треба да биде соодветна. И висината на казната успеавме да ја зголемиме со измените на Кривичниот Законик за кој што ние бевме иницијатори и сметаме дека висината на казната е соодветна, меѓутоа треба да биде досудена од страна на судовите“, вели Јовановски.

Казната е сигнал за неприфатливо однесување

Казнената политика игра голема улога во формирањето на свеста кај граѓаните за одговорноста кон животните и кон животната средина. Казната не само што има за цел да го казни сторителот, туку и да делува едукативно кон сите други дека би го доживеале истото доколку би повредиле, мачеле или убиеле животно. Казната служи како сигнал дека ваквото однесување е неприфатливо за општеството. Ефикасната казнена политика е клучна во промовирање на емпатијата и исполнувањата на правата на животните.

Анализите на Центарот за правни истражувања и анализи покажува дека казните кои биле изрекувани досега биле минимални.

Односот помеѓу примените и решените предмети исто така покажува дека случаите за мачење на животни често не се процесуираат до крај.

eko pravda na test ke ima li vistinski kazni za macenje zivotni primeni reseni
Случаите на мачење животни често не се процесуираат до крај (Извор: Центар за правни истражувања и анализи)

Од „Анима Мунди“ велат дека во нивната пракса виделе секаков тип на кривични дела врз животните. Последен е случајот со заменик – директорот на ЈП „Македонија Пат“ Сашо Дранго кој се сликаше со убиена мечка, за кој исто така поднеле докази до обвинителството. Во Битолското обвинителство за наредната недела е закажан распит.

eko pravda na test ke ima li vistinski kazni za macenje zivotni anima
Во јануари годинава „Анима Мунди“ алармираше за случајот со заменик-директорот на ЈП „Македонија Пат“ кој се сликаше со убиена мечка

„Анима Мунди“ сметаат дека зголемувањето на бројот на кривични дела и нивната природа е резултат само на лошата казнена политика.

„Во нашата работа сме сретнале секаков вид кривични дела, од сакатење, давење, труење, злоупотреба на кучиња во борби, сексуална злоупотреба-зоофилија, буквално нема кривично дело од областа на животните кое ние не сме го затекнале и не сме го процесуирале понатаму во правниот систем“, вели Велковски.

За последните четири години има само 28 кривични пријави кои или се одбиени или најчесто завршуваат со блага казна 300-400-500 евра.

Велковски се сеќава и на еден од побизарните случаи на мачење животни.

„Кога Липски пред 7-8 години, не ме држете за збор, му ја исече главата на кучето среде центар и кога имаше масовни протести. Тоа е највисоката казна која што ја платил некој граѓанин е 500 евра. Казната е за сечење на глава на куче пред кафуле, пред граѓани, на јавна површина. Пред својата зграда, излезе човекот со секира, му ја исече главата на кучето, имаше протест, имаше и тогаш притисок, но казната што ја плати господинот е 500 евра“, потсетува Велковски.

И од ЦПИА посочуваат дека ова ги храбри сторителите дека воопшто нема да бидат ниту казнети.

„Мислам дека кај нас преовладува дека нема да бидам казнет или нема да ме видат и затоа и се повторуваат ваквите дела. Од друга страна, поминуваат и со благи казни и тоа е најголемиот проблем, или условно. Во странство ова се сериозни кривични дела за кои следува казна затвор“, вели Јовановски.

Значаен е притисокот од медиумите

Мачењето животни е сериозно кривично дело во многу земји. Во Хрватска казните се многу повисоки. Казната затвор е до пет години, а парично може да се казни и до 15. 000 евра.  Во светот, пак, оваа проблематика е многу развиена. Во САД пред некое време беше објавена информација дека е осуден граѓанин на 98 години затвор за злоупотреба на своите кучиња во борби и несоодветно чување, изгладнување. Друг беше осуден на околу 500 години казна.

Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи посочува дека голема улога во притисокот врз институциите можат да го направат медиумите.

„Ова е прашање кое што последниве денови е доста актуелно поради оној случај кој што го имаше со едно куче во делот на мачењето на животни. Ставот од Кривичниот Законик кој што се однесува на мачењето на животни е 314, се вели дека тој кој што ќе усмрти животно без оправдана причина, го злоупотребува или го изложува на непотребни маки, ќе се казни со парична казна или со казна затвор од три години. Кај нас преовладуваат паричните казни, многу ретко има досудено казна затвор. Еве да видиме, бидејќи беше доста медиумски експонирано, како ќе заврши најновиот случај во кој беше малтретирано едно куче и истото почина“, вели тој.

Во психологијата е општо познато дека насилството кон животните, води кон насилство врз луѓето. Насилството врз животните е еден од првите индикатори за подоцнежно насилство врз луѓето, па затоа неговото идентификување и санкционирање е клучно за спречување на порастот на криминални и насилни дејствија во општеството.

Соодветната едукација, јакнењето на свеста и институционалното дејствување можат да помогнат во навремено препознавање на ваквите појави и спречување на нивното ескалирање, што води кон побезбедна и похумана заедница.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерија Топалова Дејановска

Снимател: Слаѓан Милошевски

Фотографија: Дарко Андоновски

Монтажерка: Мајда Бошњак Атанасовска